Како да водиме делотворни библиски студии
1. Каква одговорност имаме кога водиме библиска студија?
1 Никој не може да му служи на Јехова ако тој „не го привлече“ (Јован 6:44). Сепак, објавителите што водат библиска студија мора да го прават својот дел за да им помогнат на луѓето да се зближат со својот небесен Татко (Јак. 4:8). Многу е важно да се подготвуваме за библиската студија. За да може интересентот да ја сфати пораката и духовно да напредува, не е доволно само да го прочитаме пасусот и да го поставиме прашањето.
2. Кога една библиска студија е делотворна?
2 Една библиска студија е делотворна ако објавителот му помага на интересентот 1) да разбере што учи Библијата, 2) да ги прифати библиските учења и 3) да ги применува (Јован 3:16; 17:3; Јак. 2:26). За да се постигне сето ова, може да бидат потребни и неколку месеци. Сепак, секој од овие три чекори е неопходен за да може интересентот да се зближи со Јехова и да му го заветува својот живот.
3. Зошто е важно на интересентот да му поставуваме прашања што ќе го поттикнат да го изрази своето гледиште?
3 Дознај како размислува интересентот: За да видиме дали интересентот го разбира и прифаќа она што го учи, не треба цело време ние да зборуваме, туку треба да го поттикнеме тој да го каже своето мислење (Јак. 1:19). Дали разбира што вели Библијата во врска со темата што ја проучувате? Може ли да ја објасни темата со свои зборови? Што мисли за она што го научил? Дали верува дека она што го учи Библијата е разумно? (1. Сол. 2:13). Дали сфаќа дека она што го учи треба да влијае врз неговиот живот? (Кол. 3:10). За да го дознаеме ова, треба да му поставуваме тактични прашања што ќе го поттикнат да го изрази своето гледиште, а потоа да слушаме (Мат. 16:13-16).
4. Што треба да правиме ако на интересентот му е тешко да го разбере или да го примени она што го учи од Библијата?
4 Навиките и ставовите се обично длабоко врежани во нас и потребно е време за да ги смениме (2. Кор. 10:5). Што ако интересентот не го прифаќа или не го применува она што го учи? Треба да бидеме стрпливи и да дозволиме да помине еден разумен период за да може Божјата Реч и светиот дух да влијаат врз неговото срце (1. Кор. 3:6, 7; Евр. 4:12). Ако на интересентот му е тешко да разбере или да примени некое библиско учење, обично е подобро да преминеме на друга тема, а не да го ставаме под притисок. Да продолжиме стрпливо и со љубов да го поучуваме за Библијата, и можеби со текот на времето ќе биде поттикнат да ги направи потребните промени.