ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 7/07 стр. 15-17
  • Заливот Шарк — чудесен подводен свет

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Заливот Шарк — чудесен подводен свет
  • Разбудете се! 2007
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Ливади на кои врие од живот
  • Вистински карпи?
  • Главните ѕвезди на Заливот Шарк
  • Ајкулите во опасност!
    Разбудете се! 2007
  • Во потрага по делфини во Нов Зеланд
    Разбудете се! 2002
  • Кожата на ајкулата
    Разбудете се! 2010
  • Содржина
    Разбудете се! 2007
Повеќе
Разбудете се! 2007
g 7/07 стр. 15-17

Заливот Шарк — чудесен подводен свет

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО АВСТРАЛИЈА

ЗАЛИВОТ ШАРК е голем, плиток залив на најзападниот брег на Австралија, околу 650 километри северно од градот Перт. Во 1629 год., холандскиот истражувач Франсоа Пелсерт ја нарекол оваа пуста област „гола и проколната земја, без никакво зеленило“. Подоцна, луѓето што минувале низ овој предел му дале разни имиња како Безнадежна Ширина, Бескорисен Залив и Точка на Разочарувањето.

Меѓутоа, денес над 120.000 луѓе доаѓаат во Заливот Шарк секоја година. Убавините на овој далечен крај се толку впечатливи што, во 1991 год., беше ставен на Списокот на светското наследство.a

Ливади на кои врие од живот

Да погледнел под водата, Пелсерт ќе ги нашол своите зелени ливади. Во Заливот Шарк, всушност, се наоѓаат најголемите ливади со најмногу видови морска трева во светот. Овие ливади зафаќаат површина од вкупно 4.000 квадратни километри. На пример, само насипот Вурамел се протега 130 километри по должината на источниот ракав на Заливот Шарк.

Морските треви, кои се всушност цветни растенија, значат живот за огромен број видови морски животни. Млади ракчиња, ситни рипки и безброј други морски суштества го населуваат ова разлистено прибежиште. На ливадите со морска трева има доволно храна и за околу 10.000 дуганзи што живеат овде. Овие кротки, љубопитни цицачи, кои тежат до 400 килограми, мирно си пасат на богатите подводни пасишта. Понекогаш во нивните стада има и по 100 дуганзи. Денес во северна Австралија, од Заливот Шарк на запад до Заливот Мортон на исток, можеби живее најголемиот дел од сите дуганзи во светот.b

Во склад со значењето на своето име, во Заливот Шарк живеат голем број ајкули од десетина видови. Некои од нив се страшната тигреста ајкула и огромната, но безопасна, кит-ајкула, најголемата риба на светот. Освен ајкули, во овие води живеат и делфини. Со тоа се побива митот дека во водите каде што има делфини нема ајкули. Всушност, научниците откриле дека околу 70 отсто од делфините во овие води имаат лузни од заби на ајкули. Разноликиот животински свет во заливот ги опфаќа и илјадниците грбави китови кои, секоја година додека се селат на југ, застануваат овде да се одморат. Во заливот секоја година пристигнуваат исто толку желки, кои на плажите ги несат своите јајца.

Вистински карпи?

За разлика од другите делови на Заливот Шарк, Хамелин Пул, кој се наоѓа на најјужниот дел од заливот, изгледа мрачно и мртво. Поради големите испарувања, водата во овие млаки плитаци е двапати посолена од нормалната морска вода. Покрај брегот, под водата се наѕираат купчиња од некаква сивкаста маса што личат на карпи. Но, ако се погледнат од поблизу, овие „карпи“ всушност се строматолити кои се производ на колонии од едноклеточни микроорганизми наречени цијанобактерии. На секој метар квадратен има околу три милијарди вакви бактерии!

Овие отпорни бактерии го мешаат лепливиот секрет што го испуштаат со материи од морската вода и образуваат цемент, кој потоа го таложат слој по слој врз својот карпест дом. Овој процес е многу бавен. Всушност, за еден строматолит да достигне 30 сантиметри, може да поминат речиси 1.000 години!

Во Хамелин Пул има најмногу и најразнолики морски строматолити во светот. Освен тоа, овој предел е едно од последните вакви упоришта на строматолити во светот.

Главните ѕвезди на Заливот Шарк

Најголемата атракција на Заливот Шарк се делфините на Манки Мија, плажа на крајот на Денамскиот Полуостров. Манки Мија е едно од ретките места во светот каде што неприпитомени делфини редовно доаѓаат до брегот и си играат со луѓето. Никој не знае кога точно започнало ова дружење.

Некои велат дека во 1950-тите, делфините втерувале риби во плитаците — нешто што може и ден-денес да се види. Можеби луѓето ги користеле тие прилики да ги хранат и да си играат со делфините. Во 1964 год., една мештанка му фрлила риба на еден делфин што се врткал околу нејзиниот чамец крај Манки Мија. Делфинот, кого луѓето го нарекле Чарли, повторно дошол следната ноќ и зел една риба директно од нејзината рака. Наскоро, на Чарли му се придружиле и други делфини.

Оттогаш, веќе три генерации делфини ги развеселуваат милионите посетители. Но, тие се радост и за биолозите. Преку 100 биолози од разни земји имаат вршено истражувања над овие животни, поради што овие делфини се најизучуваните делфини во светот.

Денес делфините, честопати заедно со своите малечки, речиси секое утро доаѓаат на плажата Манки Мија. Голем број возбудени посетители ги чекаат да дојдат, но само малкумина имаат шанса да ги хранат. Зошто? Затоа што чуварите на паркот не сакаат делфините да станат зависни од милостината на луѓето. Сепак, сите посетители можат да гледаат додека се хранат делфините. „Ех, кога луѓето би можеле вака да им се радуваат на сите суштества што живеат на Земјата!“ — воздивнува една жена.

Библијата вели дека во ваквите желби се отсликува првобитната намера на Бог луѓето мирољубиво да владеат над сите животни (1. Мојсеева 1:28). Ако си љубител на животни, сигурно ќе се радуваш што, иако гревот за кратко ја попречил намерата на Бог, сепак таа наскоро ќе се оствари кога Божјето Царство — небесна влада под водство на Исус Христос — ќе владее над Земјата (Матеј 6:9, 10; Откровение 11:15).

Кога ќе владее Божјето Царство, целата Земја ќе изобилува со природни убавини, ќе пука од здравје и ќе врие од живот. Наскоро, луѓето уште повеќе ќе можат да се насладуваат на природните убавини што се гледаат на места како Заливот Шарк (Псалм 145:16; Исаија 11:6-9).

[Фусноти]

a УНЕСКО става на својот Список на светското наследство места кои се од големо културно или природно значење.

b Иако се сродни на морските крави, дуганзите се посебен вид. Морските крави имаат заоблена опашка, додека опашката на дуганзите е зашилена како кај делфините.

[Карти на страница 15]

(Види во публикацијата)

АВСТРАЛИЈА

ЗАЛИВОТ ШАРК

[Слика на страници 16 и 17]

Авионска снимка на плажата Манки Мија

[Слика на страници 16 и 17]

Кроток дуганг

[Извор на слика]

© GBRMPA

[Слика на страници 16 и 17]

Милијарди ситни организми ги градат строматолитите

[Слика на страница 17]

Неприпитомени делфини редовно доаѓаат на плажата Манки Мија

[Извори на слики на страница 15]

© GBRMPA; сателитска карта: Jeff Schmaltz, MODIS Rapid Response Team, NASA/GSFC

[Извор на слика на страница 17]

Сите слики, освен дугангот, се добиени со љубезна дозвола на Tourism Western Australia

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели