Планините — ремек-дела на создавањето
АНДИТЕ, Каскадите, Хималаите, Карпестите планини, Алпите и Урал — тоа се само некои од планините на планетата Земја. Огромната величина на овие планини може да ви го запре здивот.
Замислете дека стоите пред Монт Еверест. Тој претставува еден извонреден примерок со висина од 8.848 метри — споменик од 8,8 километри! А овој врв е само еден мал дел од величествените Хималаи. Со преку 70 врвови, од кои секој достигнува зачудувачка висина од 6.400 метри, овој планински венец е двапати поголем од Алпите во Европа!
Единствени животни зони
Повеќето планини имаат разновидни животни зони, или средини, најмногу затоа што температурата паѓа за околу 1,8 степени Целзиусови на секои 300 метри височина. Исто така, секоја зона е единствена поради разликите во дождот, почвата и ветерот.
Пример за разновидноста на таквите средини се врвовите на Сан Франциско во Аризона (САД). Тие се највисоките планини во државата. Ако почнете од подножјето на планините кај висорамнината Коконино и се искачите на еден од врвовите на Сан Франциско, прво ќе забележите една еколошка заедница од гуштери и кактуси кои живеат во пустински услови. Постепено ќе навлегувате во постудени животни зони, погодни за планински кози и смреки. На крајот ќе стигнете до арктичко-алпските услови на врвот. Со само едно вакво искачување можете да наидете на иста разноликост на животни облици и средини кои обично би ги нашле само кога би патувале во внатрешноста, близу до морското ниво од Мексико до Канада!
Дали сте го доживеале освежувачкото чувство да вдишувате остар и свеж планински воздух? Ниската температура на воздухот е една причина за таквото чувство. Но таму каде што нема градови во близина, планинскиот воздух може исто така да биде појасен и почист. На секој кубен сантиметар воздух на висина од 2.000 метри, може да има само 2.500 ситни честици прав, полен и слични супстанции. Споредете го тоа со воздухот во големите градови, каде што можат да се најдат дури до 150.000 такви честици во истиот износ од воздушен простор! Тоа објаснува зошто модерните опсерватории често се градат на планини каде што чистиот и сув воздух дава идеални услови за астрономски набљудувања.
Се разбира, планините не се толку гостопримливи на поголеми височини каде што опаѓаат атмосферскиот притисок и нивото на кислородот, се зголемува сончевата радијација, а јаките ветрови предизвикуваат стрмоглаво опаѓање на температурите. Чудно е тоа што, дури и под такви околности, некои животни облици сепак жилаво растат. Земете го за пример ситниот пајак од фамилијата салтисид, или пајак скокач. Овој планински жител се чувствува како дома на Хималаите, на височина од преку 6.000 метри! На научниците сѐ уште не им е сосема јасно како преживува ова суштество.
Влијание врз човекот
Планините имаат влијание врз целото човештво. На пример, погледнете една карта на светот. Забележете како Пиринеите, со врвови од преку 3.000 метри, ја делат Шпанија од Франција и од останатиот дел на Европа. Исто така ќе забележите дека многу други политички граници се повлечени долж масивни планински венци. Овие неподвижни граници го ограничиле патувањето и трговијата меѓу народите со различни јазици и обичаи. Според тоа, присуството на планините веројатно имало модифицирачко влијание врз обликот и големината на земјата во која живеете, врз јазикот што го зборувате, како и врз обичаите во вашата земја.
Високите планини исто така ја спречуваат циркулацијата на ветерот. Тоа може да има влијание врз циклусот на дождот, снегот, ветерот и температурата. А тоа, пак, влијае врз разновидната исхрана што ја уживате, врз видот на облеката што ја носите, па дури можеби и врз градежниот план на вашиот дом.
На пример, Кунлун, Тианшан, Хиндукуш, Хималаите и други планински венци во Централна Азија се протегаат од исток кон запад. Овие тивки џинови ги спречуваат ладните, суви ветрови да се спуштат од Сибир и ги попречуваат топлите, влажни ветрови да надојдат од Индискиот Океан. Затоа, на север постои сосема поинаква клима од онаа која преовладува на југ од тие планини, а тоа влијае врз животот на милиони луѓе.
Загрозена околина?
Изненадува тоа што човештвото ја уништува убавината и величественоста на планините. Рисот и мечката, кои некогаш се шетале по Алпите, сега ги нема поради неконтролираното ловење. Поради сечење на шумите, од многу планински падини е избришан еден скапоцен површински слој на почвата. Индустриското загадување и масовниот туризам исто така имаат огромно влијание врз деликатната еколошка рамнотежа на некои планински предели.
За среќа, планините претставуваат трајно обележје на пејзажот на Земјата. (Спореди 1. Мојсеева 49:26.) Вреден за забележување е фактот што Библијата ја споредува претстојната влада на новиот свет со една планина. Исполнувајќи ја Земјата, оваа влада слична на планина ќе ја поправи секоја штета што ѝ е нанесена на планетата (Даниил 2:35, 44, 45). Со тоа имаме гаранција дека засекогаш ќе уживаме во овие ремек-дела на создавањето.
[Слика на страници 24 и 25]
Мон Блан (Франција), 4.807 метри
[Извор на слика]
M. Thonig/H. Armstrong Roberts
[Слика на страница 26]
Планината Фуџи (Јапонија), 3.776 метри
[Извор на слика]
A. Tovy/H. Armstrong Roberts