Како настанале универзумот и животот?
„Науката без религијата е саката, а религијата без науката е слепа“ (Алберт Ајнштајн).
ЖИВЕЕМЕ во време на изненадувања во досега невидени размери. Новите откритија за вселената ги принудуваат астрономите да ги преиспитаат своите гледишта за потеклото на нашиот универзум. Многу луѓе се фасцинирани од космосот и ги поставуваат прастарите прашања што се појавиле со нашето постоење во него: Како и зошто настанале универзумот и животот?
Дури и кога ќе погледнеме во друга насока — во самите нас — неодамнешното дешифрирање на човечкиот генетски код ги покренува прашањата: Како биле создадени многуте животни облици? И кој ги создал, ако воопшто се создадени? Самата сложеност на нашиот генетски нацрт поттикнала еден американски претседател да рече дека „ние го учиме јазикот на кој Бог го создал животот“. Еден од главните научници што учествувал во дешифрирањето на гените понизно забележал: „За миг погледнавме во нашата сопствена книга со упатства, што претходно му беше позната само на Бог“. Но, и понатаму остануваат прашањата — како и зошто?
„Два прозорци“
Некои научници тврдат дека сите процеси во универзумот можат да се објаснат со рационална анализа, при што не останува простор за божествена мудрост. Но, многу луѓе, вклучувајќи ги и научниците, не се задоволни со ваквото гледиште. Тие се обидуваат да ја сфатат реалноста свртувајќи се и кон науката и кон религијата. Мислат дека науката се занимава со тоа како сме настанале ние и космосот околу нас, додека религијата се занимава главно со тоа зошто.
Објаснувајќи го овој двоен пристап, физичарот Фриман Дајсон рекол: „Науката и религијата се два прозорци низ кои гледаат луѓето обидувајќи се да го сфатат големиот универзум што се наоѓа надвор“.
„Науката се занимава со мерливото, а религијата се занимава со немерливото“, сугерирал авторот Вилијам Рис-Мог. Тој рекол: „Науката не може ниту да го докаже ниту да го демантира постоењето на Бог, исто како што не може ниту да докаже ниту да демантира каква и да е претпоставка за моралот или естетиката. Нема научна причина зошто да се љуби ближниот или зошто да се почитува човечкиот живот . . . Да се тврди дека не постои ништо што не може научно да се докаже е најгруба грешка, која би отстранила речиси сѐ што цениме во животот, не само Бог или човечкиот дух туку и љубовта, поезијата и музиката“.
„Религијата“ на науката
Изгледа дека теориите на научниците честопати се потпираат врз претпоставки за кои е потребна една посебна вера. На пример, кога станува збор за потеклото на животот, повеќето еволуционисти се придржуваат за идеи што бараат вера во извесни „доктрини“. Фактите се помешани со теории. А кога научниците ја користат тежината на својот авторитет за да наметнат слепо верување во еволуцијата, тие всушност како да сакаат да кажат: ‚Вие не сте одговорни за својот морал затоа што едноставно сте производ на биологија, хемија и физика‘. Биологот Ричард Докинс вели дека во универзумот ‚нема дизајн, нема намера, нема зло и добро, нема ништо друго освен бесмислена индиферентност‘.
За да ги поткрепат таквите верувања, некои научници избираат да го игнорираат обемното истражување на другите научници, кои им противречат на теоретските основи за нивните теории за потеклото на животот. Дури и ако допуштиме време од милијарди години, покажано е дека случајното настанување на сложените молекули што се потребни за да се создаде една функционална жива клетка е математички невозможно.a Значи, догматичните теории за потеклото на животот што ги има во многу учебници мораат да се сметаат за неважечки.
Верувањето дека животот настанал со слепа случајност бара поголема вера отколку верувањето во создавање. Астрономот Дејвид Блок забележал: „Човекот што не верува во Творец ќе треба да има поголема вера од оној што верува. Кога изјавува дека не постои Бог, човек кажува една општа непоткрепена изјава — постулат што се темели на вера“.
Научните откритија можат да влеат побожен став кај некои научници. Алберт Ајнштајн признал: „Тешко дека ќе најдете макар еден меѓу подлабоките научни умови што нема свое религиозно чувство . . . Религиозното чувство е во облик на воодушевена зачуденост од хармонијата на природниот закон, која открива толку супериорна интелигенција што, во споредба со неа, секое систематско размислување и постапување на човечките суштества е крајно незначителна имитација“. Сепак, ова не ги наведува научниците неизбежно да веруваат во Творец, во Бог кој е личност.
Ограничувањата на науката
На место е да се има соодветна почит за научното спознание и достигнувања. Меѓутоа, мнозина ќе се согласат дека, иако науката вклучува еден вид спознание, таа не е единствениот извор на спознание. Целта на науката е да ги опише појавите во природниот свет и да помогне во давањето одговор на тоа како се случуваат тие појави.
Науката ни дава увид во физичкиот универзум, што значи, во сѐ што е видливо. Но, без оглед на тоа колку далеку ќе достигне научното истражување, тоа никогаш не може да одговори на прашањето за целта — зошто воопшто постои универзумот.
„Ова се некои прашања што научниците не можат никогаш да ги одговорат“, забележува авторот Том Атли. „Можеби праексплозијата се случила пред 12 милијарди години. Но, зошто се случила? . . Како воопшто настанале елементарните честички? Што имало пред тоа?“ Атли заклучува: „Изгледа . . . појасно од кога и да е порано дека науката никогаш нема да ја задоволи човековата глад за одговори“.
Научното спознание стекнато преку таква љубопитност, далеку од тоа да ја дематира потребата од Бог, послужило само за да го потврди она што е фантастично комплексен, замрсен и восхитувачки свет во кој живееме. Многу луѓе што размислуваат сметаат дека е нормално да дојдат до заклучок дека физичките закони и хемиските реакции, како и ДНК и зачудувачката разновидност на животот, укажуваат на Творец. Не постои непобитен доказ за спротивното.
‚Верата е реалност‘
Ако зад универзумот стои Творец, не можеме да очекуваме да го сфатиме него или неговите намери користејќи телескопи, микроскопи или други научни инструменти. Помислете на еден грнчар и вазна што ја направил тој. Колку и да се испитува самата вазна, не може да се дојде до одговор на тоа зошто е направена. Тоа ќе треба да го прашаме самиот грнчар.
Молекуларниот биолог Франсис Колинс објаснува како можат верата и духовноста да помогнат да се пополни празнината што ја остава науката: „Не би очекувал религијата да биде токму она средство што е потребно за да се утврди низата на човечкиот геном и од истата причина не би очекувал науката да биде средство за да се приближиме до натприродното. Но, наоѓам дека, за навистина интересни, посериозни прашања како што се: ‚Зошто сме овде?‘ или ‚Зошто луѓето копнеат по духовност?‘, науката не дава задоволувачки одговори. Се појавиле и потоа исчезнале многу суеверија. Со верата тоа не е случај, што покажува дека таа е реалност“.
Да се објасни зошто
Кога одговара на прашањето ‚зошто‘ и кога зборува за смислата на животот, вистинската религија дава и критериуми за вредности, морал и етика, како и водство во животот. Научникот Ален Сандејџ го кажал тоа вака: „Не земам учебник по биологија за да научам како да живеам“.
Милиони луѓе низ целиот свет сметаат дека пронашле каде да се обратат за да научат како да живеат. Тие исто така сметаат дека нашле навистина задоволувачки одговори во врска со прашањата: ‚Зошто сме овде? И каде одиме?‘ Постојат одговори. Но, каде? Во најстариот и најраспространет свет текст, Библијата.
Библијата ни кажува дека Бог ја подготвил земјата посебно имајќи ги на ум луѓето. Во врска со земјата, во Исаија 45:18 стои: „Бог . . . не ја создаде пуста, туку ја вообличи за живеење“. Исто така, тој ја опремил земјата со сѐ што ќе им треба на луѓето, но не само за да постојат туку и потполно да уживаат во животот.
На луѓето им било дадено да управуваат со земјата, ‚да ја обработуваат и да ја чуваат‘ (Битие 2:15). Библијата исто така објаснува дека спознанието и мудроста се дарови од Бог и дека треба да практикуваме љубов и правда еден кон друг (Јов 28:20, 25, 27; Даниел 2:20—23). Така, луѓето можат да најдат смисла и значење во животот само ако ја откријат и ако ја прифатат Божјата намера за нив.b
Како може еден денешен човек што размислува да го премости очигледниот јаз помеѓу научното резонирање и религиозното верување? Кои водечки начела можат да му помогнат да го постигне тоа?
[Фусноти]
a Видете Постои ли Творец кој се грижи за тебе?, 3. поглавје, „Какво е потеклото на животот?“, издадена од Јеховините сведоци.
b За детална обработка, видете ја брошурата Која е смислата на животот? Како да се пронајде?, издадена од Јеховините сведоци.
[Рамка/слики на страница 7]
Што велат некои научници
Некои луѓе мислат дека повеќето научници избегнуваат спорни прашања за духовноста и теологијата затоа што не се религиозни или затоа што не сакаат да се впуштаат во дебати ‚наука против религија‘. Тоа е опис што одговара на некои, но не и на сите научници. Забележете што имале да кажат следниве научници.
„Универзумот имал почеток, но тоа што научниците не можат да го објаснат е — зошто. Одговорот е — Бог.“ „Ја гледам Библијата како книга на вистина и како божествено инспирирана книга. Зад комплексноста на животот мора да стои некоја интелигенција“ (Кен Танака, планетарен геолог на Геолошкото истражување на САД).
„Јазот помеѓу различните спознанија (научни и религиозни) е прилично вештачки . . . Спознанието за Творецот и спознанието за творештвото се тесно поврзани“ (Енрике Ернандес, истражувач и професор на Катедрата за физика и теоретска хемија, Државен самостоен универзитет во Мексико).
„Додека ги развиваме сите овие информации [за човечкиот геном], тие ќе ни ја откријат комплексноста, меѓусебната зависност на сиот тој материјал. Тоа ќе укаже на потекло како резултат на интелигентен творец, интелигентен причинител“ (Дуејн Т. Гиш, биохемичар).
„Не постои неусогласеност помеѓу науката и религијата. И едната и другата ја бараат истата вистина. Науката покажува дека Бог постои“ (Д. Х. Р. Бартон, професор по хемија, Тексас).
[Извори на слики]
NASA/U.S. Geological Survey
Фотографија: www.comstock.com
NASA and The Hubble Heritage Team (STScI/AURA)
[Слики на страница 5]
Може ли научното истражување да одговори зошто сме овде?
[Извор на слика]
Со љубезна дозвола на Arecibo Observatory/David Parker/Science Photo Library
[Извор на слика на страница 6]
Ѕвездите на страници 2, 3, 5 и најгоре на страница 7: National Optical Astronomy Observatories