Да служиме без да жалиме!
„Го заборавам она што е зад мене и се трудам да го дофатам она што е пред мене“ (ФИЛ. 3:13)
1-3. а) Што значи некој да жали за нешто? Како можат да влијаат врз нас грешките што сме ги направиле во минатото? б) Што ќе можеме да научиме од примерот на Павле?
„ОД СИТЕ зборови напишани и кажани, овие се најтажни: ‚Камо да постапев поинаку!‘“ — напишал поетот Џон Г. Витиер. Луѓето обично го велат ова кога размислуваат каков можел да им биде животот ако во одредени ситуации постапеле поинаку. Секој од нас некогаш донел одлука за која подоцна зажалил. Да жалиш за нешто значи да чувствуваш тага или болка затоа што си направил или не си направил некои работи во минатото. За што жалиш ти?
2 Некои луѓе направиле големи грешки, па дури и тешки гревови. Други, пак, се прашуваат дали некои одлуки што ги донеле навистина биле најдобри. Некои успеале да расчистат со минатото и да свртат нова страница во животот. Други постојано се прекоруваат за она што го направиле порано (Пс. 51:3). Во која група спаѓаш ти? Дали посакуваш да му служиш на Бог без да жалиш за грешките што си ги направил? Дали некој Божји слуга успеал да му служи на Јехова на таков начин? Да, тоа е апостол Павле.
3 Во својот живот, Павле направил страшни грешки, но донел и мудри одлуки. Иако длабоко жалел за грешките од минатото, тој не дозволил тие да го спречат да му служи на Бог со сета душа. Да видиме што може да научиме од неговиот пример.
КАКВО МИНАТО ИМАЛ ПАВЛЕ
4. За кои работи од минатото Павле подоцна се каел?
4 Како млад фарисеј, Павле направил работи за кои подоцна се каел. На пример, тој немилосрдно ги прогонувал учениците на Христос. Библијата вели дека веднаш по убиството на Стефан, ‚Савле [подоцна познат како Павле] се нафрлил на собранието: упаѓал од куќа во куќа, извлекувал мажи и жени и ги предавал во затвор‘ (Дела 8:3). Библискиот изучувач Алберт Барнс рекол дека, грчкиот збор кој овде е преведен со „нафрли“ е „силен израз кој го опишува жарот и бесот со кој [Савле] тргнал во потера [по христијаните]“. Тој продолжува: „Савле беснеел против црквата како див ѕвер“. Како ревносен Евреин, Савле сметал дека Бог бара од него да го искорени христијанството и затоа свирепо ги прогонувал христијаните. ‚Им се заканувал и имал силна желба да ги убива и мажите и жените‘ (Дела 9:1, 2; 22:4).a
5. Што го навело Савле да престане да ги прогонува учениците на Исус?
5 Савле имал намера да оди во Дамаск, да ги извлече учениците на Исус од нивните домови и да ги довлечка во Ерусалим за да бидат казнети од Судскиот совет. Но, Исус — Главата на собранието — го спречил во тоа (Еф. 5:23). Додека бил на пат за Дамаск, Савле го чул гласот на Исус и бил ослепен од силна светлина од небото. Исус го испратил во Дамаск и му рекол да чека таму додека не добие нови упатства. Знаеме што се случило подоцна (Дела 9:3-22).
6, 7. Што покажува дека Павле бил свесен за своите грешки од минатото?
6 Кога станал христијанин, Павле се сменил од корен. Наместо жестоко да ги прогонува христијаните, тој почнал ревносно да проповеда за Христос. Сепак, не заборавил што правел пред тоа. Подоцна го напишал следново: „Сте чуле дека порано живеев во јудејството — дека преку секоја мера го прогонував Божјето собрание и сакав да го сотрам“ (Гал. 1:13). Тој го спомнал ова и во посланијата што им ги испратил на Коринќаните, на Филипјаните и на Тимотеј. (Прочитај 1. Коринќаните 15:9; Фил. 3:6; 1. Тим. 1:13.) Павле сигурно не се гордеел со она што го правел порано, но не сакал ни да се преправа дека тоа никогаш не се случило. Тој бил свесен дека направил сериозни грешки (Дела 26:9-11).
7 Еден библиски изучувач по име Фредерик В. Ферар напишал дека, ако размислуваме колку сурово Павле ги прогонувал христијаните, тогаш ќе сфатиме колку мора да се каел поради тоа и на какви критики можеби наидувал. Кога ги посетувал собранијата, можеби некои браќа што ги сретнувал за прв пат му велеле: ‚Значи ти си тој Павле што нѐ прогонуваше!‘ (Дела 9:21).
8. Што мислел Павле за добротата и љубовта кои Јехова и Исус ја покажале кон него, и што учиме од тоа?
8 Сепак, Павле бил длабоко свесен дека можел да служи како апостол само благодарение на Божјата незаслужена доброта. Во своите 14 посланија, тој ја спомнува Божјата доброта над 90 пати — повеќе од кој и да било друг библиски писател. (Прочитај 1. Коринќаните 15:10.) Павле бил многу благодарен што Бог бил милостив кон него, и сакал да му ја покаже својата благодарност. Затоа ‚се трудел повеќе‘ од сите други апостоли. Примерот на Павле јасно покажува дека, ако имаме вера во жртвата на Исус, ако ги признаеме своите гревови и ако престанеме да грешиме, Јехова ќе биде спремен да ни прости дури и многу тешки гревови. Затоа, ако мислиш дека твоите гревови се толку големи што Христовата откупна жртва не може да ги покрие, сети се на Павле. (Прочитај 1. Тимотеј 1:15, 16.) Иако фанатично го прогонувал Христос, тој можел да напише: „Синот Божји... ме сакаше и се предаде себеси за мене“ (Гал. 2:20; Дела 9:5). Павле научил дека, и покрај лошото минато, мора да го прави најдоброто во службата за Бог за да нема за што друго да жали во иднина. Дали и ти си го научил ова?
Павле научил како да му служи на Бог без да жали
ДАЛИ И ТИ ЖАЛИШ ЗА НЕШТО?
9, 10. а) За кои работи жалат некои Јеховини слуги? б) Зошто е погрешно постојано да се измачуваме поради грешките од минатото?
9 Дали и ти жалиш за некои работи што си ги направил во минатото? Дали се каеш што не си го трошел своето скапоцено време и сила на поважни работи? Дали можеби со некоја своја постапка си ги повредил другите? Или, пак, можеби жалиш за нешто друго. Прашањето е: Што можеш да направиш ако се чувствуваш така?
10 Некои луѓе постојано мислат на своите грешки, и без престан се прекоруваат и се измачуваат поради нив. Дали ова им помага да ги решат проблемите? Ни најмалку. Тоа е исто како со часови да ги вртиш педалите на еден статичен велосипед и да мислиш дека ќе се придвижиш напред! Сеедно колку силно ќе вртиш, нема да стигнеш никаде. Затоа, наместо да се измачуваш со негативни мисли, добро е да преземеш некои практични чекори што можат да донесат добри резултати. На пример, ако си му згрешил некому, би можел да му се извиниш и да се смириш со него. Освен тоа, за да не ја повториш истата грешка во иднина, размисли што те навело да постапиш погрешно. А понекогаш едноставно ќе мора да живееш со последиците од своите грешки. Како и да е, ништо нема да постигнеш со тоа што ќе се оптоваруваш со минатото. Всушност, ова само може да те парализира и да те онеспособи до тој степен што нема да можеш да му служиш на Бог со сета душа.
11. а) Што треба да правиме ако сакаме Јехова да ни покаже љубов и милост? б) Што ќе ни помогне да ги победиме чувствата на вина и да стекнеме душевен мир?
11 Некои мислат дека грешките што ги направиле се толку страшни што не заслужуваат Бог да им покаже милост. Можеби сметаат дека нивниот грев е преголем или дека премногу често грешеле. Но, факт е дека, без разлика што направиле во минатото, тие можат да се покаат, да се променат и да бараат простување од Бог (Дела 3:19). Јехова може да им покаже љубов и милост, исто како што им покажал и на многу други. Тој великодушно ќе му прости на секој што е искрен и понизен, и кој се кае од срце. Бог му простил на Јов, кој му рекол: „Се каам во прав и пепел“ (Јов 42:6). Библијата ни кажува што точно треба да правиме за да ги победиме чувствата на вина и да стекнеме душевен мир: „Кој ги крие престапите свои, ќе нема успех, а оној што ги признава и ги остава, ќе биде помилуван“ (Изр. 28:13; Јак. 5:14-16). Затоа, можеме да му ги признаеме своите грешки на Бог, да го молиме да ни ги прости и да преземеме чекори да ги исправиме (2. Кор. 7:10, 11). Тогаш ќе ја почувствуваме милоста на Јехова, кој ‚простува великодушно‘ (Иса. 55:7).
12. а) Како може да го следиме примерот на Давид ако чувствуваме грижа на совеста? б) Во која смисла Јехова може да зажали за нешто, и како тоа може да нѐ охрабри? (Види ја рамката.)
12 Молитвата има голема моќ — преку неа Бог може многу да ни помогне. Во еден прекрасен псалм, Давид ја изразил својата длабока увереност дека Јехова одговорил на неговите молитви. (Прочитај Псалм 32:1-5.) Откако направил грев, тој чувствувал ужасна грижа на совеста. Очигледно страдал и умствено и физички, и ја изгубил радоста. Дури кога му го признал својот грев на Бог и му било простено, тој почувствувал вистинско олеснување. Јехова одговорил на молитвите на Давид и го зајакнал да продолжи да го прави она што е исправно. Ако и ти се измачуваш поради грешките што си ги направил, излеј му го своето срце на Јехова, моли го да ти прости и направи ги сите потребни промени. Откако ќе го сториш тоа, биди уверен дека Јехова внимателно ги слушал твоите молитви и дека ти простил (Пс. 86:5).
МИСЛИ НА ИДНИНАТА
13, 14. а) На што треба да мислиме? б) Кои прашања ќе ни помогнат да размислиме за она што го правиме сега?
13 Точно е дека учиме од своите грешки, но не треба да се оптоваруваме со нив. Наместо да живееме во минатото, треба цврсто да стоиме во сегашноста и да мислиме на иднината. Прашај се: ‚Дали еден ден ќе жалам за одлуките што ги донесувам сега? Дали ќе посакувам да сум постапел поинаку? Дали сега му служам верно на Бог, за да не мора да жалам за ништо во иднина?‘
14 Големата неволја е сѐ поблизу. Затоа, добро е да се прашаме: ‚Можам ли да му служам на Бог во поголема мера? Можам ли да бидам пионер? Што ме спречува да станам слуга-помошник? Дали правам сѐ што можам за да ја облечам новата личност? Дали Јехова би сакал некој како мене да живее во новиот свет?‘ Наместо да се прекоруваш за она што не си го направил, размисли што правиш сега и труди се да даваш сѐ од себе во службата за Бог. Донесувај одлуки за кои нема да зажалиш во иднина (2. Тим. 2:15).
НЕ ЖАЛИ ШТО СИ ГО ПОСВЕТИЛ ЖИВОТОТ НА СЛУЖБАТА!
15, 16. а) Какви жртви направиле мнозина за да ја стават службата за Бог на прво место во животот? б) Зошто не треба да жалиме за ниту една жртва што сме ја направиле за Јехова?
15 Дали си направил жртви за да му служиш полновремено на Јехова? Можеби си се откажал од успешна кариера или бизнис и си го поедноставил животот за да правиш повеќе за Царството. Можеби си решил да не стапуваш во брак или, пак, да немаш деца, со цел да служиш во Бетел, во меѓународното дело за изградба, во патувачкото дело или како мисионер. Дали треба да жалиш за тие одлуки ако сега си веќе во поодминати години? Дали треба да мислиш дека жртвите што си ги направил биле непотребни или дека не си ги донел во исправно време? Во никој случај!
16 Ти си донел такви одлуки од љубов кон Јехова и затоа што си имал силна желба да им помагаш на другите да му служат. Не треба да мислиш дека ќе ти било поубаво ако си водел поинаков живот. Треба да се радуваш за одлуките што си ги донел. Ти си го направил она што си сметал дека е најдобро за да му служиш на Јехова со сета душа. Тој никогаш нема да ги заборави жртвите што си ги правел за него. А во вистинскиот живот што доаѓа, Бог ќе ти излее благослови што не можеш ни да си ги замислиш! (Пс. 145:16; 1. Тим. 6:19).
КАКО ДА СЛУЖИМЕ БЕЗ ДА ЖАЛИМЕ
17, 18. а) Што направил Павле за да нема за што друго да жали во животот? б) Како можеш да го следиш примерот на Павле?
17 Што направил Павле за да нема за што друго да жали во животот? Според преводот Радосна Вест, тој напишал: „Успеав да го заборавам она што е зад мене и од сѐ срце се стремам кон она што е пред мене. Трчам право кон целта“. (Прочитај Филипјаните 3:13, 14.) Павле не се оптоварувал размислувајќи за лошите работи што ги правел пред да стане христијанин. Наместо тоа, со сите сили се трудел да му остане верен на Бог за да ја добие наградата — вечен живот.
18 Што учиме од она што го кажал Павле? Наместо да се јадосуваме за работите од минатото кои не можеме да ги смениме, треба да се концентрираме на она што нѐ чека во иднина. Иако можеби нема дословно да ги заборавиме грешките што сме ги направиле, не треба постојано да се секираме поради нив. Да се трудиме да го оставиме минатото зад нас, да му служиме на Бог најдобро што можеме сега и да размислуваме за величествената иднина што ни претстои.