1. поглавје
Вечниот живот не е само сон
1, 2. Зошто е тешко да се верува дека луѓето можат да живеат засекогаш среќно на Земјата?
СРЕЌНО да се живее на Земјата — изгледа невозможно дури ни за кратко време. Болестите, староста, гладот, криминалот — да споменеме само неколку проблеми — често го прават животот несреќен. Затоа можеби си мислиш: ’Да се зборува за вечен живот во рај на Земјата значи да се затворат очите пред реалноста. Тоа е само губење време. Вечниот живот е само сон.‘
2 Без сомнение, повеќето луѓе би се согласиле со тебе. Тогаш, зошто ние можеме да бидеме толку сигурни дека ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата? Зошто можеме да веруваме дека вечниот живот не е само сон?
ЗОШТО МОЖЕМЕ ДА ВЕРУВАМЕ?
3. Што покажува дека Бог сака луѓето да живеат среќно на Земјата?
3 Можеме да веруваме, затоа што врховната сила, Семоќниот Бог, ја опремил Земјата со сѐ што е потребно да ги задоволи нашите желби и потреби. Тој ја направил Земјата сосем совршена за нас! А луѓето ги создал така, да можат потполно да му се радуваат на животот во своето живеалиште на Земјата — и тоа засекогаш (Псалм 115:16, ДК).
4. Кое научно сознание покажува дека човекот е создаден да живее засекогаш?
4 Научниците одамна ја познаваат способноста на човековото тело да се регенерира. На зачудувачки начин клетките на телото по потреба се заменуваат или обновуваат. Се чини дека тој процес на регенерација би можел да продолжи во бесконечност. Но, тоа не се случува, и научниците не можат да објаснат зошто. Тие сѐ уште целосно не разбираат зошто старееме и велат дека во вистински услови луѓето би можеле засекогаш да живеат (Псалми 139:14).
5. Што вели Библијата за Божјата намера во врска со Земјата?
5 Но, дали навистина е Божја намера луѓето засекогаш да живеат среќно на Земјата? Ако е така, тогаш вечниот живот не е само желба или сон — тој ќе биде стварност! Што вели за тоа Библијата, книга која ни ги открива Божјите намери? Таа го означува Бог како ”Творец на Земјата“ и додава: ”Тој ја зацврстил и не ја создал попусто, туку ја оформил за живеење“ (Исаија 45:18, Ст).
6. а) Какви прилики денес владеат на Земјата? б) Дали Бог сакал да биде така?
6 Дали ти се чини дека денес Земјата е населена онака како што Бог имал намера? Навистина, луѓето живеат скоро во сите делови на Земјата. Но, дали живеат заедно како едно среќно обединето семејство, онака како што сакал нивниот Творец? Денешниот свет е разделен. Постои омраза, криминал, војни, милиони луѓе се гладни и болни. Други се оптоварени со секојдневни грижи за станбените проблеми, вработувањето и животните трошоци. Ниту една од овие работи не е на чест на Творецот. Очигледно, животот на Земјата не е онаков како што Семоќниот Бог првобитно имал намера.
7. Каква била Божјата намера со Земјата кога ја создал првата човечка двојка?
7 Откако ја создал првата човечка двојка, Бог ја сместил во рајот на Земјата. Тој сакал засекогаш да му се радуваат на животот на Земјата. Неговата намера била луѓето да го прошират својот рај по целата Земја. Ова се гледа од упатството кое им го дал: ”Бидете плодни, и намножете се и наполнете ја Земјата и потчинете ја“ (1. Мојсеева 1:28, NW). Да, Бог имал намера, со текот на времето целата Земја да биде потчинета на праведното човечко семејство, кое заедно ќе живее во мир и среќа.
8. Зошто можеме да бидеме сигурни дека Бог не ја променил својата првобитна намера со Земјата, иако првите луѓе биле непослушни?
8 Иако првата човечка двојка му била непослушна на Бог и така се покажала недостојна да живее засекогаш, Божјата првобитна намера не се изменила. Таа мора да се исполни! (Исаија 55:11). Библијата ветува: ”Праведниците ќе ја поседуваат Земјата и засекогаш ќе живеат на неа“ (Псалми 37:29, NW). Често пати, Библијата кажува за Божјите подготовки да им даде вечен живот на луѓето кои му служат (Јован 3:14-16, 36; Исаија 25:8; Откровение 21:3, 4).
КАДЕ САКА ЧОВЕКОТ ДА ЖИВЕЕ?
9. а) Каква нормална желба има човекот? б) Што значи кога во Библијата се вели: ’Бог им ја ставил во срцето и мислата за вечност‘?
9 Навистина можеме да бидеме среќни што Божјата намера е да живееме засекогаш. Размисли: ако би морал да го избереш денот на својата смрт, кој ден би го избрал? Не можеш да се одлучиш ниту за еден датум, зар не? Не сакаш да умреш, а тоа не го сака ниту еден човек кој има просечно здравје. Бог нѐ создал со желба да живееме, а не со желба да умреме. За начинот на кој Бог ги создал луѓето Библијата вели: ”Тој им ја ставил во срцето и мислата за вечност“ (Проповедник 3:11, Ба). Што значи тоа? Тоа значи дека луѓето обично имаат желба да живеат засекогаш. Од таа причина луѓето одамна почнале да бараат начин да останат вечно млади.
10. а) Каде човекот природно сака да живее? б) Зошто можеме да бидеме сигурни дека Бог ќе ни овозможи засекогаш да живееме на Земјата?
10 Каде луѓето обично сакаат да живеат? Таму кадешто навикнале да живеат, овде на Земјата. Човекот бил создаден за Земјата, а Земјата за човекот (1. Мојсеева 2:8, 9, 15). Библијата вели: ”Тој [Бог] ја втемелил Земјата на нејзините цврсти места; за недогледно време или засекогаш нема да се поколеба“ (Псалми 104:5, NW). Како што Земјата е создадена за да постои засекогаш, така треба и човекот да живее засекогаш. Сигурно, љубезниот Бог не би ги создал луѓето со желба вечно да живеат, а да не овозможи да им се исполни таа желба (1. Јованово 4:8; Псалми 133:3).
КАКОВ ЖИВОТ САКАШ?
11. На кој начин покажува Библијата дека луѓето ќе живеат вечно во совршено здравје?
11 Погледни ја следнава страница. Каков живот водат овие луѓе? Дали би сакал да бидеш еден од нив? Се разбира, ќе речеш. Погледни само колку изгледаат здрави и млади! Дали би верувал ако некој ти рече дека овие луѓе се стари веќе илјада години? Библијата вели дека старите луѓе ќе се подмладат, болните ќе оздрават, а сакатите, слепите, глувите и немите ќе бидат излечени од своите телесни недостатоци. Додека живеел на Земјата, Исус Христос направил многубројни чуда, лечејќи ги болните. Со тоа покажал како во тоа прекрасно време, кое повеќе не е далеку, сите живи ќе постигнат совршено здравје (Јов 33:25; Исаија 33:24; 35:5, 6; Матеј 15:30, 31).
12. Какви услови можеме да видиме на илустрациите?
12 Погледај го ова прекрасно живеалиште! Како што ветил Христос, ова е навистина рај, сличен на оној кој првите луѓе го изгубиле поради непослушноста (Лука 23:43). Забележи го мирот и хармонијата кои владеат овде. Луѓе од сите раси — црни, бели, жолти — живеат заедно како семејство. Дури и животните се мирољубиви. Го гледаш ли детето како си игра со лавот? Но, тука не постои причина за вознемиреност. Творецот објаснил: ”Јарето ќе лежи со леопардот, а телето и младиот гривест лав и згоеното животно ќе бидат заедно; и малото дете ќе ги води. (...) Дури и лавот ќе јаде слама како бик. А доенчето сигурно ќе си игра над дувлото од кобрата“ (Исаија 11:6–9, NW).
13. Што повеќе нема да постои на Земјата, кога ќе се оствари Божјата намера?
13 Во рајот кој што Бог го предвидел за луѓето, ќе постојат сите услови за среќен живот. Земјата богато ќе роди добар род. Никој повеќе нема да гладува (Псалми 72:16; 67:6). Засекогаш ќе исчезнат војните, злосторствата, насилствата, дури и себичноста. (Псалми 46:8, 9; 37:9–11). Веруваш ли дека сево ова е можно?
14. Зошто мислиш дека Бог ќе ги прекине сите страдања?
14 Размисли: кога би имал моќ, зарем не би го прекинал сето она што ги предизвикува човечките страдања? Зарем не би создал услови по кои луѓето копнеат? Секако дека би го сторил! Токму тоа ќе го направи нашиот небесен Татко. Тој ќе ги задоволи сите наши потреби и желби, бидејќи во Псалми 145:16, (NW) за него читаме: ”Ти ја отвораш својата рака и ја задоволуваш желбата на сѐ живо“ (NW). Но, кога ќе го стори тоа?
БЛИЗУ СЕ ВЕЛИЧЕСТВЕНИТЕ БЛАГОСЛОВИ
15. а) Што ќе значи за Земјата крајот на светот? б) Што ќе значи тоа за злите луѓе? в) Што ќе значи за оние кои ја вршат Божјата волја?
15 Со цел да овозможи на Земјата величествени благослови, Бог ветил дека ќе го искорени злото заедно со оние кои го предизвикуваат. Истовремено, ќе ги заштити сите оние кои му служат, зашто Библијата вели: ”Светот поминува, исто така и неговата желба, но кој ја врши Божјата волја, останува засекогаш“ (1. Јованово 2:17, NW). Каква промена! Крајот на светот нема да значи и крај за нашата Земја. Исто како во времето на општиот потоп во Ноевите денови, тоа ќе значи само крај на злите луѓе и нивниот начин на живот. А оние кои му служат на Бог ќе го преживеат крајот и ќе продолжат да живеат на исчистената Земја, ослободени од сите оние кои им нанесувале страдања или ги угнетувале (Матеј 24:3, 37–39; Изреките 2:21, 22).
16. Кои настани се проречени за ”последните денови“?
16 Некој би можел да приговори: ”Состојбата не се подобрува, туку се влошува. Како можеме да бидеме сигурни дека таа величествена промена е близу?“ Исус Христос прорекол многу работи кои за неговите идни следбеници ќе бидат видлив знак дека дошло времето Бог да го предизвика крајот на светот. Исус рекол дека последните денови на овој систем ќе ги одбележат големи војни, оскудица на храна, страшни земјотреси, пораст на беззаконието и недостаток на љубов (Матеј 24:3–12). Рекол дека ќе се појави ”страв и трепет меѓу народите, кои нема да знаат за излез“ (Лука 21:25, NW). Библијата исто така прорекла дека ”во последните денови ќе настапат критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај“ (2. Тимотеј 3:1–5, NW). Зарем денес не владеат токму такви околности?
17. Што рекле за денешните настани луѓето кои размислуваат?
17 Многу луѓе кои ги проучуваат светските настани велат дека претстои голема промена. На пример, уредникот на Мајами Хералд, (САД), напишал: ”На темел на катастрофалните настани во изминатите неколку години, секој кој барем донекаде логично размислува, може да сфати дека светот стои пред пресвртница во историијата (...) Таа ќе го измени засекогаш начинот на кој луѓето живеат.“ Слично забележал американскиот писател Луис Мамфорд: ”Сосем е јасно дека цивилизацијата оди надолу. (...) Кога во минатото цивилизациите пропаѓале се работело за релативно локален феномен. (...) Но денес, кога светот е многу потесно поврзан преку средствата за комуникација, доколку се урне една цивилизација, пропаѓа цивилизацијата на целата планета.“
18. а) Што покажува денешната состојба во светот во поглед на иднината? б) Што ќе ги замени денешните влади?
18 Токму приликите кои владеат во денешниот свет, покажуваат дека е близу уништувањето на целокупниот систем. Да, Бог наскоро ќе ја исчисти Земјата од сите оние кои имаат намера да ја уништат (Откровение 11:18). Тој ќе ги отстрани сегашните влади за да направи место за својата праведна влада која ќе владее над целата Земја. Тоа е царската влада, за чие воспоставување Христос ги учел своите следбеници да се молат (Даниел 2:44; Матеј 6:9, 10).
19. Што мораме да правиме ако сакаме вечно да живееме?
19 Ако го сакаш животот и ако сакаш засекогаш да живееш на Земјата под Божјето владетелство, тогаш не губи време и што поскоро стекни точно спознание за Бог, неговите намери и барања. Во една молитва Исус Христос му рекол на Бог: ”Ова значи вечен живот, постојано да стекнуваат спознание за тебе, единствениот вистинит Бог, и оној, кого си го испратил, Исус Христос“ (Јован 17:3, NW). Колкава радост е да знаеме дека можеме вечно да живееме — дека тоа не е само сон! Но, за да ги уживаме прекрасните Божји благослови, мораме да учиме за непријателот кој сака да ни ги ускрати.
[Слика на страници 8 и 9]
Дали Бог сакал светот да изгледа вака?
[Слика на целата страница 11]