Како можеме да му помогнеме на брачниот другар што не е Сведок?
1 Многу слуги на Јехова се во брак со лица што се пријателски настроени кон браќата и се интересираат за собранието, но се воздржуваат да станат слуги на Бог. Еден сопруг признал: „Помислата да одам од куќа до куќа беше голема пречка за мене“. Други можеби треба да надминат некои небиблиски навики или можеби сметаат дека никогаш не би можеле да се држат за исполнетиот теократски распоред како што се држи нивниот брачен другар. Како можеме да им помогнеме?
2 Покажи личен интерес: Тоа што ќе покажеме личен интерес за другите и ќе обрнеме внимание на она што ги загрижува, може да го отвори патот да се оѕвијат на библиската вистина (Фил. 2:4). Оние што порано не ја делеле верата на брачниот другар честопати го спомнуваат љубезниот интерес што другите го покажале. „Хозе, еден старешина во собранието, покажа посебен интерес за мене“, објаснил сопругот што беше цитиран погоре. „Мислам дека неговото охрабрување беше она што на крајот ме натера да почнам сериозно да проучувам.“ Еден друг сопруг се сеќава дека браќата што го посетувале вложиле напор да разговараат за она што него го интересира. „Почнав да гледам на верата [на мојата сопруга] од сосема поинаков агол“, рекол тој. „Нејзините пријатели беа многу интелигентни луѓе што можат да разговараат на најразлични теми“ (1. Кор. 9:20—23).
3 Дај практична помош: Брачниот другар што не е Сведок, исто така, може да биде воодушевен и од помошта што му е понудена (Посл. 3:27; Гал. 6:10). Кога се расипал автомобилот на еден сопруг кој не бил верник, еден млад Сведок му помогнал. „Тоа навистина ме воодушеви“, си спомнува тој. Еден друг брат потрошил цел ден за да му помогне на сопругот на една сестра, кој е неверник, да направат ограда на неговиот имот. Додека работеле заедно и си разговарале, се спријателиле. Две седмици подоцна човекот му пришол на братот и му рекол: „Време е да направам некои промени во мојот живот. Ќе ја проучуваш ли Библијата со мене?“ Брзо напредувал и сега е крстен Сведок.
4 Додека ги бараме достојните на нашето подрачје, да продолжиме да им помагаме на оние што се во брак со наши соверници (1. Тим. 2:1—4).