Ајкулите во опасност!
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО МЕКСИКО
РЕТКО кои животни влеваат толкав страв како ајкулите. Според проценките, годишно во светот има во просек 75 случаи во кои ајкули без никаква причина напаѓаат луѓе, а 10 од нив завршуваат со смрт. Поради вестите за вакви напади и поради филмовите во кои се прикажани како негативци, ајкулите ги бие глас дека се човекојадци. Се разбира, со ајкулите треба да се биде претпазлив. Но, реално гледано, повеќе луѓе умираат од убод на пчела или напад на крокодил, отколку од напад на ајкула.
Од друга страна, и ајкулите се на удар на човекот. „Секоја година се ловат по 100 милиони ајкули — толку многу што, ако ги наредиме по должина, со нив би можеле петпати да ја заобиколиме Земјата“, изјави за списанието Premier еден истражувач од Поморскиот институт Аргус. Друга причина зошто бројот на ајкулите нагло опаѓа е тоа што тие бавно достигнуваат полова зрелост, не раѓаат многу младенчиња, долго ги носат и ги раѓаат во загадена средина. Кога еднаш ќе се намали бројот, потребни се години за повторно да се врати во нормала.
Повеќето ајкули се ловат заради перките, кои се многу ценети во некои делови од Азија, бидејќи наводно имаат лековити својства и служат како афродизијак.a Супата од овие перки е скап деликатес — една порција може да чини над 110 евра! За да се задоволи профитабилниот азиски пазар се развила една сурова и штетна практика — на жива ајкула ѝ се отсекуваат перките и повторно се фрла во океанот каде што умира од глад или се задушува.
Неопходни се мерки за да опстанат
Дали ваквата незавидна положба на ајкулите треба да нѐ засега? Веројатно повеќе би се сожалиле за слон или кит отколку за ајкула. Меѓутоа, мораме да сфатиме дека тие играат важна улога во одржувањето на еколошката рамнотежа во океаните. На пример, нивните навики на исхрана помагаат да се држи под контрола бројот на другите риби.
Во некои земји, ловот на ајкули не е регулиран со закон. По десетгодишна дебата, во Мексико, кој предводи во ловот на ајкули и каде што годишно се ловат преку 30.000 тони, неодамна беше донесен закон со кој се забранува да им се отсекуваат перките на ајкулите. Што е уште полошо, побарувачката за перки од ајкула доведе до појава на ловокрадство во морските резервати во различни делови од светот. На пример, директорот на Националниот парк Галапагос се жали: „Во последниве неколку години, на Галапагос има драстичен пораст на нелегалното ловење ајкули заради нивните перки. Зад овој многу исплатлив бизнис стои мафија“.
За да се спречи истребувањето на ајкулите, беше направен еден позитивен чекор — во некои земји беше забрането да им се отсекуваат перките. Меѓутоа, како што предупреди Шарлота Могенсен, советничка при Светската фондација за заштита на природата, тоа воопшто не е доволно. Таа вели: „Ајкулите во цел свет се во голема опасност. Освен што ќе стават забрана за отсекување на перките, ги поттикнуваме сите рибарски претпријатија да собираат податоци за бројот на ајкули, да го намалат бројот на случајно уловените и да постават ограничувања во однос на уловот“.
За среќа, Творецот на целиот жив свет нема уште долго да дозволи луѓето немилосрдно да постапуваат со неговото величествено творештво, во кое спаѓа и страшната, но незаменлива ајкула (Откровение 11:18).
[Фуснота]
a Иронично е тоа што е утврдено дека перките од ајкула содржат големо количество жива, која може да предизвика стерилитет кај мажите.
[Рамка/слики на страница 17]
ФАКТИ
Големина: Најголема од сите видови ајкули е китот-ајкула (горе), која може да достигне должина до 18 метри и тежина од неколку тони. Сепак, воопшто не е опасна за луѓето бидејќи се храни со планктони и мали риби.
Бременост: Ајкулата ги носи младенчињата 22 месеца.
Стапка на размножување: Ајкулата обично раѓа од 2 до 10 младенчиња одеднаш. Некои ајкули полагаат јајца, но повеќето раѓаат целосно оформени младенчиња.
Зрелост: Повеќето ајкули достигнуваат полова зрелост од 12-тата до 15-тата година.
Животен век: За повеќето видови ајкули е тешко да се одреди колку долго живеат, но се проценува дека големата агресивна бела ајкула (долу) живее и до 60 години.
[Извори на слики]
Seawatch.org
© Kelvin Aitken/age fotostock
[Слика на страници 16 и 17]
Има повеќе од 300 видови ајкули, а 62 од нив сега се на работ на истребување
[Извор на слика]
© Mark Strickland/SeaPics.com
[Слика на страница 17]
Само половина килограм перки од ајкула може да чини над 150 евра. Вилиците од белата ајкула можат да достигнат цена од 7.500 евра.
[Извор на слика]
© Ron & Valerie Taylor/SeaPics.com