Лекарите научија нешто од мојата непосредна смрт
ВО СРЕДИНАТА на мај 1991 година, дознавме дека го очекуваме нашето четврто дете. Најмалиот, Микаел, имаше девет, а нашите ќерки близначки, Марија и Сара, имаа по 13 години. Иако ова бебе не беше планирано, наскоро се навикнавме на помислата дека ќе имаме уште едно бебе.
Една вечер во третиот месец од бременоста, почувствував ненадејна болка во едното белодробно крило. Следниот ден одвај можев да одам. Лекарката рече дека имам пневмонија и таа ми даде пеницилин. После неколку дена почнав да се чувствувам подобро, но бев доста слаба. Тогаш ненадејно добив болки во другото белодробно крило, па така беше повторена истата постапка.
Во текот на следните денови, не можев да лежам поради тешкотии при дишењето. Нешто повеќе од една седмица откако првпат добив болка, едната нога ми помодре и ми отече. Овојпат бев примена во болница. Лекарот ме информира дека болката во белите дробови не била поради пневмонија, туку поради коагулуми во крвта. Таа ми рече дека имам коагулум во крвта и во слабината. Дознав дека коагулуми во крвта се една од најчестите причини за смрт кај бремени жени во Шведска. После неколку дена бев префрлена во болницата Karolinska Sjukhuset во Стокхолм, која има посебна гинеколошка клиника за комплицирани бремености.
Лекарите одлучија да ми стават хепарин за разредување на крвта. Тие ме уверија дека опасноста од крвавење поради примање на хепарин е мала во споредба со ризикот да се создаде уште еден коагулум во белите дробови. После неколку седмици, бев во доволно добра состојба за да се вратам дома. Почувствував срдечна и горлива среќа што сум жива со живото мало бебенце кое растеше во мене.
Време за породување
Беше одлучено да се провоцира породувањето, но пред да се преземат чекори за да се започне постапката, почувствував силни болки во долниот абдомен. Така набрзина ме однесоа во болница. Меѓутоа, лекарите не можеа да откријат никаков проблем.
Следната вечер стомакот ми беше многу отечен, а болката не се намали. Во средината на ноќта, еден лекар ме прегледа и утврди дека имам породилни болки. Следното утро стомакот уште повеќе ми беше потечен, а болката беше неподнослива. Лекарот изгледаше загрижено и ме запраша кога последен пат сум ги почувствувала движењата на детето. Наеднаш сфатив дека долго време не сум ги почувствувала.
Веднаш ме однесоа во породилната сала. Оддалеку можев да го слушнам персоналот како зборува. „Таа одбива да прими трансфузија на крв“, некој рече. Потоа една болничарка се наведна над мене и гласно ми рече: „Знаете дека вашето дете е мртво, нели?“ Се почувствував како некој да ми прободел меч во срцето (Изреки 12:18).
Цврсто одбивање да примам крв
Наеднаш се појави мојот лекар и ми кажа дека мојата состојба е крајно сериозна. Тој ме запраша дали сѐ уште останувам при мојата одлука да не примам трансфузија на крв. Јас отсечно изјавив дека останувам, но не се сеќавам на многу работи после тоа. Меѓутоа, на мојот лекар многу јасно му дадов до знаење дека на христијаните им е заповедано да се воздржуваат од крв и дека сакам да бидам послушна на Божјиот закон (Дела 15:28, 29; 21:25).
Во меѓувреме, тие повикаа еден друг лекар, Барбо Ларсон, вешт хирург. Таа брзо пристигна и веднаш ме оперираше. Кога ми го отворија абдоменот, открија дека сум изгубила три литри крв преку внатрешно крвавење. Но д-р Ларсон ја почитуваше мојата одлука во врска со трансфузија на крв.
После тоа, еден друг лекар рече дека во прашање се само минути пред да умрам. „Не знам дали е сѐ уште жива во моментов“, наводно тврдел тој. Подоцна се дозна дека лекарите не можеле да го пронајдат изворот на крвавењето, и затоа ми ставиле облога во абдоменот. Лекарите и медицинските сестри немаа воопшто никаква надеж за моето преживување.
Кога моите деца дојдоа во болницата и дознаа за мојата состојба, едното од нив рече дека наскоро ќе дојде Армагедон и дека после тоа повторно ќе ме добијат во воскресението. Колку прекрасна и праведна подготовка е воскресението! (Јован 5:28, 29; 11:17-44; Дела 24:15; Откровение 21:3, 4).
Живот во неизвесност
Хемоглобинот ми се спушти на 4 грама на децилитар, но крвавењето како да престана. Порано, во мојата историја на болеста имав ставено еден примерок од списанието Разбудете се! од 22 ноември 1991. Д-р Ларсон го пронајде и го забележа насловот „Спречување и контролирање на крвавења без трансфузија на крв“. Таа нестрпливо го разгледа за да види дали има нешто што би можела да го користи за да преживеам. Очите ѝ паднале на зборот „еритропоетин“ — препарат што го стимулира телото да создава црвени крвни клетки. Таа сега го спроведе тоа. Но на лекот му треба време за да постигне резултати. Затоа, прашањето беше: Дали еритропоетинот ќе делува навреме?
Следниот ден нивото на хемоглобинот ми падна на 2,9. Кога се разбудив, го најдов целото семејство покрај мојот кревет, па се прашував што се случило. Не можев да зборувам поради респираторот. Се чувствував скоро хистерична од жалост, но не можев ни да плачам. Сите ми кажуваа дека морам да си ја чувам силата за да преживеам.
Следниот ден имав треска поради воспалението предизвикано од облогата што ми беше оставена во абдоменот. Хемоглобинот ми се спушти на 2,7. Иако е доста опасно да се анестезира некој кој е во таква состојба, д-р Ларсон објасни дека, и покрај ризикот, тие биле принудени да ме оперираат повторно за да ја отстранат облогата.
Пред операцијата, на децата им беше дозволено да дојдат да ме видат. Сите мислеа дека ова е збогување. Неколку членови од медицинскиот персонал плачеа. Тие не веруваа дека ќе се извлечам. Нашите деца беа многу храбри, и тоа ме смируваше и ми даваше сигурност.
Поради тоа што анестезијата која ми беше дадена беше минимална, одвреме навреме можев да чујам што разговараат членовите на персоналот. Некои зборуваа за мене како да бев веќе мртва. Подоцна, кога им раскажував што сум чула во текот на операцијата, една медицинска сестра ми се извини. Но таа рече дека била уверена дека ќе умрам и сѐ уште не може да разбере како сум преживеала.
Следниот ден се чувствував малку подобро. Хемоглобинот ми беше 2,9, а хематокритот 9. Моите христијански браќа и сестри доаѓаа на посета, носејќи храна и кафе за моето семејство. Ние бевме благодарни за нивната љубов и наклоност. До вечерта мојата состојба и понатаму беше критична но стабилна, па ме префрлија на друго одделение.
Лекарите учат
Многу членови од медицинскиот персонал беа љубопитни за мене и повеќето од нив беа многу љубезни. Една болничарка рече: „Сигурно Вашиот Бог Ве спасил“. Дојде еден лекар од друго одделение и рече: „Само сакав да видам како изгледа човек со толку низок хемоглобин. Не можам да сфатам како можете да бидете толку будна“.
Следниот ден, дојде да ме види мојата лекарка, иако имаше слободен ден. Таа ми рече дека поради сето она што се случило, почувствувала понизност. Ако потполно оздравам, ми рече таа, тие ќе воведат нови истражувања во врска со алтернативи на терапијата со трансфузија на крв во лекувањето на пациентите.
Моето оздравување беше драматично. По две и пол седмици од моето трагично пораѓање, нивото на хемоглобинот ми се качи на нешто повеќе од 8. Затоа бев пуштена од болницата. Три дена после тоа беше одржан нашиот годишен покраински состанок на Јеховините сведоци, и јас бев таму. Колку само беше охрабрувачки повторно да се видам со нашите христијански браќа и сестри кои ни даваа голема поддршка за време на нашата неволја! (Изреки 17:17).
Како што вети д-р Ларсон, подоцна во шведскиот медицински журнал Läkartidningen, излезе извештај за мојот случај, наречен „Еритропоетинот ја заменува трансфузијата на крв“. Тој гласеше: „Една 35-годишна жена, Јеховин сведок, претрпе акутно масивно породилно крвавење. Таа одби трансфузија на крв но прифати терапија со еритропоетин. После девет дена постоперативно лекување со големи дози на еритропоетин, хемоглобинот се зголеми од 2,9 на 8,2 грама на децилитар без никакви споредни последици“.
Статијата заклучила: „Во почетокот пациентката беше многу слаба, но на изненадување многу брзо се опорави. Освен тоа, постоперативниот третман беше без никакви компликации. Пациентката после две седмици можеше да ја напушти болницата“.
И покрај тоа што ова искуство беше тежок удар за сите нас, ние се радуваме што, како резултат на тоа, некои лекари можеби научија повеќе за алтернативите на трансфузија на крв. Се надеваме дека тие ќе бидат спремни да ги пробаат методите на лекување кои веќе се покажале успешни (Раскажала Ен Јипсиотис).
[Слика на страница 16]
Со мојот хирург што ми помогна