Нашиот живот и служба — работни листови
Превод на референци кои ги нема на македонски
5-11 ЈУЛИ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ | 5. МОЈСЕЕВА 11 — 12
„Како Јехова сака да му служиме“
it-1-E 84, пас. 3
Жртвеник
На Израелците им било кажано да ги разурнат сите пагански жртвеници, и да ги уништат обредните столбови и диреци кои обично биле изградени покрај жртвениците (2Мо 34:13; 5Мо 7:5, 6; 12:1-3). Тие не требало да го следат примерот на паганските народи ниту, пак, да ги горат во оган своите деца како што правеле Ханаанците (5Мо 12:30, 31; 16:21). Наместо да имаат повеќе жртвеници, Израелците требало да имаат само еден жртвеник за обожавањето на единствениот вистински Бог, и тој требало да биде поставен на местото што Јехова ќе го изберел (5Мо 12:2-6, 13, 14, 27; спореди го ова со Вавилон, каде што само за божицата Иштар имало 180 жртвеници). Најпрво на Израелците им било дадено упатство веднаш штом ќе ја поминат реката Јордан да изградат жртвеник од неделкани камења (5Мо 27:4-8). И Исус Навин го направил тоа на планината Евал (ИсН 8:30-32). Откако земјата била разделена, племињата на Рувим, Гад и половината племе на Манасија изградиле жртвеник покрај реката Јордан. Ова многу ги вознемирило другите племиња, но потоа дознале дека овој жртвеник не бил знак за неверство, туку дека бил потсетник да му бидат верни на Јехова, вистинскиот Бог (ИсН 22:10-34).
12-18 ЈУЛИ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ | 5. МОЈСЕЕВА 13 — 15
„Како од Законот се гледа Јеховината грижа кон сиромашните“
it-2-E 833
Секоја седма година била наречена и проштална година (5Мо 15:9; 31:10). Во таа година земјата одморала, односно останувала необработена (2Мо 23:11). Исто така, тоа требало да биде и година кога се простувале долговите, нешто што се правело „во чест на Јехова“. Иако во врска со ова има различни гледишта, некои изучувачи сметаат дека долговите, всушност, не биле простувани, туку дека еден заемодавец не требало да му врши притисок на некој друг Евреин да го исплати долгот, бидејќи таа година земјоделците немало да имаат никаков приход. Сепак, заемодавецот смеел да бара од туѓинец да му го исплати долгот (5Мо 15:1-3). Некои рабини веруваат дека заемот што бил даден за да му се помогне на некој сиромашен бил простуван, но заемот што му бил даден на некој за деловни зделки, не бил. Според нив, во првиот век од нашата ера, Хилел вовел една постапка со која еден заемодавец можел да оди пред суд и да си го осигура заемот, така што ќе дадел одредена изјава (The Pentateuch and Haftorahs, edited by J. Hertz, London, 1972, pp. 811, 812).
19-25 ЈУЛИ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ | 5. МОЈСЕЕВА 16 — 18
„Начела кои помагаат да се носат праведни одлуки“
it-2-E 511, пас. 7
Два. Бројот два често се појавува во контекст на правни случаи. Кога двајца сведоци давале иста изјава, тоа додавало тежина на сведоштвото. За да можеле судиите да потврдат нешто, биле потребни двајца или тројца сведоци. Ова начело се применува и во христијанското собрание (5Мо 17:6; 19:15; Мт 18:16; 2Ко 13:1; 1Ти 5:19; Ев 10:28). Бог се држел за ова начело кога им го претставил на луѓето својот Син како Спасител на човештвото. Затоа Исус рекол: „Во вашиот Закон пишува дека сведоштвото од двајца луѓе е вистинито. Јас сум оној што сведочи за себе, а и Таткото, кој ме испрати, сведочи за мене“ (Јвн 8:17, 18).
it-2-E 685, пас. 6
Свештеник
Свештениците биле задолжени да го објаснуваат Божјиот закон и имале клучна улога во судскиот систем кој постоел во Израел. Во градовите што им биле доделени, свештениците можеле да им помагаат на судиите. Но, тие исто така служеле заедно со судиите при решавање на особено тешки случаи кои локалните судови не можеле да ги решат (5Мо 17:8, 9). Заедно со старешините од градот тие требало да бидат на располагање да помогнат во случаи на нерешено убиство. Во таква ситуација свештениците требало да внимаваат дали се следи исправната постапка за да се отстрани вината за крв од градот (5Мо 21:1, 2, 5). Ако еден љубоморен сопруг ја обвинел својата жена дека извршила прељуба во тајност, таа требало да биде доведена во светилиштето. Таму свештеникот требало да ја спроведе постапката преку која Јехова покажувал дали таа е виновна или не (4Мо 5:11-31). Во сите судски случаи, пресудата на свештениците или на назначените судии требало да биде почитувана. Ако некој намерно покажел непочитување или непослушност, требало да биде погубен (4Мо 15:30; 5Мо 17:10-13).
Духовни бисери
it-1-E 787
Според Законот, за да се донесе смртна пресуда требало да има сведоштво од најмалку двајца сведоци (5Мо 19:15). Овие сведоци требало први да кренат рака на виновникот и да го каменуваат (5Мо 17:7). На тој начин ќе ја покажеле својата ревност за Божјиот закон и ќе покажеле дека сакаат да се зачува чистота во израелската заедница. Исто така, тоа ќе спречело некој да даде лажно, невнимателно или избрзано сведоштво.
26 ЈУЛИ — 1 АВГУСТ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ | 5. МОЈСЕЕВА 19 — 21
„Човечкиот живот е скапоцен за Јехова“
it-1-E 344
Крв
Секој има право да ужива во животот што му го дал Бог, и ако некој одземе нечиј живот, ќе одговара пред Бог. Ова се гледа од она што Бог му го кажал на Каин откако извршил убиство: „Крвта на брат ти вика кон мене од земјата“ (1Мо 4:10). Дури и ако некој го мрази својот брат и со тоа посакува да е мртов, или пак, го клевети или лажно сведочи против него и со тоа го загрозува неговиот живот, може да си навлече вина за крв (3Мо 19:16; 5Мо 19:18-21; 1Јо 3:15).
Духовни бисери
it-1-E 518, пас. 1
На градските порти лесно можело да се најдат сведоци за да се завршат некои деловни зделки, како на пример, продажба на имот и слично, бидејќи во текот на денот многу луѓе минувале низ портата. Исто така, случаите кои се решавале на градските порти биле пред очите на јавноста, и тоа влијаело врз судиите да внимаваат како судат и какви одлуки носат. Очигледно имало посебно место во близина на градската порта каде што судиите можеле непречено да ги вршат своите должности (Јов 29:7).
2-8 АВГУСТ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ | 5. МОЈСЕЕВА 22 — 23
„Како од Законот се гледа дека Јехова се грижи за животните“
it-1-E 375-376
Товар
Во минатото, за да се пренесе некаков товар честопати се користеле животни. Кога Израелците ќе го виделе магарето на некој што ги мрази како лежи „под товарот“, не требало да го остават, туку требало да му помогнат на својот ближен „да го ослободи“ (2Мо 23:5).
it-1-E 621, пас. 1
Петта Мојсеева
Во книгата Петта Мојсеева се истакнува грижата што Израелците требало да ја покажуваат кон животните. На нив им било забрането да земат една птица која лежи на своето гнездо, бидејќи била лесен плен поради нејзиниот инстинкт да ги заштити своите пилиња. Израелците можеле да ги земат пилињата, но неа требало да ја пуштат. На тој начин, птицата ќе можела повторно да има пилиња (5Мо 22:6, 7). На земјоделците не им било дозволено да стават магаре и бик под ист јарем за да не се оптовари послабото животно (5Мо 22:10). На бикот што вршел жито не требало да му се врзува устата. Тој ја трошел својата сила за таа работа и така би се измачувал со глад и покрај тоа што житото било пред него (5Мо 25:4).
Духовни бисери
it-1-E 600
Долг, должник
Долг е нешто што некој го должи и има обврска да го врати или да го исплати. Во древниот Израел, долгови се појавувале најчесто поради финансиски загуби. За еден Израелец било голема неволја ако станел должник бидејќи на тој начин му станувал слуга на оној што му го дал заемот (Из 22:7). Затоа на Божјите слуги им било заповедано да бидат дарежливи и несебични кога им позајмуваат на сиромашните Израелци и да не ја искористуваат нивната неволја така што ќе им наметнуваат камати за она што им го позајмиле (2Мо 22:25; 5Мо 15:7, 8; Пс 37:26; 112:5). Но од туѓинците смееле да бараат камата (5Мо 23:20). Според некои еврејски изучувачи, ова се однесувало само на заеми дадени за деловни зделки, а не за заеми што биле дадени за да му се помогне на некој сиромашен. Обично туѓинците престојувале во Израел само привремено, честопати како трговци, и затоа од нив било разумно да се бара камата бидејќи и тие давала на заем со камата.
9-15 АВГУСТ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ | 5. МОЈСЕЕВА 24 — 26
„Како од Законот се гледа Јеховината грижа за жените“
it-2-E 1196, пас. 4
Жена
Според Законот, кога еден маж ќе стапел во брак, една година бил ослободен од воена обврска. На тој начин им била покажана милост и на жената и на мажот. Тоа му давало можност на брачниот пар да добие дете, што ќе било голема утеха за жената додека мажот не бил дома, а уште повеќе доколку тој загинел во битка (5Мо 20:7; 24:5).
Духовни бисери
nwtsty белешка за Мт 19:7
потврда за развод: Мажот кој размислувал за развод требало да подготви правен документ и најверојатно да зборува со старешините. Со тоа имал време добро да размисли пред да ја донесе таа сериозна одлука. Целта на Законот била да спречи да се носат избрзани одлуки за развод и да им обезбеди на жените одредена законска заштита (5Мо 24:1).
23-29 АВГУСТ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ | 5. МОЈСЕЕВА 29 — 30
Духовни бисери
it-1-E 665, пас. 3
Уво
Јехова, преку своите слуги, за тврдоглавите и непослушни Израелци рекол дека имаат необрежани уши (Ере 6:10; Де 7:51). На симболичен начин, како нешто да им го попречувало слушањето. Нивните уши не биле отворени од Јехова, кој на оние што го бараат им дава уши да разберат и им помага да му бидат послушни, а на оние што не му се послушни им ги затвора ушите во духовен поглед (5Мо 29:4; Ри 11:8). Апостол Павле прорекол дека ќе дојде време кога некои што тврдат дека се христијани ќе отпаднат од верата и нема да сакаат да ја слушаат вистината од Божјата Реч. Тие ќе ги слушаат лажните учители бидејќи повеќе ќе сакаат да го слушаат „она што им годи на ушите“ (2Ти 4:3, 4; 1Ти 4:1). Освен тоа, ушите на некој може да „зујат“ поради вознемирувачки вести, особено вести за неволја (1Са 3:11, фус.; 2Ца 21:12, фус.; Ере 19:3, фус.).