ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w13 15/2 стр. 13-16
  • Преторијанската гарда добива сведоштво

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Преторијанската гарда добива сведоштво
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2013
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • АПОСТОЛОТ ПРОПОВЕДА „БЕЗ НИКАКВИ ПРЕЧКИ“
  • ПАВЛЕ ИМ СВЕДОЧИ И НА МАЛИ И НА ГОЛЕМИ
  • ‚БЕЗ СТРАВ ЈА ЗБОРУВААТ РЕЧТА БОЖЈА‘
  • „Темелно им сведочеше“
    ,Сведочи темелно за Божјето Царство‘
  • Законска одбрана на добрата вест
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2016
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2013
w13 15/2 стр. 13-16

Преторијанската гарда добива сведоштво

Во 59 год. од н.е., стотникот Јулиј и неговите уморни војници пристигнале со група затвореници во Рим. Тие влегле низ капијата наречена Порта Капена, една од четирите главни капии во градот. На ритчето Палатин можеле да ја видат царската палата на императорот Нерон. Оваа палата ја чувале преторијански војници, кои носеле мечеви под своите тоги.a Стотникот Јулиј и затворениците го поминале римскиот форум и се искачиле по ритчето Виминал. Поминале и покрај една градина во која имало многу жртвеници на римските богови, а потоа и покрај еден полигон каде што се одржувале паради и воени вежби.

Релјеф на кој се гледаат преторијански војници. Се смета дека овој релјеф е од триумфалната порта на Клавдиј, која датира од 51 год. од н.е.

Меѓу овие затвореници бил и апостол Павле. Со месеци пред тоа, додека се наоѓал на еден брод зафатен од бура, еден Божји ангел му рекол: „Ти треба да застанеш пред цезарот“ (Дела 27:24). Можеби Павле се прашувал дали овие зборови наскоро ќе се исполнат. Додека минувал низ престолнината на Римското Царство, без сомнение се сетил на она што Господарот Исус му го кажал во Кулата Антонија во Ерусалим: „Биди храбар! Зашто, како што во Ерусалим даваше темелно сведоштво за мене така треба да сведочиш и во Рим“ (Дела 23:10, 11).

Можеби Павле подзастанал да ја погледне Кастра Преторија — голема тврдина со високи ѕидови и кули направени од црвени тули. Во неа престојувале членовите на Преторијанската гарда. Тоа биле војници кои служеле како телесна стража на императорот и како градска полиција. Во Кастра Преторија биле сместени 12 кохорти,b односно пешадиски дивизии, како и неколку кохорти составени од други војници кои служеле како полиција, вклучувајќи и коњаници. Оваа тврдина ги потсетувала луѓето на огромната моќ што ја имал императорот. Бидејќи за затворениците од провинциите се грижела Преторијанската гарда, групата со која дошол Павле му била доверена на преторијанскиот стотник Јулиј. По неколку месеци опасно патување, тој конечно ги донел своите затвореници до целта (Дела 27:1-3, 43, 44).

АПОСТОЛОТ ПРОПОВЕДА „БЕЗ НИКАКВИ ПРЕЧКИ“

Во текот на патувањето до Рим, се случиле некои неверојатни настани. Додека беснеела силна бура, Павле прорекол дека сите патници ќе преживеат иако ќе претрпат страшен бродолом. Откако успеале да допливаат до островот Малта, Павле го каснала змија отровница, но ништо не му се случило. Подоцна излекувал болни луѓе на овој остров, и некои од тамошните жители почнале да велат дека е бог. Веројатно веста за овие необични настани веќе почнала да кружи меѓу суеверните преторијанци.

Уште пред да влезе во Рим, Павле се видел со некои од тамошните браќа кои ‚му дошле во пресрет до Апиевиот плоштад и до Трите гостилници‘ (Дела 28:15). Но, на кој начин можел како затвореник да ја објавува добрата вест во Рим? (Рим. 1:14, 15). Некои сметаат дека затворениците најпрво му биле предавани на заповедникот на стражата. Ако е така, тогаш најверојатно Павле бил одведен кај тогашниот преторијански префект Афраниј Бур, кој бил речиси исто толку моќен колку и самиот император.c Во секој случај, наместо да го чуваат стотници, Павле го чувал обичен преторијански војник. Му било дозволено самиот да си најде сместување, да прима посетители и да им проповеда „без никакви пречки“ (Дела 28:16, 30, 31).

Преторијанската гарда во времето на Нерон

На оваа монета од првиот век се гледа преторијански камп

Војниците во Преторијанската гарда давале заклетва дека ќе го штитат императорот и неговото семејство. Кога оделе во војна, носеле знамиња со симболите на императорот, како и штитови кои биле украсени со слика на скорпија, зодијачкиот знак на цезарот Тибериј. Под заповедништво на трибуните и стотниците, тие одржувале ред во арените и помагале да се гаснат пожари. Овие војници останувале во таа служба 16 години, за разлика од оние што биле во римската војска, кои морале да служат 25 години. Освен тоа, добивале трипати поголема плата, додатни парични награди и голема пензија. Меѓу другото, нивна задача била да ги мачат и да ги убиваат затворениците. Откако бил затворен по вторпат, Павле веројатно бил погубен од некои од војниците кои самиот се трудел да ги спаси (2. Тим. 4:16, 17).

Со љубезна дозвола на Classical Numismatic Group, Inc./cngcoins.com

ПАВЛЕ ИМ СВЕДОЧИ И НА МАЛИ И НА ГОЛЕМИ

Ѕидините на Кастра Преторија денес

Пред да го изнесе случајот на Павле пред Нерон, Бур веројатно го испрашувал или во палатата или во преторијанскиот камп. Апостолот не ја пропуштил оваа единствена можност да му сведочи на човек што имал голема власт (Дела 26:19-23). Каква и да била пресудата на Бур, тој не го ставил Павле во затвор во преторијанскиот камп.d

Во куќата што ја изнајмил Павле, имало доволно место да ги прими „водечките Евреи“ и да им сведочи ним, а и на „уште поголем број други“ што доаѓале кај него. Освен тоа, и преторијанските војници добиле сведоштво додека слушале како тој ‚од утро до вечер темелно им сведочел‘ на Евреите за Царството и за Исус (Дела 28:17, 23).

Војниците слушале кога Павле ги диктирал своите посланија

Секој ден различна група преторијански војници чувале стража во палатата. Најверојатно и Павле секој ден го чувал различен војник. Како резултат на тоа, многу стражари добиле сведоштво кога го слушале како ги диктира своите посланија до Ефешаните, Филипјаните, Колошаните и до еврејските христијани, и кога гледале како лично му пишува писмо на еден христијанин по име Филемон. Додека бил затворен, Павле му помогнал на Онисим, еден роб кој побегнал од својот господар. Тој ‚во окови му станал татко‘ на овој побегнат роб, но подоцна му го вратил на неговиот господар (Филим. 10). Без сомнение, Павле покажал личен интерес и за стражарите што го чувале (1. Кор. 9:22). На пример, можеби разговарал со некои од нив за различните делови од нивната воена опрема, а потоа го употребил она што го дознал за да напише една многу убава споредба (Еф. 6:13-17).

‚БЕЗ СТРАВ ЈА ЗБОРУВААТ РЕЧТА БОЖЈА‘

Војниците во Преторијанската гарда имале контакти со разни луѓе низ целото Римско Царство, како и со императорот и неговото семејство, неговите слуги и робови. На тој начин, не само тие војници туку и многу други луѓе имале можност да ја слушнат добрата вест, а некои од нив станале христијани (Фил. 1:12, 13; 4:22). Затоа што Павле смело сведочел, и браќата во Рим се охрабриле ‚без страв да ја зборуваат речта Божја‘ (Фил. 1:14).

Сеедно какви се нашите околности, можеме да им сведочиме на сите со кои се среќаваме

Примерот на Павле нѐ охрабрува и нас да ‚ја проповедаме Божјата реч во поволно време и во тешко време‘ (2. Тим. 4:2). Некои не можат да излегуваат од дома или се сместени во старечки домови или болници или, пак, лежат по затвори поради својата вера. Сеедно какви се нашите околности, можеме да им сведочиме на сите со кои се среќаваме. На пример, можеме да им проповедаме на оние што доаѓаат да се грижат за нас или да ни завршат некоја услуга. Кога храбро сведочиме во секоја прилика, лично се уверуваме дека ‚Божјата реч не може да биде окована‘ (2. Тим. 2:8, 9).

Секст Афраниј Бур

Натпис со името на Секст Афраниј Бур

Бур веројатно бил роден во Везон-ла-Ромен, кој сега се наоѓа во јужна Франција, каде што во 1884 год. бил најден натпис со неговото име. Во 51 год. од н.е., Агрипина Помладата, која му била жена и внука на цезарот Клавдиј, го поставила Бур на положба на единствен префект на Преторијанската гарда. Таа го подготвувала својот млад син, Нерон, да стане император, со помош на двајца тутори. Едниот од нив бил Бур, кој му дал воена обука. Другиот бил филозофот Сенека, кој му помагал на Нерон во интелектуален поглед. Подоцна Агрипина го отрула својот маж. Пред да се рашири веста за смртта на Клавдиј, Бур го одвел Нерон во Кастра Преторија, каде што преторијанската гарда го прогласила за император. Со тоа римскиот сенат се нашол пред свршен чин. А кога во 59 год. од н.е., по наредба на Нерон била убиена неговата мајка, Бур го заштитил. Римските историчари Светониј и Касиј Дио тврдат дека Нерон го отрул Бур во 62 год. од н.е.

Musée Calvet Avignon

a Види ја рамката со наслов „Преторијанската гарда во времето на Нерон“.

b Римската кохорта се состоела од најмногу 1.000 војници.

c Види ја рамката со наслов „Секст Афраниј Бур“.

d Таму цезарот Тибериј го затворил Ирод Агрипа во 36/37 год. од н.е. затоа што Ирод рекол дека Калигула треба да стане император. Откако Калигула дошол на власт, го наградил Ирод со тоа што го поставил за цар (Дела 12:1).

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели