Моето хоби е астрономија
ЖИВЕАМ на Северниот остров на Нов Зеланд, во Јужниот Пацифик. Уште кога бев 15-годишен дечко, се интересирав за астрономија. Тоа е мирно хоби кое може да биде толку едноставно или комплицирано колку што сакате. Бидете уверени дека не Ви треба диплома по физика или да бидете математички гениј за да уживате во астрономијата.
Повеќето хоби бараат некаква опрема. Значи, што ќе Ви биде потребно? Главно Вашите очи. Кога првпат ќе излезете ноќе од осветлените соби на Вашата куќа, ќе Ви бидат потребни десетина минути за да Ви се привикнат очите на намалената светлина. Ако сте градски жител, можеби ќе забележите дека уличните и куќните светла сметаат. Што можете да сторите во врска со тоа? За добри резултати, поставете се во положба заштитени од овие извори на светлина.
Најдобрите услови за гледање ќе ги уживате во темна ноќ, без облаци и без Месечина. Месечината ѝ дава пригушен слаб блесок на атмосферата, предизвикувајќи многу ѕвезди со послаб сјај да исчезнат. Колку ѕвезди можете да видите со голо око? Обично помеѓу 2.000 и 4.000. Ѕвездите кои се поблиску до хоризонтот потешко можат да се видат затоа што ги гледате низ погуста прекривка на атмосферата, кое доведува до поголемо замаглување и искривување. Некои луѓе се изненадени од тоа што само релативно мал број ѕвезди можат да се видат со голо око, затоа што се чини дека има милиони кога првпат ќе погледнеме нагоре.
Ѕвезда или планета?
Кога ќе се види посветла точка светлина, се покренува прашањето: Дали тоа е ѕвезда или планета? Ѕвездите се светлосни извори, огромни нуклеарни мотори кои ги исфрлаат своите електромагнетни сигнали во вселената. Тие се на големо растојание од Земјата, од кои најблиската — освен Сонцето — е оддалечена 4,3 светлосни години. Светлината патува со брзина од околу 299.000 километри во секунда. Поради тоа што светлината од ѕвездите патува толку далеку за да дојде до нас, таа станува доста слаба. Потоа мора да помине низ сѐ погустата Земјина атмосфера, која ги свиткува светлосните зраци во двата правца. „Трепкај, трепкај ѕвездичке мала, што си ти, да знам, би сакала“, гласи една песничка за деца, придавајќи им малку живост на немите небеса. Ако трепка, тогаш станува збор за ѕвезда.
Меѓутоа, планетите само рефлектираат светлина од Сонцето, исто како и Месечината. Тие се релативно блиску до нас и се сочленови на Сончевата фамилија, Сончевиот систем. Значи, планетите кои можат да се видат со голо око рефлектираат светлина која е постојана и која не трепка.
Достапна е помош
Ако сакате да продолжите понатаму, дозволете ми да Ви кажам нешто за некои помагачи кои го прават моето хоби попријатно. Првиот е ѕвездениот атлас. Примерокот кој моментално го имам е Norton’s Star Atlas (Нортонов атлас за ѕвезди), ревидирано издание. Тој содржи одлични карти на небесата, како и информации кои го запознаваат аматерот со речникот на астрономијата.
Мојот втор помагач е планисферата, што се состои од два пластична диска, еден врз друг, кои се прицврстени со купола во центарот. Горниот диск, со прозорец, може да ротира околу долниот кој има ѕвездена табела и може да се намести според бараното време и датум. Сега можете да одредите кои ѕвезди се видливи од Вашата точка на гледање во часот и времето од годината и на Вашата географска ширина. На Нов Зеланд, без проблеми може од многу книжарници да се купи или нарача Philips’ Planisphere. Кога купувате планисфера, ќе треба да ја знаете географската ширина на Вашиот роден град, северно или јужно од екваторот.
Треба ли да купите телескоп? Ако продолжите со ова хоби, претполагам дека на крајот и ќе купите. Постојат три вида — рефракторски, рефлекторски и рефракторско-рефлекторски. Посетете ја Вашата јавна библиотека за да побарате книги за астрономија и за телескопи. Изненадува тоа што лесно можете сами да си направите рефлекторски телескоп. Вложете пари во ефтина книга за тоа како да се направи астрономски телескоп. Ќе откриете дека тоа е интересен потфат.
Двогледот дава поглед со широк видик на небото. Можете да видите прекрасни ѕвездени јата кои се обесени како скапоцени камења во црното кадифесто небо. Можете да видите снопчиња облаци кои всушност се небули, облаци од прав и гас, кои се со светлосни години оддалечени во длабоката вселена. Светливиот појас на Млечниот пат може да се види од која и да било точка на Земјата. Двогледот е најдобар и за пролетување низ небото кога се бараат или набљудуваат комети, скитници кои повремено се прикраднуваат во нашата блиска вселена. Локалните весници можат да содржат седмични статии кои се наменети да Ви помогнат да го набљудувате ноќното небо.
Дали поседувате личен компјутер? Постојат некои програми за астрономија во кои би уживал некој почетник, како и некои програми кои се понапредни. Јас го користам својот компјутер за складирање секаков вид информации кои се поврзани со моето хоби. Постојат и популарни списанија за астрономија. Одвреме навреме, Разбудете се! печати статии на таа тема.
Месечината и планетите
Се разбира, нема тешкотија за да се најде Месечината. Кога е видлива, таа владее со ноќното небо. Полната месечина навистина е прекрасна, која се чини како да плови од исток спрема запад додека ноќта преминува во зора. Ако набљудувате поблиску, со ѕвездите како водач, ќе откриете дека Месечината всушност патува во истиот правец како и ние, од запад спрема исток. Проверете го тоа во период од еден или два часа или две ноќи по ред, забележувајќи ја положбата на утврдените ѕвезди во однос на Месечината. Поради тоа што Земјата се врти околу својата оска побрзо отколку што Месечината кружи во орбитата, Месечината ја оставаме зад нас.
Кога Месечината е полна, астрономот може да се соочи со еден проблем — премногу светлина. Отсекогаш најмногу сум уживал да ја набљудувам Месечината кога е 4 до 7 дена или 22 до 24 дена стара затоа што сенките на нејзините планини и рабовите на кратерите се подолги и поизострени. Поради тоа што Месечината е единственото небесно тело кое е доволно блиску за да ги видиме со голо око нејзините постојани белези на површината, нејзината површина изгледа различно во зависност од тоа дали сте северно или јужно од екваторот.
Тоа е случај и со соѕвездијата, или ѕвездените структури, поради што за Вас е подобро да користите карти кои се печатени за Вашата хемисфера. Инаку, тие се свртени и со горната страна надолу и со предната страна позади — што е донекаде збунувачки, особено за аматер. Исто така, мора да се спомене дека астрономскиот телескоп го прикажува предметот што се набљудува превртен со горната страна надолу. Но каде се планетите? Прво, постојат две работи кои треба да ги знаеме: Што се еклиптика и зодијак?
Еклиптиката е замислената патека на Сонцето на неговиот годишен пат, со ѕвездите кои се во позадината. Еклиптиката го пресекува небесниот екватор на околу 23,5 степени. Зодијакот, што значи „круг на животните“, претставува замислен појас кој ја следи еклиптиката околу 8 степени на секоја страна. Сонцето, Месечината и планетите кои можат да се видат со голо око секогаш се во границите на зодијакот. Ќе знаете дека гледате во планета после последователното ноќно набљудување, затоа што планетата се сместува во различна положба во однос на привидно утврдените ѕвезди.
Но, во која планета гледам? Меркур и Венера секогаш ќе бидат на запад во вечерното небо и на сабајле на исток, и никогаш над главата. Единствен конкурент на Венера е Месечината. Без сомнение, позната Ви е како утринска или како вечерна ѕвезда. Планетите кои кружат во орбитата околу Сонцето надвор од Земјата патуваат од исток спрема запад. Марс, Јупитер, Сатурн и Уран, исто така, се видливи за голото око. Во почетокот ќе има потреба да се консултирате со некаков извор на информации за нивната положба, затоа што се кријат меѓу ѕвездите.
Ѕвездите
Ќе увидите дека ѕвездите секогаш се фасцинантни точки на светлина. Запознавањето со соѕвездијата може да биде почеток на ново пријателство со тоа дело на Творецот кое влева стравопочитување.
Некои ѕвезди се од посебен интерес за нас. Една е Сириус — најсјајната ѕвезда. Таа е и двојна ѕвезда, затоа што тоа се две ѕвезди кои се во орбитата околу еден заеднички центар. Втората најсјајна ѕвезда е Канопус. Вселенските летала ја користат оваа ѕвезда за да ја најдат својата положба во вселената и да ги свртат антените спрема Земјата за да ги олеснат командните врски.
Збор на предупредување
1) Астрономијата треба да биде хоби, а не опсесија. Одлично правило е: „Творецот пред творбите“. 2) Во никој случај, никогаш немојте да гледате во Сонцето или да го истражувате небото каде и да било во неговата близина со телескоп или со двоглед; казната може да биде слепило. 3) Немојте да верувате во сѐ што ќе прочитате. Старите книги како и недокажаните теории можат да Ве заведат. 4) Не брзајте да ги трошите парите на опрема, затоа што можете да го изгубите својот интерес.
Моето хоби е бескраен потфат на откритија и чуда. Дури и во вечниот живот во Божјиот нов свет, никогаш нема да ги дознаеме сите мистерии на космосот (Проповедник 3:11; 8:17). Но тогаш ќе биде восхитувачки постојано да се дознава сѐ повеќе за него. (Приложено.)