Дел 6: Водење напредни библиски студии
Кога ученикот ќе постави некое прашање
1 Штом ќе биде воспоставена библиската студија, најдобро е да не се скока од една тема на друга, туку библиските поуки да се разгледуваат на еден уреден начин. Ова ќе му помогне на ученикот да постави темел од точно спознание и духовно да напредува (Кол. 1:9, 10). Меѓутоа, за време на студијата учениците честопати поставуваат прашања на различни теми. Како да постапиме тогаш?
2 Биди прониклив: Кога ќе ти биде поставено прашање што е поврзано со материјалот кој се проучува, можеш веднаш да му го одговориш. Но ако за прашањето се дискутира понатаму во публикацијата што се проучува, тогаш кажи му за тоа. Меѓутоа, ако прашањето не е поврзано со материјалот или е потребно истражување за точно да се одговори, подобро е тоа да се разгледа по студијата или друг пат. Некои објавители дошле до заклучок дека ако го запишат прашањето што им го поставил ученикот, тоа ќе го увери дека прашањето е сфатено сериозно. Исто така, ова помага да не се застрани од темата што се проучува.
3 Многу библиски поуки само накратко се разгледани во нашите основни публикации за проучување. Како да постапиш ако на ученикот му е тешко да прифати некоја поука или, пак, цврсто се држи за некое лажно верување? Може да биде корисно да се разгледа дополнителен материјал, кој детално објаснува што вели Библијата за таа тема. Ако ученикот сѐ уште не е уверен, оставете ја дискусијата за друг пат и продолжете со редовното проучување (Јован 16:12). Откако ќе стекне поголемо спознание за Библијата и откако духовно ќе напредува, можеби ќе ја разбере таа библиска поука.
4 Биди скромен: Ако не си сигурен што да одговориш на некое прашање, спротивстави се на искушението да даваш сопствено мислење (2. Тим. 2:15; 1. Петр. 4:11). Објасни дека ќе истражуваш за таа работа и дека ќе дојдеш со одговор. Дури можеш да ја искористиш приликата да го поучиш ученикот како сам да истражува. Постепено покажувај му како да ги користи различните алатки за проучување кои се обезбедени од Јеховината организација. На овој начин, со текот на времето самиот ќе биде во можност да наоѓа одговор на своите прашања (Дела 17:11).