„Пожелно е родителот да им дава религиозна поука на децата“
ТАКА гласеше еден новински наслов во канадското јуристичко журнал The Lawyers Weekly. Придружната статија содржеше поединости на една значајна пресуда што ја донесе Врховниот суд на Нова Шкотска (Канада). Во таа одлука судот потврди дека мајката или таткото, кои немаат право на чување на децата, смеат да ги поучуваат своите деца за своите религиозни убедувања.
Во овој случај се работеше за родители кои се развеле 1983, при што мајката го добила правото да се грижи за двете деца, од осум и десет години. Спорното прашање во овој случај се појави дури отпосле, имено кога таткото стана Јеховин сведок. Мајката се обидуваше да го спречи таткото да не ги изложува децата на својата религија кога се на посета кај него.
Во образложението на пресудата, Доналд М. Хол, судија на Врховниот суд на Нова Шкотска, изјави дека иако мајката го добила правото да се грижи за децата, таа не смее да го спречува таткото да ги поучува момчињата за своите религиозни уверувања. Судијата Хол рече дека е цврсто убеден оти „од страна на црквата на таткото, со неговите пријатели во црквата како и со верските гледишта и обичаи на црквата, на децата нема да им биде нанесена никаква штета“.
Судијата Хол додаде: „Ми се чини дека вредностите и темелните науки на црквата ќе им помогнат на децата самите за себе да поставуваат исправни вредносни мерила и правила на однесување кога ќе пораснат“.
The Lawyers Weekly забележа: „И г-н Пол [адвокат на таткото] и Џон М. Бернз од W. Glen How & Associates во Џорџтаун (Онтарио) — канцеларија која ги застапува Јеховините сведоци во целата земја — го бранеа гледиштето дека за адвокатите е ‚потполно неетнички‘ да ги користат религиозните верски гледишта против родителите кога се работи за правото на грижа и посетување на децата“.
Врховниот суд на Нова Шкотска се согласи со ова, затоа што судијата Хол заклучи: „Не е прикладно, па дури би можело да биде и противуставно, во еден процес каков што е овој, да се доведуваат во прашање нечии верувања, освен ако за тоа не постојат цврсти причини“. Пресудата се придржуваше на една слична одлука што судот во Онтарио неколку месеци пред тоа ја беше донел во корист на Јеховините сведоци.