Гледиште на Библијата
Можат ли вистинските христијани да очекуваат божествена заштита?
СО ЦЕЛ да однесат хуманитарна помош до сообожавателите, после молитва, една група христијани патувала во конвој преку завојувано подрачје каде што постоела веројатност да бидат убиени. Поминале безбедно, на големо изненадување на завојуваните војски. Дали Божјиот ангел ги штител?
Една христијанска двојка, која со години служела како проповедници, погинала кога еден авион се срушил на земја каде што тие вршеле дело на евангелизирање од куќа до куќа. Зошто Божјиот ангел не ги упатил нив или авионот на некое друго место во тој особен момент? (Спореди Дела 8:26.)
Споредувајќи ги овие настани, би можеле да прашаме: Зошто некои христијани умираат додека ја вршат Божјата волја, а други преживуваат често пати во многу опасни околности? Можат ли христијаните да очекуваат божествена заштита, особено во овие критични ‚последни денови‘ (2. Тимотеј 3:1).
Целта на божествената заштита
Јехова Бог ветил дека ќе го благослови и заштити својот народ (2. Мојсеева 19:3—6; Исаија 54:17). Тој го направил тоа на еден извонреден начин во првиот век, кога христијанското собрание било во својот зачеток. Изобилувале чуда од секаков вид. Исус размножувал храна за да прехрани илјадници; тој и неговите следбеници излекувале секаков вид болест и немоќ, истерувале натчовечки духови од луѓе кои биле опседнати од демони, па дури и ги подигнувале мртвите. Под божествено водство, новото собрание растело и било цврсто втемелено. Сепак, и покрај сета очигледна поддршка од Бог, многу верни христијани настрадале од она што може да се нарече предвремена смрт. (Спореди Псалм 89:10.)
Разгледај го случајот со Јаков и Јован, Зеведеевите синови. Избрани како апостоли, заедно со Петар, тие биле меѓу најблиските Христови пријатели.a Но Јаков погинал како маченик во 44 година н. е., додека неговиот брат Јован живеел до крајот на првиот век. Очигледно дека двајцата ја вршеле Божјата волја. Зошто било допуштено Јаков да умре, а Јован да живее?
Семоќниот Бог секако дека ја имал способноста да го спаси Јакововиот живот. Всушност, кратко после мачеништвото на Јаков, Петар бил спасен од смрт со помош на Јеховин ангел. Зошто ангелот не го спасил Јаков? (Дела 12:1—11).
Користени во извршувањето на Божјата намера
За да се сфати зошто се дава божествена заштита, мораме да сфатиме дека се дава не само за да овозможи некои поединци да живеат подолго туку за да се заштити и нешто далеку поважно, а тоа е извршувањето на Божјата намера. На пример, се гарантира преживување на христијанското собрание во целина затоа што тоа е тесно поврзано со исполнувањето на таа намера. Меѓутоа, Христос јасно им кажал на своите ученици дека како поединци тие би можеле да се соочат со смрт поради нивната вера. Откако го навел тоа, Исус не го нагласил зачудувачкото ослободување, туку ‚истрајноста до крајот‘ (Матеј 24:9, 13, НС). Фактот што некои поединци биле заштитени, додека други не биле, не покажува дека Бог е пристрасен. Бог едноставно го употребил поединецот кој бил во најдобра положба да ја изврши неговата намера која на крајот ќе биде од корист за целото човештво.
Затоа што предвремената смрт во Божјата служба е реална можност, христијаните треба да го имаат истиот урамнотежен став како и тројцата верни Евреи кои биле осудени на смрт затоа што го обожавале Бог. На вавилонскиот цар тие му рекле: „Нашиот Бог, Кому Му служиме, е силен да нѐ спаси од вжарената печка, па и од твојата рака, царе, ќе нѐ избави. Ако пак и тоа не се случи, извесно нека ти е, царе, дека нема да им служиме на твоите богови и на златниот идол што си го поставил нема да му се поклониме“ (Даниил 3:17, 18).
Јехова го зачувал животот на Петар и Јован поради нивната клучна улога во извршувањето на неговата намера. Петар бил употребен да го „укрепи“ собранието вршејќи пастирско дело, кое вклучувало пишување на две инспирирани библиски книги (Лука 22:32). Јован напишал пет библиски книги и бил ‚столб‘ во раното собрание (Галатјаните 2:9; Јован 21:15—23).
Како Јехова одредува точно кога и на кој начин тој ќе интервенира во животот на своите слуги, невозможно е да се претскаже. Сѐ што може да се наведе со сигурност е тоа дека Христос ветил дека ќе биде со неговите следбеници „преку сите дни до свршетокот на светот“ (Матеј 28:20). Тој ќе биде ‚со нас‘ особено преку ангелското водство во проповедничкото дело (Матеј 13:36—43; Откровение 14:6). Освен овие општи показатели, не можеме точно да предвидиме како божествената помош ќе се манифестира или кој можеби ќе добие божествена заштита. Што ако некој христијанин мисли дека ги имал Божјата заштита и водство? Бидејќи тоа не може уверливо да се докаже или побие, никој не треба да ги суди искрените тврдења на таквиот.
Дали Бог е бездушен?
Дали фактот што Бог ја допушта смртта на христијаните покажува дека тој на некој начин е бездушен? Никако (Проповедник 9:11). Јехова работи на тоа да ни го зачува животот не само за неколку години или дури и децении туку за вечност. Од неговото супериорно гледиште, тој маневрира со настаните за вечната добробит на секој поединец кој го сака или кој доаѓа кај него. (Спореди Матеј 18:14.) Исполнувањето на неговата намера ќе значи потполно отстранување на сѐ што сме поднеле во овој систем на ствари — дури и смрт. Толку се сложени и совршени Божјите постапувања што апостол Павле бил поттикнат да извика: „О, каква длабочина на богатството, премудроста и знаењето на Бога! Колку се неиспитливи Неговите судови и неиспитливи Неговите патишта!“ (Римјаните 11:33).
Затоа што ништо не може да нѐ оддели од Божјата љубов, прашањето што треба да си го постави секој христијанин не е ‚Ќе имам ли божествена заштита?‘ туку ‚Дали имам Јеховин благослов?‘ Ако имаме, тој ќе ни даде вечен живот — без разлика што ќе ни се случи во овој систем на ствари. Во споредба со вечност на еден совршен живот, секое страдање — дури и смртта — во овој систем ќе се чини „моментално и лесно“ (2. Коринтјаните 4:17, НС).
[Фуснота]
a Петар, Јаков и Јован биле сведоци на Исусовото преобразување (Марко 9:2) и воскреснувањето на Јаировата ќерка (Марко 5:22—24, 35—42); тие биле во близината на градината Гетсиманија за време на Исусовото лично искушение (Марко 14:32—42); и тие заедно со Андреј го прашувале Исус за уништувањето на Ерусалим, за неговата идна присутност и за завршетокот на системот на ствари (Матеј 24:3; Марко 13:1—3).