ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g04 8/6 стр. 10-13
  • Да се живее над облаците

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Да се живее над облаците
  • Разбудете се! 2004
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Што може да се очекува
  • Зошто височината влијае врз Вашето тело
  • Мудри мерки на претпазливост
  • Животот во височините
  • Проблеми со возилата и со готвењето
  • Планините — ремек-дела на создавањето
    Разбудете се! 1995
  • Опасност на високи планини — лекување на висинска болест
    Разбудете се! 2010
  • Килиманџаро — кровот на Африка
    Разбудете се! 1997
  • Високи згради сѐ уште се подигаат во Азија
    Разбудете се! 2002
Разбудете се! 2004
g04 8/6 стр. 10-13

Да се живее над облаците

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО БОЛИВИЈА

ЗА МНОГУ луѓе планините се привлечно место за годишен одмор бидејќи нудат можност да се ужива во самотија, во величествени глетки и во пешачење, планинарење и скијање. Освен тоа, милиони си живеат во долини и на висорамнини што се наоѓаат повисоко од многу облаци. Меѓутоа, таквите височини можат да имаат чуден ефект врз здравјето на луѓето, како и врз возилата и готвењето. Зошто се јавуваат вакви проблеми и како може да се излезе на крај со нив? Пред сѐ, дали навистина толку многу луѓе живеат високо на планините?

Многу планински предели станале економски развиени зони. Милионите жители на Мексико Сити живеат на надморска височина од преку 2.000 метри. Денвер (Колорадо, САД); Најроби (Кенија); и Јоханесбург (Јужна Африка) се наоѓаат на височина од преку 1.500 метри. Милиони луѓе на Хималаите живеат на места повисоки од 3.000 метри. На Андите, неколку големи градови се сместени на надморска височина од преку 3.300 метри, а луѓето работат во рудници на височина од 6.000 метри. Со оглед на тоа што толку многу луѓе живеат во планинските краеви, стана многу важно да се дознае како човечкото тело се приспособува на животот таму. Она што беше откриено може да Ви го продлабочи ценењето за чудесниот начин на кој е конструирано Вашето тело.

Што може да се очекува

Она што го чувствувал Даг кога пристигнал на високите Анди е сосема вообичаено. Тој вели: „Додека ги носев куферите на аеродромот, одеднаш ми се сврте во главата и за малку ќе се онесвестев. Иако тоа брзо ми помина, првата седмица или две имав главоболки и не можев добро да спијам. Се будев нагло и имав чувство дека ќе се задушам. Следните два месеца немав речиси никаков апетит, лесно се уморував и имав потреба повеќе да спијам“. Кети додава: „Порано си мислев дека луѓето само измислуваат кога велат дека имаат проблеми од височината. Сега знам дека не е така“.

Називот што докторите му го дале на проблемот со спиењето кој го имал Даг е периодично дишење. Тоа е вообичаена појава кај луѓето кои штотуку пристигнале на поголема надморска височина. Но, ако тоа Ви се случи Вам, можеби Вие ќе му дадете назив — страшно. Одвреме навреме, додека спиете, можеби дословно ќе престанете да дишете неколку секунди. Затоа понекогаш ненадејно ќе се разбудите, борејќи се да дојдете до здив.

Некои луѓе немаат никакви проблеми кога ќе се качат на големи надморски височини. Кај извесен број луѓе се јавуваат непријатни реакции на височина од 2.000 метри, како и кај половина од оние што првпат ќе се искачат на 3.000 метри. Интересно е тоа што дури и кај луѓето што живеат на големи височини честопати се јавуваат исти реакции откако ќе се вратат дома само седмица или две по престојот во пониските предели. Зошто?

Зошто височината влијае врз Вашето тело

Повеќето проблеми ги предизвикува недостигот на кислород. Бидејќи атмосферскиот притисок опаѓа колку повисоко се качувате, на надморска височина од 2.000 метри дадено количество воздух содржи околу 20 проценти помалку кислород, а на 4.000 метри воздухот содржи 40 проценти помалку кислород. Недостигот на кислород влијае врз повеќето телесни функции. Мускулите не можат да вршат потешка работа, нервниот систем не може да поднесе поголем стрес, а дигестивниот систем не може добро да ги свари мастите. Во нормални услови, кога на телото му треба повеќе кислород, автоматски дишете подлабоко и така ја задоволувате потребата. Но, зошто не се случува истото и кога ќе се најдете на голема надморска височина?

Начинот на кој телото го регулира дишењето е чудо што сѐ уште не може целосно да се разбере. Но, кога се напрегате, недостигот на кислород не е единствената причина што Ве тера да почнете длабоко да дишете. Изгледа дека во ваков случај клучниот фактор што предизвикува да дишете подлабоко и почесто е зголемената концентрација на јаглерод диоксид во крвта, кој се ослободува при активноста на мускулите. Точно е дека дишете подлабоко кога сте на поголема височина, но тоа не е доволно за да се надомести постојаниот недостиг на кислород.

Зошто се јавуваат главоболки? Еден говорник на Првиот светски конгрес за медицина и физиологија на големи височини, одржан во Ла Паз (Боливија), објасни дека многу симптоми на висинската болест се резултат на тоа што се насобира течност во мозокот. Кај некои луѓе тоа предизвикува притисок во главата. Изгледа дека, поради големината на черепот, кај некои луѓе не се јавуваат тие симптоми. Сепак, во ретки случаи, може да се појави и некое заболување што може да го загрози животот. Губењето на контролата над мускулите, замаглениот вид, халуцинациите и збрката во главата се знаци што предупредуваат дека веднаш треба да побарате медицинска помош и да се спуштите на помала надморска височина.

Мудри мерки на претпазливост

Последиците од големите височини најмногу се чувствуваат вториот или третиот ден, па затоа е најдобро неколку дена пред и по пристигнувањето да земате само лесни оброци, особено навечер. Откако ќе пристигнете, треба да јадете јагленохидрати, како што се ориз, овес и компири, а не храна богата со маснотии. Треба да обрнете внимание на советот: „Појадокот изеди го сам, ручекот подели го со пријателот, а вечерата дај му ја на непријателот“. Исто така, избегнувајте физички напор, бидејќи тоа може да предизвика изразени симптоми на висинска болест. Најчесто од неа се погодени младите, можеби затоа што тие обично го занемаруваат овој совет.

Друг добар совет е да носите шешир и да се намачкате со дебел слој заштитен крем бидејќи атмосферата е поретка и не може да Ве заштити од опасните сончеви зраци. Тие зраци можат да ги иритираат, па дури и да ги оштетат очите; затоа, користете добри очила за сонце. Исто така, реткиот планински воздух ги суши солзите, а тоа придонесува за поголема иритација на очите. Се советува да пиете многу течности.

Лекарите ги предупредуваат луѓето што имаат проблеми со прекумерна тежина или што имаат заболувања како што е висок крвен притисок, анемија на српести клетки или, пак, проблеми со срцето или со белите дробови, да одат на детален лекарски преглед пред да решат да заминат на патување над облаците.a Ако имате јака настинка, бронхит или пневмонија, ќе биде мудро да го одложите патувањето, бидејќи големата височина во комбинација со инфекција на дишните патишта или голем физички напор понекогаш може да предизвика опасно насобирање на течност во белите дробови. Респираторните заболувања можат да предизвикаат недостиг на кислород и сериозни здравствени проблеми дури и кај оние што цел живот го поминале на високо. Од друга страна, пак, на астматичарите честопати им е подобро кога се на повисоко. Всушност, на Првиот светски конгрес за медицина и физиологија на големи височини, група руски лекари известиле дека пациентите со извесни заболувања се праќаат на терапија во клиники на големи височини.

Животот во височините

Нема потреба да се плашите да живеете на големи височини. Всушност, некои високи предели како што се планините на Кавказ се познати по големиот број жители што доживеале необично длабока старост. Исто така, некои луѓе со години живеат на многу големи височини. Еден читател на Разбудете се! од Андите раскажува: „Во текот на 13 години живеев и работев во рудник на височина од 6.000 метри, во близина на врвот на еден вулкан. Беше многу напорно да се кршат блокови сулфур со голем чекан. Сепак, на крајот на денот, игравме фудбал!“ Човечкото тело е обдарено со толку извонредна способност да се приспособува на нови услови што се восхитуваме на мудроста на Творецот. На кој начин Вашето тело се справува со недостигот на кислород на големи височини?

Првата реакција на организмот кога ќе се најде на голема височина е да ја забрза работата на срцето и на белите дробови. Потоа, крвта губи дел од плазмата и со тоа се зголемува концентрацијата на црвени крвни клетки, кои го пренесуваат кислородот. За кратко време во мозокот доаѓа повеќе крв затоа што таму има најголема потреба. И само за неколку часа, во коскената срцевина веќе почнуваат да се создаваат додатни црвени крвни клетки кои врзуваат повеќе кислород од оние што се создаваат на пониски надморски височини. Сето ова значи дека, иако можеби ќе Ви требаат месеци за целосно да се привикнете на големата надморска височина, чукањето на срцето и дишењето можат да се вратат во нормала за само неколку дена.

Проблеми со возилата и со готвењето

Меѓутоа, Вашето тело не е единственото што страда затоа што нема доволно кислород. И Вашето возило ќе биде тромаво. Иако автомеханичарот може да го приспособи составот на горивото и да ја забрза точката на палење, моторот сепак ќе има помалку сила. Но, што се случува во кујната?

Сплескан колач, ронлив леб, грав што никако не може да се свари и премногу меко сварено јајце се само некои проблеми што можат да ја доведат готвачката до солзи. Зошто се случува сето тоа, и што можете да направите?

Кулинарските неуспеси се уште почести и позабележливи кога треба да печете нешто. Поради понискиот воздушен притисок, гасовите што предизвикуваат тестото да нарасне се шират повеќе отколку да сте на нивото на морето. Малите меурчиња во тестото растат, и затоа добиениот производ се рони или, што е уште полошо, меурчињата можат да пукнат и тогаш колачот ќе се сплеска. Но, не е тешко да се реши овој проблем. Ако колачот се прави со пенливо матени јајца за тестото да нарасне, едноставно не ги матете толку многу. Или, пак, ако според рецептот треба да се стави квасец или прашок за печиво, ставете помалку. Во The New High Altitude Cookbook (Нов готвач за готвење на високо) се препорачува да се користи 25 проценти помалку квасец или прашок за печиво на височини од 600 метри и 75 проценти помало количество на височини од 2.000 метри.

Кога месите нешто со квасец, внимавајте тестото да не нарасне повеќе од двапати. Бидејќи јајцата се тие што го прават тестото цврсто, кога правите измени во своите рецепти за торта, користете поголеми јајца. Од друга страна, пак, со премногу шеќер се намалува цврстината, па затоа користете помалку шеќер бидејќи неговата концентрација во тестото се зголемува како резултат на испарувањето на водата поради нискиот воздушен притисок. Всушност, за повеќето рецепти е потребно повеќе течност затоа што реткиот, сув планински воздух ја одзема влагата од храната.

На поголеми височини речиси секое јадење треба да се готви малку подолго. На пример, јајцето треба да се вари една минута подолго на височина од 1.500 метри и три минути подолго на 3.000 метри. Ќе увидите дека експрес-лонец Ви е неопходен. Всушност, на поголеми височини, без него не ќе можете да сварите грав ниту грашок.

Затоа, не плашете се да патувате во високите предели. Можеби некое време лесно ќе се задишувате, тортата што ќе ја направите повеќе ќе личи на палачинка и Вашиот автомобил ќе се движи како некоја рахитична желка, но ако имате релативно добро здравје, веројатно тоа ќе биде возбудливо доживување.

[Фуснота]

a Некои лекари препишуваат ацетазоламид за да го стимулираат дишењето на многу голема надморска височина. Се рекламираат и други лекарства за висински болести, но не ги препорачуваат сите лекари.

[Графикон/слики на страници 12 и 13]

(Види во публикацијата)

Некои високи градови и планини во светот

—9.000 метри—

Монт Еверест (Непал и Кина)

8.850 метри

—7.500 метри—

—6.000 метри—

Килиманџаро (Танзанија)

5.895 метри

Ауканкилча (Чиле)

5.346 метри

Мон Блан (Франција)

4.807 метри

—4.500 метри—

Потоси (Боливија)

4.180 метри

Пуно (Перу)

3.826 метри

Фуџи (Јапонија)

3.776 метри

Ла Паз (Боливија)

3.625 метри

—3.000 метри—

Тронзо Зон (Бутан)

2.398 метри

Мексико Сити (Мексико)

2.239 метри

Планината Вашингтон

(Њу Хемпшир, Соединетите Држави)

1.917 метри

Најроби (Кенија)

1.675 метри

Денвер (Колорадо,

Соединетите Држави)

1.609 метри

—1.500 метри—

—ниво на морето—

[Слика на страница 10]

Ла Паз (Боливија) 3.625 метри

[Слика на страница 10]

Јоханесбург (Јужна Африка) 1.750 метри

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели