Огромните чудовишта од морските длабочини
Едно чудовиште ненадејно излегува од морето, го грабнува бродот и ги повлекува морнарите во длабочината. Ваквите приказни се темел за многу легенди што опстанале со векови. Но, дали навистина постојат толку големи чудовишта?
ВО 2007 год., рибарите во Росовото Море, близу до Антарктикот, случајно уловиле една огромна сипа (Mesonychoteuthis hamiltoni). Заедно со пипалата, била долга околу 10 метри и тежела скоро 500 килограми! Научниците сметаат дека овој вид сипи можат да пораснат уште повеќе.
Едно друго вакво морско чудовиште, познато како џиновска сипа, има тело што личи на торпедо, очи големи колку глава на човек, клун како на папагал со кој може да пресече и челична сајла, осум раце со неколку реда шмукалки и две долги пипала со кои си ја принесува храната до устата. Може да се движи низ водата со брзина од 30 километри на час, па дури и да се исфрли во воздухот!
Во минатиот век, вакви сипи биле видени нешто помалку од 50 пати и никогаш не биле проучувани во нивната природна средина.
Гигантски китови
Меѓутоа, сипите од видот Mesonychoteuthis hamiltoni и џиновските сипи се само ситен залак за некои уште поголеми животни, како што е големиот кит. Тој може да достигне должина од 20 метри и да тежи и до 50 тони. Само еден негов заб е тежок речиси 1 килограм! Пронајдени се мртви тела од овие китови кои во стомакот имале делови од џиновска сипа, како и кружни лузни на нивната огромна глава од шмукалките на сипата, што покажува дека таа жестоко се борела. Во 1965 год., членовите на екипажот на еден советски брод китоловец тврделе дека биле сведоци на борба помеѓу џиновска сипа и голем кит од 40 тони. Не преживеал ниеден од нив — телото на задавениот кит било најдено како плови на морската површина, а во неговиот стомак била главата на сипата.
Џиновската сипа и големиот кит се навистина огромни. Но, уште поголем е синиот кит, најголемиот цицач на светот. Најдолгиот син кит за кој се знае е една возрасна женка со должина од 33 метри, уловена на Антарктикот. Синиот кит може да достигне тежина до 150 тони! Само неговиот јазик е тежок колку еден возрасен слон! И, замислете, овие китови се раѓаат тешки 3 тони и долги 7-8 метри! Поради прекумерното ловење, до 1960-тите години, синиот кит беше речиси истребен, а сега се смета за критично загрозен вид.
Крвожедните и питомите
Наоружана со 3.000 остри заби, белата ајкула е можеби најстрашната месојадна риба. Најголемата бела ајкула за која се знае била долга 7 метри и тежела 3,2 тони. Оваа риба има неверојатно сетило за мирис и може да насети една капка крв растворена во 100 литри вода!
Кит-ајкулата е најголемата риба од постоечките видови риби, со просечна должина од околу 7,5 метри, но има кит-ајкули кои се и двојно подолги. Устата може да ја отвори широко речиси 1,5 метри и лесно може да проголта човек. Сепак, оваа ајкула не е крволочен грабливец кој јаде други морски суштества, туку питом џин што се храни со планктони и со мали риби.
Осврнувајќи се на библискиот извештај за Јона, кој бил проголтан од една голема риба, списанието National Geographic известува: „Поради својот необичен дигестивен систем, кит-ајкулата би можела да е рибата спомната во приказната за Јона... Кога ќе проголтаат нешто големо, а не се сигурни дали ќе можат да го сварат, [овие риби] нежно се ослободуваат од него“ (Јона 1:17; 2:10).
Срамежлив џин
Друго големо морско чудовиште е големиот тихоокеански октопод, кој може да тежи и до 250 килограми. За него се мислеше дека може да потопува бродови, но тој е срамежлив по природа и обично се крие во камените пештери и пукнатините на дното на морето. Има најголем мозок од сите безрбетници, а распонот на неговите осум пипала може да биде 10 метри. Октоподите се многу интелигентни и можат да научат да вршат сложени задачи, како на пример, да се снајдат низ лавиринт или да одвртат капак од тегла!
Тихоокеанскиот октопод може да се камуфлира менувајќи ја бојата, да се движи низ водата „на млазен погон“ и да избегне опасност прскајќи густ облак од мастило. Истото важи и за џиновската сипа. Октоподот може да помине кратко време надвор од водата за да побара храна на копното!
Овие суштества од морските длабочини навистина го фалат својот Творец, Јехова. Соодветно е тоа што библискиот псалмист пеел: „Фалете го Јехова од земјата, големи морски животни и сите водни бездни“ (Псалм 148:7).
[Графикон на страница 17]
КОЛКАВИ МОЖАТ ДА СТАНАТ?
(Види во публикацијата)
Бела ајкула
Тихоокеански октопод
Кит-ајкула
Џиновска сипа*
Mesonychoteuthis hamiltoni*
*приближна големина
Голем кит
Син кит
стапки 100 90 80 70 60 50 40 30 20 10 0
метри 30 25 20 15 10 5 0
[Слика на страница 15]
Бела ајкула
[Слика на страница 15]
Тихоокеански октопод
[Слика на страници 16 и 17]
Голем кит
[Слика на страница 16]
Кит-ајкула
[Слика на страница 17]
Син кит и неговото младенче
[Извор на слика на страница 15]
Ајкула: © Steve Drogin/SeaPics.com; цртеж: Getty Images; октопод: © Brandon Cole
[Извори на слики на страница 17]
Голем кит: © Brandon Cole; сини китови: © Phillip Colla/SeaPics.com; кит-ајкула: © Steve Drogin/SeaPics.com