Како можеме да ги заштитиме нашите деца?
„Немој никому да кажуваш. Тоа ќе остане наша тајна.“
„Никој нема да ти верува.“
„Ако кажеш, родителите ќе те мразат. Ќе знаат дека е твоја вина.“
„Не сакаш повеќе да ми бидеш посебен пријател?“
„Зарем сакаш да одам в затвор?“
„Ќе ти ги убијам родителите ако кажеш.“
ОТКАКО ќе ги искористат децата за задоволување на перверзни страсти, откако ќе ги лишат од нивната сигурност и чувство на невиност, силувачите на деца сакаат уште нешто од своите жртви — ДА МОЛЧАТ. За да го осигураат тоа молчење, тие користат срам, тајност, па дури и директен терор. На тој начин децата се лишени од своето најдобро оружје против силувањето — волјата да зборуваат, да се отворат и да побараат заштита од некој возрасен.
За жал, општеството на возрасни често несвесно соработува со силувачите на деца. Како? Така што не сакаат да ја признаат оваа опасност, поддржуваат еден таинствен став во врска со тоа и им веруваат на често повторуваните митови. Незнаењето, погрешната информираност и молчењето служат како заштита за силувачите, а не за нивните жртви.
На пример, Канадската конференција на католичките бискупи неодамна заклучи дека „општиот заговор на молчење“ овозможил ужасното злоупотребување на деца меѓу католичкото свештенство да трае со децении. Кога известувало за раширеноста на чумата од инцест, списанието Time го навело и „заговорот на молчење“ како фактор кој „само помага да се овековечи трагедијата“ во семејствата.
Меѓутоа, Time навел дека овој заговор конечно се руши. Зошто? Со еден збор, образованието. Во списанието Asiaweek пишувало: „Сите стручњаци се согласуваат со тоа дека најдобрата одбрана против злоупотребата на деца е јавната свесност“. За да ги заштитат своите деца, родителите мораат да ги сфатат реалностите на заканата. Немојте да бидете во незнаење поради погрешните сфаќања кои ги штитат силувачите на деца, а не децата. (Види ја рамката долу.)
Воспитувајте го вашето дете!
Мудриот цар Соломон на својот син му кажал дека спознанието, мудроста и мисловната способност можат да го заштитат „од лошиот пат, од човекот кој зборува изопачени работи“ (Изреки 2:10-12, НС). Зарем тоа не е токму она што им е потребно на децата? Брошурата на FBI под наслов Child Molesters: A Behavioral Analysis под насловот „Идеалната жртва“, го кажува следново: „За повеќето деца сексуалните односи се табу тема за која добиваат малку точни информации, особено од своите родители“. Не дозволувајте вашите деца да бидат „идеални жртви“. Поучувајте ги за сексуалните односи.a На пример, ниедно дете не треба да достигне пубертет а да не биде свесно за тоа како телото ќе се промени во тој период. Незнаењето ќе ги збуни, посрами и направи ранливи.
Една жена, која ќе ја наречеме Џанет, била сексуално злоупотребена како дете и, со години подоцна, нејзините сопствени две деца исто така биле сексуално малтретирани. Таа се присеќава: „Кога растевме, никогаш не зборувавме за сексуалните односи. Затоа пораснав збунета во врска со тоа. Тоа беше нешто срамотно. И истото беше кога јас имав деца. На туѓите деца можев да им зборувам, но не на сопствените. Мислам дека тоа не е здраво бидејќи децата се ранливи ако не им зборуваш за тие работи“.
Уште рано може да се научи како да се спречи злоупотребата. Кога ги учите децата како се викаат деловите на телото како вагината, градите, анусот, пенисот, кажете им дека овие места се добри, тие се нешто посебно — но дека се интимни. „Другите луѓе не смеат нив да ги допираат — дури ни мама ни тато — па дури ни лекар, освен ако мамо или тато се тука или ако рекле дека е тоа во ред.“b Во идеални околности, таквите изјави треба да доаѓаат од обата родитела или од секој возрасен старател.
Во книгата The Safe Child Book, Шерил Крајзер забележува дека иако децата треба да се чувствуваат слободни да го игнорираат, да викаат или да бегаат од силувачот, многу деца кои се злоупотребувани подоцна објаснуваат дека не сакале да бидат непристојни. Затоа децата треба да знаат дека некои возрасни прават лоши работи и дека дури и дете не мора да послуша било кој што ќе му каже да направи нешто погрешно. Во такви прилики детето има потполно право да каже не, како што Даниел и неговите другари им кажале на вавилонските возрасни кои ги терале да јадат нечиста храна (Даниил 1:4, 8; 3:16-18).
Една нашироко препорачана метода на поучување е играта „Што ќе направиш ако . . .?“ Би можеле на пример да прашате: „Што ќе направиш ако учителот ти каже да удриш некое друго дете?“ Или: „Што ќе направиш ако (мама, тато, свештеник, полицаец) ти каже да скокнеш од висока зграда?“ Одговорот на детето можеби е недоволен или е едноставно погрешен, но немој на груб начин да го исправаш. Играта не мора да вклучува шокови или тактика на заплашување; всушност, стручњаците препорачуваат да се игра на еден нежен, љубезен, па дури и разигран начин.
Потоа, научете ги децата да одбијат изрази на наклоност кои се неприкладни или кои предизвикуваат тие да се чувствуваат неугодно. На пример, прашајте: „Што ќе направиш ако пријател на мама и тато сака да те бакне на начин кој прави да се чувствуваш чудно?“c Честопати е најдобро да го охрабрите детето да го одглуми она што тој или таа би го направила, и да биде тоа игра „Ајде да се преправаме“.
На ист начин, децата можат да научат да се спротивставуваат на други тактики на силеџиите. Би можеле, на пример, да прашате: „Што ќе направиш ако некој каже: ‚Знаеш дека ти си ми најомилен. Сакаш ли да ми бидеш пријател?‘“ Кога детето ќе научи да се спротивставува на такви работи, тогаш разговарајте за други. Би можеле да прашате: „Ако некој каже: ‚Не сакаш да ме налутиш нели?‘ Што би рекол ти?” Покажете му на детето како да каже „Не“ преку зборови и јасни и одлучни гестови и движења на телото. Запомнете, насилниците често испитуваат како децата реагираат на префинети пристапи. Затоа, детето мора да се научи одлучно да се спротивстави и да каже: „Ќе те кажам“.
Бидете темелни во вашето поучување
Немојте таквото поучување да го ограничувате на само еден разговор. На децата им е потребно повеќе повторување. Користете го сопственото расудување за да одредите колку јасно треба да биде поучувањето. Но сепак бидете темелни.
На пример, внимавајте да спречите било каков обид од страна на насилникот да склучи таен договор со детето. Децата треба да знаат дека никогаш не е добро некој возрасен да бара да кријат од било кој родител. Повеќе пати уверете ги дека секогаш е исправно да кажуваат — дури и ако ветиле дека нема да кажат. (Спореди 4. Мојсеева 30:12, 16.) Некои насилници ги уценуваат децата ако знаат дека тие биле непослушни спрема некое семејно правило. „Нема да те кажам ако не ме кажеш ти мене“ е пораката. Затоа децата треба да знаат дека родителите никогаш нема да им се лутат ако кажат, па дури и под такви околности. Нема да им штети ако кажат.
Вашето поучување треба да ги подготви децата на закани. Некои силеџии убивале мали животни пред детето и се заканувале дека ќе им го направат истото на родителите на тоа дете. Други, пак, ја преупредиле жртвата дека ќе ги малтретираат помалите браќа или сестри. Затоа, научете ги децата дека секогаш треба да го кажат силеџијата, без разлика колку се страшни заканите.
Библијата може да биде корисно средство во овој поглед. Затоа што толку живописно ја истакнува Јеховината семоќна сила, таа може да ја намали јачината на заканите на насилникот. Децата треба да знаат дека, без оглед на заканите, Јехова е во можност да му помогне на својот народ (Даниел 3:8-30, ДК). Дури и кога лошите луѓе ги повредуваат оние кои Јехова ги љуби, тој секогаш може подоцна да ја надомести штетата и повторно да ги поправи работите (Јов, поглавја 1, 2; 42:10-17; Исаија 65:17). Уверете ги дека Јехова сѐ гледа, па и луѓето кои прават лоши работи како и добрите луѓе кои го даваат најдоброто од себе за да им се спротивстават. (Спореди Евреите 4:13.)
Претпазливи како змии
Малку педофиличари користат физичка сила за да малтретираат деца. Обично повеќе сакаат прво да се спријателат со децата. Затоа е прикладен Исусовиот совет да се биде ‚претпазлив како змија‘ (Матеј 10:16, НС). Доброто надгледување од страна на љубезните родители е една од најдобрите заштити од злоупотреба. Некои насилници бараат деца кои се сами на јавни места и започнуваат разговор за да ја разгорат неговата љубопитност. („Сакаш ли мотори?“ „Дојди и види ги кутрињата во мојот камион.“) Вистина, не можете да бидете со вашите деца во секое време. И стручњаците за згрижување на децата признаваат дека на децата им е потребна одредена слобода на движење. Но мудрите родители се претпазливи на децата да не им даваат премногу слобода прерано.
Погрижете се добро да ги запознаете возрасните или постарите младинци кои се блиски со вашите деца, и бидете посебно претпазливи кога одлучувате кој треба да се грижи за нив во ваше отсуство. Бидете претпазливи од бебиситери кои вашите деца ги прават да се чувствуваат чудно или неугодно. Исто така, внимавајте на тинејџери кои изгледа дека имаат прекумерен интерес за помали деца, а немаат пријатели на своја возраст. Темелно испитајте ги институциите за дневен престој и училиштата. Разгледајте ги сите простории и разговарајте со персоналот, и внимателно набљудувајте како се однесуваат со децата. Прашајте ги дали ќе им смета ако навратите да ги видите вашите деца во неочекувани прилики. Ако тоа не е дозволено, побарајте други места. (Видете Разбудете се! од 8. декември 1987, страници 3-11, англ.)
Но, за жал, дури и најдобрите родители не можат да контролираат сѐ што им се случува на нивните деца (Проповедник 9:11).
Ако родителите меѓусебно соработуваат, постои нешто што можат да го контролираат: домашната средина. А бидејќи домот е местото каде што најчесто се случува злоупотреба на деца, тоа ќе биде централна тема на следната статија.
[Фусноти]
a Види Разбудете се! од 22. февруари 1992, страници 3-11, и 8. јули 1992, страница 30 (англ.).
b Се разбира, родителите мораат да ги капат и преоблекуваат децата когасе многу мали, и во такви прилики родителите ги мијат интимните делови. Но научете ги вашите деца самите да се капат доволно рано; некои стручњаци за нега на деца препорачуваат, ако е можно, да се научат да си ги мијат сопствените интимни делови од тригодишна возраст.
c Некои стручњаци предупредуваат дека, ако детето го присилувате да бакнува или гушка секого кој ќе замоли за такви изрази на наклоност, би можеле да го ослабите тоа поучување. Затоа, некои родители ги поучуваат децата учтиво да се оддалечат или на друг начин да се изговорат кога од нив се бара да направат нешто што не сакаат.
[Рамка на страница 7]
Викал за помош
„НАПАД на силувач прекинат со повик до Јехова“, гласела насловната страница во американскиот весник The Arizona Republic од 5. мај 1993. Наводниот силеџија го грабнал 13-годишното момче, заканувајќи се дека ќе пука во него, и го однел во својот стан. Кога момчето извикало: „Јехова, помогни ми!“ силеџијата се потресол и го пуштил да си оди. Полицијата подоцна го уапсила тој човек.
Да се вика по Јеховиното име под такви околности секако е прикладно, но тоа не значи дека Божјите слуги ќе бидат ослободени од напади во овие критични ‚последни денови‘ (2. Тимотеј 3:1-5, 13). Затоа, христијанските родители треба своите деца да ги поучуваат да бидат претпазливи со сите непознати, без оглед на тоа каков авторитет имаат.
[Слика на страница 8]
Поучете ги децата да користат зборови, како и јасни и одлучни гестови и движења на телото за да се спротивстават на непристојни обиди на приближување