Живот во мирољубив нов свет
Какви чувства се будат во тебе додека ја гледаш оваа сцена? Зарем твоето срце не копнее по мир, среќа и благосостојба што се прикажани овде? Сигурно дека е така. Но, зарем не е само сон или фантазија да веруваме дека некогаш ќе постои ваква состојба на Земјата?
Повеќето луѓе веројатно размислуваат така. Денешната стварност се војни, злосторства, глад, болести, старост, да споменеме само некои од нив. Но сепак, постои причина за подобра надеж. Укажувајќи на иднината, Библијата ни кажува дека „според неговото [Божјето] ветување очекуваме нови небеса и нова земја, и во нив ќе престојува праведност“ (2. Петрово 3:13; Исаија 65:17).
Тоа „ново небо“ и „нова земја“, според Библијата, не е некое ново материјално небо или дословно нова Земја. Физичката Земја и небо се создадени совршено и Библијата покажува дека тие ќе останат засекогаш (Псалм 89:36, 37; 104:5). „Новата земја“ ќе биде праведното општество од луѓе кои ќе живеат на Земјата, а ‚новото небо‘ ќе биде совршеното небесно Царство, или влада, која ќе владее над земското човечко општество. Но, дали е реално да се верува дека е возможна ‚нова земја‘, или славен нов свет?
Па, да го земеме предвид фактот дека таквите идеални услови биле дел од Божјата првобитна намера со оваа планета. Тој ја сместил првата човечка двојка во земскиот рај во Еден. Им дал прекрасна задача: „Плодете се и множете се и наполнете ја земјата, и потчинете ја!“ (Битие 1:28). Да, Божјата намера била тие да имаат деца и конечно да го прошират својот рај по целата Земја. Иако подоцна тие одбрале непослушност спрема Бог, покажувајќи со тоа дека не се прикладни да живеат засекогаш, Божјата првобитна намера не се изменила. Таа мора да се исполни во новиот свет! (Исаија 55:11).
Всушност, кога ја изговараш Господовата молитва, или Оченаш, и кога молиш да дојде Божјето Царство, ти всушност молиш неговата небесна влада да ја исчисти Земјата од злото и да владее над новиот свет (Матеј 6:9). Можеме да имаме доверба во тоа дека Бог ќе одговори на таа молитва, зашто неговата Реч ветува: „Праведниците ќе ја наследат земјата и ќе живеат довека на неа“ (Псалм 37:29).
Живот во Божјиот нов свет
Божјето Царство ќе донесе неспоредливи земски благослови и ќе го оствари сето добро коешто Бог во почетокот го наменил за својот народ на Земјата. Омразата и предрасудите ќе исчезнат и конечно секој на Земјата ќе биде вистински пријател со секого. Бог во Библијата ветува дека тој ‚ќе ги прекрати војните до крајот на земја‘. „Нема повеќе народ да дига меч против народ, ниту ќе се учи веќе на војување“ (Псалм 46:9; Исаија 2:4).
Целата Земја конечно ќе биде доведена во рајска состојба слична на градина. Библијата вели: „Нека се зарадува пустината, исушената земја, нека воскликнува степата, нека расцвета лилјанот . . . Зашто во пустината ќе бликнат води, а во степата потоци, изгорената земја ќе стане езеро, а жедната почва — извори“ (Исаија 35:1, 6, 7).
Сигурно дека ќе има причини за среќа на рајската Земја. Никој повеќе нема да гладува. „Земјата сигурно ќе го даде својот род“, вели Библијата (Псалм 67:6, NW; 72:16). Сите ќе уживаат во плодовите од својот труд, како што ветува нашиот Творец: „Ќе садат лозја и ќе го уживаат нивниот плод . . . ниту ќе се сади за да уживаат други“ (Исаија 65:21, 22).
Во Божјиот нов свет луѓето нема повеќе да бидат напикани во големи облакодери или во бедни предградија, бидејќи Божјата намера е ваква: „Ќе градат куќи и ќе живеат во нив . . . Не ќе се гради веќе за да живеат други“. Библијата исто така ветува: „Не ќе се измачуваат напразно“ (Исаија 65:21—23). На тој начин луѓето ќе имаат продуктивна, задоволувачка работа. Животот нема да биде досаден.
Тогаш Божјето Царство ќе ги обнови дури и мирољубивите односи кои постоеле во Еденската градина помеѓу животните, како и помеѓу животните и луѓето. Библијата вели: „Волкот ќе живее со јагнето, рисот ќе лежи со јарето, телето и лавчето ќе пасат заедно, а мало детенце ќе ги води“ (Исаија 11:6—9; Осија 2:18).
Замисли си само, на рајската Земја ќе бидат излечени сите болести и телесни маани! Божјата реч ни гарантира: „И ниеден жител нема да рече: ‚Болен сум!‘“ (Исаија 33:24). „[Бог] ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ниту ќе има веќе тага ни пискот ни болка. Поранешните работи поминаа“ (Откровение 21:4).
Како можеш и ти да учествуваш
Твоето срце сигурно е трогнато од ветувањата кои ги дава Бог за живот во неговиот свет на праведност. И додека некои можеби сметаат дека остварувањето на ваквите благослови е предобро за да биде вистинито, нашиот Творец полн со љубов не мисли така (Псалм 145:16; Михеј 4:4).
Секако, постојат барања кои мораме да ги исполниме ако сакаме засекогаш да живееме во претстојниот рај на Земјата. Исус покажал во својата молитва до Бог кое е главното барање: „Ова значи вечен живот, да примаат спознание за тебе, единствениот вистински Бог, и за оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3).
Значи, ако навистина сакаме да живееме во Божјиот нов свет, најпрво мораме да ја спознаеме Божјата волја, а потоа да ја извршуваме. Зашто факт е дека овој „свет поминува, а и неговата желба, но оној кој ја врши Божјата волја останува засекогаш“ за да се радува на вечните благослови кои ќе ги излее нашиот сакан Творец (1. Јованово 2:17).
Доколку не е наведено поинаку, библиските стихови од Хебрејските списи се земени од преводот на Д-р/Д-р Душан Х. Константинов (ДХК), а од Грчките списи се земени од Превод Нов свет на Христијанските грчки списи. Кога после некој стих од Хебрејските списи стои кратенката NW, тоа значи дека е направен превод од англискиот New World Translation of the Holy Scriptures.