Дали некогаш сте се прашале?
ШТО навистина вели Библијата за Марија, мајката на Исус? Повеќето верници во христијанството се придржуваат за учењето дека Таткото е Бог, Синот е Бог и Светиот Дух е Бог, а сепак дека не се три богови туку три во еден. Со други зборови, тројство. За големи делови од христијанството (католичко, англиканско и православно), ова учење логично го создало верувањето дека според него Марија, мајката на Исус, е „Богородица“. Дали тоа навистина е така? Како гледал Исус на својата мајка? Како гледале учениците на неа? Да видиме како одговара Библијата:
1. Кога Марија за првпат се спомнува во Библијата? (Матеј 1:16).
2. Која религија ја практикувала Марија во времето на Исусовото раѓање? (Лука 2:39, 41).
3. Дали Марија принела жртви за своите гревови? (Лука 2:21—24; спореди 3. Мојсеева 12:6, 8).
4. Дали Марија била девица кога го зачнала Исус? Зошто било важно тоа? (Матеј 1:22, 23, 25; Лука 1:34; Исаија 7:14; Евреите 4:15).
5. Како забременила Марија? (Лука 1:26—38).
6. Како реагирала Марија на своите единствени околности? (Лука 1:46—55).
7. Како покажала Марија дека била загрижена мајка? (Лука 2:41—51).
8. Дали Марија подоцна имала други деца? (Матеј 13:55, 56; Марко 6:3; Лука 8:19—21; Јован 2:12; 7:5; Дела 1:14; 1. Коринтјаните 9:5).
9. Како знаеме дека Исусовите браќа и сестри всушност не му биле братучеди? (Спореди Марко 6:3; Лука 14:12 и Колосјаните 4:10, НС.)
10. Дали Исус гледал на Марија како на „Богородица“? (Јован 2:3, 4; 19:26).
11. Дали Марија се сметала себеси за „Богородица“? (Лука 1:35; Јован 2:4, 5).
12. Дали Исус ѝ дал на својата мајка некакво посебно ласкање или почитување? (Марко 3:31—35; Лука 11:27, 28; Јован 19:26).
13. Како Марија ја гледала својата улога во Јеховините намери? (Лука 1:46—49).
14. Дали Марија е посредничка помеѓу Бог и човекот? (1. Тимотеј 2:5).
15. Во колку од 66-те книги на Библијата е спомната Марија?
16. Дали христијанските пишувачи ја возвишувале Марија во своите книги и писма? (Јован 2:4; 2. Коринтјаните 1:1, 2; 2. Петрово 1:1).
17. Колку пати Марија е спомната по име во дваесет и едното писмо што го напишале Павле, Петар, Јаков, Јован и Јуда?
18. Каква била надежта на Марија како следбеник на Исус? (1. Петрово 2:5; Откровение 14:1, 3).
19. Дали Марија е жената за која станува збор во 1. Мојсеева 3:15 и Откровение 12:3—6? (Исаија 54:1, 5, 6; Галатјаните 4:26).
20. Која е сегашната положба на Марија? (2. Тимотеј 2:11, 12).
Одговорите на Библијата
1. „Јаков го роди Јосифа, мажот на Марија, од која се роди Исус, наречен Христос“ (Матеј 1:16).
2. „Кога извршија сѐ по Законот Господов, се вратија во Галилеја, во градот свој Назарет. И секоја година родителите Негови одеа во Ерусалим на празникот Пасха“ (Лука 2:39, 41). Како Евреи, тие го следеле Законот на Мојсеја.
3. „Кога се навршија деновите на нејзиното очистување, според законот на Мојсеја, Го донесоа во Ерусалим за да Го претстават пред Господа, како што е напишано во Законот Господов, дека секое машко дете, кое прво ќе ја отвори утробата, да се посвети на Господа“ (Лука 2:22, 23). „Кога ќе се навршат деновите на чистењето нејзино, тогаш заради синот или заради ќерката нека донесе при свештеникот пред скинијата на сведоштвото јагне без недостаток, едногодишно — жртва сепаленица или гулапче или грлица како жртва поради грев. Ако не е во можност да донесе јагне, тогаш нека земе две грлици или две гулапчиња, едното како жртва сепаленица, а другото поради жртва за грев; ќе се помоли за неа свештеникот, и таа ќе се очисти“ (3. Мојсеева 12:6, 8).
4. „Не се доближи [Јосиф] до неа, додека таа не Го роди својот првороден Син и го нарече Исус“ (Матеј 1:25). „Марија му рече на ангелот: ‚Како ќе биде тоа, кога јас не знам за маж?‘ “ (Лука 1:34). „Самиот Господ ќе ви даде доказ; ете, Девица ќе зачне и ќе роди Син, и ќе Му го дадат името Емануел“ (Исаија 7:14). „Ние немаме таков Првосвештеник, што не може да не соучествува во нашите слабости, туку таков, Кој искусил сѐ како и ние, освен грев“ (Евреите 4:15).
5. „Ангелот ѝ . . . рече: ‚Светиот Дух ќе слегне на тебе и силата на Севишниот ќе те осени; па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече Син Божји . . . Нема да остане во Бога ниеден збор без сила‘ “ (Лука 1:35, 37).
6. „Рече Марија: ‚Мојата душа го велича Господа, и мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот мој . . . Силниот ми направи големи дела, и свето е Неговото име‘ “ (Лука 1:46, 47, 49).
7. „Кога Го видоа, се зачудија; и мајка Му рече: ‚Синко, што ни направи така? Ете, татко ти и јас се измачивме, барајќи Те‘. А Он рече: ‚Што сте Ме барале? Зар не знаете дека Јас треба да бидам во она, кое што е на Мојот Отец?‘ “ (Лука 2:48, 49).
8. „Не е ли Овој син на дрводелецот? Мајка Му не се ли вика Марија, и браќата Негови — Јаков и Јосија, Симон и Јуда? И сестрите Негови не се ли сите меѓу нас?“ (Матеј 13:55, 56). „Слезе во Капернаум, Он и мајка Му, и браќата [грчки аделфѐ] Негови, и учениците [грчки матетѐ] Негови; и таму останаа неколку дена“ (Јован 2:12).
9. Постојат посебни грчки зборови за брат и братучед. „ ,Не е ли Он дрводелецот, Синот на Марија, брат [грчки аделфо́с] на Јакова, Јосија, Јуда и Симона? И не се ли овде меѓу нас сестрите [грчки аделфѐ] Негови?‘ И се соблазнија заради Него“ (Марко 6:3). „Не кани ги . . . роднините свои [грчки сингени́с]“ (Лука 14:12). „Марко, братучедот [грчки анепсио́с] на Варнава . . .“ (Колосјаните 4:10, НС, видете The Kingdom Interlinear Translation of the Greek Scriptures).
10. „Исус ѝ рече: ‚Што бараш од Мене, жено? Уште не дошол Мојот час‘ .“ „Исус, штом ја виде мајка Си, и ученикот, кого го љубеше, како стои, ѝ рече на мајка Си: ‚Жено, ете ти син!‘ “ (Јован 2:4; 19:26). Исусовото користење на „жено“ не било неучтиво според употребата во тоа време.
11. Ниеден библиски текст не го користи изразот „Богородица“.
12. „Една жена извика од народот и Му рече: ‚Блажена е утробата, што Те носела, и градите, од кои си се хранел!‘ А Он рече: ‚Да, но [Не, туку, НС] блажени се и оние што го слушаат словото Божјо, и го пазат‘ “ (Лука 1:27, 28).
13. „Рече Марија: ‚Мојата душа Го велича Господа . . . оти ја погледа смиреноста [ниската положба, НС] на слугинката Своја, и ете, отсега ќе ме ублажуваат сите родови‘ “ (Лука 1:46, 48).
14. „Зашто еден е Бог, и еден е Посредникот помеѓу Бога и луѓето — Човекот Христос Исус“ (1. Тимотеј 2:5).
15. Пет — Матеј, Марко, Лука, Јован и Дела. Таа се појавува 19 пати како „Марија“, 24 пати како „мајка“ на Исус и двапати како „жено“.
16. Освен од страна на четирите писатели на Евангелијата, Марија никогаш не е споменета — па нити во уводите на апостолските писма. „Павле, апостол на Исуса Христа по волја Божја . . . благодат и мир од Бога Отецот наш, и Господа Исуса Христа!‘ “ (2. Коринтјаните 1:1, 2). „Симон Петар, слуга и апостол на Исуса Христа . . . преку правдата на нашиот Бог и Спасител Исус Христос“ (2. Петрово 1:1).
17. Нити еднаш.
18. „И вие сами, како живи камења, изградувајте од себе духовен дом, свештенство свето, за да принесете духовни жртви, кои Му се на Бога пријатни преку Исуса Христа“ (1. Петрово 2:5). „Видов: ете, Агнецот стои на гората Сион, и со Него сто и четириесет и четири илјади, што го имаа на челата свои напишано името на Неговиот Отец. И како да пеат нова песна пред престолот . . . , и никој не можеше да ја научи таа песна, освен оние сто и четириесет и четири илјади, кои што беа откупени од земјата“ (Откровение 14:1, 3).
19. „Развесели се, ти неплодна, што не раѓаш; воскликни и извикај ти, која не си почувствувала родилни маки; зашто напуштената има многу повеќе деца од онаа, која има маж, вели Господ. Зашто твојот Творец е твојот сопруг; Господ Саваот е името Негово, твој искупител е Светецот Израилев: Он ќе се нарече Бог на целата земја“ (Исаија 54:1, 5). „Горниот Ерусалим е слободен: тој е мајка на сите нас“ (Галатјаните 4:26). Божјата симболична жена, небесниот Сион, Јеховината небесна организација, е споредена со сопруга и мајка, и таа е „жената“ во овие текстови.
20. „Верни се зборовите: ‚Ако со Него сме умреле, со Него и ќе оживееме. Ако трпиме, со Него и ќе царуваме; ако се одречеме, и Он ќе се одрече од нас“ (2. Тимотеј 2:11, 12). Ако Марија се покажала верна до смртта, таа сега владее на небото заедно со другите од 144.000 кои владеат со Христос (Откровение 14:1, 3).