ПОГЛАВЈЕ 9
Методи на проповедање на добрата вест
ИСУС им дал многу добар пример на своите следбеници со тоа што ревносно ја проповедал добрата вест. Тој не чекал луѓето да дојдат кај него, туку одел во нивните домови и на јавни места за да им сведочи и да ги поучува (Мат. 9:35; 13:36; Лука 8:1). Исус зборувал со поединци, ги поучувал своите ученици насамо и им се обраќал на мноштва од илјадници луѓе (Мар. 4:10-13; 6:35-44; Јован 3:2-21). Тој ја користел секоја соодветна прилика за да ги охрабри другите и да им влее надеж (Лука 4:16-19). Исус не испуштал прилика да сведочи дури и кога имал потреба да се одмори и поткрепи (Мар. 6:30-34; Јован 4:4-34). Кога ги читаме библиските извештаи за службата на Исус, и ние како апостолите сме поттикнати да го следиме неговиот пример (Мат. 4:19, 20; Лука 5:27, 28; Јован 1:43-45).
2 Да видиме на кои начини христијаните денес можат да го вршат делото кое го започнал Исус Христос пред околу 2.000 години.
ПРОПОВЕДАЊЕ ОД КУЌА ДО КУЌА
3 Како Јеховини сведоци, сфаќаме дека е многу важно да ја проповедаме добрата вест за Царството од куќа до куќа. Толку многу ја користиме оваа метода што таа станала знак по кој другите нѐ распознаваат. Оваа метода се покажала многу делотворна затоа што за кратко време добрата вест стигнала до милиони луѓе (Мат. 11:19; 24:14). Службата од куќа до куќа е убава можност да покажеме дека ги сакаме Јехова и нашите ближни (Мат. 22:34-40).
4 Оваа метода на проповедање не е нешто што го измислиле Јеховините сведоци. И апостол Павле ги поучувал луѓето во нивните домови. За да ја опише службата што ја вршел во Ефес, тој рекол: „Од првиот ден кога стапнав во Азија... не пропуштив да ви кажам сѐ што е корисно и да ве поучувам... одејќи од куќа до куќа“. На овој, но и на други начини, Павле темелно им сведочел и „на Евреите и на Грците за покајанието пред Бог“ и за верата во Господарот Исус (Дела 20:18, 20, 21). Во тоа време римските императори поттикнувале на идолопоклонство и многу луѓе обожавале разни божества. Затоа било многу важно тие луѓе да го запознаат Богот кој го создал светот и сѐ што е на него — Оној кој тогаш им порачувал „на сите луѓе насекаде да се покаат“ (Дела 17:22-31).
5 Денес е уште поважно и поитно да им ја проповедаме добрата вест на луѓето. Крајот на овој злобен свет е на прагот. Тоа што сме свесни во кое време живееме нѐ поттикнува да вложиме уште поголем труд да проповедаме од куќа до куќа. Времето покажало дека тоа е најдобриот начин да се пронајдат оние што гладуваат за вистината. Оваа метода е исто толку делотворна денес како што била и во времето на Исус и апостолите (Мар. 13:10).
6 Дали даваш сѐ од себе за да учествуваш во службата од куќа до куќа? Ако да, биди уверен дека Јехова многу се радува поради тоа (Езек. 9:11; Дела 20:35). Сепак, можеби не ти е лесно да проповедаш од куќа до куќа. Можеби имаш физички ограничувања или проповедаш на подрачје каде што многу луѓе не сакаат да ја слушаат пораката што им ја носиме. Можеби во твојата земја властите го ограничуваат делото. Можеби си срамежлив и ти е многу тешко да започнуваш разговори со непознати луѓе. Затоа, секојпат кога одиш во служба од куќа до куќа можеби чувствуваш одредена мера на страв. Но, не се разочарувај (2. Мој. 4:10-12). И многу други браќа и сестри низ светот се соочуваат со слични предизвици.
7 Исус им ветил на своите следбеници: „Јас сум со вас во сите денови до свршетокот на овој поредок“ (Мат. 28:20). Ова ветување ни влева сила додека го извршуваме делото на проповедање и поучување. И ние се чувствуваме како апостол Павле, кој рекол: „Сѐ можам со помош на оној што ми дава сила“ (Фил. 4:13). Затоа, учествувај во сето она што го организира собранието во врска со службата од куќа до куќа. Тоа што ќе соработуваш со другите ќе те охрабри и ќе ти помогне уште повешто да ја извршуваш службата. Моли го Јехова да ти дава сила да ги надминеш сите предизвици со кои можеби ќе се соочиш и труди се да даваш сѐ од себе додека ја проповедаш добрата вест (1. Јов. 5:14).
8 Кога ќе им зборуваш на другите за добрата вест, ќе имаш можност да ја образложиш твојата надеж (1. Пет. 3:15). Исто така, уште повеќе ќе сфатиш колку е голема разликата меѓу оние што ја имаат надежта за Царството и оние што се без надеж (Иса. 65:13, 14). Освен тоа, ќе бидеш среќен затоа што дозволуваш твојата светлина да свети, како што заповедал Исус. А можеби ќе имаш и чест да им помогнеш на некои луѓе да го запознаат Јехова и да ја дознаат вистината која води до вечен живот (Мат. 5:16; Јован 17:3; 1. Тим. 4:16).
9 За време на викендите, како и во работните денови, собранијата организираат состаноци за проповедање од куќа до куќа. На подрачја каде што луѓето обично не се дома во текот на денот, некои собранија организираат сведочење во вечерните часови. Луѓето може да бидат поспремни да одвојат време за разговор доцна попладне или во раните вечерни часови, отколку наутро.
ДА СЕ БАРААТ ДОСТОЈНИТЕ
10 Исус им кажал на своите ученици да ги бараат достојните (Мат. 10:11). Тој не ги барал достојните само во службата од куќа до куќа. Исус им проповедал на луѓето и на други места во секоја соодветна прилика, и формална и неформална (Лука 8:1; Јован 4:7-15). И апостолите им проповедале на луѓето на различни места (Дела 17:17; 28:16, 23, 30, 31).
Нашата цел е да им ја пренесеме пораката за Царството на што е можно повеќе луѓе
11 Слично и денес, нашата цел е да им ја пренесеме пораката за Царството на што е можно повеќе луѓе. Тоа значи дека треба да се угледаме на Исус и на неговите апостоли во начинот на кој го извршуваме делото на проповедање и поучување. Исто така, треба да бидеме приспособливи затоа што времињата во кои живееме се менуваат, а се менуваат и околностите на луѓето на нашето подрачје (1. Кор. 7:31). На пример, многу објавители имаат успех додека им сведочат на луѓето на нивните работни места. Во многу земји делотворно се покажало сведочењето на улица, како и сведочењето во паркови, на паркиралишта и секаде каде што има луѓе. Некои собранија на своето подрачје поставуваат штандови или колички за сведочење. Освен тоа, подружницата може да организира посебна програма за сведочење на прометни места во поголемите градови во која може да учествуваат објавители од повеќе собранија. Како резултат на сето ова, можеме да им ја пренесеме добрата вест и на луѓето кои тешко ги наоѓаме дома.
12 Кога сведочиме на јавни места, можеме да им понудиме соодветна публикација на оние што ќе покажат интерес за библиската порака. За да го следиш интересот на некое лице, можеш да му го дадеш твојот телефонски број или да се договорите повторно да се сретнете. Освен тоа, можеш да му ја посочиш нашата интернет-страница jw.org, или да му ја кажеш адресата на најблиската сала за состаноци. Проповедањето на јавни места е убав начин да ја збогатиме нашата служба.
13 Сепак, не е доволно само да ја објавуваме добрата вест. За да им помогнеме на заинтересираните да ја прифатат вистината која води до вечен живот и духовно да напредуваат, треба редовно да ги посетуваме.
ПОВТОРНИ ПОСЕТИ
14 Исус им рекол на своите следбеници: „Ќе ми бидете сведоци... сѐ до крајот на земјата“ (Дела 1:8). Но, исто така им рекол: „Одете и правете ученици од луѓето од сите народи... учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав“ (Мат. 28:19, 20). Тоа што ќе правиш повторни посети ќе ти донесе голема радост во службата. Луѓето кои покажале интерес за добрата вест кога си разговарал со нив за прв пат веројатно ќе сакаат повторно да ги посетиш. Со тоа што ќе ги поучуваш за Библијата ќе им ја зајакнеш верата во Бог и ќе им помогнеш да ги задоволат своите духовни потреби (Мат. 5:3). Ако добро се подготвуваш и ако ги посетуваш луѓето во време што ним им одговара, ќе може да започнеш библиски курс. Всушност, ова е нашата цел додека правиме повторни посети. Ние не само што го сееме семето на вистината туку и го залеваме (1. Кор. 3:6).
15 И покрај тоа, на некои објавители им е предизвик да прават повторни посети. Можеби тоа е случај и со тебе. Можеби многу добро си научил да изнесуваш кратки презентации и вистински уживаш во овој аспект од службата. Сепак, кога ќе помислиш дека треба повторно да ги посетиш луѓето што покажале интерес за Библијата, можеби те фаќа страв. Ако добро се подготвиш за посетата, ќе можеш да сведочиш со поголема самодоверба. Користи ги практичните предлози од состанокот Нашиот живот и служба. Исто така, можеш да замолиш некој поискусен објавител да дојде со тебе.
БИБЛИСКИ КУРСЕВИ
16 Кога чул како еден човек кој бил преобратен во еврејската вера чита еден дел од Божјата Реч, проповедникот Филип го прашал: „Го разбираш ли тоа што го читаш?“ Човекот одговорил: „Како ќе го разберам ако никој не ме упати?“ Од книгата Дела поглавје 8 дознаваме дека Филип му помогнал да го разбере тој извештај и му ја објавил добрата вест за Исус (Дела 8:26-36). Не знаеме колку време Филип поминал со овој човек, но знаеме дека толку темелно му ја објаснил добрата вест што човекот станал верник и се крстил како следбеник на Исус Христос.
17 Многу луѓе денес немаат големо познавање за Библијата. За да може да стекнат вера и да ги исполнат условите да се крстат, можеби ќе биде потребно да ги посетуваме и темелно да ги поучуваме со седмици, месеци, па дури и една година или повеќе. Сепак, биди уверен дека се исплаќа да бидеш стрплив и љубезно да им помагаш на искрените луѓе да станат следбеници на Исус. Самиот Исус рекол: „Повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35).
18 Најдобро е да ги поучуваш луѓето за Библијата користејќи некоја од публикациите кои се посебно наменети за таа цел. Ако ги применуваш упатствата од состанокот Нашиот живот и служба и ако соработуваш со поискусните објавители во собранието кои вешто поучуваат во службата, ќе можеш делотворно да ги поучуваш другите и да им помогнеш да станат следбеници на Исус Христос.
19 Ако ти треба помош за да започнеш и да водиш библиски курс, слободно зборувај со некој од старешините или со некој објавител кој делотворно ги поучува луѓето за Библијата. Исто така, може да ти помогнат приказите на состанокот Нашиот живот и служба, како и предлозите во работните листови. Потпирај се на Јехова и моли го во врска со тоа (1. Јов. 3:22). Можеби веќе ја проучуваш Библијата со некој член на твоето семејство. Сепак, доколку е можно, постави си за цел да ја проучуваш и со некое друго лице. Тоа што ќе ги поучуваш луѓето за Библијата ќе ја зголеми твојата радост во службата.
НАСОЧУВАЈ ГИ ЗАИНТЕРЕСИРАНИТЕ КОН ЈЕХОВИНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА!
20 Кога им помагаме на луѓето да го запознаат Јехова Бог и да почнат да го следат Исус Христос, ние, всушност, им помагаме да станат дел од собранието. Лицата со кои ја проучуваме Библијата духовно ќе напредуваат и ќе станат зрели христијани само ако сфатат која е Јеховината организација и ако соработуваат со неа. Многу е важно да ги поучуваме како да го направат тоа. Некои филмови и видеоклипови, како и брошурата Кој ја врши Јеховината волја денес?, се посебно наменети за таа цел. Освен тоа, од голема помош може да бидат и некои информации изнесени во 4. поглавје од оваа книга.
21 Уште кога ќе започнеш да ја проучуваш Библијата со заинтересираните лица, помогни им да сфатат дека Јехова денес користи една организација за да го изврши своето дело на Земјата. Истакни колку се корисни публикациите кои ни помагаат да ја разбереме Библијата. Исто така, објасни како овие публикации се издаваат и дистрибуираат низ целиот свет благодарение на доброволци кои верно му служат на Бог. Покани ги оние со кои ја проучуваш Библијата да дојдат на нашите состаноци. Објасни им како се одвиваат состаноците и запознај ги со браќата и сестрите. Покани ги на собирите и конгресите и помогни им да се запознаат и со други Сведоци. Во овие и во други прилики, новите ќе видат како Јеховините слуги покажуваат љубов, нешто по кое се препознаваат вистинските христијани (Јован 13:35). Колку повеќе заинтересираните лица стекнуваат ценење за Јеховината организација толку повеќе се зближуваат со Јехова.
КОРИСТИ ГИ БИБЛИСКИТЕ ПУБЛИКАЦИИ
22 Христијаните во првиот век ревносно ја објавувале Божјата Реч. Тие правеле копии од Светото писмо кои ги користеле за лично проучување и за проучување во собранието. Исто така, ги поттикнувале и другите луѓе да ја читаат Божјата Реч. Нивните преписи биле малку на број и многу ценети (Кол. 4:16; 2. Тим. 2:15; 3:14-17; 4:13; 1. Пет. 1:1). Денес, Јеховините сведоци користат современи методи на печатење за да издаваат стотици милиони Библии и библиски публикации. Тие издаваат трактати, брошури, книги и списанија на стотици јазици.
23 Додека им ја пренесуваш добрата вест на другите, користи ги публикациите за проучување на Библијата кои ги издава Јеховината организација. Ако имаш на ум колку многу ти користи тоа што ги читаш и проучуваш публикациите на Јеховините сведоци, ќе бидеш поттикнат да им ги нудиш и на другите (Евр. 13:15, 16).
24 Денес, сѐ повеќе луѓе користат Интернет за да дојдат до информации. Затоа, освен библиските публикации, и нашата интернет-страница jw.org многу ни помага да ја проповедаме добрата вест. Луѓето низ целиот свет преку компјутер можат на стотици јазици да читаат или да слушаат аудиоснимки од Библијата и библиските публикации. Оние што се колебаат да разговараат со нас или оние што живеат на подрачја на кои немаат можност да зборуваат со Јеховините сведоци може да дознаат нешто повеќе за нашите верувања од својот дом преку оваа интернет-страница.
25 Поради сето ова, во секоја соодветна прилика треба да им ја посочуваме на луѓето нашата интернет-страница jw.org. Ако станарот има прашање во врска со нашите верувања, преку мобилен телефон или таблет може на лице место да му го покажеме одговорот. Ако сретнеме некој што зборува друг јазик, вклучувајќи и знаковен, може да му ја посочиме интернет-страницата на која ќе најде Библија и библиски публикации на својот јазик. Многу објавители користеле некој од видеоклиповите на страницата за да започнат разговор за Библијата.
СВЕДОЧЕЊЕ ВО НЕФОРМАЛНИ ПРИЛИКИ
26 На своите ученици, Исус им рекол: „Вие сте светлината на светот... нека свети вашата светлина пред луѓето, за да ги видат вашите добри дела и да го слават вашиот Татко, кој е на небесата“ (Мат. 5:14-16). Тие постапувале како што сака Бог, ги одразувале неговите особини и живееле според неговите мерила. На тој начин го следеле примерот на Исус, кој за себе рекол: „Јас сум светлината на светот“. Исус им оставил пример на христијаните со тоа што ја пуштил „светлината на животот“ да свети за оние кои го слушале (Јован 8:12).
27 И апостол Павле ни оставил пример кој треба да го следиме (1. Кор. 4:16; 11:1). Додека бил во Атина, секој ден им сведочел на луѓето кои ќе се затекнеле на плоштадот (Дела 17:17). Христијаните во Филипи го следеле неговиот пример. Поради тоа, Павле можел да им напише дека светеле како светлоносци „среде еден расипан и изопачен род“ (Фил. 2:15). И ние денес со нашите зборови и постапки можеме да ја пуштиме вистината за Царството да свети така што ќе ја користиме секоја прилика да им ја пренесеме на другите добрата вест. Точно е дека тоа што сме искрени и чесни може да им го привлече вниманието на луѓето и да им покаже дека сме различни од другите. Сепак, ако зборуваме со нив за добрата вест, ќе можат да дознаат зошто се разликуваме од останатите.
28 Многу Јеховини сведоци им ја пренесуваат добрата вест на своите колеги, соученици, на луѓето што ги среќаваат додека користат јавен превоз или додека ги извршуваат своите секојдневни обврски. Кога патуваме некаде, можеби ќе имаме прилика да им сведочиме на луѓето што патуваат со нас. Сите ние треба да се трудиме да ги користиме приликите кога разговараме со другите за да дадеме сведоштво. Затоа, да бидеме спремни да проповедаме секогаш кога е соодветно.
29 Ќе ја користиме секоја прилика да дадеме сведоштво ако имаме на ум дека на тој начин го фалиме нашиот Творец и го славиме неговото име. Освен тоа, можеби ќе им помогнеме на искрените да го запознаат Јехова. Така и тие ќе можат да му служат и да добијат надеж за вечен живот преку верата во Исус Христос. Јехова многу се радува кога вложуваме труд да сведочиме во неформални прилики и го смета тоа за света служба (Евр. 12:28; Отк. 7:9, 10).
ПОДРАЧЈА
30 Јехова сака пораката за Царството да биде проповедана по целиот свет, и во градовите и во селата. За таа цел, на собранијата, како и на поединците кои служат на изолирани места, подружницата им доделува подрачја кои треба да ги обработуваат (1. Кор. 14:40). Ова е во склад со упатствата што Бог им ги дал на христијаните во првиот век (2. Кор. 10:13; Гал. 2:9). Бидејќи во овие последни денови делото на проповедање е во полн ек, потребно е добро да се организира обработувањето на собраниското подрачје.
31 Во секое собрание за тоа е одговорен надгледникот за служба. Еден слуга-помошник може да им ги доделува подрачјата на објавителите. Во собранијата со мал број подрачја, обично надгледниците на групите за проповедање имаат подрачја на кои објавителите од групата може да сведочат. Од друга страна, во собранијата каде што има поголем број подрачја, секој објавител може да има свое лично подрачје.
32 Доколку објавителите имаат лични подрачја може да проповедаат на нив дури и кога нема состаноци за проповедање или кога не се во можност да одат во служба со групата. На пример, некои објавители си земаат подрачје во близина на местото каде што работат и проповедаат на него за време на паузите за ручек или по работното време. Некои семејства си земаат подрачје во близина на местото каде што живеат и проповедаат на него во текот на вечерните часови. Доколку личните подрачја им се во близина, објавителите може најдобро да го искористат времето во службата на проповедање. Се разбира, личните подрачја може исто така да се користат и за сведочење како група. Ако сакаш да имаш лично подрачје, може да побараш од братот што е одговорен за подрачјата.
33 Без разлика дали станува збор за подрачје што го зел надгледникот за својата група за проповедање или за подрачје што го зел некој објавител, оној што го има подрачјето треба во разумна мера да вложи труд за да може во секој дом да разговара барем со еден станар. Кога се обработува подрачјето, треба да се земат предвид локалните закони за заштита на лични податоци. Секој надгледник на група за проповедање или секој објавител кој има подрачје треба да се погрижи подрачјето да биде обработено за четири месеци. Откако ќе го заврши, треба да го извести за тоа братот што е одговорен за подрачјата. Во зависност од околностите, надгледникот на групата или објавителот може да го задржи подрачјето и да го обработи уште еднаш или може да му го врати на одговорниот брат.
34 Кога сите во собранието меѓусебно соработуваат, подрачјата може да се обработат темелно. Освен тоа, ќе се избегне во исто време едно подрачје да биде обработувано од различни објавители — нешто што може да ги вознемири луѓето. На овој начин може да покажеме обѕирност кон нашите соверници и кон луѓето на подрачјето.
ДА ИМ СЕ ПРОПОВЕДА НА ЛУЃЕТО ОД СИТЕ ЈАЗИЦИ
35 Секој човек треба да дознае за Јехова Бог, за неговиот Син и за Царството (Отк. 14:6, 7). Сакаме да им помогнеме на луѓето од сите јазици да ја облечат новата личност и да го повикуваат името на Јехова за да се спасат (Рим. 10:12, 13; Кол. 3:10, 11). Со какви предизвици може да се соочиме додека ја проповедаме добрата вест на подрачја на кои луѓето зборуваат различни јазици? Како да се справиме со овие предизвици за да можеме да им ја пренесеме пораката за Царството на што е можно повеќе луѓе на јазикот што најдобро го разбираат? (Рим. 10:14).
36 На секое собрание му се доделува подрачје според јазикот на кој треба да проповеда. Затоа, онаму каде што се зборуваат повеќе јазици, објавителите од различни собранија проповедаат во исти населби или улици. Во таков случај, најдобро е објавителите од секое собрание да се концентрираат на тоа да им проповедаат на луѓето кои го зборуваат нивниот јазик. Ова важи и кога се нудат покани во текот на посебните акции. Сепак, кога учествуваат во сведочење на јавни места и кога проповедаат во неформални прилики, објавителите може да зборуваат со секого и да му понудат публикации на кој и да било јазик.
37 Понекогаш, собранијата на друг јазик не можат редовно да обработуваат некои подалечни делови од подрачјето. Во такви случаи, надгледниците за служба треба да се договорат како најдобро да се обработува подрачјето. Така сите луѓе ќе можат да ја чујат пораката за Царството и ќе се спречи повеќе објавители да сведочат на иста врата (Изр. 15:22).
38 Што треба да правиме ако на врата излезе станар кој зборува некој друг јазик? Не треба да заклучиме дека ќе го посетат објавителите кои го зборуваат неговиот јазик. Некои објавители научиле едноставна презентација на јазикот кој често го среќаваат на нивното подрачје. Добро е да му покажеме на лицето како може да чита или да презема публикации на својот јазик од нашата интернет-страница jw.org или да му понудиме ние да му донесеме публикации.
39 Ако станарот покаже интерес, треба да се потрудиме да најдеме некој што ќе може да го посетува и поучува на неговиот јазик. Исто така, можеме да му кажеме каде во негова близина се одржуваат состаноци на неговиот јазик. Ако сака да биде посетен од некој што го зборува неговиот јазик, можеме да му покажеме како да ги внесе своите податоци на jw.org. Потоа, подружницата ќе се погрижи да најде некој објавител, група или собрание во близина за станарот да ја добие потребната помош.
40 Треба да продолжиме да го посетуваме станарот сѐ додека нѐ биде посетен од некој објавител што го зборува неговиот јазик. Во некои случаи, подружницата ќе ги извести старешините дека не може да најде објавител кој го зборува јазикот на заинтересираното лице. Тогаш, треба да продолжиме да му помагаме на лицето во духовен поглед најдобро што можеме. Доколку е возможно, добро би било со него да ја проучуваме Библијата со помош на некоја публикација на неговиот јазик. Ако вешто ги користиме сликите и ако го замолиме лицето да ги чита наведените стихови, ќе му помогнеме да ги дознае основните библиски учења. Некој член на неговото семејство кој добро ги знае и неговиот јазик и локалниот јазик можеби ќе биде спремен да преведува.
41 За да му помогнеме на заинтересираното лице да се запознае со Божјата организација, треба да го поканиме на нашите состаноци и покрај тоа што можеби нема целосно да ја разбере програмата. Ако има Библија на неговиот јазик, можеме да му помагаме да ги најде стиховите што се читаат. Тоа што ќе се дружи со браќата и сестрите од собранието ќе го зајакне и ќе му помогне и понатаму духовно да напредува.
42 Предгрупи: Една предгрупа се состои од неколку објавители кои проповедаат на јазик кој е различен од јазикот на собранието, иако во неа нема старешина или слуга-помошник кој би можел да води еден седмичен состанок на тој јазик. Подружницата може да одобри формирање на предгрупа во рамките на едно собрание доколку се исполнети следниве услови:
1) Во тоа место живеат значителен број луѓе кои зборуваат јазик кој е различен од јазикот на собранието.
2) Барем неколку објавители го знаат или сакаат да го учат јазикот.
3) Старешинството е спремно да го организира проповедањето на тој јазик.
Ако старешинството сака во рамките на собранието да се формира предгрупа, старешините треба да разговараат за тоа со покраинскиот надгледник. Тој можеби знае дали има и други собранија што им проповедаат на луѓето од тој јазик, и затоа може да даде корисни информации кои можат да помогнат да се одреди кое собрание е во најдобра положба да се грижи за предгрупата. Откако ќе се одреди собранието, старешините треба да испратат писмо до подружницата со кое ќе побараат официјално одобрување за да се формира предгрупа во рамките на нивното собрание.
43 Групи: Подружницата може да одобри формирање на група во рамките на едно собрание доколку се исполнети следниве услови:
1) Има доволен број на заинтересирани лица и потенцијал за пораст на тоа говорно подрачје.
2) Има барем неколку објавители кои го зборуваат или го учат јазикот.
3) Има старешина или слуга-помошник кој ќе може да предводи една група и да води барем еден од седмичните состаноци на тој јазик — или еден дел од седмичните состаноци, како што е јавното предавање или Проучувањето на Стражарска кула.
Кога овие услови ќе бидат исполнети во разумна мера, старешинството треба да испрати писмо со сите детали до подружницата и да побара официјално одобрување за да се формира група во рамките на нивното собрание. Ако за групата се грижи старешина, тој ќе се нарекува „надгледник на групата“, а ако за групата се грижи слуга-помошник, тој ќе се нарекува „слуга на групата“.
44 Откако групата ќе се формира, старешинството на собранието на кое таа припаѓа ќе одреди дали групата да одржува и други делови од состаноците, и колку често да се одржуваат состаноците во текот на месецот. Групата може да организира и состаноци за проповедање. Сите во групата служат под водство на старешинството од собранието на кое припаѓа групата. Старешините ќе ѝ даваат упатства на групата и ќе се грижат за нејзините потреби. Покраинскиот надгледник ќе соработува со групата додека е во посета на собранието на кое таа припаѓа. Тој ќе ѝ испрати на подружницата краток извештај за напредокот на групата и за нејзините потреби. По некое време, можеби групата ќе стане собрание. Јехова многу ќе се радува ако сите го следат теократското водство (1. Кор. 1:10; 3:5, 6).
СВЕДОЧЕЊЕ КАКО ГРУПА
45 Секој крстен христијанин има одговорност да им ја пренесува на другите добрата вест. Иако постојат многу начини на кои можеме да го правиме тоа, повеќето од нас сакаат да одат во служба заедно со другите (Лука 10:1). Од таа причина, собранијата организираат состаноци за проповедање на викендите, како и во работните денови. Празниците се исто така убава прилика за да се сведочи како група затоа што повеќето браќа и сестри се слободни. Одборот на собранието треба да организира состаноци за проповедање во соодветно време и место во текот на денот и во вечерните часови.
46 Кога сведочат како група, објавителите имаат можност да соработуваат еден со друг и заемно да се охрабруваат (Рим. 1:12). За да добијат обука, поновите објавители може да одат во служба со повештите и поискусните објавители. На некои подрачја, од безбедносни причини можеби е мудро двајца или повеќе објавители да проповедаат заедно. Дури и ако планираш сам да одиш на подрачјето, тоа што ќе присуствуваш на состанокот за проповедање може да биде охрабрување за сите. Тоа што ќе знаеш дека и други браќа и сестри се во служба во твоја близина, може да ти влее доверба. Пионерите и другите објавители не треба да се чувствуваат обврзани да одат на секој состанок за проповедање организиран од собранието, особено ако вакви состаноци се одржуваат секој ден. Сепак, можеби ќе бидат во можност да одат барем на некои од тие состаноци секоја седмица.
47 Сите ние треба да го следиме примерот што ни го оставиле Исус и неговите апостоли. Можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе нѐ благослови додека се трудиме потполно да учествуваме во ова важно дело со кое се пренесува добрата вест за Царството (Лука 9:57-62).