Невработеност — зошто?
ВО ПОВЕЌЕ земји, многу луѓе се принудени да се издржуваат себеси со долги часови тешка физичка работа во едно исцрпувачко темпо, можеби дури и извршувајќи опасна работа за мала плата. Во други земји, многумина до неодамна биле сигурни дека кога еднаш ќе бидат вработени во некое големо претпријатие или некоја државна служба, ќе имаат сигурна работа сѐ до пензија. Но денес како повеќе да нема претпријатија или здруженија кои се во можност да понудат пожелно вработување и сигурност на кој и да било степен. Зошто?
Причини за проблемот
Илјадници млади луѓе не можат да најдат дури ни прво вработување — без разлика дали имаат факултетска диплома или не. На пример, повеќе од една третина од невработените во Италија се на возраст помеѓу 15 и 24 години. Просечната возраст на оние кои веќе работат и кои се обидуваат да си ги задржат своите работни места расте, и затоа е сѐ потешко младите луѓе да влезат на пазарот на работната сила. Дури и меѓу жените — кои се сѐ поприсутни на пазарот на работната сила — постои висока стапка на невработеност. Според тоа, необично висок бран на нови работници сега се бори да влезе во него.
Уште од времето на првите индустриски машини, техничката иновација ја редуцирала потребата од работници. Работејќи долги исцрпувачки смени, мануелните работници се надевале дека машините ќе ја намалат работата или дека дури и ќе ја укинат. Автоматизацијата го зголемила производството и отстранила многу опасности, но исто така ги намалила и работните места. Оние кои стануваат вишок се наоѓаат во опасност од долгорочна невработеност ако не научат нови вештини.
Се наоѓаме во опасност да бидеме преплавени од прекумерност на комерцијални производи. Некои мислат дека веќе сме ги достигнале границите на растежот. Освен тоа, со помалку вработени има и помалку купувачи. Според тоа, пазарот произведува повеќе отколку што може да се троши. Поради тоа што повеќе не можат економски да опстанат, големи погони изградени да се справат со очекуваните порасти во производството се затвораат или се претвораат во нешто друго. Ваквиот развој на настани жнее жртви — оние кои стануваат невработени. Поради економската рецесија се намалува побарувачката за работници, а работните места кои се изгубени за време на рецесиите тешко дека некогаш повторно ќе се создадат за време на експанзија. Очигледно, за невработеноста постојат повеќе причини.
Општествена чума
Поради тоа што може секого да го погоди, невработеноста е општествена чума. Некои земји обезбедуваат разновидни механизми за заштита на оние кои сѐ уште работат — на пример, намалена работна седмица со намалена плата. Меѓутоа, тоа би можело да ги уништи изгледите на другите кои бараат работа.
Како вработените така и невработените сѐ почесто протестираат за проблеми кои се поврзани со работата. Но додека невработените бараат нови работни места, оние кои имаат работа се обидуваат да си ја заштитат својата безбедност — две цели кои не се секогаш во склад. „Оние кои имаат работа честопати се повикани да работат додатни часови. Оние кои се надвор, си остануваат надвор. Постои опасност општеството да се подели на две . . . од една страна прекумерно вработените, а од друга страна отуѓените невработени кои скоро секогаш се потполно зависни од добрата волја на другите“, вели италијанското списание Panorama. Во Европа, велат експертите, плодовите на економскиот растеж ги собрале воглавно оние кои веќе работат, наместо оние кои се без работа.
Освен тоа, невработеноста е поврзана со состојбата на локалната економија, така што во одредени земји, како што се Германија, Италија и Шпанија, постојат огромни разлики помеѓу потребите на едно подрачје и потребите на друго подрачје. Дали работниците се спремни да научат нови вештини или дури и да се преселат во друго подрачје или во друга земја? Тоа често пати може да биде одлучувачки фактор.
Има ли решенија на повидок?
Најчесто, надежите се ставаат на економски пресврт. Но некои луѓе се скептични и мислат дека таков пресврт нема да се случи сѐ до околу 2000-та година. За други, опоравувањето веќе започнало, но бавно создава резултати, како што може да се види од опаѓањето на вработеноста во Италија во последно време. Економското опоравување не мора да значи намалување на невработеноста. Иако растежот е скромен, претпријатијата претпочитаат да ги искористат вработените кои веќе ги имаат наместо да вработат други — со други зборови, постои „пораст без вработување“. Понатаму, бројот на невработените честопати расте побрзо од бројот на новосоздадените работни места.
Националните економии денес претрпуваат глобализација. Некои економисти мислат дека создавањето на огромни, нови наднационални трговски подрачја, како што се оние на Спогодбата за слободна трговија на Северна Америка (NAFTA) и на Азиско-пацифичка економска соработка (APEC), исто така може да ѝ даде замав на светската економија. Меѓутоа, овој развој на настаните предизвикува да се основаат големи здруженија таму каде што работната сила е поевтина, што доведува до тоа индустријализираните земји да изгубат работни места. Истовремено, работниците кои не се богати гледаат како се намалува нивната и онака скудна заработувачка. Не е никаква случајност тоа што во неколку земји многумина демонстрирале, дури и насилно, против овие трговски спогодби.
Стручњаците предлагаат многу рецепти за борба против невработеноста. Некои се дури контрадикторни, во зависност од тоа дали ги предлагаат економисти, политичари или самите работници. Има и такви кои предлагаат да им се даде на фирмите поттик за да го зголемат персоналот со редуцирање на даночниот товар. Некои препорачуваат масивна интервенција на државата. Други, пак, предлагаат поинаква распределба на работата и намалување на работните часови. Тоа веќе е направено во некои големи фирми, иако во текот на последниов век работната седмица систематски била намалена во сите индустријализирани земји но без редукција на невработеноста. „На крајот“, тврди економистот Ренато Брунета, „секоја постапка се покажува како неделотворна, со трошоци кои ги надминуваат користите.“
„Не треба да се лажеме себеси“, заклучува списанието L’Espresso‚ „проблемот е тежок.“ Премногу тежок за да се реши? Постои ли решение на проблемот на невработеноста?
[Рамка на страница 8]
Древен проблем
Невработеноста е стар проблем. Со векови луѓето повремено се наоѓале принудно без работа. Тогаш кога ќе се завршела работата, десетици илјади работници кои биле користени во огромни градежни проекти станувале невработени — барем сѐ додека не се вработеле на друго место. Во меѓувреме, благо речено, тие имале несигурна егзистенција.
Во текот на средниот век, „иако сѐ уште не постоел проблемот на невработеност во современа смисла на зборот“, невработените постоеле (La disoccupazione nella storia — Невработеноста во историјата). Меѓутоа, во тоа време, оние кои не работеле главно се сметале за никаквеци или багабонти. Дури и во XIX век, многу британски аналитичари „невработените ги поврзувале пред сѐ со ‚простите‘ и со скитниците кои спиеле надвор или кои ноќе шетале по улиците“, објаснува професор Џон Бурнет (Idle Hands — Мрзливи раце).
„Откритието на невработеноста“ се случило кон крајот на XIX век или на почетокот на XX век. Биле основани посебни државни комисии за да го проучат и решат проблемот, како што била Избраната комисија на Долниот дом на Британија, во врска со „Неволјата поради недостиг на вработеност“, во 1895. Безработицата станала општествена чума.
Оваа нова свесност пораснала на еден драматичен начин, особено после Првата светска војна. Тој конфликт, со своето френетично производство на оружје, практично ја елиминирал невработеноста. Но, почнувајќи од 1920-тите години, Западниот свет се соочил со серија рецесии кои достигнале кулминација во Големата криза која започнала во 1929 и ги погодила сите индустријализирани економии во светот. После Втората светска војна, многу земји доживеале нов економски бум и невработеноста опаднала. Но „почетоците на денешниот проблем на невработеност водат потекло од средината на 1960-тите години“, вели Организацијата за економска соработка и развој. Пазарот на трудот претрпел нов удар предизвикан од нафтената криза на 1970-тите и со експлозијата на компјутеризираните информации со нејзините наредни отпуштања од работа. Невработеноста го започнала својот непопустлив подем, продирајќи дури и во оние службенички и раководни сектори кои некогаш се сметале за сигурни.
[Слика на страница 7]
Барањето на повеќе работни места нема да го реши проблемот со невработеност
[Извор на слика]
Reuters/Bettmann