Поучувај ги другите со радост
„Одете и правете ученици“ (МАТ. 28:19)
1-3. а) Какви чувства имаат мнозина кога имаат можност да ја проучуваат Библијата со некого? б) Кои прашања ќе ги разгледаме?
„ВО ПОСЛЕДНИВЕ 11 седмици проучувам со едно семејство од Пакистан“, пишува една сестра која служи во група на јазикот хинди во САД. „Се разбира“, продолжува таа, „станавме добри пријатели. Солзи ми навираат во очите кога ќе помислам дека ова семејство наскоро ќе се врати во Пакистан. Но, причината за моите солзи не е само тагата што ја чувствувам затоа што повеќе нема да ги гледам туку и радоста што ја чувствував додека ги поучував за Јехова.“
2 Дали и ти, исто како оваа сестра, си чувствувал радост кога си поучувал некого за Библијата? Исус и неговите ученици во првиот век многу се радувале кога ги поучувале другите. Кога неговите 70 ученици се вратиле со радосен извештај, ‚светиот дух го исполнил Исус со радост‘ (Лука 10:17-21). И денес мнозина чувствуваат голема радост кога имаат можност да ги поучуваат другите за Библијата. Само во 2007 год., вредните и среќни објавители месечно водеа во просек шест и пол милиони библиски студии!
3 Но, некои објавители сѐ уште го немале тоа задоволство да ја проучуваат Библијата со некого. Други, пак, не го правеле тоа во последниве години. Со какви предизвици можеби се соочуваме додека се трудиме да започнеме и да продолжиме да ја проучуваме Библијата со луѓето? Како можеме да се справиме со таквите предизвици? И, кои благослови ги добиваме кога даваме сѐ од себе за да ја послушаме Исусовата заповед: „Одете и правете ученици“? (Мат. 28:19).
Предизвици што можат да ни ја одземат радоста
4, 5. а) Како реагираат многу луѓе во некои делови од светот? б) Со какви предизвици се соочуваат објавителите на други места?
4 Во некои делови од светот, луѓето без проблем ја земаат нашата литература и со задоволство прифаќаат да ја проучуваат Библијата со нас. Една брачна двојка од Австралија, која привремено служеше во Замбија, пишува: „Точно е она што го слушавме за Замбија. Оваа земја е рај за проповедање. Сведочењето на улица е просто неверојатно! Луѓето сами ни пристапуваат, а некои од нив дури ни бараат списанија со одреден датум“. Во една од последниве години, браќата и сестрите во Замбија водеа над 200.000 библиски студии — што значи, секој објавител просечно имаше по повеќе од една студија.
5 Сепак, на други места, објавителите тешко успеваат да дадат литература и редовно да водат библиски студии. Зошто? Честопати луѓето не се дома кога објавителот ќе им заѕвони на врата, а оние што се дома можеби се рамнодушни кон религијата. Можеби пораснале во нерелигиозно семејство или им е одвратно лицемерството што го гледаат во лажната религија. Многу луѓе се чувствуваат духовно измачени и напуштени од лажните пастири (Мат. 9:36). Нормално е што таквите се многу претпазливи кога некој ќе се обиде да поразговара со нив за Библијата.
6. Со какви ограничувања се борат некои од нас?
6 Некои верни објавители се соочуваат со еден поинаков предизвик што може да им ја одземе радоста. Иако порано ја проучувале Библијата со многу заинтересирани лица, сега им е потешко да го прават ова затоа што имаат слабо здравје или, пак, се ограничени поради староста. Размисли и за некои ограничувања што би можеле самите да си ги наметнеме. На пример, дали сметаш дека не си доволно способен да поучуваш некого за Библијата? Можеби се чувствуваш како Мојсеј кога добил заповед од Јехова да зборува со фараонот. Мојсеј рекол: „Прости Јехова, но јас не сум речовит човек, никогаш не сум бил таков“ (2. Мој. 4:10). Рака под рака со чувствата на некадарност оди и стравот од неуспех. Можеби се плашиме дека лицето кое го поучуваме нема да стане ученик затоа што ние не сме совршени учители. За да не се случи тоа, можеби ќе решиме воопшто да не проучуваме со никого. Како да се справиме со предизвиците што сега ги спомнавме?
Подготви го срцето
7. Што го мотивирало Исус да ја врши службата?
7 Прв чекор е да си го подготвиме срцето. Исус рекол дека ‚устата го зборува она со кое е полно срцето‘ (Лука 6:45). Негов мотив за службата бил вистинскиот интерес за доброто на другите. На пример, кога видел во каква бедна духовна состојба се наоѓаат Евреите, тој ‚се сожалил на нив‘. А на своите ученици им рекол: „Жетвата е голема... Затоа, молете го Господарот на жетвата да испрати работници на својата жетва“ (Мат. 9:36-38).
8. а) За што би било добро да размислуваме? б) Што учиме од она што го кажала една жена која ја проучува Библијата?
8 Додека учествуваме во делото на поучување, би било добро длабоко да размислуваме за користа што ја имаме самите затоа што некој друг одвојувал време нас да нѐ поучи за истите работи. Размислувај и за луѓето што ги сретнуваме во службата, и за тоа како и ним може да им користи пораката што им ја носиме. Една жена го напишала следново во писмо до подружницата во земјата каде што живее: „Сакам да ви кажам колку многу ги ценам Сведоците кои ме поучуваат во мојот дом. Понекогаш сигурно ги нервирам затоа што имам толку многу прашања и секогаш остануваат подолго отколку што планирале. Но, тие се стрпливи со мене и спремно го споделуваат она што го знаат. Им благодарам на Јехова и на Исус што ги запознав овие луѓе“.
9. На што го насочил Исус своето внимание, и на кој начин можеме да бидеме како него во овој поглед?
9 Се разбира, ниту Исус не почнале да го следат сите оние на кои им проповедал (Мат. 23:37). Некои го следеле некое време, но потоа имале приговор на едно негово учење и престанале ‚да одат со него‘ (Јован 6:66). Меѓутоа, тој не дозволил негативниот одѕив на некои лица да го наведе да мисли дека неговата порака не е вредна. Иако поголемиот дел од семето што го посеал не родило плод, Исус го насочил своето внимание на доброто што го постигнувал. Тој гледал дека полињата се зрели за жетва и многу се радувал што имал удел во таа жетва. (Прочитај Јован 4:35, 36.) Наместо да ја гледаме само голата земја меѓу страковите жито, можеме ли и ние на ист начин да размислуваме за родот кој можеби ќе го пожнееме на подрачјето што го обработуваме? Да видиме како можеме да задржиме ваков позитивен став.
Сеј со цел еден ден да жнееш
10, 11. Како можеш да ја зачуваш радоста?
10 Земјоделецот го сее семето со цел еден ден да жнее. Слично на ова, и ние треба да проповедаме со цел да започнуваме библиски студии. Но, што ако редовно одиш во служба на подрачјето, но не наоѓаш многу луѓе дома или ти се чини дека никогаш не можеш да ги најдеш кога повторно ги посетуваш? Ова може да те разочара. Треба ли да престанеш да проповедаш од врата до врата? Во никој случај! Сѐ уште многу луѓе првпат слушаат за Библијата преку оваа делотворна метода која ја користиме веќе долго време.
11 Сепак, со цел да ја зачуваш својата радост, можеш ли да користиш и други методи за проповедање за да стапиш во контакт со луѓето на поинаков начин? На пример, си се обидел ли да им сведочиш на улица или на нивното работно место? Може ли да контактираш со нив по телефон или да го побараш телефонскиот број од оние со кои веќе си разговарал за пораката за Царството за да можеш повторно да им се јавиш? Ако си истраен и приспособлив во твојата служба, ќе чувствуваш радост кога ќе најдеш лица што спремно ќе ја прифатат пораката за Царството.
Како да се справиш со рамнодушноста
12. Што можеме да сториме ако повеќето на нашето подрачје изгледаат рамнодушни?
12 Што ако повеќето на твоето подрачје се рамнодушни кон религијата? Можеш ли да се обидеш да ги заинтересираш за пораката користејќи поинаков пристап? Апостол Павле им го напишал следново на соверниците во Коринт: „На Евреите им бев како Евреин... На оние без закон им бев како без закон — иако не сум без законот Божји“. Од кој мотив го правел Павле ова? Тој вели: „На сите им бев сѐ, за да можам на секој можен начин да спасам некои“ (1. Кор. 9:20-22). Можеме ли и ние на сличен начин да најдеме заеднички теми за кои би можеле да разговараме со луѓето на нашето подрачје? Многу луѓе што не се религиозни сакаат да имаат посреќни семејства. Можеби ја бараат и смислата во животот. Можеме ли да им ја пренесеме пораката за Царството на таквите луѓе на начин што ќе ги заинтересира?
13, 14. Како би можеле да најдеме уште поголема радост во делото на поучување?
13 Сѐ поголем број објавители наоѓаат уште поголема радост во поучувањето на другите за Библијата, иако можеби проповедаат на подрачја каде што повеќето луѓе изгледаат рамнодушни. Што им помага во ова? Тоа што учат некој странски јазик. Една брачна двојка, маж и жена во своите 60-ти години, увиделе дека на нивното собраниско подрачје живеат илјадници кинески студенти со своите семејства. „Тоа нѐ поттикна да учиме кинески“, вели мажот. Потоа продолжува: „Иако ова значеше секој ден да трошиме време за учење на јазикот, можевме да започнеме да проучуваме со многу Кинези на нашето подрачје“.
14 Дури и да не си во можност да научиш некој јазик, можеш многу добро да ја искористиш брошурката Добра вест за луѓето од сите народи кога ќе сретнеш некој што зборува на друг јазик. Обично можеш да набавиш и литература на јазикот што го зборуваат луѓето кои ги среќаваш. Точно, потребно е да се вложат додатно време и труд за да се разговара со луѓе од друга култура кои зборуваат на друг јазик. Но, немој да го заборавиш следново библиско начело: „Кој обилно сее, обилно и ќе жнее“ (2. Кор. 9:6).
Вклучено е целото собрание
15, 16. а) Зошто може да се каже дека целото собрание помага некој да стане ученик? б) Каква улога играат постарите?
15 Сепак, луѓето не стануваат ученици благодарение на трудот што го вложува само едно лице. Напротив, вклучено е целото собрание. Како? Исус рекол: „По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг“ (Јован 13:35). И, навистина е така! Кога оние со кои проучуваме доаѓаат на состаноците, честопати се восхитени од љубовта што се чувствува кога сме собрани заедно. Еден интересент напишал: „Навистина уживам во состаноците. Луѓето таму срдечно ме прифаќаат!“ Исус рекол дека оние што ќе станат негови следбеници можеби ќе доживеат противење од своите сопствени семејства. (Прочитај Матеј 10:35-37.) Сепак, ветил дека во собранието ќе најдат бројни духовни „браќа и сестри и мајки и деца“ (Мар. 10:30).
16 И нашите постари браќа и сестри им помагаат на интересентите да напредуваат на еден многу важен начин. Како? Иако некои постари лица не можат самите да водат библиски студии, нивните изградувачки коментари на собраниските состаноци им ја зајакнуваат верата на сите што ги слушаат. Тоа што со години одат по „патот на праведноста“ придонесува за убавината на собранието и ги привлекува искрените луѓе кон Божјата организација (Изр. 16:31).
Да ги совладаме нашите стравови
17. Како можеме да ги совладаме чувствата на некадарност?
17 Што ако се бориш со чувства на некадарност? Сети се дека Јехова му помогнал на Мојсеј со тоа што му дал свет дух и соработник — брат му, Арон (2. Мој. 4:10-17). Исус ветил дека Божјиот дух ќе ни помага додека сведочиме (Дела 1:8). Освен тоа, Исус ги испратил учениците да проповедаат двајца по двајца (Лука 10:1). Затоа, ако ти е тешко да водиш библиска студија, моли се Божјиот дух да ти даде мудрост, и потоа најди си партнер за проповедање кој ќе ти влее самодоверба и чие искуство може да ти помогне. Навистина ни се зајакнува верата кога ќе се сетиме дека Јехова избрал да користи обични луѓе — „она што светот го смета за слабо“ — да го извршат ова извонредно дело (1. Кор. 1:26-29).
18. Како можеме да го совладаме стравот од неуспех?
18 Како можеме да го совладаме стравот од неуспех? Би било добро да мислиме на тоа дека никој не станува ученик на Христос благодарение на трудот што го вложува само едно лице. Поучувањето не може да се спореди со готвење на некое јадење чиј успех главно зависи само од еден човек — готвачот. Напротив, кога некој станува ученик, вклучени се најмалку три страни. Јехова ја има главната улога, бидејќи тој го привлекува лицето кон себе (Јован 6:44). Ние и другите во собранието даваме сѐ од себе вешто да го поучиме интересентот за да напредува. (Прочитај 2. Тимотеј 2:15.) А и тој треба да постапува во склад со тоа што го учи (Мат. 7:24-27). Ако некој повеќе не сака да проучува, можеби ќе се разочараме. Се надеваме дека интересентите ќе направат исправен избор, но, на крајот, секој мора да „положи сметка за себе пред Бог“ (Рим. 14:12).
Кои се благословите?
19-21. а) Какви благослови имаме од тоа што ги поучуваме заинтересираните лица за Библијата? б) Како гледа Јехова на сите што проповедаат?
19 Тоа што ќе се трудиме да почнеме и да продолжиме да ја проучуваме Библијата со заинтересираните лица, ќе ни помогне и понатаму да го бараме најнапред Царството. Исто така, тоа ни помага уште подлабоко да ги врежеме вистините од Божјата реч во нашиот ум и срце. Зошто? Еден пионер по име Барак објаснува: „Кога поучуваш некого за Библијата, наведен си и самиот да научиш подобро да истражуваш. Увидувам дека морам прво да го зајакнам своето лично уверување во некоја работа, пред да можам за истото да поучам некој друг“.
20 Ако ти лично не ја проучуваш Библијата со никого, дали тоа значи дека твојата служба не е вредна во Божји очи? Се разбира дека не! Јехова многу нѐ цени кога гледа колку се трудиме да го фалиме. Сите што проповедаат се „Божји соработници“. Сепак, кога ги поучуваме другите за Библијата, уште повеќе се радуваме додека гледаме како Бог дава да расте семето што сме го посадиле (1. Кор. 3:6, 9). Една пионерка, која се вика Ејми, вели: „Додека гледаш како интересентот напредува, чувствуваш огромна благодарност кон Јехова што преку тебе му дава на тоа лице прекрасен подарок — можност да го запознае и да добие вечен живот“.
21 Ако даваме сѐ од себе за да започнеме и да продолжиме да ја проучуваме Библијата со луѓето, тоа ќе ни помогне да останеме посветени на нашата служба за Бог. Така ќе ја зајакнеме и својата надеж дека ќе го преживееме крајот и ќе живееме во новиот свет. Со помош од Јехова, можеби ќе им помогнеме да се спасат и на оние што нѐ слушаат. (Прочитај 1. Тимотеј 4:16.) Тоа сигурно ќе ни донесе неизмерна радост!
Се сеќаваш ли?
• Кои работи можат да спречат некого да води библиски студии?
• Што би можеле да сториме ако повеќето на нашето подрачје ни изгледаат рамнодушни?
• Какви благослови добиваме кога ја проучуваме Библијата со некого?
[Слики на страница 9]
Дали проповедаме користејќи различни методи за да ги најдеме искрените луѓе?