ПОУЧЕТЕ ГИ СВОИТЕ ДЕЦА
Бог може да биде тажен — како можеш да го израдуваш?
Дали некогаш те удриле толку силно што си заплакал?—a Тоа веројатно му се случило на секого од нас. Но, понекогаш може да плачеме и затоа што сме тажни. Некој може да каже лоши работи за нас што не се вистина. Тоа може многу да нѐ растажи, нели?— И Бог е тажен кога се кажуваат лаги за него. Ајде да видиме што можеме да направиме за да го израдуваме Бог наместо да го растажиме.
Во Библијата пишува дека некои луѓе кажувале дека го сакаат Бог, ама ‚го жалостеле‘. Да, тие ‚му нанесувале болка‘ на Бог и го растажувале! Да видиме зошто Јехова е тажен кога не сме му послушни.
Првите маж и жена што ги создал Бог многу го растажиле. Бог ги сместил во рај кој бил наречен „градината Еден“. Како се викале тие?— Точно. Мажот се викал Адам, а жената Ева. Да видиме како го растажиле Јехова.
Откако ги сместил во градината, Јехова им рекол да се грижат за неа. Исто така, им рекол да имаат деца. Адам и Ева можеле да живеат во градината и никогаш да не умрат. Но, пред да им се родат деца, се случило нешто страшно. Дали знаеш што?— Еден ангел ја убедил Ева да не го послуша Јехова, а потоа и Адам му бил непослушен на Бог. Да видиме како се случило тоа.
Ангелот направил да изгледа дека зборува една змија. На Ева ѝ се допаднало она што го слушнала — змијата ѝ рекла дека ќе стане „како Бог“. Затоа, таа го направила она што ѝ го рекла змијата. Дали знаеш што направила?—
Ева јадела од дрвото за кое Јехова му рекол на Адам дека не треба да јадат. Пред да ја создаде Ева, Бог му рекол на Адам: „Од секое дрво во градината можеш да јадеш до ситост. А од дрвото на спознанието на доброто и злото не смееш да јадеш, зашто во оној ден кога ќе каснеш од него, сигурно ќе умреш“.
Ева знаела што му рекол Јехова на Адам. Сепак, долго го гледала дрвото и видела дека ‚плодот на дрвото е добар за јадење, примамлив за очите, па скинала плод и каснала од него‘. Потоа му дала и на Адам, ‚па и тој јадел‘. Што мислиш, зошто го направил тоа?— Затоа што повеќе ја сакал Ева отколку Јехова. Тој избрал да ја послуша неа, а не Бог. Но, поважно е да го слушаш Јехова отколку кој и да е друг!
Се сеќаваш ли дека со Ева зборувала една змија? Исто како што некој може да направи да изгледа дека една кукла зборува, некој направил да изгледа дека таа змија зборува. Чиј бил гласот што се слушал од змијата?— Тоа бил гласот на ‚празмијата, која се вика Ѓавол и Сатана‘.
Дали знаеш како можеш да го израдуваш Јехова?— Ќе го израдуваш ако секогаш си му послушен. Сатана вели дека може секого да го натера да го прави она што го сака тој. Затоа, Јехова нѐ советува: „Биди мудар, сине мој [или ќерко], и израдувај ми го срцето, за да можам да му одговорам на оној што ми се подбива“. Сатана му се смее на Јехова. Тој вели дека може секого да го натера да му биде непослушен на Јехова. Затоа, ти слушај го Јехова за да го израдуваш! Дали секогаш ќе го слушаш Јехова?—
Прочитај во Библијата:
a Ако читаш со деца долгата црта значи дека треба да запреш и да оставиш децата да одговорат на прашањето.