Нацистите не можеа да ме сменат
Раскажала Хермине Лиска
МОЕТО безгрижно детство нагло беше прекинато во 1938 год., кога Адолф Хитлер и неговата нацистичка партија дојдоа на власт во мојата родна земја, Австрија. Веќе по кратко време од мене и од моите соученици се бараше да го изговараме поздравот „Хајл Хитлер“, да пееме нацистички песни и да се приклучиме на Хитлеровата младина. Јас решително одбив да го правам сето тоа. Да ви објаснам зошто.
Израснав со четворица постари браќа, во земјоделско семејство во Санкт Валбурген (Каринтија, Австрија). Моите родители се викаа Јохан и Елизабет Обвегер. Во 1925 год., татко ми станал Бибелфоршер, односно Истражувач на Библијата, како што се нарекуваа Јеховините сведоци во тоа време. Мајка ми се крсти во 1937 год. Уште од малечка ме поучуваа за библиските начела и ми помагаа да го засакам Бог и сѐ што тој создал. На пример, ми помогнаа да сфатам дека не е исправно на човек да му се оддава чест до степен на обожавање. Исус Христос рекол: „Јехова, својот Бог, обожавај го и само нему служи му!“ (Лука 4:8).
Мајка ми и татко ми беа многу гостољубиви. Често имавме гости, а со нашето седумчлено семејство живееја и приличен број наемни работници. Многу пеевме — што и ден-денес е обичај во Каринтија — и често водевме интересни разговори на теми од Библијата. Уште со радост се присетувам на неделните утра кога сите ќе седневме на масата во дневната соба за да ја проучуваме Библијата.
Од слобода во страв
Германија ја анектираше Австрија кратко пред да наполнам осум години. Оттогаш се вршеше сѐ посилен притисок да се прават работите онака како што налагаше нацистичката партија, и наскоро од сите граѓани се очекуваше да се поздравуваат едни со други со „Хајл Хитлер“. Јас одбив да го правам тоа затоа што на германски јазик „хајл“ значи „спасение“, а сигурно дека немаше да му го припишам спасението на Хитлер! Знаев дека Исус Христос е мојот спасител (Дела 4:12). Поради ваквиот став, со мене постојано се подбиваа и наставниците и учениците. Кога имав 11 години, директорот на основното училиште во кое одев ми рече: „Хермине, ќе те вратам во прво одделение. Не можам да трпам такво тврдоглаво дете во мојот клас!“
Поради тоа што и јас и моите браќа решително одбивавме да го користиме поздравот „Хајл Хитлер“, татко ми мораше да оди на суд. Таму побараа да потпише документ дека се откажува од својата вера. Во документот беше наведено и дека ќе ги воспитува децата во склад со нацистичката идеологија. Тој одби да потпише и затоа на моите родители им беше одземено старателството над нас, а јас бев испратена во еден поправен дом оддалечен околу 40 километри.
Набрзо ме фати тешка носталгија, и затоа многу плачев. Во исто време, управничката на домот постојано се обидуваше да ме присили да ѝ се придружам на Хитлеровата младина, но залудно. Некои од девојките пробаа да ми ја држат десната рака во знак на поздрав на нацистичкото знаме, но не им успеа. Се чувствував исто како Божјите слуги од старо време, кои рекле: „Во никој случај нема да го оставиме Јехова за да им служиме на други богови!“ (Исус Навин 24:16).
На родителите им беше забрането да ме посетуваат. Сепак, тие наоѓаа начини тајно да се видиме додека одев и додека бев на училиште. Тие кратки средби многу ме охрабрија да му останам верна на Јехова. Во една таква прилика татко ми ми даде малечка Библија, која внимателно ја скрив во мојот кревет. Колку ми беше убаво кога ја читав, иако морав скришум да го правам тоа! Еднаш за малку ќе ме фатеа, ама успеав во последен момент да ја пикнам Библијата под ќебето.
Ме праќаат во манастир
Бидејќи им пропаднаа сите обиди да ме превоспитаат, надлежните почнаа да се сомневаат дека сѐ уште сум под влијание на моите родители. Затоа, во септември 1942 год., со воз ме испратија во Минхен (Германија), каде што ме ставија во католичкото училиште Аделгунден, кое воедно беше и манастир. За време на преселбата калуѓерките ми ја видоа Библијата и ми ја одзедоа.
Но, јас бев решена да им останам верна на своите верувања и одбив да присуствувам на црковните служби. Кога ѝ кажав на една од калуѓерките дека моите родители ми читаа од Библијата секоја недела наутро, нејзината реакција ме изненади. Ми ја врати Библијата! Очигледно, она што го реков ја допре до срце. Дури и ми дозволуваше да ѝ читам од Библијата.
Во една прилика, една наставничка ми рече: „Хермине, ти си русокоса и имаш сини очи. Ти си Германка, а не Еврејка. Јехова е Бог на Евреите“.
„Но, Јехова создал сѐ. Тој нѐ создал сите нас!“, ѝ одговорив.
И директорот се обиде да ме стави под притисок. Во една прилика ми рече: „Еден од твоите браќа ѝ се приклучил на војската. Угледај се на него!“ Знаев дека еден од моите браќа го направил тоа, но ни на крај памет не ми паѓаше да го следам неговиот пример.
„Јас не сум следбеник на мојот брат“, одговорив. „Јас сум следбеник на Исус Христос.“ Тогаш директорот ми се закани дека ќе ме испрати на психијатрија, па дури и ѝ рече на една од калуѓерките да ме однесе таму. Но, сепак не ја спроведе својата закана.
Летото 1943 год., Минхен беше бомбардиран и децата од Аделгунден беа префрлени во внатрешноста на земјата. Во текот на тој период често се присетував на зборовите на мајка ми: „Ако некогаш се разделиме, па дури и да не ги добиваш моите писма, запомни дека Јехова и Исус ќе бидат со тебе. Тие никогаш нема да те остават. Затоа продолжи да се молиш“.
Дозвола да се вратам дома
Во март 1944 год., повторно ме вратија во Аделгунден, каде што речиси нон-стоп, и дење и ноќе, бевме во засолниште затоа што Минхен беше мета на постојани воздушни напади. За сето тоа време моите родители редовно поднесуваа барање да им бидам вратена. Нивното барање конечно беше одобрено и, кон крајот од април 1944 год., пристигнав дома.
Кога се збогував со директорот, тој ми рече: „Пиши ни кога ќе стигнеш дома, Хермине. И остани таква каква што си“. Каква промена во ставот! Подоцна слушнав дека, кратко откако си заминав оттаму, при едно бомбардирање загинале девет девојчиња и три калуѓерки. Колку е ужасна војната!
Од друга страна, бев среќна што повторно бев со своето семејство. Во мај 1944 год., додека војната и понатаму беснееше, се крстив во една када како симбол на мојот завет дека ќе му служам на Јехова. Кога во 1945 год. заврши војната, почнав со полновремена служба затоа што горев од желба да им ја кажувам на другите добрата вест за Божјето Царство, единствената надеж за траен мир и сигурност за човештвото (Матеј 6:9, 10).
Во 1950 год. се запознав со Ерик Лиска, млад Јеховин сведок од Виена (Австрија), кој служеше како патувачки проповедник. Во 1952 год. се венчавме и кратко време го придружував Ерик додека ги посетуваше собранијата за духовно да ги зајакнува.
Првото дете ни се роди во 1953 год., а по него добивме уште две. Поради сѐ поголемите обврски, прекинавме со полновремената служба и му се посветивме на семејството. Добро знаев дека, ако останеме блиски со Бог, тој нема никогаш да нѐ разочара, туку ќе ни дава сила. И навистина, никогаш не ме разочара. А неговата заштита и утеха ги чувствувам особено по смртта на мојот сакан сопруг во 2002 год.
Кога размислувам за мојот живот, чувствувам огромна благодарност кон моите родители затоа што, уште додека бев млада, во срцето ми всадија љубов кон Бог и кон неговата Реч, Библијата, изворот на вистинската мудрост (2. Тимотеј 3:16, 17). Но, најголема благодарност чувствувам кон Јехова, кој продолжува да ми дава сила да се борам со животните предизвици.
[Истакната мисла на страница 19]
„Јас не сум следбеник на мојот брат... јас сум следбеник на Исус Христос“
[Слика на страница 19]
Со моето семејство на нашиот имот во Санкт Валбурген
[Слики на страница 19]
Моите родители, Елизабет и Јохан Обвегер
[Извор на слика]
Двете слики: Foto Hammerschlag
[Слика на страница 20]
Со мојот сопруг, Ерик