Мудро користете ги лековите
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО НИГЕРИЈА
ЖЕНАТА се жалела дека има главоболка и болки во стомакот. Лекарот зборувал накратко со неа. Потоа ѝ препишал тридневна терапија со инјекции против маларија, парацетамол (ацетаминофен) за да прекине главоболката, два лека за да се смири она што можеби било стомачен чир, средства за смирување за нејзината загриженост и конечно, и покрај сето тоа, терапија со мултивитамини. Износот бил скап, но жената не приговарала. Си заминала среќна, уверена дека лековите ќе ги решат нејзините проблеми.
Таквите консултации не се необични во Западна Африка. Една анкета направена на еден тамошен многуброен народ покажала дека здравствените работници во јавните здравствени центри препишуваат во просек 3,8 различни лекови на пациент при секоја посета. Всушност, за многу луѓе добар лекар е оној кој препишува многу лекови.
Во Западна Африка се полага доверба во медицината можеби кога ќе земете предвид каква била здравствената ситуација порано. Пред повеќе од 40 години, авторот Џон Гунтер пишувал за поранешните времиња: „Овој Ропски брег не само . . . што ги убивал црнците; ги убивал и белците, и тоа е дел од Африка познат според легендата како ‚Гроб на белиот човек‘. Неоспорниот крал на Гвинејскиот брег со векови бил комарецот. Жолтата треска, црната маларија биле избраното, штетно оружје на овој крал. Злокобната смртоносност на климата на Западниот брег не е запис од далечното минато, туку живо сеќавање. Една омилена анегдота го опишува конзуларниот службеник кој, не многу одамна, бил доделен во Нигерија и прашал за својата пензија. ‚Пензија?‘ одговорил неговиот претпоставен во Колонијалната канцеларија. ‚Драги мој пријателе, никој кој оди во Нигерија никогаш не живее толку долго за да се пензионира‘“.
Времињата се промениле. Денес постојат лекови не само за борба против болестите кои ги шири комарецот туку и многу други болести. Само вакцините драматично го намалиле данокот на смртта од сипаници, големата кашлица, тетанусот и дифтеријата. Благодарение на вакцините, големите сипаници се избришани. И детската парализа наскоро би можела да биде болест на минатото.
Не е ни чудо што многу Африканци денес имаат длабока вера во вредноста на медицината. Се разбира, таквата вера не е ограничена на Западна Африка. Во Соединетите Држави, лекарите секоја година пишуваат повеќе од 55 милијарди рецепти. Луѓето во Франција секоја година купуваат во просек 50 кутии апчиња. И во Јапонија просечниот човек троши преку 400 долари (САД) годишно за медицински лекови.
Користи наспроти ризици
Современите лекови многу сториле за да му помогнат на човечкиот род. Кога исправно се користат, тие го унапредуваат доброто здравје, но кога не се користат исправно, тие можат да наштетат, па дури и да убијат. На пример, во Соединетите Држави околу 300.000 луѓе секоја година се носат во болници поради спротивните реакции на медицинските лекови, а умираат 18.000 лица.
За да се користат мудро лековите, важно е да се увиди дека секогаш постои елемент на ризик. Секој лек, па дури и аспиринот, може да предизвика штетни несакани последици. Веројатноста за несакани последици е поголема ако истовремено земате неколку лекови. Јадењето и пиењето, исто така, влијаат врз тоа како лекот дејствува во Вашето тело и можат или да го засилат или да го неутрализираат неговиот ефект.
Постојат и други ризици. Можеби имате алергиска реакција на одреден лек. Ако не ги примате лековите како што се препишани — соодветна доза во соодветен временски рок — веројатно нема да Ви помогнат и можат дури и да Ви наштетат. Истиот резултат може да се случи ако Вашиот лекар Ви препише погрешен лек или лекови кои не се неопходни. Исто така, се изложувате на ризик ако примите лекови со изминат рок, кои се под стандардот или се лажни.
За да ги намалите ризиците, треба да знаете колку што е можно повеќе за секој лек што го примате. Можете да имате голема корист ако ги знаете фактите.
Антибиотици — јаки и слаби страни
Од нивниот развој пред отприлика 50 години, антибиотиците ги спасиле животите на милиони луѓе. Совладале ужасни болести, како што се лепрата, туберкулозата, пневмонијата, шарлахот и сифилисот. Исто така, играат клучна улога во лекувањето на други инфекции.
Д-р Стјуарт Леви, професор по медицина на медицинскиот факултет при Универзитетот Тафт во Соединетите Држави, рекол: „[Антибиотиците] извршиле револуција во медицината. Тие се единствен причинител кој најмногу ја променил историјата на медицината“. Еден друг медицински авторитет вели: „Тие се каменот темелник над кој е изградена современата медицина“.
Меѓутоа, пред да избрзате кај Вашиот лекар и да побарате одредена количина, размислете за негативната страна. Кога неправилно се употребуваат, антибиотиците можат да Ви направат повеќе штета отколку добро. Тоа е затоа што антибиотиците делуваат на тој начин што ги напаѓаат и уништуваат бактериите во телото. Но не ги уништуваат секогаш сите штетни бактерии; одредени видови бактерии го издржуваат нападот. Тие отпорни видови не само што преживуваат туку и се размножуваат и преминуваат од лице на лице.
На пример, пеницилинот некогаш бил многу делотворен во совладувањето на инфекцијата. Сега, делумно поради сѐ поотпорните видови бактерии, компаниите за лекови носат на пазарот неколку стотици различни видови пеницилин.
Што можете да сторите за да избегнете проблеми? Ако навистина Ви се потребни антибиотици, уверете се дали се препишани од квалификуван лекар и дали се добиени од законски извор. Немојте да вршите притисок врз Вашиот лекар бргу да Ви препише антибиотици — тој или таа можеби сака да Ви се направат лабораториски тестови за да провери дали антибиотикот кој е препишан е точниот за Вашата болест.
Исто така, важно е да ја примите соодветната доза за соодветниот временски рок. Треба да ја примите целата терапија со антибиотик, дури и ако се чувствувате подобро пред да ја завршите.
Дали инјекциите се подобри од таблетите?
„Сакам инјекција!“ Овие зборови ги слушаат многу здравствени работници во земјите во развој. Основата за таквото барање е верувањето дека медикаментот се вшприцува директно во крвотокот и има посилен ефект отколку што имаат таблетите или апчињата. Во некои земји вообичаено е да се видат неовластени ‚лекари за инјекции‘ по пазарите.
Инјекциите го носат ризикот кои апчињата и таблетите го немаат. Ако иглата не е чиста, пациентот може да се инфицира со хепатит, тетанус, па дури и со СИДА. Валканата игла исто така може да предизвика болен чир. Опасностите се зголемуваат ако инјекцијата ја дава неквалификувано лице.
Ако навистина ви е потребна инјекција, погрижете се да Ви ја даде некој кој е медицински квалификуван. За Ваша заштита, секогаш проверете дали иглата и шприцот се стерилни.
Лажни лекови
Според Светската здравствена организација (WHO) светската фармацевтска индустрија е голем бизнис, кој секоја година носи околу 170 милијарди долари (САД). Желни да ја искористат ситуацијата, бескрупулозни луѓе создале фалсификувани лекови. Фалсификуваните лекови изгледаат како вистински лекови — а исто и нивните етикети и пакетчиња — но тие се безвредни.
Иако лажните лекови ги има насекаде, тие се особено вообичаени во светот во развој и носат трагични последици. Во Нигерија, 109 деца умреле од откажување на бубрезите откако проголтале сируп против болки кој содржел индустриски раствор. Во Мексико, жртви на изгореници претрпеле жестоки инфекции на кожата од наводни лекови кои содржеле струготини, кафе и кал. Во Бурма, многу селани умреле од маларија како резултат на тоа што примиле лажен лек кој не се борел против маларичната треска. „Оние кои најмногу се изложуваат на опасност“, наведува WHO, „и овој пат се најсиромашните, кои понекогаш мислат дека е добра зделка кога ќе купат нешто што изгледа како делотворен лек произведен од некоја угледна компанија.“
Како можете да се заштитите од лажни лекови? Уверете се дали она што го купувате е од познат извор, како што е болничка аптека. Не купувајте од улични продавачи. Еден аптекар во Бенин Сити (Нигерија), предупредува: „За уличните дилери, продавањето лекови е само бизнис. Тие ги делат лековите како да се бонбони или бисквити. Лековите кои ги продаваат честопати се застарени или лажни. Тие луѓе ништо не знаат за лековите кои ги продаваат“.
Проблемот со сиромаштијата
Медицинскиот третман кој едно лице го добива честопати се одредува по тоа колку пари има. За да ги намалат трошоците и да заштедат во време, луѓето од земјите во развој би можеле да го заобиколат лекарот и да одат директно во аптека за да купат лекови кои според законот бараат рецепт. Затоа што порано го користеле лекот или затоа што пријателите го препорачуваат, тие знаат што бараат за нивната болест. Но она што го бараат можеби не е тоа што им е потребно.
Луѓето се обидуваат да ги намалат трошоците и на други начини. Лекарот врши лабораториски тест и препишува одреден лек. Пациентот го носи рецептот во аптека но увидува дека трошокот е голем. Затоа, наместо да бараат додатни пари, луѓето честопати купуваат поевтин лек или купуваат само некои од лековите кои се препишани.
Дали навистина Ви се потребни лекови?
Ако навистина Ви е потребен лек, дознајте што примате. Немојте да се срамите да го прашате лекарот или аптекарот за лекот што е препишан. Имате право да знаете. Најпосле, Вашето тело е тоа кое може да настрада.
Ако не го користите исправно Вашиот лек, можеби нема да оздравите. Потребно е да знаете колку да земате, кога да го земате и колку долго да го земате. Потребно е, исто така, да знаете каква храна, пијалак и други лекови или активности треба да избегнувате кога ги примате. И потребно е да бидете свесни за можни несакани последици и што да правите ако се појават.
Имајте, исто така, на ум дека лековите не го даваат одговорот на секој медицински проблем. Можеби и воопшто не Ви се потребни лекови. Списанието World Health, публикација на WHO, наведува: „Користете лек само кога е потребно. Одморот, добрата храна и многу течности честопати се доволни за да му помогнат на лицето да оздрави“.
[Рамка/слика на страница 12]
„Илјада болести изискуваат илјада лека“, напишал еден римски поет пред околу 2.000 години. Денес, поетот би можел да напише: ‚Илјада болести изискуваат илјада апчиња!‘ Навистина, изгледа дека има апче скоро за секоја болест, вистинска или измислена. Според Светската банка, ширум светот постојат околу 100.000 видови лекови, направени од преку 5.000 активни супстанции.
[Рамка/слика на страница 13]
Разумно користење на лековите
1. Немојте да користите застарени лекови.
2. Купувајте од познат извор. Не купувајте од улични продавачи.
3. Уверете се дали ги разбирате упатствата и следете ги.
4. Немојте да користите лекови кои се препишани за друго лице.
5. Немојте да инсистирате на инјекции. Лековите земени преку уста честопати се исто толку делотворни.
6. Чувајте ги лековите на ладно место, далеку од дофат на деца.