Слобода на говорот — дали се злоупотребува?
ВРАТАТА на XXI век само што не се отворила. Без сомнение, новиот век ќе донесе нови надежи, идеали, морални ставови, визии за зачудувачки технологии и барања за поголеми слободи. Традиционалните гледишта на владите, религиите и луѓето веќе им отстапуваат место на новите гласови и барања. На многу места постои трка да се симнат постоечките ограничувања на слободата на говорот и изразувањето, без оглед на последиците!
Она што некогаш не го одобрувале и го забранувале водителите на радиото и телевизијата, како и цензорите — непристојниот јазик и порнографските сцени и гестови — сега во многу земји е вообичаено, прикриено со правото на слобода на говор!
Оние кои се вешти во користењето компјутери, како возрасните така и децата, сега за секунди можат да пренесуваат графички слики од разуздани сексуални постапки до други континенти и да разговараат со познати сексуални престапници и злоупотребувачи на деца, кои бараат имиња и адреси за тајни состаноци. Музика со текстови што сугерираат и охрабруваат на самоубиство и на убивање родители, полиција и владини службеници, сега секојдневно се слуша на радиото и телевизијата или на снимки кои ги слушаат децата.
Малкумина од оние кои бараат неограничена слобода на говорот не би се сложиле со судијата од Врховниот суд, Оливер Вендел Холмес Помладиот, кој пред повеќе од половина век, во фамозната преломна одлука во врска со слободата на говорот напишал: „Најстрогата заштита на слободата на говорот не би заштитила човек кој во некој театар би дигнал лажна тревога за пожар и би предизвикал паника“. Последиците кои произлегуваат од таквата постапка се јасни. Тогаш, колку е неразумно, истите тие да ѝ придаваат мала или никаква вредност на подоцнежната пресуда на истата одлука и да постапуваат со инаетливо пркосење. „Прашањето, во секој случај“, рекол Холмес, „е дали употребените зборови се користени во такви околности и се од таква природа за да предизвикаат јасна и постоечка опасност, што ќе донесат значајни зла кои Конгресот има право да ги спречи.“
Компјутерска порнографија
„Денес сексот го има насекаде“, известило списанието Time‚ „во книгите, списанијата, филмовите, телевизијата, музичките видеа и на рекламите за парфеми на автобуските станици. Тој се печати на деловни картички кои рекламираат порнографски услуги по телефон и се подметнуваат под бришачите на шофершајбните . . . Повеќето Американци станале толку навикнати на отвореното прикажување еротика — и на аргументите зошто таа ужива посебен статус под Првиот амандман [слобода на говор] — што тие едвај забележуваат дека е тука.“ Меѓутоа, постои нешто во врска со комбинацијата на отворениот секс и компјутерите што донело нова димензија и значење на зборот „порнографија“. Таа станала популарна, продорна и ширум распространета по обем.
Според една студија, претплатници на системите на компјутерските огласни табли ориентирани кон возрасни, кои биле спремни да плаќаат месечни такси што варираат од 10 до 30 долари, биле најдени во „повеќе од 2000 градови во сите 50 американски држави и во 40 земји, територии и провинции низ светот — вклучувајќи и некои земји како Кина, каде што поседувањето порнографија може да биде капитален престап“.
Списанието Time опишува еден тип компјутерска порнографија како „збирка од ‚настран‘ материјал што вклучува слики на врзување, садомазохизам, уринирање, дефекација и сексуални постапки со полна штала животни“. Појавувањето на ваквиот материјал на јавната компјутерска мрежа, достапна за мажи, жени и деца ширум светот, покренува сериозни прашања во врска со злоупотребата на слободата на говорот.
„Штом во мрежата се вклучени деца“, забележал еден британски весник, „тврдата порнографија повеќе не е ограничена на највисоките полици кај продавачите на весници, туку таа е потенцијално на дофат на секое дете, а тоа значи потајно во спалната“. Се предвидува дека 47 проценти од сите британски домови со компјутери, ќе бидат приклучени на компјутерските мрежи до крајот на 1996. „Многу британски родители се исклучени од светот со висока технологија во кој живеат нивните деца. Во изминатите 18 месеци, ‚јавањето по брановите на Нет‘ станало една од најпопуларните разоноди кај тинејџерите“, рекол весникот.
Кетлин Махони, професорка по право на универзитетот Калгари (Канада) и експерт за правни прашања околу порнографијата, рекла: „Јавноста треба да биде свесна дека постои еден цел неконтролиран медиум преку кој децата можат да бидат злоупотребувани и експлоатирани“. Еден канадски полициски службеник рекол: „Знаците се јасни дека на хоризонтот се наѕира еден бум на случаи на детска порнографија поврзана со компјутери“. Многу групи за советување на семејството инсистираат на тоа дека компјутерската порнографија која ја гледаат децата и влијанието што таа може да го има врз нив „претставува јасна и постоечка опасност“.
Разидувачки мислења
Граѓанските поборници за слободоумни идеи се бесни поради напорите на Конгресот да ги ограничи таквите работи, како што е компјутерската порнографија, во согласност со одлуката на судијата Холмес и Врховниот суд на САД. „Тоа е фронтален напад на Првиот амандман“, објавил еден харвардски професор по право. Дури и искусните обвинители го исмејувале тоа, коментирало списанието Time. „Тоа нема да ја помине истрагата ниту во судот за прекршоци“, рекол некој. „Тоа е цензура на владата“, рекол еден службеник од Информативниот центар за електронска приватност. „Првиот амандман не треба да заврши онаму каде што почнува Интернет“, го цитирал Time како кажува. „Јасно дека тоа е повреда на слободниот говор“, изјавил еден конгресмен од САД „и тоа е повреда на правото на возрасните да комуницираат еден со друг.“
Една професорка на Правниот факултет во Њујорк аргументира дека постои нешто добро во различното изразување на сексот, вон граѓанските права и слободниот говор. „Сексот на Интернет всушност би можел да биде добар за младите луѓе“ известил Time во врска со нејзиното гледиште. „[Cyberspace] е сигурен простор во кој може да се истражува забранетото и она што е табу . . . Тоа нуди можност за вистински разговори, кои се без срам во врска со точните, како и замислените претстави за сексот“, рекла таа.
Исто така, многу млади луѓе, особено студенти, се бунат заради какви било ограничувања на порнографијата на компјутерските мрежи. Некои марширале во знак на протест заради она што тие го сметаат за скратување на нивните права на слобода на говор. Еден глас цитиран во The New York Times‚ иако не оној на некој студент, ги одразува, без сомнение, мислењата на многумина кои приговараат на секој предлог кој би забранил порнографија на компјутери: „Јас претпоставувам дека тој ќе биде колективно исмеан и игнориран од сите корисници на Интернет во земјава, а во врска со останатите од светската заедница на Интернет, тоа ќе ги направи САД предмет на исмејување“.
Известувајќи за изјавата на службеник на една група за граѓански права, U.S.News & World Report го дал овој коментар: „Cyberspace [компјутерски мрежи] може да ѝ даде поголема моќ на слободата на говорот отколку Првиот амандман. Навистина, можеби веќе ‚станало буквално невозможно за владата да ги замолчи луѓето‘ “.
Во Канада се водат битки за она што може да го повреди прописот за слободата на изразување во Повелбата за правата и слободите. Биле извршени апсења на уметници чии слики побудиле гнев кај критичарите и полицијата, кои ги етикетирале како „непристојни“. Уметниците и застапниците за слободен говор се обединиле да протестираат за да ги жигосаат апсењата како нарушување на нивната слобода на говор. Сѐ до пред околу четири години, полицијата редовно запленувала порнографски видеокасети поради канадскиот закон за непристојност, а случаите биле давани на суд и им биле изрекувани пресуди на трговците кои ги продавале.
Но, сето тоа се променило во 1992, кога во еден преломен судски процес Врховниот суд на Канада одлучил таквите производи да бидат заштитени од гонење, поради гаранцијата на слободата на изразување во Повелбата за правата и слободите. Судската одлука „донела забележителни промени во канадското општество“, напишало списанието Maclean’s. „Во многу градови сега е вообичаено да се најдат тврди порнографски списанија и видеокасети во продавниците“, забележало списанието. Дури и оние за кои судот одлучил дека можат да бидат забранети сѐ уште се достапни за потрошувачите.
„Знам дека ако влезете внатре, ќе најдете работи кои можеби се незаконски“, рекол еден полициски службеник. „Тоа е веројатно работа за која би можеле да одиме и да поднесеме обвинение. Но . . . ние немаме време.“ Тие немаат гаранција ни дека обвиненијата би се одржале. Во ова попустливо време, се става акцент на неограничената лична слобода, а во судовите често преовладува јавното мислење. Но, без разлика какво е начелото, дебатата ќе продолжи да предизвикува длабоки и раздорни страсти на двете страни — за и против.
Некое време Јапонија се наоѓала под тешки ограничувања во поглед на слободата на говорот и на печатот. На пример, за еден земјотрес, кој бил измерен со 7,9 степени според Рихтеровата скала и оставил преку илјада мртви, не можело отворено да се извести. За случаи на корупција и за убивање на љубовници еден со друг во самоубиствени договори, не можело да се извести. Уредниците на весниците попуштиле на владините закани, затоа што контролите се интензивирале дури и во работи кои се сметале за безначајни. Меѓутоа, после II светска војна, ограничувањата биле симнати и Јапонија се радувала на поголема слобода на говорот и на печатот.
Навистина, клатното се нишало кон друга крајност додека списанијата и некои стрипови за деца биле исполнети со еротски и непристојни цртежи. Еден водечки токиски весник, The Daily Yomiuri‚ еднаш забележал: „Можеби еден од најшокантните призори за еден странец кога првпат ќе стигне во Јапонија, се бизнисмените кои читаат стрипови со отворен секс во токиските метроа. Изгледа дека сега трендот ја погодил другата половина од популацијата додека на полиците од книжарниците и супермаркетите се појавуваат стрипови за жени со тврда порнографија“.
Во 1995, угледниот весник Asahi Shimbun ја нарекол Јапонија „Порно-рај“. Додека уредниците и издавачите барале свое доброволно решение на приговорите од родителите наместо од владините регулативи, младите читатели протестирале. Некој се прашува: ‚Чии гласови конечно ќе преовладаат?‘
Слободата на говорот сега е тема на голема полемика во Франција. „Без сомнение“, напишал францускиот автор Жан Оранж во својата книга за слободата на говорот, „историјата на слободата на говорот не е завршена и ќе продолжи да создава поделби . . . Тешко да помине година, без да излезе некој филм или телевизиски серии или, пак, рекламна кампања а да не предизвика жестока реакција, повторно будење на старата и бесконечната дебата во врска со цензурата.“
Една статија која се појави во парискиот весник Le Figaro извести дека една рап група, наречена Ministère amer (Горчлива служба) ги поттикнува своите обожаватели да убиваат полицајци. Еден од нивните текстови гласи: „Нема да има мир ако [полицаецот] не почива во мир“. „На нашата плоча“, изјавил претставникот на групата, „им кажуваме да ја изгорат полициската станица и да ја жртвуваат [полицијата]. Што би можело да биде понормално?“ Против рап групата не била преземена никаква постапка.
Рап групите во Америка, исто така, се залагаат за убивање на полицијата и го изјавуваат правото за такви изјави под заштита на слободата на говорот. Во Франција, Италија, Англија и други нации во Европа и околу светот, од сите сектори може да се слушне повик дека не треба да се ставаат ограничувања на слободата на јавниот говор, па дури и ако говорот е „од таква природа што предизвикува јасна и постоечка опасност“. Кога ќе заврши полемиката и чија страна ќе се појави како победник?
[Слика на страница 7]
Компјутерската порнографија „збирка од ‚настран‘ материјал“