Вистинската безбедност — недостижна цел
АРНОЛД бил дете кое ја сакало својата играчка полнет тигар. Секаде кај што ќе појдело, ја влечкало со себе — на играње, на јадење и во својот кревет. Нему тигарот му давал утеха, безбедност. Еден ден, дошло до криза. Тигарот го снемало!
Додека Арнолд плачел, татко му, мајка му и тројцата постари браќа ја пребарувале нивната голема куќа за да го најдат тигарот. Најпосле, еден од нив го пронашол во една фиока. Очигледно, Арнолд го ставил таму и потоа брзо заборавил каде е. Тигарот бил вратен, а Арнолд си ги избришал солзите. Повторно се чувствувал среќен и безбеден.
Колку би било убаво кога сите проблеми би можеле да се решат вака лесно — толку едноставно како што е наоѓањето на играчката тигар во фиока! Меѓутоа, за повеќето луѓе, прашањата околу безбедноста се далеку посериозни и посложени од ова. Скоро насекаде луѓето се прашуваат: ‚Дали ќе станам жртва на криминал или насилство? Дали сум во опасност да ја загубам работата? Дали моето семејство сигурно ќе има доволно храна? Дали другите ќе ме избегнуваат поради мојата религија или поради моето етничко потекло?‘
Бројот на луѓето на кои им недостасува безбедност е огромен. Според Обединетите нации, скоро три милијарди луѓе немаат пристап не само до лекување од вообичаени болести туку и до неопходните лекарства. Над една милијарда луѓе чмаат во крајна сиромаштија. Скоро една милијарда, иако работоспособни, не се продуктивно вработени. Бројот на бегалците расте. До крајот на 1994 година, скоро секое 115-то лице на Земјата било принудено да го напушти својот дом. Милиони животи се упропастени како последица на 500 милијарди долари вредната трговија со наркотици која раѓа безброј дела на криминал и насилство. Војната ги опустошува животите на милиони луѓе. Само во текот на 1993 година, 42 земји беа ангажирани во поголемите конфликти, додека 37 други земји доживеаја политички насилства.
Војната, сиромаштијата, криминалот и другите закани за човечката безбедност се меѓусебно поврзани и бројно се во пораст. За ваквите проблеми не постојат лесни решенија од типот „тигар во фиока“. Всушност, луѓето воопшто и нема да ги решат.
„Не надевајте се на кнезовите и на синовите човечки, во нив нема спасение“, предупредува Божјата Реч, Библијата. Тогаш, во кого да имаме доверба? Овој стих продолжува: „Блажен [Среќен, НС] е оној, кому му е помошник Јакововиот Бог и чија надеж е во Господа [Јехова, НС], неговиот Бог, Кој го создаде небото и земјата, морето и сѐ што е во нив“ (Псалм 145:3—6).
Зошто можеме да имаме доверба во Јехова дека ќе ѝ донесе безбедност на оваа Земја? Дали е возможно да се радуваме на еден сигурен, среќен живот уште сега? Како ќе ги отстрани Бог бариерите за човечката безбедност?