Да се помират науката и религијата
„Науката и религијата повеќе не се сметаат за неусогласиви“ (The Daily Telegraph, Лондон, 26 мај 1999).
И НАУКАТА и религијата, во нивните најблагородни облици, вклучуваат потрага по вистината. Науката открива свет на величествен ред, универзум што содржи специфични ознаки на интелигентен дизајн. Вистинската религија им дава значење на ваквите откритија поучувајќи дека зад дизајнот што се гледа во физичкиот свет стои умот на Творецот.
„Увидувам дека религијата многу го збогатува моето разбирање и ценење за науката“, вели Франсис Колинс, молекуларен биолог. Тој продолжува: „Кога ќе откријам нешто за човечкиот геном, добивам чувство на страхопочит кон тајната на животот, и си велам: ‚Леле, само Бог го знаел ова претходно‘. Тоа е едно крајно убаво и трогателно чувство, кое ми помага да го сфатам и ценам Бог и ми ја прави науката уште позадоволувачка“.
Што ќе му помогне некому да ги помири науката и религијата?
Постојана потрага
Прифатете ги ограничувањата: На видикот не се гледа крајот на нашата потрага по одговори во врска со бескрајниот универзум, простор и време. Биологот Луис Томас забележал: „Нема да има крај на овој процес, со оглед на тоа што сме незаситно љубопитен вид, кој истражува, бара и се обидува да ги разбере работите. Никогаш нема да го решиме тоа. Не можам да замислам некој краен момент кога секој ќе воздивне и ќе рече: ‚Дури сега сѐ ни е јасно‘. Тоа ќе остане недостижно за нас“.
Слично, кога станува збор за религиозната вистина, доменот е безграничен. Еден библиски писател, Павле, навел: „Сега гледаме само збунувачки одрази во огледало . . . Сега моето спознание е делумно“ (1. Коринќаните 13:12, The New English Bible).
Меѓутоа, делумното спознание во врска со научни и религиозни прашања не нѐ спречува да дојдеме до исправни заклучоци темелени на фактите што ги имаме. Не ни е потребно детално спознание за потеклото на Сонцето за да бидеме апсолутно сигурни дека тоа ќе изгрее утре.
Нека зборуваат познатите факти: Во потрагата по одговори треба да нѐ водат здрави начела. Ако не се држиме за највисоките мерила за докази, лесно можеме да бидеме заведени во нашата потрага по научна и религиозна вистина. Реално гледано, никој од нас не може да почне да ги одмерува сите научни сознанија и идеи, кои денес исполнуваат огромни библиотеки. Од друга страна, пак, Библијата претставува достапна збирка на духовни науки за кои можеме да размислуваме. Познатите факти добро ја поткрепуваат Библијата.a
Меѓутоа, во врска со спознанието воопшто, потребни се сериозни напори за да се направи разлика помеѓу фактите и шпекулациите, помеѓу реалноста и измамата — како во науката така и во религијата. Како што советувал библискиот писател Павле, треба да ги отфрлиме „противречјата кои лажно се наречени ‚спознание‘ “ (1. Тимотеј 6:20). За да ги помириме науката и Библијата, мораме да дозволиме да зборуваат самите факти и со тоа да избегнеме претпоставки и шпекулации и да испитаме како секој факт го поткрепува и го засилува другиот.
На пример, кога ќе сфатиме дека Библијата го користи терминот „ден“ за да прикаже различни временски периоди, гледаме дека извештајот за шесте дена на создавање во Битие не мора да противречи на научниот заклучок дека Земјата е стара околу четири и пол милијарди години. Според Библијата, Земјата постоела неодредено долго време пред да започнат деновите на создавање. (Видете ја рамката „Деновите на создавање — долги по 24 часа?“) Дури и ако науката се коригира и каже дека нашава планета потекнува од друг датум, она што е речено во Библијата и понатаму е точно. Наместо да ѝ противречи на Библијата, во овој и во многу други случаи науката всушност ни дава огромни дополнителни информации за физичкиот свет, како сегашниов така и минатиот.
Вера, а не лековерност: Библијата ни дава спознание за Бог и за неговите намери што не може да се добие од ниеден друг извор. Зошто треба да имаме доверба во неа? Самата Библија нѐ повикува да ја испитаме нејзината точност. Разгледајте ја нејзината историска автентичност, нејзината практичност, искреноста на нејзините писатели и нејзиниот интегритет. Истражувајќи ја точноста на Библијата, вклучувајќи ги и изјавите од научна природа и, што е уште поубедливо, непогрешното исполнување на стотици пророштва низ вековите и во денешно време, може да се стекне цврста вера во неа како Божја реч. Верата во Библијата не е лековерност туку докажана увереност во точноста на она што е речено во Писмото.
Почитувајте ја науката; признајте ја верата: Јеховините сведоци ги повикуваат луѓето со отворен ум, и од научните и од религиозните кругови, да се вклучат во една искрена потрага по вистината во обете области. Во своите собранија Сведоците негуваат здрава почит кон науката и нејзините докажани откритија, како и длабоко верување дека религиозната вистина може да се најде само во Библијата, која отворено и со огромни докази изјавува дека е Божја реч. Апостол Павле навел: „Кога ја примивте Божјата реч која ја чувте од нас, ја прифативте не како реч од луѓе туку, како што таа навистина е, како реч Божја“ (1. Солуњаните 2:13).
Се разбира, како што е случај и со науката, во религијата се вовлекле штетни лаги и практики. Затоа постојат вистинска и лажна религија. Од таа причина многу луѓе ја напуштиле организираната, главна религија за да станат членови на христијанското собрание на Јеховините сведоци. Тие биле разочарани од неспремноста на нивните поранешни религии да се откажат од човечката традиција и митови во корист на пронајдената или откриена вистина.
Што е уште поважно, вистинските христијани наоѓаат вистинска смисла и цел во животот, врз основа на темелно спознание за Творецот, како што тој се открил во Библијата, и на неговите изразени намери со човештвото и планетата на која живееме. Јеховините сведоци биле задоволени со разумни, библиски одговори на прашања како што се: ‚Зошто сме овде? Каде одиме?‘ Ќе бидат многу радосни да ги споделат овие информации со Вас.
[Фуснота]
a Видете Библијата — реч Божја или човечка?, издадена од Јеховините сведоци.
[Рамка на страница 10]
Деновите на создавање — долги по 24 часа?
Некои фундаметналисти тврдат дека креационизмот, а не еволуцијата, ја објаснува предчовечката историја. Тие тврдат дека целата физичка творба била создадена пред 6.000 до 10.000 години за само шест дена од кои секој траел по 24 часа. Но, при тоа тие унапредуваат едно небиблиско учење што навело многумина да ѝ се потсмеваат на Библијата.
Дали денот што се спомнува во Библијата е долг дословно 24 часа? Битие 2:4 зборува за „денот кога Господ, Бог, ги правеше земјата и небото“. Овој еден ден ги опфаќа сите шест дена на создавање од Битие, 1. поглавје. Според употребата во Библијата, еден ден е определен временски период и може да изнесува илјада или многу илјади години. Библиските денови на создавање оставаат простор за време од илјадници години за секој од нив. Освен тоа, Земјата веќе постоела пред да започнат деновите на создавање (Битие 1:1). Според тоа, во овој поглед библискиот извештај е во склад со егзактната наука (2. Петрово 3:8).
Коментирајќи за тврдењата дека деновите на создавање биле долги само по 24 дословни часа, молекуларниот биолог Франсис Колинс забележува: „Креационизмот им наштетил на сериозните претстави за верата повеќе отколку што и да е друго во современата историја“.
[Рамка на страница 11]
Дали науката стекнала морална надмоќ?
Се разбира, многу луѓе на полето на науката ја отфрлаат религијата поради тоа што таа дава отпор на научниот напредок, поради нејзиното мрачно досие и поради нејзиното лицемерство и суровост. Професорот по микробиологија Џон Постгејт истакнува: „Религиите во светот . . . ги донеле ужасите на човечки жртви, крстоносни војни, погроми и инквизиции. Во современиов свет оваа потемна страна на религијата станала опасна затоа што, за разлика од науката, религијата не е неутрална“.
Кога ќе се спореди тоа со наводната рационалност, објективност и дисциплина на науката, Постгејт тврди дека „науката стекнала морална надмоќ“.
Дали науката навистина стекнала морална надмоќ? Одговорот е — не. Самиот Постгејт признава дека „и во научните кругови постои љубомора, алчност, предрасуди и завист“. Тој додава дека „некои научници се покажале способни да убиваат во името на истражувањето, како што се случи во нацистичка Германија и во јапонските воени логори“. А кога National Geographic му дал задача на некој репортер-истражувач да открие како на неговите страници се нашла една измама за некои фосили, репортерот зборувал за „еден извештај за таинственост во погрешен правец и доверба положена на погрешно место, за неконтролиран судир на ега, за самофалство, фантазирање, наивни претпоставки, човечки грешки, тврдоглавост, манипулации, озборување, лажење [и] корупција“.
И, се разбира, науката е таа што му дала на човештвото ужасни инструменти за војување, како што се организмите што предизвикуваат болести и се користат како биолошко оружје, бојните отрови, проектилите, „паметните“ бомби и нуклеарните бомби.
[Слика на страници 8 и 9]
Маглината Мравка (Menzel 3), од вселенскиот телескоп Хабел
[Извор на слика]
NASA, ESA and The Hubble Heritage Team (STScI/AURA)
[Слики на страница 9]
Науката открила свет полн со специфични ознаки на интелигентен дизајн
[Слика на страница 10]
Јеховините сведоци негуваат почит кон точната наука, како и вера во Библијата