Неверојатна средба
„НАЈВОЗБУДЛИВОТО нешто кое некогаш сум го правела во животот!“ Вака Кристи ја опишала нејзината неверојатна средба. Дали и Вие така би се чувствувале кога би можеле да пливате со делфини во Мексиканскиот залив?
Сите се воодушевуваат кога ќе видат делфини како пливаат или изведуваат подвизи во вода, како на пример одење наназад на нивните опашки, скокање од водата до зачудувачки висини или дозволување на луѓето да јаваат на нив. Самото гледање на овие претстави може да натераат човек да сака да влезе во водата и да игра со тие делфини.
Кристи отсекогаш се чувствувала така. Потоа, еден ден, додека пловела со кајче и пливала во Мексиканскиот залив, одненадеж пред неа се појавила една глава. Набргу, се чинело дека три љубопитни делфини мислеле дека си нашле другарче за играње. Отпрвин, Кристи била малку исплашена, но потоа нејзиниот страв се претворил во возбуда додека играла заедно со делфините. Допуштајќи тие да владеат со ситуацијата, таа се опуштила за да види што ќе направат потоа.
Кристи рекла: „Одеднаш ќе ми се појавеше еден делфин пред мене — и така, си се гледавме. Го галев и разговарав со него — исто како што би разговарала со моето куче“.
Поради нивната интелигенција, делфините се популарни забавувачи, и повеќето тренери велат дека поради нивната пријателска настроеност спрема луѓето, тие не мораат секогаш да бидат поткупени со храна за да ги изведуваат своите трикови.
Кога била прашана што е најголемото задоволство во работењето со делфините, Лиз Морис, бихевиорист за животни во Морскиот свет на Флорида (САД), рекла: „Мислам дека тоа е нивната природа. Затоа што се многу разиграни и љубопитни по природа, можеш навистина да се врзеш со нив . . . Тие многу добро реагираат на допир и наклоност“. Во Божјиот ветен нов систем на ствари, сите ние ќе можеме да имаме многу неверојатни средби како онаа на Кристи.