Нови теократски песни!
1 На последниот годишен состанок на Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania, кој се одржа на 4 октомври 2014 год., беа најавени планови за ревидирање на сегашната песнарка. Тоа беше навистина возбудлива вест! Сите присутни беа потсетени колку важно место имаат теократските песни во нашето обожавање (Пс. 96:2).
2 Можеби се прашуваш: ‚Зошто е потребно да се ревидира песнарката?‘ Има неколку причини. Како прво, сѐ подобро ги разбираме библиските учења, а тоа може да влијае врз текстот на нашите песни (Изр. 4:18). Друга причина е што на англиски јазик многу изрази и фрази во сегашната песнарка беа земени од претходното издание на Преводот Нов свет. Сега овие текстови мора да се приспособат на изразите и фразите од ревидираното издание. Во иднина, Преводот Нов свет ќе се ревидира и на други јазици, што ќе влијае и врз текстовите од песнарката на тие јазици. Бидејќи ќе се прават значителни промени во песнарката, беше одлучено во исто време да се додадат и нови песни.
3 Дали ќе треба да чекаме да ја добиеме новата песнарка за да почнеме да ги пееме новите песни? Не. Се радуваме што можеме да ве известиме дека во следните неколку месеци ќе бидат објавени нови песни на нашата интернет-страница jw.org/mk. Секоја од овие песни ќе биде вклучена во распоредот за некој од Состаноците за нашата служба, ќе има ознака „нова песна“ и ќе се пее како последна песна од состанокот.
4 Како да ги учиме новите песни: Може да биде тешко да се научи нова песна. Сепак, како псалмистот, сакаме да пееме на состаноците и ‚да не молчиме‘ (Пс. 30:12). Следниве едноставни чекори може да ти помогнат да научиш нова песна.
Слушај ја неколкупати снимката од пијано-изведбата што ќе биде ставена на нашата интернет-страница. Колку повеќе ја слушаш мелодијата, толку полесно ќе ти биде да ја запомниш.
Разгледај го текстот и пробај да го запомниш.
Пеј ја мелодијата со текстот додека не научиш точно да ја пееш песната.
Пеј ги новите песни неколку пати за време на Семејната вечер посветена на Јехова за да може да ја научи секој од семејството.
5 Во наредните месеци, кога некоја нова песна е предвидена да се пее на крајот од Состанокот за нашата служба, собранието ќе ја ислуша еднаш снимката од пијано-изведбата. Потоа, присутните ќе ја испеат песната заедно со снимката, како што правиме секогаш.
6 Пеењето на нашите состаноци ни дава можност радосно да ги здружиме нашите гласови за да го фалиме Јехова. Затоа, не треба да ни стане навика непотребно да излегуваме кога ќе се пеат песните на нашите состаноци.
7 Има уште еден начин на кој можеме да покажеме ценење за нашата музика со која му се искажува чест на Јехова. На собирите и конгресите, секое претпладне и попладне се пушта музика пред почетокот на програмата. Двапати годишно, браќа и сестри од разни земји патуваат на свој трошок до Патерсон (Њујорк) за да снимаат прекрасна теократска музика. Затоа, кога претседавачот ќе нѐ замоли да седнеме на своето место и да ја слушаме оркестарската снимка, да го направиме тоа. Тоа ќе го подготви нашето срце за програмата (Езра 7:10).
8 На крајот од денешниот состанок, ќе отпееме една од нашите нови песни. Оваа песна, која за првпат беше испеана на последниот годишен состанок, е компонирана по повод 100-годишнината од раѓањето на Божјето Царство.
9 Новите песни се навистина добар дар од Јехова (Мат. 12:35а). Затоа, да бидеме решени да ги научиме и од срце да ги пееме. Тоа е многу убав начин да го фалиме Бог и да му искажуваме чест! (Пс. 147:1).