Набљудување на светот
TBC — „Глобална вонредна состојба“
Секоја година, туберкулозата (TBC) убива повеќе возрасни отколку СИДА-та, маларијата и тропските болести заедно, наведува Светската здравствена организација (WHO). Секоја секунда, некој некаде се заразува со TBC. Бактеријата на TBC може да се пренесе со кашлање или кивање. WHO очекува дека во текот на следните десет години, 300 милиони луѓе ќе бидат заразени со TBC и 30 милиони ќе умрат од него. Што е уште полошо, појавата на некои видови TBC кои се отпорни на лекови се заканува болеста да ја направи неизлечива. Според WHO‚ „само 5—10% од луѓето кои се заразени со TBC всушност самите се разболуваат или се заразуваат, затоа што имунолошкиот систем ‚ги оградува‘ организмите на TBC“. Сепак, пандемијата е толку сериозна што WHO ја прогласила за „глобална вонредна состојба“ — прва таква објава во историјата на WHO.
Жедта не е доволна
„Ако човек се ослонува на жедта, тој нема доволно да пие“, вели д-р Марк Дејвис, професор по физиологија на трудот. Многу луѓе остануваат во мала дехидрирана состојба, затоа што осетот за жед се појавува откако телесните течности веќе се намалиле. И како што луѓето стареат, нивниот механизам за жед станува послаб. Како што се известува во The New York Times, потребно ни е повеќе вода кога времето е жешко или претерано студено и суво, кога тренираме или сме на диета, и кога имаме некаква болест придружена со такви состојби како што се дијареа, треска и повраќање, кои предизвикуваат губење на течности. На оние кои се на исхрана со висок процент на влакна, исто така, им се потребни повеќе течности за влакното да се движи низ цревата. Иако овошјето и зеленчукот можеби содржат високи проценти вода, повеќето наши потреби се задоволени со пиење. Водата е најдобра затоа што телото најбрзо ја апсорбира. Колку е посладок пијалокот, толку побавно се апсорбира. Газираните пијалоци, всушност, Ве прават уште пожедни затоа што потребна е течност да се свари шеќерот. Поради тоа што кофеинот и алкохолот се диуретици, зависноста од пијалоци што ги содржат може да доведе до губење вода. „Возрасните луѓе треба да пијат најмалку осум чаши од 2,4 децилитри вода секој ден“, вели Times.
Сончевата светлина го зголемува моралот
Донесувањето повеќе природна светлина во една зграда доведува до „повисока продуктивност“ и до „помалку изгубени денови поради изостанување од работа“, известува The Wall Street Journal. Првобитно воведен како начин да се зачува енергија, градежната архитектура која ја привлекува сончевата светлина на работното место носи големи награди во поглед на подобрениот морал кај вработените. На пример, кога аерокосмичкиот џин Lockheed Corporation отвори нова канцеларија во Санивејл (Калифорнија), нејзината конструкција која штеди енергија „напола ги намали вкупните трошоци на енергија“. Меѓутоа, она што Lockheed не го очекуваше беше тоа дека вработените ќе ја сакаат својата нова околина толку многу што „изостанувањето од работа паднало“ на 15 проценти. Предностите на пуштање повеќе сончева светлина во зградата не поминале незабележани ниту меѓу трговците. Еден трговец открил дека продажбите биле „значително повисоки“ во продавниците кои користеле природна светлина наместо вештачка светлина.
Свет кој внимава на водата
„Војните на следниот век ќе бидат поради вода“, предупредува Исмаил Серагелдин, потпретседател на Светската банка за екологија. Според Серагелдин, 80 земји веќе имаат недостиг на вода кои ги загрозуваат здравјето и економијата. Но проблемот не е во тоа што нема доволно вода на Земјата. „Вкупната количина свежа вода на Земјата ги надминува сите замисливи потреби на човечката популација“, вели хидрологот Роберт Амброги. Повеќето кризи се должат на лошото управување со водата. Половина од водата која се користи во наводнувањето прокапува под земја или испарува. Градските системи за довод на вода пропуштаат 30 до 50 проценти од својата вода, а понекогаш дури и уште повеќе. „Доаѓа време“, вели The Economist‚ „кога со водата ќе мора да се постапува како со вреден посед, како што е нафтата, а не бесплатен како што е воздухот“.
Копање по Содом и Гомор
Шведските археолози тврдат дека ги пронашле древните Содом и Гомор. Во соработка со Министерството за антиквитети на Аман, научниците ги оствариле своите откритија во Ел Лисан, источно од Мртвото море во Јордан. Шведскиот весник Östgöta-Correspondenten објаснува дека зачудувачко е откривањето на остатоци на згради кои биле уништени отприлика 1.900 години пред Христос. Археолозите се убедени дека ги пронашле Содом и Гомор. Откако извршиле анализа на грнчарството, на ѕидовите, гробниците и кременот, нивниот заклучок бил дека градовите биле уништени од природна катастрофа. Меѓутоа, Библијата покажува дека Бог бил тој кој го извршил уништувањето поради тешкиот неморал во тие градови.