Брат Ратерфорд зборува на конгресот во Седар Поинт (Охајо, САД) во 1919 год.
1919 — пред сто години
ПРВАТА светска војна, која траела нешто повеќе од четири години, во 1919 год. веќе била завршена. При крајот на претходната година престанале борбите меѓу завојуваните народи, а на 18 јануари 1919 год. започнала Париската мировна конференција. Едно од постигнувањата на таа конференција бил Версајскиот мировен договор, со кој официјално бил означен крајот на војната меѓу сојузниците и Германија. Договорот бил потпишан на 28 јуни 1919 год.
Освен тоа, со Версајскиот мировен договор била основана нова организација наречена Лига на народите. Нејзината цел била „да ја унапредува меѓународната соработка и да воспостави меѓународен мир и безбедност“. Многу од религиите на христијанскиот свет ја поддржале оваа нова организација. Федералниот совет на Христовите цркви од Америка изјавил дека Лигата на народите е „политичка организација која го застапува Божјето Царство на Земјата“. Овој Совет ја поддржал Лигата така што испратил свои делегати на Париската мировна конференција. Еден од тие делегати изјавил дека конференцијата означила „почеток на нова ера во светската историја“.
Една нова ера навистина почнала, но за тоа не биле заслужни луѓето што учествувале на таа мировна конференција. Во 1919 год. започнала нова ера во проповедничко дело. Таа година Јехова го зајакнал својот народ за да ја проповеда добрата вест како никогаш порано. Но најпрво, Истражувачите на Библијата требало да доживеат една значајна промена.
ЕДНА ТЕШКА ОДЛУКА
Џозеф Ратерфорд
Годишниот избор на членови на управниот одбор на корпорацијата Watch Tower Bible and Tract Society бил закажан за сабота, 4 јануари 1919 год. Во тоа време, Џозеф Ратерфорд, кој го предводел Јеховиниот народ, заедно со уште седум други браќа, бил неправедно осуден и затворен во Атланта (Џорџија, САД). Тогаш се наметнало прашањето: Дали членовите на управниот одбор кои биле во затвор треба да бидат повторно избрани или да бидат заменети?
Ивандер Кауард
Во својата затворска ќелија, брат Ратерфорд бил загрижен за иднината на организацијата. Тој знаел дека некои браќа сметаат дека е најдобро да се избере нов претседател. Од таа причина, Ратерфорд им напишал писмо на оние што биле присутни на тој состанок, во кое за претседател го предложил Ивандер Кауард. За него брат Ратерфорд напишал дека е смирен, разборит и верен на Господарот. Но, многу браќа биле за едно друго решение — изборот да се одложи за шест месеци. Со тоа се согласувале и адвокатите кои ги застапувале затворените браќа. Како што течела дискусијата, атмосферата станувала сѐ понапната.
Ричард Барбер
Тогаш се случило нешто што брат Ричард Барбер подоцна го опишал како истурање вода на огнот. Еден од присутните браќа станал и рекол: „Јас не сум експерт за тоа што бара законот, но знам што бара Бог. Тој бара да му бидеме верни. А најдобар начин на кој можеме да ја покажеме нашата верност кон Бог е така што ќе го одржиме гласањето, и за претседател повторно ќе го избереме брат Ратерфорд“ (Пс. 18:25).
Александар Мекмилан
Брат Мекмилан, кој бил во ќелијата веднаш до брат Ратерфорд, подоцна изјавил дека следниот ден брат Ратерфорд тропнал на ѕидот од ќелијата и му рекол: „Пружи ја раката“. Тогаш му подал една телеграма од браќата во врска со резултатот од гласањето. Мекмилан ја видел кратката порака и веднаш го сфатил нејзиното значење. Во неа пишувало: „РАТЕРФОРД ВАЈЗ ВАН БАРБЕР АНДЕРСОН БУЛИ И СПИЛ ПРЕТСЕДАТЕЛ ПРВИТЕ ТРОЈЦА ВРШИТЕЛИ НА ДОЛЖНОСТИ ВЕ САКАМЕ“. Ова значело дека сите членови на управниот одбор биле повторно избрани и дека Џозеф Ратерфорд и Вилијам ван Амбург останале вршители на должности. Според тоа, брат Ратерфорд останал претседател.
ПОВТОРНО НА СЛОБОДА!
Додека осумте браќа биле во затвор, други Истражувачи на Библијата почнале да собираат петиција за нивно ослободување. Овие храбри браќа и сестри собрале повеќе од 700.000 потписи. Во среда, на 26 март 1919 год., пред да биде поднесена петицијата, брат Ратерфорд и другите одговорни браќа биле ослободени.
Во еден говор што го одржал за оние што го пречекале кога се вратил од затвор, брат Ратерфорд рекол: „Уверен сум дека ова искуство низ кое минавме сите ние е само подготовка за поголемите тешкотии што стојат пред нас... Вашата борба не беше со цел да ги ослободите браќата од затвор. Тоа беше споредна работа... Вие се боревте за да сведочите за Вистината, и затоа добивте прекрасен благослов“.
Од она што се случувало со судењето на нашите браќа може да се заклучи дека Јехова ги водел работите. На 14 мај 1919 год., апелациониот суд ја донел следнава одлука: „На обвинетите во овој случај не им било овозможено... фер судење на кое имале право, и затоа пресудата е поништена“. Оваа одлука на судот многу им користела на браќата. Зошто? Браќата биле обвинети за тешки кривични дела. Доколку само биле помилувани или доколку само им била намалена казната, тие сѐ уште ќе имале кривично досие. Но, бидејќи пресудата била поништена и не биле покренати други обвиненија, нивните кривични досиеја биле избришани. Како резултат на тоа, брат Ратерфордa можел да остане адвокат и да го брани Јеховиниот народ пред Врховниот суд на САД. Тоа го правел многу пати откако бил ослободен од затвор.
РЕШЕНИ ДА ПРОПОВЕДААТ
Во една прилика, брат Мекмилан кажал: „Ние немавме намера да седиме со скрстени раце и да чекаме Господарот да нѐ земе на небото. Сфативме дека треба да направиме нешто за да откриеме што сака Господарот да правиме“.
Но, браќата од главното седиште не можеле толку лесно да продолжат со работата што ја вршеле со години. Зошто? Бидејќи, додека се наоѓале во затвор, биле уништени сите печатарски плочи кои се користеле за печатење на литературата. Ова ги обесхрабрило браќата, и некои од нив се прашувале дали дошол крајот на проповедничкото дело.
Дали сѐ уште имало луѓе кои се интересирале за добрата вест што ја проповедале Истражувачите на Библијата? За да одговори на тоа прашање, брат Ратерфорд одлучил да одржи едно предавање на кое браќата имале намера да поканат што е можно повеќе луѓе. „Ако никој не се појавеше на тој состанок“, рекол брат Мекмилан, „тоа ќе значеше дека проповедањето е завршено“.
Реклама објавена во весник за предавањето на брат Ратерфорд со наслов „Надеж за измаченото човештво“ кое го одржал во 1919 год. во Лос Анџелес (Калифорнија, САД)
Во недела, на 4 мај 1919 год., во Лос Анџелес (Калифорнија, САД), брат Ратерфорд, и покрај тоа што бил тешко болен, го одржал предавањето „Надеж за измаченото човештво“. На предавањето имало 3.500 присутни, а на стотици им било кажано да дојдат следниот ден бидејќи немало доволно место. Наредниот ден дошле уште 1.500 лица. Браќата добиле одговор на нивното прашање — луѓето биле заинтересирани за добрата вест.
Тоа што браќата го направиле потоа, влијаело врз начинот на кој Јеховините сведоци го извршуваат проповедничкото дело до ден-денес.
ПОДГОТВЕНИ ЗА ПОРАСТОТ ШТО ПРЕТСТОЕЛ
Во Стражарска кула од 1 август 1919 год., било објавено дека во почетокот на септември таа година ќе се одржи конгрес во Седар Поинт (Охајо, САД). Кларенс Бити, еден млад Истражувач на Библијата од Мисури (САД), рекол: „Сите беа решени да не го пропуштат тој настан“. На тој конгрес присуствувале преку 6.000 браќа и сестри, многу повеќе од очекуваното. Нешто што ја зголемило возбудата на тој настан било крштавањето на 200 лица во блиското езеро Ири.
Насловната страница на првиот број од списанието Златен век, со датум од 1 октомври 1919 год.
На 5 септември 1919 год., на петтиот ден од конгресот, во својот говор „Обраќање до соработниците“, брат Ратерфорд го најавил излегувањето на ново списание со наслов Златен век.b Тој рекол дека ова списание „ќе зборува за тековните настани кои се од посебно значење за луѓето и ќе дава објаснувања на темел на Библијата за тоа зошто се [случиле] тие големи настани“.
Сите Истражувачи на Библијата биле поттикнати храбро да проповедаат со оваа нова публикација. А во едно писмо во кое било опишано како треба да се извршува тоа дело, стоело следново: „Секој крстен објавител треба да има на ум дека има голема чест да служи и дека сега треба да ја искористи таа можност така што ќе учествува во проповедањето во колку што е можно поголема мера“. Одѕивот бил огромен! До декември истата година, ревносните објавители воспоставиле повеќе од 50.000 претплати на новото списание!
Браќа во Бруклин (Њујорк, САД) покрај камион полн со списанието Златен век
До крајот на 1919 год., Јеховиниот народ повторно бил организиран и зајакнат за она што им претстоело. Освен тоа, се исполниле неколку важни пророштва во врска со последните денови. Биле завршени испитите и пречистувањето на Божјиот народ, кои се проречени во Малахија 3:1-4. Јеховиниот народ бил ослободен од симболичното ропство на Големиот Вавилон, а Исус го поставил „верниот и разборит роб“c (Отк. 18:2, 4; Мат. 24:45). Така Истражувачите на Библијата биле подготвени за делото што Јехова сакал да го извршуваат.
a Брат Ратерфорд бил адвокат и судија, и затоа бил познат како „судијата Ратерфорд“.
b Во 1937 год., списанието Златен век било преименувано во Утеха, а во 1946 год. во Разбудете се!