Поучувањето — извор на голема радост
1. На кој начин луѓето се духовно излекувани денес?
1 Во првиот век, кога еден болен човек бил излекуван од неговата болест, очевидците биле восхитени! (Лука 5:24-26). Во денешно време, поединци го запознаваат Јехова, и така се духовно излекувани (Отк. 22:1, 2, 17). Воодушевени сме кога читаме за лица чијшто живот потполно се променил со помош на Јеховината Реч и светиот дух! Сепак, далеку порадосно е кога и самите можеме да му помогнеме некому да биде духовно излекуван така што ќе водиме напредна библиска студија.
2. Кои работи ни причинуваат радост кога поучуваме некого за вистината?
2 Кое е Божјето име? Зошто Бог допушта страдање? Што ќе направи Божјето Царство за човештвото? Ние со задоволство одговараме на ваквите прашања, но уште повеќе нѐ радува кога ќе видиме восхит во очите на интересентот откако ќе ја дознае вистината (Изр. 15:23; Лука 24:32). Со текот на времето, можеби ќе почне да го користи Јеховиното име, да прави промени во својот изглед и начин на облекување, да ги остава лошите навики и да им сведочи на другите. Ако напредува до таа точка што ќе му се заветува на Јехова и ќе се крсти, тогаш ќе биде наш брат и соработник. Секој од овие направени чекори е причина за радост (1. Сол. 2:19, 20).
3. Кои чекори би можеле да ги преземеме за да започнеме библиска студија?
3 Можеш ли и ти да поучуваш некого? Ако сакаш и ти да поучуваш некого за Библијата и да ја осетиш таа радост, моли го Јехова да ти помогне да започнеш библиска студија, а потоа постапувај во склад со своите молитви (1. Јов. 5:14). Проповедај таму каде што можеш да најдеш луѓе. Понуди библиска студија секојпат кога ќе ти се укаже можност за тоа (Проп. 11:6). А кога ќе наидеш на интерес и ќе го посееш семето на вистината, дојди повторно за да го залееш (1. Кор. 3:6-9).
4. Зошто треба да нудиме библиски студии со чувство на итност?
4 Постојат уште безброј луѓе што гладуваат и жедуваат за праведност. Кој ќе ја проучува Библијата со нив за да им помогне да ги задоволат своите духовни потреби? (Мат. 5:3, 6). Да се понудиме ние за да помогнеме околу проповедањето и поучувањето на луѓето пред да заврши жетвата! (Иса. 6:8).