Опасност на високи планини — лекување на висинска болест
„Во Перу има многу висок планински венец познат како Париакака... Кога се искачив на највисокиот дел од тој венец, наречен Скалишта, речиси веднаш почувствував толку силна мачнина што ми дојде да се фрлам од седлото... По кратко време добив силни грчеви во желудникот и толку повраќав што мислев дека ќе [умрам]. Сигурен сум дека, ако тоа потраеше, навистина ќе умрев. Но, по 3-4 часа, откако успеавме да се симнеме од планината на многу пониска и поподнослива надморска височина, ми олесна“ (Хозе де Акоста, од книгата Natural and Moral History of the Indies).
ШПАНСКИОТ језуит Хозе де Акоста го имал ова непријатно доживување при крајот на 16 век, додека се качувал на планинскиот венец Париакака, кој е дел од перуанските Анди. Во тоа време, ваквите симптоми им се припишувале или на отровните гасови кои се ослободуваат од минералите на планината или на здивот на пакосните богови. Според денешните сознанија, Акоста имал типични симптоми на висинска болест, позната и како планинска болест.
Воздухот, кој на повисока надморска височина е сиромашен со кислород, ги предизвикува овие симптоми. На вакви места, атмосферскиот притисок е понизок, поради што белите дробови не добиваат доволно кислород.a
Симптомите на висинската болест се јавуваат околу четири часа откако лицето ќе се искачи на поголема височина и може да потраат од еден до четири дена. Во тој период, намаленото количество на кислород во крвта го поттикнува организмот да создава повеќе црвени крвни зрнца, кои по извесно време ќе можат да го снабдат телото со повеќе кислород.
Меѓутоа, ако некој пребрзо се искачи на поголема надморска височина или ако премногу се напрега не дозволувајќи му на телото да се привикне на новите услови, може да му се насоберат течности во белите дробови и околу мозокот. Ако не се преземе нешто, ова може да доведе и до смрт.
Како да избегнеш висинска болест
Патниците и алпинистите испробале различни методи за да ја избегнат и да ја лекуваат висинската болест. Еве неколку од нив:
● Немој да патуваш на места со поголема надморска височина ако имаш анемија или проблеми со дишењето.
● За лекување или спречување на симптомите на висинската болест се препорачуваат диуретици, антиинфламаторни лекови и други лекарства. Разговарај за ова со твојот лекар.
● Најдобриот лек против висинската болест е да се спуштиш на помала надморска височина. Ако е можно, додека се симнуваш, добро заштити се од студот, а потоа одмори се.
Планинските венци и висорамнини претставуваат едни од највеличествените глетки на планетата (Псалм 148:9, 13). Ако преземеш соодветни мерки додека патуваш, ќе можеш без проблеми да уживаш во убавините на творештвото.
[Фуснота]
a Повеќето луѓе можат да се искачат на надморска височина до 2.400 метри без никакви последици по здравјето.
[Истакната мисла на страница 20]
Симптомите на висинската болест се јавуваат околу четири часа откако лицето ќе се искачи на поголема височина и може да потраат од еден до четири дена
[Истакната мисла на страница 20]
Најдобар лек против висинска болест е да се спуштиш на помала надморска височина