Како можеш да живееш вечно
ПОРАДИ тоа што е очигледно дека човечкото тело има потенцијал за многу подолг живот отколку што луѓето денес имаат, некои за да откријат како можеме вечно да живееме ја ставаат својата доверба во науката. „Додека стекнуваме покомплетно спознание за хемиските материи на телото и како тие меѓусебно делуваат“, напишал д-р Алвин Силверстајн, „ќе ја одгатнеме суштината на животот. Ќе разбереме . . . како човекот старее.“
Со какви резултати? Тоа ќе доведе до „една нова ера во историјата на човекот“, рекол Силверстајн. „Повеќе нема да има ‚стари‘ луѓе бидејќи спознанието што ќе доведе до победа над смртта ќе донесе и вечна младост.“
Дали луѓето ќе го постигнат тоа? „Не надевајте се на кнезовите и на синовите човечки, во нив нема спасение“, поттикнува Библијата. „Излегува духот негов, и тој се враќа во земјата своја: во тој ден исчезнуваат сите негови помисли“ (Псалм 145:3, 4). Луѓето не биле во можност точно да ја одредат, а камоли да ја исправат, вродената грешка што доведува до стареење и до смрт, токму како што видовме. Само нашиот Творец може да го стори тоа.
Сепак, дали навистина Божјата намера е луѓето засекогаш да живеат на Земјата?
Божја намера
Каде ја поставил Јехова Бог првата човечка двојка да живее? Во земски рај. Им било наредено да ‚се плодат и да се множат и да ја наполнат земјата, и да господарат над неа‘ (1. Мојсеева 1:28). Да, Божјата намера била со текот на времето целата Земја да биде населена со праведна човечка фамилија која ќе живее заедно во мир и среќа (Исаија 45:18).
Иако на Адам му била изречена смртна казна поради неговата непослушност, Божјата првобитна намера — луѓето да живеат засекогаш во Рајот на Земјата – не се променила (1. Мојсеева 3:17-19). „Јас реков“, вели Бог, „и ќе го направам“ (Исаија 46:11; 55:11). Бог покажал дека неговата намера во врска со Земјата не се изменила, кога рекол: „Праведниците ќе ја наследат земјата и ќе живеат на неа вечно“ (Псалм 36:29).
Како наш Творец, Бог е во состојба да го поправи дефектот кој предизвикува луѓето да стареат и да умираат. Врз која основа може да го направи тоа? Поради тоа што дефектот бил наследен од првиот човек Адам, Бог обезбедил откупна жртва преку совршениот човечки живот на својот Син, Исус Христос, „та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“ (Јован 3:16; Матеј 20:28)
Според тоа, Исус Христос, всушност, го заменува првобитниот Адам како наш татко или животодавец. Затоа во Библијата Исус е наречен „последниот Адам“ (1. Коринтјаните 15:45). Од таа причина, наместо да бидат осудени да умрат како деца на грешникот Адам, послушните луѓе можат да бидат сметани за достојни да добијат вечен живот како деца на нивниот „Вечен Татко“, Исус Христос (Исаија 9:6, НС).
Се разбира, „Царот на вековите“ и „Отецот на нашиот Господ Исус Христос“ е Јехова Бог (1. Тимотеј 1:17; Откровение 15:3, НС; Колосјаните 1:3). Но, покрај тоа што Исус Христос е даден да биде наш „Вечен Татко“ и „Спасител“, тој исто така е и „Кнез на мирот“ (Лука 2:11). Како претставник на неговиот Татко, Христос ќе спроведува кнежевска власт за да донесе мир на Земјата (Псалм 71:1-8; 109:1, 2; Евреите 1:3, 4).
Под владата на Исус Христос, земскиот Рај кој бил изгубен повторно ќе биде воспоставен. Тоа ќе се случи, рекол Исус, „при повторното раѓање [создавање, НС], кога Синот Човечки ќе седне на престолот на славата Своја“ (Матеј 19:28). Верни следбеници на Христос — вкупно 144.000 — ќе владеат со него над Рајската Земја (2. Тимотеј 2:11, 12; Откровение 5:10; 14:1, 3). Милиони луѓе ќе извлечат корист од таа праведна влада така што ќе уживаат во животот на рајската Земја. Меѓу нив ќе се наоѓа и криминалецот кој умрел покрај Исус и на кого Исус му ветил: „Ќе бидеш со Мене во рајот!“ (Лука 23:43).
Значи, дури и неправедните мртви луѓе ќе бидат воскреснати и ќе им биде дадена прилика да ги исполнат барањата за вечен живот на Земјата (Дела 24:15). Библијата на еден прекрасен начин го опишува отстранувањето на болеста, стареењето и смртта, кога вели: „Сам Бог ќе биде со нив — нивни Бог. И ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина“ (Откровение 21:3, 4).
Како да се живее вечно
Сигурно и ти сакаш да бидеш меѓу оние кои ќе ја поседуваат Земјата и засекогаш ќе живеат на неа. Ако е така, тогаш мораш да ги исполнуваш барањата за вечно живеење во Рајот. Во молитва до својот небесен Татко, Исус Христос изјавил едно основно барање, велејќи: „А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исуса Христа“ (Јован 17:3).
Јеховините сведоци со задоволство ќе ти помогнат да го стекнеш тоа животодајно спознание. Едноставно замоли ги, а тие бесплатно ќе те посетат во некое погодно време и ќе дискутираат за тоа дека Бог има намера човештвото да го издигне до духовно и телесно совршенство. Биди сигурен дека нашиот семоќен Творец е потполно способен да ја поправи вродената мана која предизвикува стареење и смрт. Времето доаѓа и близу е, кога животот нема повеќе да биде толку краток. Јехова ќе го благослови својот народ со „живот вечен“ (Псалм 132:3).
[Слика на страница 10]
Под Христовата кнежевска власт, стареењето и смртта ќе бидат победени