Предвидувања за крајот на светот
„Илјадници години пророците на темнината предвидувале дека на светот наскоро ќе му дојде крајот“ (Premonitions: A Leap Into the Future — Претчувства: Скок во иднината).
ВО 1033 година, само 1.000 години по смртта на Христос, жителите на Бургундија (Франција) биле многу исплашени затоа што се предвидувало таа година светот да биде уништен. Исчекувањата за уништување се зголемиле кога се случиле необично голем број опустошувачки бури со грмотевици и немилосрдна глад. Огромни мноштва се вклучиле во јавни манифестации на каење.
Неколку децении пред тоа, кога се приближувала илјадата година од Христовото раѓање (според тогашната прифатена хронологија), многу луѓе верувале дека е близу крајот на светот. Се вели дека уметничката и културната активност во европските манастири речиси престанала. Во својата книга Astrology and Prediction (Астрологија и предвидувања), Ерик Расел забележал: „,Согледувањето дека сега се приближува крајот на светот‘, беше доста вообичаена фраза во тестаментите што биле напишани во втората половина од десеттиот век“.
Мартин Лутер, кој ја започнал Протестантската реформација во XVI век, предвидувал дека крајот на светот требало да дојде во негово време. Според еден авторитет, тој навел: „Што се однесува до мене, сигурен сум дека судниот ден е многу блиску“. Еден друг писател објаснил: „Поврзувајќи ги историските настани со библиските пророштва, Лутер можел да ја објави близината на конечната катаклизма“.
Во XIX век, Вилијам Милер, на кого обично му се припишува основањето на Адвентистичката црква, предвидувал дека Христос ќе се врати некаде помеѓу март 1843 и март 1844 година. Како резултат на тоа, некои луѓе тогаш очекувале да бидат земени на небото.
Во поново време, една религија која потекнува од Украина, а е наречена Големото бело братство, предвидувала дека крајот на светот ќе дојде на 14 ноември 1993 година. Во САД, еден радио-евангелист, Харолд Кампинг, рекол дека крајот на светот ќе дојде во септември 1994 година. Очигледно, тие предвидувани датуми за крајот на светот биле погрешни.
Дали тоа предизвикало луѓето повеќе да не веруваат дека на светот ќе му дојде крајот? Напротив. „Приближувањето на новиот милениум во 2.000-та година“, забележал U.S.News and World Report (Новински и светски извештај на САД) од 19 декември 1994 година, „му дава замав на еден куп пророштва за судниот ден.“ Списанието известило дека „скоро 60 отсто од Американците мислат дека на светот ќе му дојде крајот во одредено време во иднината; скоро третина од тие луѓе мислат дека тоа ќе се случи за неколку децении“.
Зошто имало толку многу претскажувања во врска со крајот на светот? Дали постои оправдана причина да се верува дека тој ќе пропадне?