Дали сме предодредени од нашите гени?
„ПОРАНО мислевме дека нашата судбина е во ѕвездите. Сега знаеме дека нашата судбина во голема мера е во нашите гени.“ Така се изразил Џејмс Вотсон, цитиран на почетокот од книгата Експлодирање на митот за гените, од Рут Хабард и Елајџа Волд. Меѓутоа, веднаш под Вотсоновиот цитат, Р. К. Левонтин, Стивен Роуз и Леон Џ. Камин цитирани се со зборовите: „Не можеме да помислиме на некакво значајно човечко социјално однесување кое е вградено во нашите гени на таков начин што не може да биде обликувано од социјалните услови“.
Заштитната корица на таа книга резимира дел од нејзината содржина и започнува со пресудното прашање: „Дали човечкото однесување е генетско?“ Со други зборови, дали човечкото однесување е целосно одредено од гените кои ги посредуваат наследните биолошки карактеристики и одлики на организмот? Дали треба да биде прифатливо одредено неморално однесување врз основа на тоа што е генетско? Треба ли со криминалците да се постапува како да се жртви на својот генетски код, со што се во состојба да полагаат право на намалена одговорност поради генетска предиспозиција?
Не може да се порекне дека научниците направиле многу корисни откритија во овој век. Меѓу тие откритија е и фасцинантната ДНК, таканаречениот нацрт на нашиот генетски состав. Информациите кои ги содржи генетскиот код ги заинтригирале не само научниците туку и лаиците. Што навистина открило истражувањето на полето на генетиката? Како се искористени откритијата за да се поддржи современата доктрина за претпрограмирање или предодреденост?
Што е со неверноста и хомосексуалноста?
Според една статија објавена во The Australian, некое генетско истражување тврди дека „неверноста веројатно е во нашите гени . . . Изгледа дека нашите неверни срца се наменети за таа цел“. Само замислете си каков неред би можел да предизвика таквиот став во браковите и семејствата, создавајќи изговор за секој кој сака да полага право на намалена одговорност поради промискуитетен начин на живот!
Во врска со хомосексуалноста, списанието Newsweek го носело ударниот наслов „Вродена или стекната?“ Статијата навела: „Науката и психијатријата се борат да го сфатат новото истражување кое укажува на тоа дека хомосексуалноста можеби е работа на генетиката, а не на родителството . . . Во самата хомосексуална заедница, за многумина е добредојдено укажувањето дека хомосексуалноста започнува во хромозомите“.
Статијата потоа го цитира д-р Ричард Пилард, кој рекол: „Една генетска компонента во сексуалната ориентираност вели: ‚Тоа не е маана, и ти не си виновен‘“. Зајакнувајќи го и понатаму овој „без маана“ аргумент, Фредерик Витам, истражувач на полето на хомосексуалноста, забележува дека „кај луѓето постои тенденција кога ќе им се каже дека хомосексуалноста е биолошка, да издивнат во знак на олеснување. Тоа ги ослободува семејствата и хомосексуалците од вина. Тоа исто така значи дека општеството не мора да се грижи за такви работи како што се хомосексуални учители“.
Медиумите понекогаш го презентираат таканаречениот доказ дека хомосексуалните склоности се одредени од гените како заснован врз факти и убедлив наместо како можност и неубедлив.
Списанието New Statesman & Society истура ладна вода врз дел од надареноста за речитост: „Заслепениот читател можеби сосема ја превидел површноста на сегашниот вистински физички доказ — или, всушност, тоталниот недостиг на темел на научното незамисливо [бесрамно] тврдење дека промискуитетот ‚е кодиран во машките гени и втиснат во електронската плоча на машкиот мозок‘“. Во нивната книга Cracking the Code (Дешифрирање на кодот), Дејвид Сузуки и Јосиф Левин ја додаваат својата загриженост во врска со моменталното генетско истражување: „Иако е возможно да се тврди дека гените вршат влијание врз однесувањето во една општа смисла, сосема друга работа е да се покаже дека еден одреден ген — или пар гени, па дури и збир на гени — вистински контролираат одредени детали од реакциите на животното на неговата околина. Во овој момент, чесно е да се праша дали некој пронашол, во строга молекуларна смисла на лоцирање и манипулирање, некакви нишки на ДНК кои предвидливо влијаат врз одредени однесувања“.
Гени за алкохолизам и криминалност
Проучувањето на алкохолизмот низ годините фасцинирало многу генетски истражувачи. Некои тврдат дека проучувањата покажале дека присуството или недостигот на одредени гени е одговорен за алкохолизмот. На пример, во 1988 The New England Journal of Medicine известил дека „во текот на изминатата деценија, три одвоени истражувања создале убедливи докази дека алкохолизмот е наследна особина“.
Меѓутоа, некои специјалисти на полето на зависноста сега го оспоруваат гледиштето дека алкохолизмот во голема мера е под влијание на биолошките фактори. Еден извештај во The Boston Globe од 9 април 1996, навел: „На повидок нема никаков ген за алкохолизам, и некои истражувачи признаваат дека најмногу што можеби ќе пронајдат е генетска ранливост која им дозволува на некои луѓе да пијат премногу без да бидат поднапиени — особина која може да ги предиспонира кон алкохолизам“.
The New York Times известил за една конференција на универзитетот во Мериленд, под наслов: „Значењето и важноста на истражувањето на генетика и криминално однесување“. Идејата за криминален ген е атрактивно едноставна. Се чини дека многу коментатори се спремни да се приклучат на победничката страна. Еден научен писател во The New York Times Magazine навел дека злото може да биде „всадено во навоите на хромозомите кои што нашите родители ни ги предаваат при зачнување“. Една статија во The New York Times известила дека постојаната дискусија околу гените за криминалност создава впечаток дека криминалот има „заедничко потекло — абнормалност на мозокот“.
Жероум Кеган, харвардски психолог, предвидува дека ќе дојде време кога генетските тестови ќе ги идентификуваат децата кои имаат насилничка жица. Некои луѓе укажуваат дека можеби ќе има надеж да се контролира криминалот преку биолошка манипулација наместо преку социјална реформа.
Јазикот кој се користи во извештаите за овие размислувања во врска со генетската основа за однесувањето, честопати е нејасен и несигурен. Книгата Експлодирање на митот за гените кажува за една студија на Линколн Ивс, бихевиористички генетичар, кој рекол дека пронашол доказ за генетската причина за депресија. Откако испитал жени кои се сметале за склони кон депресија, Ивс „укажал дека депресивното гледиште и држење [на жените] можеби придонело таквите случајни неволји да имаат поголема веројатност да се случат“. „Случајни неволји?“ Испитуваните жени биле „силувани, нападнати или отпуштени од работа“. Според тоа, дали депресијата ги предизвикала овие трауматски настани? „Какво расудување е тоа?“ — продолжува книгата. „Жените биле силувани, нападнати или отпуштени од работа, и биле депресивни. Колку потрауматски настани доживеале толку похронична депресија имале . . . Можеби би вредело да се бара генетска врска кога тој [Ивс] би открил дека депресијата не била поврзана со некое искуство во животот.“
Истата таа публикација вели дека тие приказни се „типични за повеќето актуелни известувања за генетиката [бихевиористичка], како во средствата за јавно информирање така и во научните списанија. Тие содржат мешавина интересни факти, непоткрепени претпоставки и неосновани претерувања за важноста на гените во нашиот живот. Нешто што е забележително во врска со голем дел од тоа пишување е неговата нејасност“. Тоа продолжува: „Постои голема разлика помеѓу поврзувањето на гените со условите кои следат еден Менделов закон за наследство и користењето хипотетични генетски ‚склоности‘ за да се објаснат сложените состојби како што се ракот или високиот крвен притисок. Научниците прават натамошен скок кога велат дека генетското истражување може да помогне да се објаснат човечките однесувања“.
Меѓутоа, со оглед на сето претходно споменато, сѐ уште остануваат често поставуваните прашања: Зошто понекогаш во нашиот живот откриваме како се појавуваат променети обрасци на однесување? И каква контрола имаме во таквите ситуации? Како стекнуваме и како задржуваме контрола над нашиот живот? Следната статија може да се покаже корисна во давањето некои одговори на овие прашања.
[Рамка/слика на страница 6]
Генетска терапија — дали се исполниле очекувањата?
Што е со генетската терапија — вшприцување на поправни гени во пациентите за да се излечат од вродените генетски болести? Пред неколку години научниците имале големи очекувања. „Дали генетската терапија е технологија чие време настапило?“ прашува The Economist од 16 декември 1995, велејќи: „Судејќи по јавните изјави на оние кои ја практикуваат и по голем дел извештаи од печатот, би можеле да помислите дека е така. Но, еден одбор на големи и добри американски научници не се сложил. Харолд Вармус, управител на Националните институти за здравје (НИЗ), замолил четиринаесет еминентни научници да го преиспитаат тоа подрачје. После седум месеци мудрување, во еден извештај издаден минатата недела, тие рекле дека иако генетската терапија е надежна, нејзините достигнувања до денес се ‚преувеличени‘“. Се воделе тестови во кои биле вклучени 597 пациенти кои пателе од недостаток на аденозин деаминаза (АДА) или од една од десетина други болести за кои се мислело дека се подложни на лекување со додавање на туѓи гени. „Според одборот“, вели The Economist, „ниту еден од пациентите нема очигледна корист од земањето учество во едно такво испитување.“
[Слики на страница 7]
И покрај она што некои можат да го тврдат во врска со генетската предиспозиција, луѓето можат да изберат како да постапуваат