Во пресрет на предизвиците на 21. век
ДЕВЕТ, осум, седум, . . .! Одбројување за лансирање на ракета? Не, попрво одбројување на годините кои сѐ уште му преостануваат на човештвото пред да биде турнато во неизвесноста на 21. век.a
Врз основа на научните достигнувања од минатиот век, голем број научници можеби искрено веруваат дека науката може да се справи со секој предизвик што може да го донесе 21. век. Тие можеби се чувствуваат како што се чувствувал еден француски писател на почетокот на 20. век. Тој напишал: „Науката денес е одредена да владее со светот“. „Отсега натаму светската власт му припаѓа не на божеството туку на науката, на науката како добродетелка на луѓето и ослободителка на човештвото.“
За науката да ги оствари овие очекувања, таа мора да ги реши многуте проблеми за кои таа придонела да се создадат.
Уништувањето на животната средина, за кое е одговорна науката, е страотно. Книгата 5000 Days to Save the Planet (5000 дена за спасување на планетата) тврди: „Ако продолжиме со експлоатирање на животната средина со сегашново темпо, прашањето повеќе нема да биде дали современото општество ќе го преживее векот кој следи, туку дали ќе исчезне на еден бучен или тивок начин?“
Ова не изгледа баш како некој особено добар избор.
Границите на науката
„Многумина научници од 19. век . . . честопати мислеле дека еден ден ќе дојдат до апсолутната вистина и крајното сфаќање“, вели книгата The Scientist. „Нивните следбеници“, продолжува книгата, „зборуваат само за постигнување на ‚делумно сфаќање‘, постојано приближувајќи ѝ се на вистината, но никако да ја дофатат во целост.“ Овој недостаток на потполно спознание сериозно го ограничува она што науката може да го стори.
Научните факти никогаш не се промениле со текот на годините, додека научните теории да — и тоа секогаш одново. Всушност, на моменти теориите се нишале од една до друга крајност. Медицинските научници некогаш, на пример, мислеле дека пуштањето крв од телото на сериозно болно лице е нешто научно. Подоцна, пак, мислеле дека инфузирањето на крв во телото било решението. Денес некои почнуваат да препознаваат колку е мудро да не се презема ни едното ни другото и да се бараат помалку опасни алтернативни третмани.
Очигледно, она што научниците го знаат е далеку помалку од она што не го знаат. The World Book Encyclopedia забележува: „Ботаничарите сѐ уште не знаат како точно функционира процесот на фотосинтеза. Биолозите и биохемичарите сѐ уште не го пронашле одговорот на прашањето од каде потекнува животот. Астрономите сѐ уште немаат задоволувачко објаснување за настанувањето на универзумот. Медицинските научници и физиолози не ја знаат причината или лекот за ракот или како да лекуваат различни болести. . . . Физиолозите не ги знаат сите причини за душевните болести“.
Науката е исто така ограничена во смисла што таа не може да биде подобра од луѓето кои се занимаваат со неа. Со други зборови, недостатокот на спознание на научникот се должи на неговата несовршеност. Авторите на книгата 5000 Days to Save the Planet откриваат дека „многу често . . . извесни организации манипулирале со истражувањата со посебна цел, искривувајќи ги анализите заради добивка и ги потиснувале информациите со цел да ги продаваат штетните продукти или за да продолжат со практики кои се штетни или опасни по животната околина“.
Дури и ако повеќето научници се искрени, ова сѐ уште не е причина нив или нивните дејности да се возвишат на пиедестал. „Тие се како и секој друг“, се буни Едвард Боуин, роден во Британија, и самиот научник. „Сите тие имаат свои недостатоци. Некои се просветени, некои се несовесни, некои се интелигентни, други, пак, тапи како ќускии. Сум познавал некои од големите имиња на науката, луѓе кои сториле колосални дела за светот. Иако не познавам научник кој бил в затвор, познавам некои кои сосема сигурно тоа го заслужуваат.“
Јасно е дека поради своите многубројни ограничувања, науката во денешно време не е во состојба да ги совлада предизвиците на 21. век. Таа посебно не успеала да ја заштити животната средина, и наместо да ја ослободи Земјата од војни, помогнала да се конструираат оружја за масовно уништување.
Потребни се итни мерки
Сите се согласуваат дека нешто мора брзо да се стори. Минатиот ноември, една група од 1.575 научници, вклучувајќи 99 добитници на Нобелова награда, издале извештај под наслов „Опомена од светските научници до човештвото“ во кој напишале: „Ни преостануваат не повеќе од една или неколку децении пред да биде изгубена шансата да се одвратат заканувањата со кои сега се соочуваме, а изгледите за човештвото ќе бидат радикално намалени“. Тие потврдиле: „Човечките суштества и природата се движат во правец на меѓусебен судир“.
Слично предупредување можеше да се слушне и порано. Всушност, во 1952 година, Бертранд Расел, британски филозоф од 20. век и самиот бранител на науката, рекол: „Ако човечкиот живот има намера и понатаму да постои и покрај науката, човештвото ќе мора да ги заузда своите страсти како никогаш порано. Луѓето ќе мораат да се подложат на законот дури и кога мислат дека законот е неправеден и лош . . . Ако тоа не се случи, човечкиот род ќе пропадне, а ќе пропадне како резултат на науката. Во наредните педесет години мора да се направи еден јасен избор помеѓу разумот и смртта. А под ‚разум‘ јас подразбирам спремност да се подложи на законот прогласен од страна на еден меѓународен авторитет. Се плашам дека човештвото ќе избере смрт. Се надевам дека грешам“.
Факт е дека луѓето кои се спремни да живеат според праведни мерила, во денешно време се ретки. Покојниот водач за човечки права, Мартин Лутер Кинг, исправно забележал: „Нашата научна моќ ја надмина нашата духовна моќ. Испративме вселенски бродови, а ги заведовме луѓето“. Но сепак, Расел всушност незнаејќи го открил решението за светските проблеми кога рекол дека човештвото би требало „да се подложи на законот прогласен од страна на еден меѓународен авторитет“.
Кој може да го реши проблемот?
Навистина, Бертранд Расел не се повикувал на некоја божествена власт кога зборувал за законот прогласен од страна на еден меѓународен авторитет. Но сепак, послушноста на законите на еден таков авторитет е токму она што е потребно. Човечките закони и авторитети сигурно не се решение на проблемите. Тие никогаш нема да го изменат светот и да ја спречат катастрофата. Мрачниот запис на историјата потврдува дека на човештвото му е потребна божествена власт.b
Навистина, единствено Семоќниот Бог, чие име е Јехова, може да се погрижи за еден меѓународен авторитет со моќ и способност да излезе на крај со предизвиците на 21. век (Псалм 82:18). Авторитетот на кој сите треба да му се потчинат ако сакаат да добијат живот е Божјето Царство, кое претставува небесна светска управа воспоставена од страна на Творецот, Јехова Бог.
Многу одамна, во врска со оваа влада Библијата претскажала: „Зашто ни се роди дете, син ни е даден; и на рамењата ќе му биде кнежевска власт. И неговото име ќе биде . . . Кнез на мирот. На изобилството на кнежевска власт и мирот нема да има крај“ (Исаија 9:6, 7, НС). Ова претскажано дете, Исус Христос, било на чуден начин зачнато во девицата Марија и се родило во Витлеем во Јудеја (Лука 1:30-33).
Додека бил на Земјата, Исус ги поучувал своите следбеници да се молат за Божјата влада кога рекол: „Туку молете се вака: . . . да дојде Царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата“ (Матеј 6:9, 10). Единствено Јеховиниот моќен свет дух, односно делотворната сила може да им помогне на спремните луѓе да ги направат потребните промени во нивните животи во согласност со праведниот закон на неговата влада. Науката тоа не го може. Илјадниците години на неслога и неред се доказ за тоа.
Јехова Бог, кој е безграничен во точното научно спознание, ќе се погрижи на Земјата да има рајски услови, токму какви што биле во еденската градина, кога го создал првиот човечки пар. Тогаш тој ги упатил: „Плодете се, и множете се, и наполнете ја земјата, господарете над неа“ (1. Мојсеева 1:28). Иако тие не биле послушни и не ја исполниле таа задача, Јехова Бог ќе се погрижи да се исполни неговата првобитна намера за оваа Земја да се претвори во рај. „Јас реков — и ќе го извршам тоа“, вели тој (Исаија 46:11). Но, кога ќе биде исполнета Божјата првобитна намера со Земјата?
Исус Христос и неговите апостоли ги опишале условите кои ќе владеат на Земјата во „последните денови“, непосредно пред Божјето Царство да ги замени сите човечки власти (2. Тимотеј 3:1-5; Матеј 24:3-14, 37-39; 2. Петрово 3:3, 4). Кога некој ги чита овде цитираните библиски пророштва и ги споредува со светските настани, му станува јасно дека ние живееме во времето кога Божјето Царство ќе го стори она што е опишано во Даниил 2:44: „И во деновите на тие царства небесниот Бог ќе подигне Царство, кое нема да се разруши никогаш, и тоа Царство нема да биде предадено на друг народ; тоа ќе ги победи и разруши сите царства, а самото тоа ќе остане вечно“.
Животот во блиска иднина
Замисли си само што ќе значи тоа за блиската иднина! Колку прекрасни работи го очекуваат човештвото во текот на претстојниот век, ако не и порано! Лошите последици од илјадниците години на несовршеното човечко владеење, лицемерната религија, алчната трговија и науката на овој свет ќе бидат заменети со божествената влада која ќе го благослови човештвото далеку над неговите најсмели очекувања.
Библијата вака ги опишува настаните кои сигурно ќе се случат во Божјиот праведен нов сет: „Гледај! Божјиот шатор е со луѓето, и тој ќе живее со нив, и тие ќе бидат негов народ. И самиот Бог ќе биде со нив. И тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт повеќе нема да има, ни жалост, ни пискот ни болка нема да има. Поранешните работи се поминати“ (Откровение 21:3, 4, НС).
Затоа, од првенствена важност за тебе е да бидеш свесен за одбројувањето кое наскоро ќе се заврши со уништувањето на овој светски поредок кој е под контрола на моќниот, невидлив светски владетел, Сатана Ѓаволот (Јован 12:31; 2. Коринтјаните 4:3, 4). Неопходно е да ја научиш Божјата волја и да ја вршиш, бидејќи Библијата ветува: „Светот поминува и похотите негови, а оној, што ја извршува волјата Божја останува довека“ (1. Јованово 2:17).
Затоа, додека времето дозволува, мудро искористи ги Јеховините подготовки за преживување. Тогаш ќе ја имаш предноста да се радуваш на животот во иднината, да, додека се приближуваме кон 21. век — како и во текот на 22., 23. и безброј други векови потоа.
[Фусноти]
a Технички речено, 21. век ќе започне на 1. јануари 2001. Меѓутоа, според народниот обичај се смета дека 1. век започнал во 1. година и траел до 99. (немало година означена со 0); 2. век, од 100-тата година до 199-та; и според тоа, 21. век ќе трае од годината 2000. до 2099.
b Неделотворноста на човечките власти беше истакната во десетделната серија на Разбудете се! (од 8. август до 22. декември 1990 [англ.]) под наслов „Човечката власт на вага“.
[Рамка на страница 23]
Добри вести меѓу лошите вести
И покрај научниот напредок, сѐ уште има голем број гладни деца и исцрпени возрасни. Но наскоро, под Божјето месијанско Царство „ќе има пченица на земјата во изобилство; по врвовите горски ќе се лелее нејзиното класје“ (Псалм 72:16, ДК).
И покрај научниот напредок, сѐ уште има многу угнетување и насилство. Но, наскоро Царот на Божјето месијанско Царство „ќе го ослободи сиромашниот кој вика на помош, и ожалостениот и секој кој нема помошник. . . . Од угнетување и од насилство ќе ги избави душите нивни“ (Псалм 72:12-14, НС).
И покрај научниот напредок, бројот на бездомници, кои немаат стан и доволно храна, и понатаму расте ширум светот. Но, наскоро под Божјето месијанско Царство, луѓето „ќе градат куќи и ќе живеат во нив . . . Нема да градат за да живее друг, нема да садат за да јаде друг“ (Исаија 65:21, 22).
И покрај медицинскиот напредок, болестите кои можат да се спречат убиваат милиони луѓе. Но наскоро под Божјето месијанско Царство, „ниеден од жителите нема да каже: ‚болен сум‘“ (Исаија 33:24).
[Слика на страница 24]
По целата Земја животот ќе претставува радост
[Извор на слика]
Со љубезна дозвола од Hartebeespoortdam Snake and Animal Park