ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g96 8/5 стр. 28-30
  • Чувајте се од аписменост

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Чувајте се од аписменост
  • Разбудете се! 1996
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Користите од читањето
  • Урамнотежено гледиште
  • Како можат родителите да помогнат
  • Библијата — одлично помагало
  • Посветувај се на читањето
    Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба
  • Да се извлече корист од секојдневното читање на Библијата
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
  • Читањето на Библијата — корисно и пријатно
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2000
  • Всадувај во своите деца љубов кон читањето и проучувањето
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2010
Повеќе
Разбудете се! 1996
g96 8/5 стр. 28-30

Чувајте се од аписменост

ЕДЕН нов вид проблем со читањето се протега по светов. Тој се нарекува аписменост. Се дефинира како „квалитет или состојба на способност да се чита, но незаинтересираност да се прави тоа“a (Merriam-Webster’s Collegiate Dictionary, Tenth Edition). Да, читањето — во кое некогаш си можел да се препуштиш како на задоволство — сега честопати се отфрла како работа. „Мораш да се напрегаш за да читаш“, се жалела една 12-годишна девојка, „а тоа не е забавно.“

Многу возрасни исто така се аписмени. На пример, Соединетите Држави се фалат со стапка на писменост од 97 проценти; сепак, околу една половина возрасни Американци ретко читаат книги или списанија! Јасно, способноста за читање секогаш не е еднаква со желбата за читање. Тоа е вистинито дури и кај добро образованите луѓе. „Кога ќе си дојдам дома после долг ден“, вели еден дипломец на Харвардскиот универзитет, „го вклучувам телевизорот наместо да земам книга. Тоа е полесно.“

Што се случило со читањето? Во последниве децении неговата популарност подлегнала на средствата за јавно информирање кои го зграпчуваат вниманието. „Сега кога си ја имаме нашата MTV — и нашите видеорекордери, нинтендо и вокмен — изгледот да се копа низ некоја книга не се чини толку лесен како што изгледаше во поедноставните времиња“, пишува Стратфорд П. Шерман во списанието Fortune. Можеби конкурент на читањето, кој најмногу го троши времето, е телевизорот. Всушност, до 65 години, просечниот Американец ќе потроши девет години од животот во гледање телевизија!

Затоа што наградите од читањето толку често се жртвуваат во корист на трепкавиот екран, би било добро да се разгледа следново.

Користите од читањето

Читањето ја стимулира имагинацијата. Телевизијата размислува наместо Вас. Сѐ е образложено: изразите на лицето, модулацијата на гласот и пејзажите.

Меѓутоа, со читањето вие ги избирате глумците, ја поставувате сцената и го режирате дејствието. „Имаш толку многу слобода“, вели едно 10-годишно момче. „Секоја личност можеш да ја направиш да изгледа токму онака како што ти сакаш да изгледа. Повеќе можеш да ги контролираш работите кога читаш книга отколку кога гледаш нешто на телевизија.“ Како што забележал д-р Бруно Бетелхајм, „телевизијата ја запленува имагинацијата, но не ја ослободува. Една добра книга веднаш го стимулира и ослободува умот“.

Читањето развива говорни вештини. „Ниедно дете или возрасен човек не станува подобар во гледањето телевизија ако гледа повеќе“, забележува Региналд Дамерал од Универзитетот на Масачусетс. „Вештините кои се потребни се толку елементарни што допрва треба да чуеме за некоја неспособност во гледањето телевизија.“

За разлика од тоа, читањето бара и развива говорни вештини; тоа е нераздвојно поврзано со говорот и пишувањето. Една професорка по англиски јазик на едно средно училиште, вели: „Без сомнение, Вашиот успех како ученик многу зависи од Вашиот речник, не само во она што можете да го разберете додека читате туку и како расудувате додека пишувате, и не постои ниеден начин да се изгради добар речник освен преку читањето — едноставно нема“.

Читањето ја унапредува стрпливоста. Повеќе од илјада слики можат да блеснат на телевизискиот екран само за еден час, оставајќи малку време гледачот да размисли за она што го гледа. „Оваа техника дословно програмира краток распон на концентрација“, вели д-р Метју Дјумонт. Не изненадува тоа што некои проучувања го поврзуваат прекумерното гледање телевизија со импулсивното донесување одлуки и со вознемиреност — и кај децата и кај родителите.

Читањето бара стрпливост. „Речениците, параграфите и страниците полека се разоткриваат, по ред и според логика која е далеку од интуитивна“, пишува Нил Постман, стручњак за комуникација. Со своја сопствена брзина, читателот мора да интерпретира, да проценува и да размислува за она што се наоѓа на страницата. Читањето е сложен процес на дешифрирање, кој изискува и развива стрпливост.

Урамнотежено гледиште

Покрај користите од читањето, мора да се признае дека и телевизијата има свои вредности. Може да го надмине читањето во пренесување на одредени видови информации.b Едно фасцинантно телевизиско прикажување може дури да го поттикне интересот кон читањето. „Се известува дека телевизиските програми кои ја драматизираат детската литература и науката влијаат врз децата така што тие бараат книги за нив и за сродни теми“, наведува The Encyclopedia Americana.

Неопходно е урамнотежено гледиште. Печатената страница и телевизорот се две различни средства за информирање. Секое има својствени јаки страни и ограничувања. Секое може да се употреби — или злоупотреби. Да, прекумерното читање до степен на изолирање може да биде штетно колку и прекумерното гледање телевизија (Изреки 18:1, НС; Проповедник 12:12).

Сепак, читањето честопати е омаловажувано во корист на визуелната разонода. Еден јапонски новинар се жали: „Се префрлуваме од култура на читатели на култура на гледачи“. Тоа особено се забележува кај младите. Како резултат на тоа, многумина растат како аписмени и подоцна страдаат од последиците. Според тоа, како можат родителите да им помогнат на своите деца да развијат желба за читање?

Како можат родителите да помогнат

Дајте пример. Една статија од Newsweek, со наслов „Како да се подигнат добри читатели“, ја дава оваа утврдена напомена: „Ако Вие по цел ден седите пред телевизорот, најверојатно и Вашето дете ќе биде такво. Од друга страна, ако Вашите деца гледаат како задоволно свиткано седите со добра книга, тие ќе добијат претстава дека не само што држите лекции во врска со читањето туку дека тоа и го практикувате“. Уште подобро, некои родители гласно им читаат на своите деца. Правејќи го тоа, тие создаваат срдечна врска — нешто кое за жал недостига во многу семејства денес.

Направете библиотека. „Имајте книги наоколу — многу книги“, препорачува д-р Теодор Исак Рубин. „Се сеќавам дека ги читав затоа што беа тука и затоа што сите други исто така ги читаа.“ Децата ќе читаат ако книгите се лесно достапни. Поттикот да читаат ќе биде уште поголем ако книгите се дел од нивната лична библиотека.

Направете го читањето уживање. Се вели дека ако детето сака да чита, добиена е половина од битката. Затоа, направете му го читањето пријатно доживување на Вашето дете. Како? Прво, ограничете го времето за телевизија; таа скоро секогаш ќе добие приоритет пред читањето. Второ, создадете атмосфера која придонесува за читање; тивко време и место, како што е личната библиотека со добро осветлување, е примамливо за читање. Трето, немојте да го присилувате на читање. Правете ги достапни материјалите и приликите за читање, но дозволете му на детето да ја развие таа желба.

Некои родители почнуваат на рана возраст да им читаат на своите деца. Тоа може да биде корисно. Некои стручњаци велат дека до тригодишна возраст, детето разбира поголем дел од јазикот што ќе го користи во обичниот разговор на возрасните — иако сѐ уште не може течно да ги изразува тие зборови. „Децата почнуваат да учат да го разбираат јазикот порано и со побрза стапка отколку што учат усмено да го користат“, вели книгата The First Three Years of Life (Првите три години од животот). Библијата за Тимотеј вели: „Уште како мал ги знаеш Светите Писанија“ (2. Тимотеј 3:15). Зборот мал влече корен од латинскиот инфанс, кој дословно значи „оној кој не зборува“. Да, Тимотеј ги слушнал библиските зборови долго време пред да можел да ги изговара.

Библијата — одлично помагало

„Библијата претставува извонредна збирка од литературни дела“, вели книгата The Bible in Its Literary Milieu (Библијата во нејзиниот литературен амбиент). Навистина, нејзините 66 книги содржат поетски творби, песни и историски извештаи од кои можат да учат како младите така и старите (Римјаните 15:4). Освен тоа, Библијата е ‚од Бога вдахновена и полезна за поука, за изобличување, поправање и поучување во правдата‘ (2. Тимотеј 3:16).

Да, најважниот материјал кој е достапен за читање е Божјата Реч, Библијата. Со добра причина, од секој израелски цар се барало да има личен примерок од Писмото и да „го чита во сите денови на неговиот живот“ (5. Мојсеева 17:18, 19). И на Исус Навин му било заповедано да го чита писмото „со придушен глас“ (НС) — односно, во себеси, со тивок глас — „дење и ноќе“ (Исус Навин 1:8).

Како што е познато, некои делови од Библијата не се лесни за читање. Можат да изискуваат концентрација. Сетете се, Петар напишал: „Како новороденчиња, развивајте копнеж по нерасипаното млеко кое ѝ припаѓа на речта“ (1. Петрово 2:2, НС). Со вежбање, склоноста кон „млекото“ на Божјата Реч може да биде толку природна колку и инстинктивниот копнеж на малото дете по мајчиното млеко. Ценењето за читањето на Библијата може да се развие.c Многу е вредно за труд. „Твоето слово е светилник на нозете мои и светлина за патеката моја“ (Псалм 118:105). Зарем на сите не ни е потребно такво водство во нашето тешко време?

[Фусноти]

a Аписменоста не треба да се побрка со „неписменоста“, која претставува „неспособност да се чита или пишува“.

b Признавајќи го тоа, Друштвото Стражарска кула во последниве години го дополнила своето производство на печатен материјал со видеокасети на различни библиски поврзани теми.

c За да им помогне на децата да развијат копнеж за библиското спознание, Друштвото Стражарска кула издало поедноставени помагала за проучување на Библијата, како што се Моја книга со библиски приказни и Да се слуша Големиот Учител. Двете книги се достапни и на аудиокасети.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели