Верата на испит во нацистичка Европа
РАСКАЖАЛ АНТОН ЛЕТОЊА
На 12 март 1938, трупите на Хитлер ја преминаа австриската граница. На радио трештеа маршеви и политички слогани. Мојата татковина, Австрија,
ја преплави бран на патриотизам.
ПО ОСВОЈУВАЊЕТО од страна на Хитлер, луѓето во Австрија беа многу возбудени. Мнозина се надеваа дека неговиот „Илјадагодишен рајх“ ќе им стави крај на сиромаштијата и невработеноста. Дури и католичките свештеници, зафатени со патриотскиот жар што ја обзеде целата нација, отпоздравуваа со Хитлеровиот поздрав.
Иако бев момче на само 19 години, не паднав под влијание на ветувањата на Хитлер. Не верував дека некоја човечка влада ќе може да ги реши проблемите на човештвото.
Ги учам библиските вистини
Роден сум на 19 април 1919 во Донавиц (Австрија), како трето и најмало дете во фамилијата. Татко ми беше трудољубив копач на јаглен. Во 1923 ја одведе нашата фамилија во Франција, каде што најде работа во рударското гратче Лиевин. Поради своите политички убедувања тој беше многу претпазлив во врска со религијата, но мајка ми беше побожен католик. Нѐ воспита нас, децата, да веруваме во Бог, и секоја вечер се молеше со нас. Со текот на времето татко ми ја изгуби довербата во религијата до тој степен што ѝ забрани на мајка ми да оди в црква.
Кон крајот на 1920-тите го запознавме Винценц Платајс, кого го викавме Винко, младич со југословенско потекло. Тој беше во контакт со Библиските студенти, како што тогаш беа познати Јеховините сведоци. Кратко потоа, еден од Библиските студенти почна да ја посетува нашата фамилија. Бидејќи татко ми ѝ имаше забрането на мајка ми да оди в црква, таа го праша Винко дали е можно Бог да се обожава дома. Тој посочи на Дела 17:24, каде што стои дека Бог „не живее во храмови изградени со рака“, и објасни дека е исправно да се обожава Бог дома. Таа беше задоволна со одговорот и почна да присуствува на состаноците во домовите на Библиските студенти.
Татко ми инсистираше таа да престане со тие глупости, како што велеше тој. За да нѐ спречи да се дружиме со Библиските студенти, настојуваше сите да одиме на миса во неделите! Бидејќи мајка ми упорно одбиваше да оди, татко ми беше решен јас да служам како министрант. Иако мајка ми ги почитуваше ваквите желби на татко ми, таа продолжи да ги всадува библиските начела во моето срце и мисли, и да ме зема со себе на состаноците на Библиските студенти.
Во 1928, Винко и сестра ми Јозефина — или Пепи, како што ја викавме ние — го симболизираа своето предание на Јехова со крштавање во вода. Подоцна се венчаа. Следната година, во Лиевин се роди нивната ќерка, Фини. По три години беа повикани да започнат со полновремена служба во Југославија, каде што делото на Сведоците беше забрането. И покрај многуте тешкотии, нивната радост и ревност во Јеховината служба не згаснаа. Поради нивниот добар пример, во мене се роди желба да станам полновремен министер.
Духовен раст
За жал, поради своите несогласувања нашите родители се разведоа во 1932. Се вратив во Австрија со мајка ми, а мојот постар брат, Вилхелм (Вили), остана во Франција. Оттогаш немав многу контакти со татко ми. Тој задржа негативен став кон нас сѐ до својата смрт.
Мајка ми и јас се населивме во Гамлиц, село во Австрија. Бидејќи во близина немаше ниедно собрание, таа редовно разговараше со мене на темел на библиските публикации. За среќа, двапати месечно Едуард Вохинц со велосипед доаѓаше кај нас дури од Грац — речиси 100 километри во еден правец — за да ни даде духовно охрабрување.
Кога започна Хитлеровото владеење на терор во 1938, брат Вохинц беше уапсен. Многу бевме погодени кога дознавме дека бил задушен со гас во еден институт за еутаназија во Линц. Неговата извонредна вера нѐ зајакна да продолжиме верно да му служиме на Јехова.
1938 — судбоносна година
Делото на Сведоците во Австрија беше забрането во 1935. Кога трупите на Хитлер навлегоа во Австрија во 1938, стана премногу ризично да ја извршуваме нашата служба. Соседите знаеја дека мајка ми и јас сме Јеховини сведоци па затоа одлучивме да не им паѓаме в очи. Почнав дури и да спијам во една штала за да им биде потешко на нацистите да ме фатат.
Во почетокот на 1938 завршив со основното образование и почнав да работам во една пекарница. Бидејќи одбивав да речам „Хајл Хитлер“ или да станам член на организацијата Хитлерова младина, ме отпуштија од работа. Но, бев решен повеќе од кога и да е порано да го симболизирам моето предание на Јехова со крштавање во вода.
Мајка ми и јас се крстивме на 8 април 1938. Една ноќ, заедно со уште седдумина други се состанавме во една осамена колиба во шумата. По говорот за крштавање, на секои десет минути еден од нас се упатуваше кон пералницата одејќи по една тесна патека. Таму се крстивме во едно бетонско корито.
На 10 април 1938 беа одржани наместени избори во врска со присоединувањето на Австрија кон Германија. Низ целата земја на плакати беше испишан повикот „Да — за Хитлер!“ Од мајка ми и од мене не се бараше да гласаме бидејќи, по нашиот долг престој во Франција, немавме државјанство — околност што подоцна ми го спаси животот. Франц Ганстер од Клагенфурт, во јужна Австрија, редовно ни носеше Стражарска кула. Така можевме да црпиме духовна сила од Божјата реч пред да почне да беснее II светска војна.
Брат ми, Вили
Вили, кој беше 4 години постар од мене, не комуницираше со нас уште откако заминавме од Франција девет години пред тоа. Иако мајка ми како мал го поучуваше за Библијата, тој беше заслепен и веруваше дека клучот за славна иднина лежи во политичката програма на Хитлер. Во мај 1940, еден француски суд го осуди Вили на две години затвор поради неговите илегални активности како нацист. Но, набрзо беше пуштен, кога германските трупи навлегоа во Франција. Тогаш ни испрати разгледница од Париз. Се израдувавме кога дознавме дека сѐ уште е жив, но бевме шокирани поради она што станало од него!
Додека траеше војната, Вили можеше често да нѐ посетува затоа што беше на добар глас меѓу Есесовците (Шуцштафел, Хитлеровата елитна гарда). Беше воодушевен од воените успеси на Хитлер. Речиси секогаш кога ќе се обидев да му го свртам вниманието на нашата библиска надеж, тој ќе речеше: „Глупости! Види го Хитлеровиот блицкриг. Наскоро Германците ќе станат господари на светот!“
За време на едно отсуство на Вили, во февруари 1942, му ја дадов книгата Enemies (Непријатели), издадена од Јеховините сведоци. На мое големо изненадување, тој ја прочита во еден здив. Почна да му станува јасно дека режимот на Хитлер е осуден на пропаст. Сфати дека поддржувал еден нечовечен систем и реши неодложно да ја исправи својата грешка.
Вили зазема став за библиската вистина
Кога нѐ посети следниот месец, Вили беше сосема друг човек. Ми рече: „Антон, сум тргнал на погрешен пат!“
„Вили“, му реков, „малку доцна го сфаќаш тоа.“
„Не“, ми одговори, „не е предоцна! Библијата вели да ‚правиш што имаш да правиш додека си жив‘, а фала му на Бога, јас сѐ уште сум жив!“ (Проповедник 9:10).
„И сега, што мислиш да правиш?“, го прашав.
„Па, нема да продолжам да служам како војник“, ми одговори. „Ќе ги прекинам врските со нацистите и ќе видиме што ќе се случи.“
Веднаш тргна за Загреб за да ја посети уште еднаш сестра ни, Пепи. Откако некое време одел на состаноците на Сведоците, кои беа забранети, се крсти во тајност. Конечно, загубениот син се врати! (Лука 15:11—24).
За да им избега на нацистите од Франција, Вили се обиде да премине во Швајцарија. Меѓутоа германската воена полиција го фати. Беше изведен пред воен суд во Берлин, и на 27 јули 1942 беше осуден на смрт за дезертерство. Ми дозволија да го посетам во воениот затвор Берлин-Тегел. Ме одведоа во едно мало сопче каде што по кратко време влезе и Вили, врзан за еден чувар. Очите ми се наполнија со солзи кога го видов таков. Не ни дозволија да се прегрнеме и имавме само 20 минути за да се збогуваме.
Вили ги забележа моите солзи и рече: „Зошто плачеш, Антон? Треба да бидеш среќен! Колку сум му благодарен на Јехова што ми помогна повторно да ја најдам вистината! Да умрев за Хитлер, немаше да имам надеж. Но, тоа што ќе умрам за Јехова значи дека сигурно ќе воскреснам и дека пак ќе се видиме!“
Во своето проштално писмо, Вили ни напиша: „Нашиот драг Бог, кому му служам, ми дава сѐ што ми треба и сигурно ќе биде покрај мене до крај за да можам да истраам и да бидам победник. Пак ќе ви повторам, бидете уверени дека не жалам за ништо и дека останувам цврст во Господ!“
Следниот ден, 2 септември 1942, Вили беше погубен во затворот Бранденбург, во близина на Берлин. Имаше само 27 години. Неговиот пример сведочи за вистинитоста на зборовите од Филипјаните 4:13: „За сѐ имам сила со помош на оној кој ми дава моќ“.
Винко останува верен до смрт
Германската војска навлезе во Југославија во 1941, поради што Пепи и нејзиниот сопруг, Винко, како и нивната 12-годишна ќерка, Фини, беа принудени да се вратат во Австрија. Во тоа време, повеќето Сведоци во Австрија беа интернирани во затвори или во концентрациони логори. Бидејќи немаа државјанство — со други зборови, не беа германски државјани — Пепи со фамилијата беше пратена на принудна работа на една фарма во јужна Австрија, во близина на нашиот дом.
Подоцна, на 26 август 1943, Гестапо (нацистичката тајна полиција) го уапси Винко. Кога Фини се обиде да се поздрави со татка си, шефот на полицијата толку силно ја удри што таа летна низ собата. Гестапо често го распрашуваше и брутално го тепаше Винко, а потоа беше одведен во затворот Штаделхајм во Минхен.
На 6 октомври 1943, полицијата ме уапси на моето работно место, па и јас бев одведен во затворот Штаделхајм, каде што беше и Винко. Бидејќи течно зборував француски, ме користеа како преведувач за француските воени затвореници. Додека минував низ затворскиот комплекс, имав прилика да разменувам новости со Винко.
На крајот, Винко беше осуден на смрт. Беше обвинет дека ги снабдува Сведоците со библиска литература и дека финансиски им помага на жените Сведоци чии мажи беа во концентрациони логори. Тој беше префрлен во истиот затвор во близина на Берлин каде што го погубија Вили. На 9 октомври 1944, му беше отсечена главата.
Последната средба на Винко со неговата фамилија беше многу болна и трогателна. Тој беше во окови и претепан, а поради оковите му беше тешко да ги прегрне. Фини имаше 14 години кога за последен пат го виде татка си. Сѐ уште се сеќава на неговите последни зборови: „Грижи се за мајка ти, Фини!“
Откако умре татко ѝ, Фини ја оттргнаа од мајка ѝ и ја сместија во една нацистичка фамилија што се обиде да ја превоспита. Честопати брутално ја тепаа. Кога руските трупи навлегоа во Австрија, ја застрелаа германската фамилија што толку ја малтретираше. Членовите на таа фамилија ги сметаа за закоравени нацисти.
По војната, сестра ми продолжи со полновремената служба. Заедно со својот втор сопруг, Ханс Форстер, служеше во швајцарската подружница на Јеховините сведоци сѐ до својата смрт во 1998. Фини ги следеше стапките на своите родители и сега му служи на вистинскиот Бог, Јехова, во Швајцарија.
Конечно слобода!
Во почетокот на 1945, една од зградите што беа бомбардирани беше и нашиот затвор во Минхен. Градот беше во урнатини. Имав поминато 18 месеци в затвор кога конечно дојде денот да бидам сослушан пред судија. Датумот се паѓаше токму две седмици пред официјалното завршување на војната, на 8 мај 1945. За време на сослушувањето ме прашаа: „Дали си спремен да вршиш воена служба?“
„На еден затвореник не му е дозволено да носи униформа или да рече ‚Хајл Хитлер‘ “, одговорив. Кога ме прашаа дали ќе бидам спремен да служам во германската војска, реков: „Ве молам, дајте ми ги документите за регрутација и потоа ќе ви кажам што одлучив!“
По неколку дена војната заврши и ми рекоа дека сум слободен. Кратко потоа се преселив во Грац, каде што беше организирано мало собрание од 35 Сведоци. Сега во подрачјето на Грац напредуваат осум собранија.
Помошничка полна со љубов
Кратко откако заврши војната ја запознав Хелене Дунст, млада учителка што била член на нацистичката партија. Сите нејзини илузии за нацизмот беа разбиени. При нашиот прв разговор, таа праша: „Како тоа само вие знаете дека Божјето име е Јехова, а другите не знаат?“
„Повеќето луѓе не ја истражуваат Библијата“, одговорив. Потоа ѝ го покажав Божјето име во Библијата.
„Ако Библијата вели дека Божјето име е Јехова, тогаш треба на сите да им го кажеме тоа!“, извикна таа. Хелене почна да ги проповеда библиските вистини, и по една година го симболизираше своето предание на Јехова со крштавање во вода. Се венчавме на 5 јуни 1948.
На 1 април 1953, станавме полновремени министри на Јеховините сведоци. По некое време бевме повикани да присуствуваме на 31. клас на библиската школа Гилеад на Watchtower, сместена во близина на Саут Ленсинг (Њујорк). Таму уживавме во вистинско пријатно дружење со други студенти од 64 земји.
По дипломирањето, повторно бевме доделени во Австрија. Во текот на неколку години имавме задача да ги посетуваме собранијата за да ги зајакнуваме духовно. Потоа бевме повикани да служиме во канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Луксембург. Подоцна бевме замолени да се префрлиме во канцеларијата на подружницата во Австрија, која се наоѓа во Виена. Во 1972, додека служевме таму, почнавме да учиме српскохрватски јазик за да им сведочиме на многуте југословенски работници што беа доселени во Виена. Сега во Виена има осум југословенски собранија, кои се составени од луѓе од речиси сите делови на Европа!
На 27 август 2001, Хелене заспа во смртен сон. Таа ми беше сигурна и скапоцена помошничка и другарка во текот на нашите 53 години среќен брак. Сега надежта во воскресение ми е уште подрага.
Задоволен со Божјата љубов
И покрај трагедиите што ги доживеав, останувам задоволен со мојата работа во канцеларијата на подружницата во Австрија. Неодамна имав предност да раскажувам лични искуства во поврзаност со изложбата „Заборавените жртви на нацистичкиот режим“. Од 1997 оваа изложба помина низ 70 австриски градови давајќи им можност на преживеаните очевидци од нацистичките затвори и концентрациони логори да раскажат за верата и храброста што ги покажале вистинските христијани наспроти нацистичкото прогонство.
Сметам дека е предност што лично ги запознав таквите верни лица. Тие служат како впечатливо сведоштво за вистинитоста на зборовите од Римјаните 8:38, 39: „Ниту смртта, ниту животот, ниту ангелите, ниту владите, ниту она што е сега, ниту она што ќе дојде, ниту силите, ниту височината, ниту длабочината, ниту кое и да е друго создание не ќе може да нѐ одвои од Божјата љубов која е во Христос Исус, нашиот Господ“.
[Слика на страница 17]
Нашата фамилија во 1939 (од лево на десно): јас, Пепи, татко ми, Вили, мајка ми и Винко
[Слика на страница 18]
Брат ми Вили, кратко пред да биде погубен
[Слика на страница 19]
Винко и јас бевме заедно во затворот Штаделхајм (Минхен)
[Слики на страница 19]
Фини, ќерката на Винко, беше сместена кај една брутална нацистичка фамилија; до ден-денес е верна
[Слика на страница 20]
Хелене ми беше скапоцена другарка во текот на нашиот брак што траеше 53 години
[Слика на страница 20]
Зборувам на изложбата „Заборавените жртви на нацистичкиот режим“