Тигар! Тигар!
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ИНДИЈА
‚ЕДНАШ се шетав по еден тесен гребен‘, се сеќава д-р Чарлс Мекдагл, кој поминал многу години проучувајќи го тигарот во националниот парк Ројал Читван во Непал. ‚Додека се шетав, еден тигар ми доаѓаше од спротивниот правец. Некако се сретнавме на врвот и помеѓу нас имаше мало растојание — околу 15 чекори.‘ Д-р Мекдагл застанал мирно. Наместо да го гледа тигарот в очи, нешто што тигарот го смета како предизвик, тој го пуштил својот поглед преку рамото на тигарот. Тигарот останал наведнат но не направил никаков потег за да нападне. После неколку долги минути, д-р Мекдагл направил неколку чекори наназад. ‚Потоа‘, вели тој, ‚едноставно се завртев и се вратив назад од каде што дојдов.‘
На почетокот од овој век, имало 100.000 тигри во нивната родна Азија, вклучувајќи околу 40.000 во Индија. Но, до 1973 година, светската популација на овие величествени суштества се намалила на помалку од 4.000, главно како последица на ловот. Тигарот, најголемата мачка на Земјава, е доведен во опасност да биде истребен од страна на човекот. Но, дали тигарот е закана за луѓето? Каква всушност е таа голема мачка? Дали се успешни обидите да се спаси од истребување?
Животот на фамилијата на тигарот
Годините стрпливо набљудување им дале појасна слика на натуралистите за животот на тигарот. Ајде да си замислиме дека набљудуваме една типична тигарска фамилија во прекрасните шуми на Рантамборе, во Северна Индија. Мажјакот е скоро 3 метри долг, од носот до врвот на опашката, и тежи приближно 200 килограми. Неговата женка е приближно 2,7 метри долга и тежи околу 140 килограми.a Имаат три тигарчиња, едно машко и две женски.
Температурата во овие шуми може да премине преку 45 Целзиусови степени, но тигарската фамилија наоѓа сенка под разлистените дрвја. А секогаш можат да уживаат и во нурнувањето во ладните води на некое езеро во близината. Мачки што пливаат? Да, тигрите ја сакаат водата! Всушност, за нив е познато дека можат да пливаат повеќе од 5 километри без прекин.
Сончевата светлина продира низ дрвјата врз сјајните портокалови крзна на тигрите, правејќи да изгледаат како да се вжарени. Црните пруги светат, а белите делови над нивните темно портокалови очи блескаво сјаат. Откако ги посматравме некое време трите тигарчиња, можеме полесно да ги разликуваме едно од друго по нивните различни пруги и шари на лицето.
Да се расте како тигар
Додека тигрицата ги очекувала своите тигарчиња, побарала соодветно дувло, добро сокриено со густа вегетација. Од таму, фамилијата сега ужива во погледот на една рамница со бара која ги привлекува другите животни. Тигрицата го одбрала ова место за да може да лови храна, а сепак да биде во близина на своите тигарчиња.
Тигарчињата уште од раѓањето добивале големо внимание. Во времето кога почнале да растат, нивната мајка ги милувала меѓу своите шепи, ги триела со муцката и ги лижела додека нежно мрморела. Кога тигарчињата пораснале, почнале да си играат криеница и наводно да водат борби. Иако тигарчињата не можат да предат, почнувајќи приближно од првата година, тие испуштаат големи и гласни извици кога нивната мајка ќе се врати откако била отсутна некое време.
Тигарчињата сакаат да пливаат и да си играат во водата, заедно со својата мајка. Претставете си ја тигрицата како седи на работ од езерото со опашката во водата. Одвреме навреме замавнува со неа за да го облее своето топло тело со ладен туш. Што се однесува до опашките, тигарчињата никогаш не се изморуваат обидувајќи се да ја фатат опашката на својата мајка додека таа ја мафта од едната страна на другата. Правејќи го тоа, тигрицата не само што си игра со своите тигарчиња туку таа ги поучува и за вештината нафрлање, што ќе ја користат подоцна кога ќе почнат да ловат. Тигарчињата сакаат да се качуваат и по дрвјата. Но до возраст од околу 15 месеци, стануваат толку крупни и тешки што не можат лесно да се качуваат по нив.
Улогата на таткото
До неодамна, многумина верувале дека тигрицата сама ги одгледува своите тигарчиња и дека мажјакот ќе ги убие тигарчињата ако му се даде прилика. Меѓутоа, кај повеќето тигри, тоа не се случува. Таткото тигар навистина исчезнува со долги временски периоди во џунглата, талкајќи низ своето подрачје од преку 50 квадратни километри. Но, сепак, ја посетува и својата фамилија. Кога го прави тоа, може да ѝ се придружи на тигрицата и на тигарчињата во ловот, па дури и во делбата на пленот. Поагресивното машко тигарче можеби прво ќе си земе да јаде. Но, ако предолго време алчно не ги пушта своите сестри, мајка му го поттурнува или дури го удира со шепата за да им дозволи на женските тигарчиња да си го земат својот задолжителен дел од гозбата.
Тигарчињата уживаат да си играат со својот огромен татко. Едно омилено место за тоа е во барата која се наоѓа во близината. Таткото тигар се навалува наназад во водата додека не се нурне до главата. (Тигрите не сакаат очите да си ги испрскаат со вода!) Потоа им дозволува на своите тигарчиња да го тријат со муцките додека тој им ги лиже лицата. Јасно дека постои јака фамилијарна поврзаност.
Човекојадци?
Книгите и филмовите честопати ги прикажуваат тигрите како свирепи, агресивни суштества, кои се прикрадуваат и ги напаѓаат луѓето, а потоа ги распарчуваат и ги јадат. Тоа е далеку од вистината. Сите тигри не се човекојадци. Обично, ако тигарот види човек во шумата, повеќе сака само бесчујно да се повлече. Занимливо, изгледа дека човечкиот мирис нема некакво влијание врз тигарот.
Меѓутоа, под одредени околности гладниот тигар може навистина да стане опасен. Ако ги загуби забите како последица на староста или ако е ранет од луѓето, можеби веќе не е во состојба нормално да лови. Исто така, ако некоја човечка населба го присвојува живеалиштето на тигрите, нивниот природен плен може да стане оскуден. Од тие причини, тигрите убиваат годишно околу 50 луѓе во Индија, иако тоа е стопати помалку од бројот на убиените од змии. Нападите од тигри воглавно се случуваат во мочуриштата на устието на Ганг.
Според д-р Мекдагл, тигрите не се толку опасни како што мислат повеќето луѓе. Иако да се изненади тигар во непосредна близина би можело да предизвика да нападне, „тигарот е многу смирено, ладнокрвно и прибрано животно“, вели тој. „Обично, ако налетате на тигар — дури и на прилично блиско растојание — тој нема да нападне.“
Агресијата е многу ретка меѓу тигрите. На пример, еден млад тигар може да залута во подрачјето на друг тигар и да се судри со мажјакот кој живее таму. Следат длабоки завивања, рикања кои ја смрзнуваат крвта и јаросно ’ржење нос до нос. Но кога постариот мажјак ќе ја покаже својата супериорност, помладиот обично се тркала на својот грб со шепите во воздух во знак на подложност и конфронтацијата е завршена.
Иднината на големата мачка
Наместо да е загрозен од тигарот, човекот е тој кој се покажал како единствената вистинска опасност за тигарот. Моментално, се прават напори да се спаси тигарот од истребување. Неколку азиски земји основале резервати за тигри. Во 1973 година, еден посебен труд наречен Проект „Тигар“ бил спроведен во националниот парк Корбет, во северна Индија. Од целиот свет биле собрани парични средства и опрема за Проектот „Тигар“. На крајот, во Индија биле издвоени 18 резервати со тигри, со вкупно подрачје од преку 28.000 квадратни километри. До 1978, и тигрите биле ставени на списокот на загрозени видови. Но, имало зачудувачки резултати! Пред да биде забрането ловењето на тигри, тие станале таинствени и главно ноќни животни поради стравот од човекот. Но после неколку години заштита, тигрите почнале да се движат по резерватите и да ловат среде бел ден!
Сепак, постои постојана закана за тигарот: меѓународна побарувачка за традиционални азиски лекови направени од делови на телото на тигарот. Една торба тигарски коски, на пример, може да донесе преку 500 долари во Индија, а додека коските се преработат и стигнат до пазарите на Далечниот Исток, вредноста се зголемила на преку 25.000 долари. Кога се во прашање овие пари, сиромашните селани се доведени во искушение да соработуваат со ловокрадците на тигри во надмудрувањето на шумските стражари. Отпрвин, обидите да се спаси тигарот се сметале за успешни. Но, од 1988 година наваму, ситуацијата се променила на полошо. Денес, само околу 27 тигри талкаат во Рантамборе, во споредба со 40-те кои ги имало таму пред 20 години. А светската популација на тигри можеби е само 5.000!
Сѐ до крајот на минатиот век, тигрите и луѓето во Индија коегзистирале во релативна хармонија. Дали некогаш повторно ќе можат да го прават тоа? Засега, возбудливиот повик „Тигар! Тигар!“ сѐ уште може да означува здогледување на најголемата мачка во светот. Дали програмите за заштита ќе ја гарантираат безбедноста на тигарот во иднина, останува да се види. Но Библијата нѐ уверува дека еден ден целата Земја ќе биде рај како Едемската градина. Тогаш човекот и дивите суштества, како што е тигарот, ќе ја делат Земјата во мир (Исаија 11:6—9).
[Фуснота]
a Сибирските тигри, најголемите подвидови, можат да тежат преку 320 килограми и да достигнат должина од 4 метри.
[Рамка/слика на страница 21]
Белиот тигар
Националното богатство на Индија, реткиот бел тигар, е резултат на рецесивен мутантен ген. Во 1951 година, во индиската шума Рева било фатено бело машко тигарче. Спарено со тигрица со обична боја, биле создадени обични потомци. Меѓутоа, кога женка од тие потомци била спарена со белиот мажјак, таа родила четири бели тигарчиња. Внимателното одгледување овозможило луѓето на многу места да ја видат оваа ретка убавина во нивните зоолошки градини.
[Слика на страница 20]
Мачки што пливаат? Да!
[Слика на страница 21]
Тигрите не се толку опасни како што мислат повеќето луѓе