„О Јехова, помогни ѝ на мојата малечка да остане верна!“
РОДЕНА сум во 1930 во Алзас (Франција), во семејство на уметници. Навечер, седејќи во својата фотелја, татко ми обично читаше некои книги за географија или астрономија. Моето кученце му спиеше крај нозете, а тој, додека мама плетеше за семејството, ѝ кажуваше некои значајни мисли што ги прочитал. Колку многу уживав во тие вечери!
Религијата играше голема улога во нашиот живот. Бевме тврди католици, па луѓето, кога ќе нѐ видеа дека одиме во црква во недела наутро, ќе речеа: „Девет е. Арнолдови одат в црква“. Секој ден, пред да појдам во училиште, одев в црква. Но, поради лошото однесување на свештеникот, мама ми забрани да одам таму сама. Тогаш имав шест години.
Откако прочита само три брошури од Бибелфоршерите (Истражувачи на Библијата, сега познати како Јеховини сведоци), мајка ми почна да проповеда од куќа до куќа. Тато беше вознемирен поради тоа. Тој постави правило, пред мене да не се водат никакви религиозни дискусии. ‚Никакво читање на такви глупости!‘ Но, мајка беше толку одушевена со вистината што одлучи да ми чита по малку од Библијата. Зеде еден католички превод и читаше од него секое утро без да коментира, за да го послуша тато.
Еден ден го прочита Псалм 113:12-16: „Идолите на незнабошците се сребро и злато, дело на човечки раце: . . . Слични на нив нека бидат оние што ги прават, такви и оние што се надеваат на нив“. Тоа го поврза со втората заповед која гласи: „Не прави за себе идол“ (2. Мојсеева 20:4-6). Јас веднаш станав и го уништив мојот личен олтар што го имав во собата.
Ќе отидев на училиште и ќе им кажев на моите соученици што читав од Библијата тој ден. Тоа предизвика вистински немир во училиштето. Многу често децата ме следеа по улицата, нарекувајќи ме „смрдлива Еврејка!“ Тоа беше во 1937. Оваа ситуација го натера татко ми да провери што учам. Самиот ја зеде книгата Creation (Создавање), објавена од Јеховините сведоци. Ја прочита и самиот стана Сведок!
Веднаш штом германската војска влезе во Франција преку белгиската граница, почнавме да гледаме знамиња со кукасти крстови на врвовите на црквите, и покрај тоа што на градското собрание сѐ уште се вееше француското знаме. Француската влада ја затвори нашата Царска сала и го забрани делото на Јеховините сведоци, па кога дојдоа Германците, ние веќе работевме во илегала. Но, напорите да се сотрат Сведоците се засилија. Две години подоцна, кога имав 11 години, се крстив.
По еден месец, на 4. септември 1941, во два часот попладне, заѕвони ѕвончето на влезот. Тато требаше да си дојде од работа. Јас скокнав, ја отворив вратата и се фрлив во прегратка. Човекот зад него извика: „Хајл Хитлер!“ Кога ме спушти наземи, сфатив дека човекот кого го прегрнав беше есесовец! Тие ме испратија во мојата соба, а мајка ми ја изложија на четиричасовно крстосано испрашување. Кога си заминуваа, едниот од нив се раздра: „Никогаш повеќе нема да го видиш маж ти! А и ти и детето ќе поминете исто!“
Тато бил уапсен истото утро. В џеб му била платата за тој месец. Есесовците ја затворија банковната сметка и ѝ ја одзедоа на мајка ми работната дозвола — неопходен документ за добивање работа. Нивната политика сега беше: „Никакви приходи за тие штетници!“
Прогонство во училиштето
Во тоа време притисокот во училиштето растеше. Секогаш кога наставникот влегуваше во училницата, сите 58 ученици мораа да застанат со испружена рака и да речат „Хајл Хитлер“. Кога свештеникот доаѓаше за религиозна поука, ќе влезеше и ќе речеше: „Хајл Хитлер — благословен е оној што доаѓа во името Господово“. А одделението ќе одговореше: „Хајл Хитлер — Амин!“
Јас одбив да кажувам „Хајл Хитлер“, а тоа дојде до ушите на директорот на училиштето. Беше напишано предупредувачко писмо во кое стоеше: „Една ученичка не се подложува на училишните правила и, ако не дојде до промена за една седмица, таа ќе мора да го напушти училиштето“. На крајот беше споменато дека ова писмо морам да го прочитам јас, Симона Арнолд, пред повеќе од 20 одделенија.
Дојде денот кога ме повикаа пред моето одделение да ја кажам својата одлука. Директорот ми даде пет минути да поздравам или да си ги земам документите и да си одам. Тие пет минути изгледаа како вечност. Нозете почнаа да ме издаваат, главата ми беше преполна, срцето ми биеше. Мртвата тишина на целото одделение беше прекината со продорно „Хајл Хитлер“ кое сите го повторија трипати. Отрчав до катедрата, си ги зедов документите и истрчав надвор.
Следниот понеделник пак бев во училиште. Директорот рече дека можам да се вратам под услов да не кажувам никому зошто ме истерале. Соучениците се свртија против мене, ме нарекуваа крадла, деликвент и велеа дека затоа ме избркале. Не можев да ја објаснам вистинската причина.
Седев во последна клупа. Девојчето што седеше со мене сфати дека не поздравувам. Мислеше дека сум член на француското движење на отпорот. Едноставно морав да ѝ објаснам зошто не можам да го поздравам Хитлер со хајл: „Според Дела 4:12, ‚под небото нема друго име дадено на луѓето, со кое би можеле да се спасиме‘. Само Христос е наш Спасител. Бидејќи ‚хајл‘ значи да се добие спасение од некого, ова спасение не можам да му го припишам на ниту еден човек, вклучувајќи го и Хитлер“. Ова девојче и мајка ѝ почнаа да ја проучуваат Библијата со Јеховините сведоци и самите станаа Сведоци!
Тајна активност
За сето ова време, продолживме да проповедаме тајно. Секоја прва недела во месецот одевме на едно место во планините каде што добивавме француско издание на Стражарска кула за да го преведеме на германски. Мама ми направи посебен појас со скриен џеб за Стражарска кула. Еден ден нѐ запреа двајца војници и нѐ одведоа на една планинска фарма каде што нѐ испрашуваа. Јас толку се разболев што мораа да ме остават да лежам во сеното, и така никогаш не ја најдоа Стражарската кула. На еден или на друг начин, Јехова секогаш изгледа ме спасуваше.
Еден ден ме повикаа да одам кај „психијатар“. Испадна дека тоа беа двајца есесовци. Таму беа и други деца на Сведоци. Јас бев последното што го повикаа. Двајца „доктори“ седеа на масата, јас седнав пред силно светло што ми светеше в лице и крстосаното испрашување започна. Едниот „доктор“ ми поставуваше некои прашања од географија и историја, а другиот, пред да одговорам, ме прашуваше за нашата тајна активност. Ќе прашаше и за имињата на други Сведоци. Бев на работ на силите кога наеднаш телефонски повик го прекина нивното испрашување. Колку чудесно Јехова секојпат помагаше!
Во една прилика, моето одделение беше избрано да оди на две недели во еден младински логор за обучување на Хитлеровата младина. Воопшто не ѝ кажав на мајка ми за тоа. Не сакав таа да носи никаква одговорност околу мојата одлука да не одам таму. Пред да дојде денот да заминеме, директорот на училиштето ме предупреди: „Ако во понеделник не си на железничката станица или кај мене во канцеларија, ќе испратам полиција по тебе!“
Така, во понеделникот наутро, поминав покрај железничката станица додека одев во училиштето. Сите соученици ме викаа да одам со нив, но јас бев решена да одам кај директорот во канцеларија. Малку задоцнив, па тој помислил дека сум се качила со другите во возот. Кога ме виде, побесни. Ме одведе во своето одделение и го шиканираше целото одделение четири часа. На пример, ќе го повикаше секое дете пред одделението и, наместо да му ја прегледа тетратката, ќе го шлапнеше со неа по лице. Ќе покажеше на мене и ќе речеше: „Тоа ти е поради неа!“ Се обиде да ги натера 45-те деца, кои имаа само по десет години, да се свртат против мене. Но, на крајот од часот, дојдоа да ми честитаат што истрајно одбив да пеам воени песни.
Подоцна ми дадоа задача да сортирам хартија, конзерви и коски. Одбив да го работам тоа бидејќи конзервите беа користени за воени цели. Ме изнатепаа и ме оставија онесвестена. Подоцна соучениците ми помогнаа да станам.
Кога се вратив во училиштето, се изненадив кога ги видов сите ученици како стојат во дворот околу јарболот, околу 800 ученици. Мене ме ставија во средина. Беше изнесен долг опис на слободата и на исходот на издајниците, проследен со три извици Зиг хајл! (победа и спасение). Беше отпеана химната, а јас стоев вкочанета и треперев. Јехова ме поддржа; ја зачував беспрекорноста.
Ми требаше таа поддршка. Поради ставот на моите родители и мојот сопствен, бев уапсена и изведена пред суд, а судијата ме осуди на „казнено-поправен дом“. Во пресудата стоеше дека ‚таа била воспитувана во учењата на Меѓународното здружение на истражувачите на Библијата кои се забранети со законот, па ќе стане лош карактер и опасност за другите‘. Тоа беше ужасно искушение за мене, сега на 12 години, во таа застрашувачка судница! Подоцна, кога влегов во нашиот стан, ја најдов својата облека на креветот и писмо во кое стоеше: „Симона Арнолд да се појави на железничката станица утре изутрина“.
Во казнено-поправниот дом
Следното утро, мајка и јас бевме на железничката станица. Две госпоѓи ме зедоа под надзор. Во возот, мајка ги повтори нејзините совети во врска со моето однесување. „Секогаш биди учтива, љубезна и пристојна, дури и кога трпиш неправда. Никогаш немој да бидеш тврдоглава. Никогаш немој да бидеш дрска и не одговарај безобразно. Запомни, цврстината нема ништо заедничко со тврдоглавоста. Ова ќе ти биде школа за во иднина. Јеховина волја е тоа што доживуваме искушенија, за наша идна корист. Ти си добро подготвена за тоа. Знаеш да шиеш, да готвиш, да переш и да работиш во градина. Сега си една млада дама.“
После петчасовно возење со воз, пристигнавме во поправниот дом. Таа вечер мајка и јас клекнавме на колена, отпеавме мелодија на Царството за надежта во воскресение и се помоливме. Со одлучен глас, мама преколнуваше за мене: „О Јехова, помогни ѝ на мојата малечка да остане верна!“ За последен пат, ме стави во кревет и ме бакна.
Следниот ден работите се одвиваа толку брзо што немав можност да се поздравам со мама. Едно девојче ми покажа кревет со душек од пченични трици. Ми беа одземени чевлите, а моравме да одиме боси сѐ до први ноември. На првата вечера не можев да јадам. Ми дадоа да закрпам шест пара чорапи; инаку немаше да добијам никаква храна. По прв пат почнав да плачам. Чорапите станаа мокри од солзите. Плачев скоро цела ноќ.
Следното утро станав во 5.30. Креветот ми беше извалкан со крв — кратко пред тоа почнала мојата периода. Тресејќи се, ѝ пријдов на првата учителка што ми доаѓаше во пресрет, госпоѓица Месингер. Таа викна едно девојче кое ми покажа како да си го исперам чаршафот во ладна вода. Камениот под беше студен, а болките стануваа се посилни. Повторно почнав да плачам. Тогаш госпоѓица Месингер рече со зајадлива насмевка: „Кажи му на твојот Јехова да ти го испере чаршафот!“ Токму тоа ми требаше да го чујам. Ги избришав очите и никогаш повеќе не можеа да ме видат да плачам.
Моравме да стануваме во 5.30 секое утро за да ја исчистиме куќата пред појадокот — чинија со супа во 8.00 часот. Училиштето се одржуваше во домот за 37 деца, на возраст од 6 до 14 години. Попладне перевме, шиевме и работевме во градина, бидејќи немаше мажи да ја вршат тешката работа. Зимата 1944/45, со едно друго девојче, морав со рачна пила да сечам стебла од кои некои беа до 60 сантиметри во пречник. На децата им беше забрането да разговараат меѓусебно и не им беше допуштено да бидат сами, дури ни да одат во тоалет. Се капевме двапати годишно, а косата ја миевме еднаш годишно. Казната беше скратување на храна или тепање.
Добив да ја чистам собата на госпоѓица Месингер. Таа бараше секој ден да се вовлекувам под креветот за да ги чистам федерите. Имав мала Библија што ја прошверцував во домот, па можев да ја заглавам меѓу федерите. Така можев да читам делови од Библијата секој ден. Не е чудо што ме нарекоа најбавното дете кое некогаш го имале!
Девојчиња од протестантска религија одеа во нивната црква во недела, а трите девојчиња кои беа католички во нивната, додека јас морав да готвам за сите 37 деца. Бев толку мала што морав да стојам на клупа и да ја држам лажицата со двете раце за да ја промешам супата. За нашите четири учителки морав да готвам месо, да печам колачи и да приготвувам зеленчук. Во недела попладне, моравме да веземе салфети. Немаше време за играње.
Неколку месеци подоцна, со очигледно задоволство, госпоѓица Месингер ме извести дека драгата Мама е уапсена и дека е во концентрационен логор.
Во 1945, војната заврши. Концентрационите логори беа распуштени и ги ослободија своите измачени жртви низ земјата, оставајќи илјадници да талкаат наоколу барајќи некого од фамилијата кој можеби преживеал.
Болни средби
Конечно, мајка ми дознала каде сум, но кога дојде да ме земе јас не ја познав. Не беше ни чудо, после сето она што го поминала! Кога ја уапсиле, ја испратиле во истиот логор, Ширмек, во кој го испратиле и тато, но во женскиот дел. Одбила да крпи војнички униформи, па со месеци седела во самица во еден подземен бункер. Потоа, за да ја заразат, ја ставиле со жени кои имале сифилис. Додека ја преместувале во Равенсбрук, добила кашлица. За тоа време, Германците побегнале, па затворениците на патот до Равенсбрук наеднаш биле слободни и мајка ми меѓу нив. Се упатила кон Констанца, каде што бев јас, но експлозија од еден воздушен напад ѝ го расекла и раскрвавила лицето.
Кога ме изведоа пред неа, беше толку променета — ослабена од глад, очигледно болна, лицето расечено и крваво, гласот едвај чуен. Бев научена да се поклонувам пред посетителите и да им покажам сѐ што сум сработила — везено, шиено — бидејќи некои госпоѓи доаѓаа во домот да си земат слугинка. А на тој начин се однесував и спрема кутрата мама! Дури кога ме однесе кај еден судија за да добие легално право да ме одведе дома, сфатив дека тоа беше мајка ми! Одеднаш избија сите солзи што ги задржував во себе во изминатите 22 месеци.
Кога си заминувавме, изјавата на директорката, госпоѓица Ледерле, беше како мевлем за мама. Таа рече: „Ви го враќам девојчето со истиот умствен став со кој и дојде“. Мојата беспрекорност сѐ уште беше нескршена. Го најдовме нашиот стан и почнавме да се сместуваме. Единствената работа што нѐ разжалуваше беше тоа што го немаше тато. Беше на списокот на мртви на Црвениот крст.
Во средината на мај 1945, некој почука на вратата. Повторно се стрчав да отворам. На вратата беше една пријателка, Марија Кел, која рече: „Симона, не сум сама. Татко ти е долу“. Тато тешко се качуваше по скалите, а го беше изгубил и слухот. Помина покрај мене и појде право накај мама! За време на овие долги месеци, спонтаното мало 11-годишно девојче, кое тој некогаш го знаеше, пораснало во срамежлива млада тинејџерка. Ова ново девојче не го ни препозна.
Она низ кое поминал го беше зело својот данок. Прво во Ширмек, специјален логор, потоа во Дахау, каде што добил тифус и поради тоа четиринаесет дена бил во бесвесна состојба. Подоцна бил користен за медицински експерименти. Од Дахау го испратиле во Матхаузен, логор за уништување полош од Дахау, каде што морал тешко да работи и бил тепан, а го нападнале и полициски кучиња. Но, преживеал и на крајот повторно беше дома.
Кога имав 17 години, стапив во полновремената служба како проповедник на Јеховините сведоци, а потоа отидов во Гилеад во Соединетите Држави, школа за мисионери на Watch Tower Society. Во светската централа на Друштвото го сретнав Макс Либстер, германски Евреин кој станал Јеховин сведок во еден од Хитлеровите концентрациони логори. Се венчавме во 1956 и, со помош на нашиот Бог, Јехова, сѐ уште сме во полновремената служба како специјални пионери овде во Франција.
Како само се исполнија зборовите на мама што ги кажа во својата молитва за мене пред толку многу години кога мораше да ме остави во казнено-поправниот дом: „Те преколнувам, о Јехова, помогни ѝ на мојата малечка да остане верна!“
До денешен ден, Јехова го направи токму тоа! (Раскажала Симона Арнолд Либстер).
[Слика на страница 18]
Симона Арнолд Либстер и нејзиниот сопруг, Макс Либстер