Можете да имате доверба во Бог
МОЖЕТЕ апсолутно да имате доверба во Бог и во неговата Реч, Библијата. После еден животен век на доверба во Бог, еден човек на преку 100-годишна возраст, ја дал оваа причина за својата увереност: „Еве“, рекол тој, „јас сега заминувам на пат каде што целиот свет заминува. А вие познавте со сето свое срце и со сета своја душа, дека не беше напразен ниеден збор од сите добри зборови, што ги говореше за вас Господ, вашиот Бог: сѐ се изврши на вас, ни еден збор не остана неисполнет“ (Исус Навин 23:14).
Овој човек, Исус Навин, водач на древниот Израел, ја доживеал потполната доверба во Бог и неговата Реч. Сѐ што му ветил Бог на Израел се обистинило. Ако дознаете повеќе за Творецот и за неговата Реч, ќе можете и Вие да ја развиете истата таа доверба. Еден подоцнежен обожавател на Бог, цар Давид, го изразил тоа на следниов начин: „Нека се надеваат на Тебе оние кои го знаат името Твое, бидејќи не ги оставаш оние што Те бараат“ (Псалм 9:10).
Бог никогаш нема да Ве изневери
Колку повеќе ќе ‚го запознавате Божјето име‘ и она што се подразбира под тоа име — неговите намери, активности и квалитети — толку повеќе ќе имате доверба во него. Тој е сигурен Пријател кој никогаш нема да Ве изневери или да го прекрши својот збор. И немојте да дозволите да Ве одвратува лицемерноста на оние кои тврдат дека се негови претставници, а кои потоа постапуваат издајнички со другите. Таквите луѓе Библијата ги идентификува како недоверливи. Религиозните лицемери велат едно, а го прават спротивното. Како што предупредил апостол Петар, тие ги искористуваат своите стада. Петар напишал: „Поради нив патот на вистината ќе биде похулен. И, подбудувајќи ве од користољубивост, ќе ве привлекуваат со ласкави зборови“ (2. Петрово 2:2, 3).
Таквите луѓе не го претставуваат Бог. Тие ја срамотат неговата Реч. Зошто самите не го испитате Божјиот личен запис и сведоштво како што е откриено во Библијата? ‚Но‘, би можеле да прашате, ‚зошто да имам повеќе доверба во Библијата отколку во некоја друга книга?‘ Точно е тоа дека имало безброј религиозни измами низ историјата, но Библијата е поинаква. Разгледајте ги следниве причини за доверба во Библијата.
Причини за доверба во Библијата
Можете да имате доверба во Библијата затоа што нејзините ветувања и пророштва секогаш се обистинуваат. Еве само еден пример. Колку и да изгледало неверојатно за заробениот Израел, Јехова Бог, авторот на Библијата, ветил дека ќе ги ослободи од ропството под моќниот Вавилон и ќе ги врати во Ерусалим. Тоа изгледало како неверојатна надеж затоа што Вавилон бил доминантна светска сила од тоа време и во потполност го разрушил Ерусалим. Но околу двеста години однапред, Јехова го именувал дури и персискиот владетел Кир како оној кој ќе го собори Вавилон и ќе го ослободи Неговиот народ; прорекол и на кој начин речната заштита на Вавилон ќе пропадне. Можете да го прочитате извештајот во Исаија 44:24—45:4.
Книгата Reasoning from the Scriptures (Расудување на темел на Писмото) објаснува како се исполнило ветувањето: „Кир уште не бил роден кога пророштвото било напишано . . . Пророштвото било во детали исполнето почнувајќи во 539 пр. н. е. Кир ги свртел водите на реката Еуфрат во едно вештачко езеро, а речните порти на Вавилон невнимателно биле оставени отворени за време на едно гоштевање во градот и така Вавилон паднал од страна на Медијанците и Персијците под Кир. После тоа, Кир ги ослободил еврејските изгнаници и ги вратил назад во Ерусалим со упатства повторно да го изградат храмот таму“.a Секое вакво ветување што го дал Бог, секое пророштво кое се наоѓа во Библијата, непогрешливо се обистинило.
Друг пример на исполнето пророштво е самиот факт дека во нашето столетие довербата се намалила. Библијата го прорекла тоа како карактеристика на нашето време во кое живееме, зашто ерата која започнала со Првата светска војна во 1914 ја нарекува „последните денови“ и вели дека тие ќе донесат „времиња тешки“. Дала до знаење дека во наше време луѓето ќе бидат „саможиви, . . . самофалци, горди, . . . неблагодарни, неправедни, недружељубиви, непомирливи, клеветници, . . . предавници, пребрзи, надуени“. Исто така, таа предвидела: „Лошите луѓе и лажливците ќе напредуваат во злото“ (2. Тимотеј 3:1—4, 13). Токму тоа сме го виделе во наше време.
Можете да имате доверба во Библијата затоа што таа во потполност е автентична. Никој никогаш успешно не ја оспорил автентичноста на Библијата. Прочуениот научник Сер Исак Њутн рекол: „Наоѓам повеќе сигурни обележја на автентичност во Библијата отколку во која и да е световна историја“. Нема тука фалсификување како „дневниците“ на Хитлер! Тогаш, како се споредува Библијата со други древни списи? Книгата The Bible From the Beginning (Библијата од почетокот) вели: „По бројот на древните MSS. [манускрипти] кои потврдуваат ракопис и по бројот на годините кои поминале помеѓу првобитните и MSS. кои потврдуваат, Библијата ужива непобитна предност над другите класични ракописи [оние на Хомер, Платон и други] . . . Сѐ на сѐ, класичните MSS. се само еден грст во споредба со библиските. Ниедна древна книга не е толку добро потврдена како Библијата“. Сѐ што е во врска со Библијата укажува на нејзината потполна вистинитост.
Можете да имате доверба во Библијата затоа што таа во потполност е точна во сите нејзини изјави. Библијата вели дека Бог „го послал . . . северот над празнината, ја закачил земјата на ништо“ (Јов 26:7). Наместо да ги повторува имагинарните теории од тоа време, како тоа дека Земјата ја поткрепувале слонови, Библијата го навела она што оттогаш наваму е установено како научна вистина — дека Земјата е ‚закачена‘ во вселената. Освен тоа, повеќе од две илјади години пред времето на Колумбо, Библијата јасно изјавила дека Земјата е во вид на круг (Исаија 40:22).
Можете да имате доверба во Библијата поради нејзината чесност и искреност. Библиските писатели ништо не искривувале. Дури и кога она што го кажувале се одразувало негативно врз нив самите, врз нивните сонародници и нивните владетели, тие чесно ги известувале фактите. Апостолот Матеј, на пример, во своето Евангелие отворено признал дека апостолите на Исус Христос понекогаш покажале недостиг на вера, меѓусебно се бореле за истакнатост, па дури и го напуштиле Исус кога тој бил уапсен (Матеј 17:18—20; 20:20—28; 26:56).
Една друга истакната причина за доверба во Библијата е тоа дека библискиот совет секогаш се докажувал како практичен и корисен, секогаш кога луѓето имале доволно доверба во него за да го применуваат (Изреки 2:1—9). Библискиот совет е во драматичен контраст со честопати превртливиот совет на „стручњаците“ во врска со излегувањето на крај со проблемите на животот. Што се однесува до оние колумнисти кои нудат таков совет во многу национални весници, The Sunday Times од Лондон прашува: „Дали илјадници луѓе секоја година ги разоткриваат своите души на надарените аматери кои, всушност, само измислуваат како што ќе им текне?“ Библиските пишувачи не измислувале како што ќе им текнело. Тие запишале доверлив совет инспириран од Бог кој го издржал испитот на времето (2. Тимотеј 3:16, 17).
„Библискиот совет ме заштити од правец кој можеше да ми го уништи животот“, вели Елен, сега во своите 30-ти години и среќно омажена. „Моите родители, кои беа разведени, покажаа мала вера во брачното уредување, а всушност, ме охрабруваа само на тоа да живеам со некого без да се омажам за него. Кога ќе помислам на стабилноста која следењето на библиските начела ја даде на мојот живот, драго ми е што имав доверба во Библијата дури и наспроти советот на сопствените родители.“ (Види Ефесјаните 5:22—31; Евреите 13:4.)
„Имав само 14 години кога почнав да учам за тоа што вели Библијата за одредени работи“, вели Флоренс. „Сега кога ќе се вратам наназад на 1960-тите години и кога ќе размислам за неволјата што си ја нанесоа моите врсници следејќи ги вредностите и моралот од тоа време, многу сум благодарна за заштитата која ми го даде советот од Библијата како млада и неискусна жена.“ (Види 1. Коринтјаните 6:9—11.)
„Во мојот случај“, вели Џејмс, „бев вплеткан во подрачјето на коцкањето, пушењето и пиењето.“ Тој продолжува: „Ја знам штетата што ја предизвика тоа на толку многу луѓе и на нивните семејства. Во почетокот не можев да ја увидам важноста на Библијата за моите проблеми. Но сега јасно увидувам како таа влијаеше на добро врз моето размислување и ми помогна да одржам многу поздрав начин на живеење“. (Види 2. Коринтјаните 7:1.)
Мери Ен размислувала за самоубиство поради притисоците на животот и емоционалните потешкотии кои влечеле корен од вознемирувачка заднина. „Самоубиството изгледаше како единственото решение во тоа време“, вели таа. „Но Библијата го усклади моето размислување. Само поради она што го прочитав во Библијата не извршив самоубиство.“ (Види Филипјаните 4:4—8.)
Што било тоа што им помогнало на сите овие луѓе? Тие развиле потполна доверба во Бог и во неговата Реч, Библијата. Бог им станал како доверлив и драг пријател кој им дошепнувал совет во нивните уши за време на неволја. (Спореди Исаија 30:21.) Тие научиле библиски начела кои им помогнале да излезат на крај со притисоците и проблемите во животот. И научиле да имаат доверба во прекрасните ветувања од Богот кој не може да лаже — како што е ветувањето за една прекрасна „нова земја“ ослободена од секаква измама, лага и искористување, како и слободна од тага, болест, па дури и смрт! (2. Петрово 3:13; Псалм 36:11, 29; Откровение 21:4, 5).
Можете и Вие да ја развиете истата таа доверба. Светот денес може да ја изневери Вашата доверба, но можете да бидете сигурни дека Вашата доверба во Бог и во неговата Реч никогаш нема да биде повредена. На издавачите на ова списание ќе им биде драго да договорат некој да Ви помогне подобро да се запознаете со Бог и со неговата Реч, Библијата.
[Фуснота]
a Издадена од Библиското и трактатно Друштво Стражарска кула, Њујорк, инк.
[Слика на страница 8]
Околу 200 години однапред, Божјиот пророк предвидел на кој начин Вавилон ќе биде соборен
[Слика на страница 9]
Сер Исак Њутн увидел дека Библијата е доверлива