ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g01 8/10 стр. 3-5
  • Дроги — кој ги користи?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Дроги — кој ги користи?
  • Разбудете се! 2001
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Што е со „безопасните“ дроги?
  • Што е со недозволената употреба на дрога?
  • Дроги — зошто луѓето ги користат?
    Разбудете се! 2001
  • Зависност од дрога — постои решение!
    Разбудете се! 2001
Разбудете се! 2001
g01 8/10 стр. 3-5

Дроги — кој ги користи?

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ЈУЖНА АФРИКА

„СИТЕ користат дрога.“ Оваа обопштена изјава може да се искористи за да се натераат наивните да експериментираат со недозволени дроги. Но, во зависност од тоа како ја дефинираме „дрогата“, овие зборови содржат нешто вистина.

Терминот „дрога“ се дефинира како: „Секоја хемиска супстанција, од природно или синтетичко потекло, која може да се користи за да се промени способноста за перципирање, расположението или другите психолошки состојби“. Ова е еден добар, општ опис на таканаречените психоактивни дроги, иако со него не се опфатени и многу медикаменти што се користат за физички болести.

Според оваа дефиниција, алкохолот е една таква супстанција. Опасноста лежи во неговото неумерено користење кое, очигледно, сѐ повеќе расте. Една анкета на колеџи и универзитети во една западна земја открила дека „пијанките се најсериозниот проблем со дрогата во студентските домови“. Анкетата открила дека 44 проценти од студентите одат на пијанки.a

Исто како алкохолот, тутунот може да се набави легално, иако содржи еден силен отров, никотин. Според Светската здравствена организација, од пушење умираат околу четири милиони луѓе годишно. Сепак, тутунските магнати се богати, почитувани членови на општеството. И пушењето создава голема зависност, можеби дури и уште поголема од користењето многу видови нелегални дроги.

Во последниве години, многу земји го ограничија рекламирањето тутун и наметнаа и други рестрикции. Сепак, за многу луѓе пушењето сѐ уште е прифатлива друштвена појава. Филмската индустрија сѐ уште го прикажува пушењето како нешто привлечно. Една анкета на калифорнискиот универзитет во Сан Франциско во врска со филмови што оствариле врвен профит од 1991 до 1996 откри дека 80 проценти од главните машки улоги биле ликови што пушат.

Што е со „безопасните“ дроги?

Медикаментите сигурно им користат на многумина, но тие можат и да се злоупотребат. Можеби некогаш лекарите премногу лесно ќе препишат некој лек или, пак, се под притисок од пациентите да препишат лекови што не се неопходни. Еден лекар коментирал: „Лекарите не одвојуваат секогаш време да седнат со пациентот и да ја откријат причината за неговите симптоми. Полесно е да му речат: ‚Пијте ги овие апчиња‘. Но, главниот проблем не се решава“.

Дури и лековите што не се издаваат на лекарски рецепт, како што се аспиринот и парацетамолот (панадол), ако се злоупотребат, можат да водат до сериозни здравствени проблеми. Секоја година умираат повеќе од 2.000 луѓе како резултат на погрешната употреба на парацетамолот.

Според нашата претходна дефиниција, кофеинот во чајот и во кафето исто така е супстанција што создава зависност, иако ретко мислиме на тоа кога го пиеме нашиот омилен утрински пијалак. И би било апсурдно да ги ставаме општествено прифатливите пијалаци како што се чајот или кафето во истиот кош со тешките дроги како што е хероинот. Тоа би било како да се спореди домашно маче со разјарен лав. Сепак, според некои здравствени експерти, ако имате навика да пиете повеќе од пет филџани кафе или девет филџани чај на ден, тоа би можело да Ви наштети. Исто така, ако драстично ги намалите високите дози, би можеле да ги имате истите симптоми на апстиненција што ги имал еден корисник на чај: повраќање, силни главоболки и преосетливост на светлина.

Што е со недозволената употреба на дрога?

Поголема полемика се води околу користењето дроги во спортот. Ова јасно се виде на Тур д Франс во 1998, кога девет велосипедисти на водечката екипа беа елиминирани затоа што користеле допинг. Атлетичарите измислуваат најразлични начини да поминат на допинг-тестовите. Списанието Time известува дека некои отишле дотаму што направиле „,трансплантација на урината‘, што значи дека ‚чистата‘ урина од друго лице била внесена во нивниот мочен меур преку катетар, процедура што честопати е многу болна“.

Сѐ уште мора да се справиме со зашеметувачката низа недозволени дроги што се користат за „рекреативни“ цели. Во нив спаѓаат марихуана, екстази (метиленодиокси-метамфетамин, односно MDMA), LSD (диетиламид на лизергичната киселина), стимуланси (кокаин и амфетамини), депресанти (како средства за смирување) и хероин. Не треба да се заборават ниту различните инхаланти, како што се лепакот и бензинот, кои се популарни меѓу младите. Се разбира, овие инхаланти не се забранети супстанции и лесно може да се дојде до нив.

Вообичаената претстава за истоштен наркоман што „се фикса“ во некоја нечиста просторија може да биде измамлива. Многу луѓе што земаат дрога сѐ уште можат да функционираат релативно нормално во секојдневниот живот, иако нивната зависност сигурно се одразува врз квалитетот на нивниот живот во помала или поголема мера. Сепак, не можеме да ја потцениме мрачната страна на дрогата. Еден писател опишува како некои корисници на кокаин „можат да ‚се фиксаат‘ многу пати за кратко време, претворајќи го своето тело во една маса избоцкана од игли, закрвавена, полна со модрини“.

По привидниот пад кон крајот на 1980-тите, илегалното користење дрога повторно расте во целиот свет. Списанието Newsweek забележало: „Властите се вџашени од силната навала на шверц со дрога, зголеменото користење на речиси секаков вид дрога и недоволните парични средства — и информации — што се потребни за борбата против сето тоа“. Весникот The Star од Јоханесбург (Јужна Африка) навел дека, според владините статистики, „секој четврти човек што живее во Јужна Африка е зависник од алкохол или дрога“.

Истражувачкиот институт за социјален развој при ОН истакна дека „произведувачите на дрога и шверцерите . . . се организирани на глобално ниво и еден значителен дел од профитот од дрогата вложуваат во финансиските центри што нудат тајност и примамливи добивки од инвестирањето . . . Шверцерите сега можат да ги перат незаконските профити преку електронски трансфер на пари низ целиот свет без многу државни контроли“.

Изгледа дека многу Американци секојдневно доаѓаат во допир со кокаин, иако не се свесни за тоа. Една статија во списанието Discover објаснила дека на повеќето американски банкноти има траги од оваа дрога.

Факт е дека денешното користење дроги, вклучувајќи и недозволени дроги, станало прифатливо за многумина и се смета за дел од секојдневниот живот. Кога ќе се земе предвид штетата што ја предизвикуваат недозволените дроги, тутунот и алкохолот, на која ѝ е даден широк публицитет, очигледното прашање е: „Зошто луѓето ги користат?“ Додека размислуваме за ова прашање, добра прилика е да размислуваме и за нашето лично гледиште за дрогата.

[Фуснота]

a Пијанчењето се дефинира како ‚консумирање пет или повеќе пијалаци едно по друго кај мажите, а четири или повеќе кај жените‘.

[Слика на страница 3]

Пијанките се голем проблем во студентските домови

[Слика на страница 5]

Мнозина мислат дека цигарите и „рекреативните“ дроги не се штетни

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели