Довербата е од пресудна важност за среќен живот
ТРУЕЊЕТО со храна е многу непријатно. Некој што често добива труење треба да биде повнимателен во врска со своите навики на исхрана. Но, потполно да се откажеш од храната за да го избегнеш ризикот да добиеш труење не е реалистична опција. Тоа ќе предизвика повеќе проблеми отколку што ќе реши. Без храна никој не може да живее долго.
На сличен начин, болно е кога ќе биде изневерена довербата. Тоа што довербата постојано се изневерува може да нѐ натера внимателно да размислиме за нашиот избор на пријатели. Сепак, решението не е сосем да се повлечеме од луѓето за да го избегнеме ризикот да бидеме разочарани. Зошто? Затоа што, ако сме недоверливи кон другите, самите си ја скратуваме среќата. За да водиме задоволувачки живот, потребни ни се врски темелени на заемна доверба.
„Довербата претставува една од основните работи за едноставните секојдневни односи со другите“, коментира книгата Jugend 2002. „Секој копнее по доверба“, известува весникот Neue Zürcher Zeitung. „Довербата го подобрува квалитетот на животот“ до тој степен што „е од пресудна важност за преживување“. Навистина, весникот продолжува, без доверба „човек не може да се справи со животот“.
Штом имаме основна потреба да ја положиме нашата доверба во некого, во кого можеме да имаме доверба без да ризикуваме да бидеме разочарани?
Имај доверба во Јехова со сето свое срце
„Надевај се на [Имај доверба во, NW] Господа со сето свое срце“, ни кажува Библијата (Пословици 3:5). Навистина, Божјата реч секогаш одново нѐ охрабрува да имаме доверба во нашиот Творец, Јехова Бог.
Зошто можеме да ја положиме својата доверба во Бог? Прво, затоа што Јехова Бог е свет. Пророкот Исаија напишал: „Свет! Свет! Свет е Господ“ (Исаија 6:3). Дали идејата за светост не ти е баш привлечна? Всушност, треба да ти биде привлечна зашто светоста на Јехова значи дека тој е чист, далеку од секое престапување и апсолутно доверлив. Тој никогаш не може да биде нечесен или навредлив, и невозможно е да ја изневери нашата доверба.
Освен тоа, можеме да ја положиме својата доверба во Бог поради неговата способност и желба да ги поддржи оние што му служат. Неговата неограничена моќ, на пример, го оспособува да дејствува. Неговата совршена правда и мудрост го водат начинот на кој дејствува. Неговата неспоредлива љубов го мотивира да дејствува. „Бог е љубов“, напишал апостол Јован (1. Јованово 4:8). Љубовта на Бог влијае врз сѐ што тој прави. Светоста на Јехова и другите негови извонредни особини прават тој да биде идеален Татко, некој во кого можеме да имаме безрезервна доверба. Ништо и никој никогаш не би можел да биде подоверлив од Јехова.
Имај доверба во Јехова и биди среќен
Друга добра причина да имаме доверба во Јехова е тоа што тој нѐ разбира подобро од кој и да било друг. Тој знае дека секој човек има основна потреба од сигурен, траен и доверлив однос со Творецот. Оние што имаат таков однос се чувствуваат посигурни. „Блажен [Среќен, NW] е оној човек, чија надеж [доверба, NW] е во Господа“, заклучил цар Давид (Псалм 40:4). Милиони денес од сѐ срце ги повторуваат мислите на Давид.
Разгледај некои примери. Дорис живеела во Германија, Грција, Доминиканската Република и во Соединетите Држави. Таа вели: „Многу сум среќна што својата доверба ја полагам во Јехова. Тој знае како да се грижи за мене физички, духовно и емоционално. Тој е најдобриот пријател што човек може да го има“. Волфганг, правен советник, објаснува: „Прекрасно е да можеш да се потпреш на некого што ти го мисли најдоброто, некој што може да — и кој всушност ќе — го направи најдоброто за тебе!“ Хам, кој бил роден во Азија но сега живее во Европа, коментира: „Уверен сум дека Јехова има сѐ под своја контрола и дека не прави грешки, па затоа сум среќен што можам да се потпрам на него“.
Се разбира, сите треба да имаме доверба не само во нашиот Творец туку и во луѓето. Затоа Јехова, како мудар и искусен пријател, ни дава совет за тоа во кои поединци треба да имаме доверба. Ако внимателно ја читаме Библијата, ќе можеме да го забележиме неговиот совет во врска со ова.
Луѓе во кои можеме да имаме доверба
„Не надевајте се на [Не полагајте ја својата доверба во, NW] кнезовите, ниту во човечки син, од кого нема спасение“, напишал псалмистот (Псалм 146:3). Оваа инспирирана изјава ни помага да прифатиме дека многу луѓе не ја заслужуваат нашата доверба. Дури и оние што се многу ценети како ‚кнезови‘ во светот, како што се стручњаците специјализирани на полето на знаењето или дејноста, не ја заслужуваат автоматски нашата доверба. Нивното водство честопати е погрешно, и довербата во таквите ‚кнезови‘ може брзо да се претвори во разочарување.
Се разбира, ова не треба да направи да немаме доверба во никого. Меѓутоа, јасно е дека мораме да бидеме избирливи кога ги бираме оние во кои ќе ја положиме својата доверба. Кои критериуми треба да ги користиме? Еден пример од древната нација Израел може да ни помогне. Кога било неопходно да се наименуваат поединци што ќе преземат големи одговорности во Израел, Мојсеј бил посоветуван да „избере од целиот народ способни луѓе, кои се бојат од Бога, и праведни [доверливи, NW], кои го мразат поткупот“ (Излез 18:21). Што можеме да научиме од ова?
Тоа биле луѓе што покажале одредени побожни особини пред да бидат наименувани на доверлива положба. Тие веќе дале доказ дека се богобојазливи; имале здраво длабоко почитување кон Творецот и се плашеле да не му згрешат. На сите им било јасно дека овие луѓе давале сѐ од себе за да ги поддржат Божјите мерила. Тие ја мразеле неправедната добивка, што укажувало на морална сила која би спречила моќта да ги расипе. Не би ја злоупотребиле довербата за да ги остварат своите лични интереси или интересите на нивните роднини или пријатели.
Зарем не би било мудро и ние да користиме слични критериуми денес кога ги избираме оние во кои ќе ја положиме својата доверба? Познаваме ли поединци чиешто однесување покажува дека се богобојазливи? Дали се решени да се држат за неговите мерила на однесување? Дали имаат интегритет за да се воздржат да направат работи што не се исправни? Дали се толку чесни за да не манипулираат со некоја ситуација во своја корист или за да биде по нивно? Мажите и жените што покажуваат вакви особини секако се достојни за нашата доверба.
Не се обесхрабрувај од повремени разочарувања
Кога одлучуваме во кого можеме да имаме доверба, мораме да бидеме стрпливи, зашто треба извесно време за да се стекне доверба. Мудро е постепено, чекор по чекор, да стекнуваме доверба во некого. Како? Па, би можеле некое време да го набљудуваме однесувањето на личноста, забележувајќи како постапува во одредени ситуации. Дали тој човек е доверлив во мали работи? На пример, дали ги враќа позајмените работи како што ветил и дали се држи точно за договорите? Ако да, тогаш можеби ќе сметаме дека е безбедно да имаме доверба во него и кога станува збор за посериозни работи. Ова е во склад со начелото: „Кој е верен во најмалото, верен е и во многу“ (Лука 16:10). Тоа што ќе бидеме избирливи и стрпливи може да ни помогне да избегнеме големи разочарувања.
Но, што ако некој нѐ разочара? Оние што ја проучуваат Библијата ќе се сетат дека вечерта кога бил уапсен, Исус Христос бил тешко разочаран од своите апостоли. Јуда Искариот го предал, а другите се разбегале во страв. Петар дури се откажал трипати од Исус. Но, Исус увидел дека само Јуда постапил своеволно. Тоа што бил разочаран во еден таков пресуден момент не го спречило Исус, само неколку седмици подоцна, повторно да им даде до знаење на останатите 11 апостоли дека има доверба во нив (Матеј 26:45—47, 56, 69—75; 28:16—20). На сличен начин, ако се чувствуваме изневерени од некого во кого имаме доверба, добро е да размислиме дали она што личи на предавство е доказ на недоверлив дух или на моментална слабост на телото.
Дали сум јас доверлив?
Некој што ќе одлучи да биде избирлив во врска со тоа во кого ќе има доверба мора да биде фер и да се запраша и самиот: ‚Дали сум јас доверлив? Кои разумни мерила за доверливост треба да ги очекувам од себе и од другите?‘
Секако, еден човек што е доверлив секогаш ја кажува вистината (Ефешаните 4:25). Тој не ги приспособува своите зборови за да одговараат на оние што го слушаат за да извлече лична корист. А ако се обврзе на нешто, доверливиот човек прави сѐ што е во негова моќ за да си го одржи зборот (Матеј 5:37). Ако некој му се довери, доверливиот човек ја задржува довербата што му била покажана и не озборува. Доверливиот човек е верен на својот брачен другар. Не гледа порнографија, не се препушта на сексуални фантазии и не флертува (Матеј 5:27, 28). Некој што е достоен за нашата доверба вредно работи за да заработи за живеачка за себе и за своето семејство и не гледа да заработи пари на лесен начин на сметка на другите луѓе (1. Тимотеј 5:8). Тоа што ќе ги имаме на ум овие разумни и библиски мерила ќе ни помогне да ги препознаеме луѓето во кои можеме да имаме доверба. Впрочем, тоа што ќе се придржуваме за истите тие мерила на однесување, ќе ни помогне на сите нам да бидеме достојни другите да имаат доверба во нас.
Ќе биде прекрасно да се живее во свет во кој сите луѓе ќе бидат доверливи и во кој разочарувањата поради изневерена доверба ќе бидат минато! Дали е тоа само сон? Не за луѓето што сериозно ги сфаќаат библиските ветувања, зашто Божјата реч го претскажува доаѓањето на една убава „нова земја“ во која ќе нема никаква измама, лага или искористување и во која ќе нема тага, болест па дури ни смрт! (2. Петрово 3:13; Псалм 37:11, 29; Откровение 21:3—5). Зарем не би вредело да дознаеш повеќе за овој изглед? На Јеховините сведоци ќе им биде мило да ти дадат повеќе информации за оваа и за други важни теми.
[Слика на страница 4]
Ако сме недоверливи, самите си ја скратуваме среќата
[Слика на страница 5]
Јехова е најдостоен за нашата доверба
[Слики на страница 7]
На сите нам ни требаат врски темелени на заемна доверба