Желбата на Џошуа
НА 6. МАРТ 1992, семејството Вуд дознало дека нивниот најмлад член, седумгодишниот Џошуа, боледува од еден тежок облик на леукемија која е опасна по живот. Најстариот брат на Џошуа (16 години) и неговата сестра (19 години) се полновремени слуги (пионери) на Јеховините сведоци, како и нивниот татко. Другиот брат на Џошуа има десет години.
За лекување на болеста на Џошуа, веднаш била започната интензивна хемиотерапија. Придружен ефект било губењето на апетитот така што имале постојана борба да го натераат Џошуа да јаде. Во јули, целото семејство решило да присуствува на обласниот конгрес на Јеховините сведоци во Лафајет (Луизијана, САД) кој не е далеку од нивниот дом во Винфилд. Додека бил таму, ситуацијата на Џошуа се влошила и во саботата изутрина го однеле в болница во соба за итни случаи. По конгресот неговите родители го однеле во болницата во Њу Орлеанс, каде што редовно добива терапија.
Додека семејството било во Њу Орлеанс, еден социјален работник ѝ кажал на Април, мајка му на Џошуа, за една програма која има за задача да ги исполнува желбите на тешко болните деца. Април добила една молба за програмата и таа и нејзиниот сопруг, Пол, ја пополниле. Кога Џошуа, при крајот на август, бил вратен назад во Њу Орлеанс за неговиот редовен месечен преглед, Џим, човек кој работел на програмата, дошол кај Џошуа да разговара за неговата желба.
„Сакам да одам во Њујорк“ — рекол Џошуа.
Бидејќи децата често сакаат да одат во некој забавен парк, Џим се зачудил зошто Џошуа сака да оди во Њујорк. „Сакам да го видам Watchtower Society [Друштвото Стражарска кула]“ — одговорил Џошуа.
„А што е тоа?“ — запрашал Џим.
„Знаете, тоа е таму каде што се прават списанијата, Библиите, книгите и трактатите.“
Април му објаснила понатаму на Џим за главната централа на Јеховините сведоци и за издавачкото дело кое таму се одвива. „Брат ми е токму сега таму во посета“ — рекол Џошуа — „и јас би сакал да отидам таму со целото семејство.“
Откако дознал дека тие се шестмина во семејството, Џим го прашал Џошуа дали тој можеби наместо таму би сакал да го посети „Дизни Ворлд“ на Флорида. Џошуа бил сигурен дека сака да оди во Њујорк. Џим објаснил дека не знае дали барањето би можело да биде исполнето, но рекол дека ќе се информира. Џим го прашал Џошуа за неговата втора желба.
„Еден IBM-компјутер“ — одговорил Џошуа.
„Зошто IBM?“ — сакал да знае Џим.
Џошуа рекол дека тоа било затоа што ќе може да ја добие Библијата на дискети од Watch Tower Society. (Џошуа знаел дека дискетата на која се наоѓа Библијата е за IBM-компатибилни компјутери.) Џим тогаш запрашал уште еднаш: „Сигурен ли си дека не сакаш да одиш во ‚Дизни Ворлд‘?“
„Сигурен сум“ — рекол Џошуа.
Неколку дена подоцна, Џим дошол да му јави на Џошуа дека неговата желба да оди во Њујорк заедно со своите родители била одобрена. „Џош е тип на дете кое останува прилично смирено кога станува збор за работи коишто ги возбудуваат повеќето луѓе“, објаснила неговата мајка, „но јас бев вон себе од радост!“
На 30. септември, семејството Вуд отпатува со авион од Њу Орлеанс за Њујорк. Никој од нив порано не ги беше посетил објектите на Watchtower освен Бади, најстариот син, кој бил таму пред само неколку недели. Сите шестмина беа сместени во „Рамада Ин“ мотел на Менхетн (Њујорк), и беше обезбеден автомобилски превоз до експедитот, печатницата, канцелариите и станбениот комплекс на спротивната страна од Ист Ривер во Бруклин.
За време на дводневниот престој, на семејството му беа покажани објектите на централата. Еден ден тие направија обиколка низ деловните згради и низ фабричкиот комплекс од пет згради. Следниот ден, ја посетија зградата од 90.000 квадратни метри под чиј покрив се врши доставување, умножување на касети и други процеси, како и обиколка низ некои од 21-та станбена зграда во кои се сместени повеќе од три илјади волонтери. За време на нивниот престој, за нив беа направени посебни подготовки за да можат да се радуваат на три заеднички оброци со персоналот на централата, да јадат во една од десетте трпезарии.
На 3. октомври, семејството изнајми автомобил и отпатува околу 160 километри на север да ги посети фармите на Watchtower. Таму тие го обиколија големиот комплекс печатници и исто така видоа каде се произведува поголемиот дел од храната за персоналот на централата. Попладнето, семејството го посети Образовниот центар на Watchtower, кој сѐ уште е во изградба, лоциран близу Патерсон (Њујорк) на околу еден час возење од фармите на Watchtower, а потоа, откако се смрачи, се вратија назад во Њујорк.
Следниот ден ги превезоа со автомобил до њујоршкиот аеродром Кенеди и се вратија назад за Њу Орлеанс. Желбата на Џошуа да види „каде се печатат списанијата, Библиите, книгите и трактатите“, беше исполнета. Семејството Вуд е длабоко благодарно за програмата за исполнување „желби“ што ги покри сите трошоци на ова духовно зајакнувачко патување.
Неколку недели подоцна, кон средината на ноември, за време на неговата месечна терапија во болницата во Њу Орлеанс, Џошуа беше повикан да биде гостин на популарниот кантри и вестерн пејач Гарт Брукс, на еден од неговите концерти во Монро (Луизијана). Потоа, кога г-н Брукс ги повикал Џошуа и татко му зад бината, Џошуа му подарил еден примерок на помошното средство за проучување на Библијата, книгата Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата. Кога Џошуа го прашал г-нот Брукс како е неговото дете (тој има една млада ќерка), тој бил видливо трогнат од вниманието на Џошуа.
Навистина освежува кога едно дете е заинтересирано за другите, особено кога неговите одлуки сведочат за интерес за духовните работи! Ако ти добиеш прилика да ти се исполни една желба, дали ќе ја избереш онаа која ќе ти користи духовно на тебе, а и на останатите?
[Слики на страници 16 и 17]
Местата што ги посетија Џошуа и неговото семејство
Десно: Образовниот центар на Watchtower
Долу: Комплекс канцеларии на Watchtower
Лево: Зградата на 360 Furman, во која се наоѓа експедитот
Долу: Комплекс фабрики
Лево: Фармите на Watchtower и комплекс од печатници