Вистинска безбедност — сега и засекогаш
НЕМА сомнение во тоа дека Јехова Бог може да му даде безбедност на својот народ. Тој е „Семоќниот“ (Псалм 68:14, НС). Неговото единствено име значи „Тој предизвикува да настане“. Ова го идентификува како Единствениот во вселената кој е способен да надмине каква и да било препрека за да ги исполни своите ветувања и да ја изврши својата волја. Самиот Бог наведува: „Така и Моето слово, што излегува од устата Моја, не се враќа кон Мене празно, туку го исполнува она, што Ми е угодно, и го прави она за што сум го испратил Јас“ (Исаија 55:11).
Бог им дава безбедност на оние кои имаат доверба во него. Неговата Реч го гарантира ова. „Името на Господа е цврста кула“, изјавил мудриот цар Соломон под божествена инспирација. „Ако во неа побегне праведник, во безопасност е.“ Понатаму тој рекол: „Кој има доверба во Јехова, ќе биде заштитен“ (Изреки 18:11; 29:25, НС).
Безбедност за Божјите слуги
Јехова секогаш им давал безбедност на оние кои се ослонуваат на него. На пример, пророкот Јеремија уживал Божја заштита. Кога војските на Вавилон го опседнале отпадничкиот Ерусалим, луѓето морале да „јадат леб со мерка и во жалост“ (Језекиил 4:16). Ситуацијата станала толку критична, што некои жени ги вареле и ги јаделе своите сопствени деца (Плач 2:20; 4:10). Иако Јеремија тогаш бил држан во притвор поради неговото бестрашно проповедање, Јехова се погрижил да ‚му даваат по едно парче леб [по еден сомун, НС] на ден од улицата на лебарите, сѐ додека не се завршил сиот леб во градот‘ (Јеремија 37:21).
Кога Ерусалим паднал во рацете на Вавилонците, Јеремија не бил ниту убиен ниту одвлечкан како затвореник во Вавилон. Наместо тоа, ‚[вавилонскиот] началник на телохранителите му дал храна и дар, па го отпуштил‘ (Јеремија 40:5).
Со векови подоцна, Исус Христос ги уверил Божјите слуги: „Не грижете се и не говорете: што да јадеме, или што да пиеме, или во што да се облечеме? Зашто сето тоа го бараат незнабошците, а вашиот Отец небесен знае дека за сето ова имате потреба. Но барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сѐ ова ќе ви се придаде“ (Матеј 6:31—33).
Дали ова значи дека Јеховините слуги ќе уживаат божествена заштита од секаква сегашна несреќа? Не, не значи. Верните лица не се имуни на зло. И вистинските христијани се разболуваат, доживуваат прогонство, стануваат жртви на криминал, умираат во несреќни случаи и страдаат на други начини.
Иако Јехова не дава потполна безбедност од зло, извештаите покажуваат дека тој ја користи својата моќ за да ги згрижува и штити своите слуги. Христијаните се заштитени од многу проблеми и поради тоа што ги применуваат библиските начела во својот живот (Изреки 22:3). Понатаму, тие уживаат во безбедноста на едно светско братство од духовни браќа и сестри полни со љубов, кои си помагаат едни на други во време на неволја (Јован 13:34, 35; Римјаните 8:28, НС). На пример, како одговор на очајно лошата состојба на своите браќа во истоштената од војна Руанда, Јеховините сведоци од Европа брзо собраа донации и им испратија 65 тони облека, како и лекови, храна и други залихи во вредност од 1.600.000 долари. (Спореди Дела 11:28, 29.)
Иако Јехова допушта вистинските христијани да бидат погодувани од искушенија, тие ја имаат гаранцијата дека тој ќе им даде сила, помош и мудрост за да истраат. Пишувајќи им на соверниците, апостол Павле рекол: „Никакво искушение [испит] не ве зафати, освен она што е вообичаено за луѓе. Но, Бог е верен и тој нема да ви дозволи да бидете искушани [испитани] повеќе од она што можете да го носите, туку заедно со искушението [испитот] ќе даде и излез за да бидете во состојба да го издржите“ (1. Коринтјаните 10:13, The Emphatic Diaglott).
Што прави Бог за својот народ
Денес, милиони луѓе уживаат во вршењето на Божјата волја. Тие не се присилени да му служат на Бог; тоа го прават затоа што го познаваат и го сакаат. За возврат, поради тоа што ги сака своите лојални слуги, Јехова има намера да ја претвори Земјата во рај, каде што послушното човештво засекогаш ќе се радува на мир, здравје и безбедност (Лука 23:43, НС).
Бог ќе го стори тоа преку една небесна влада, која за свој Владетел го има Неговиот поставен Цар, Исус Христос (Даниил 7:13, 14). Библијата се осврнува на оваа влада како на ‚царство Божјо‘ и ‚царство небесно‘ (1. Коринтјаните 15:50; Матеј 13:44). Божјето Царство ќе ги замени сите човечки влади. Место да има многу влади на Земјата, ќе има само една влада. Таа ќе владее во праведност над целата Земја (Псалм 71:7, 8; Даниил 2:44).
Јехова до сите ја упатува поканата да живеат под Царството. Еден начин на кој го прави тоа е преку широкото дистрибуирање на Библијата, книгата која објаснува што ќе стори Царството за човештвото. Библијата е книга со најширок тираж во светот и сега стои на располагање, целосно или делумно, на повеќе од 2.000 јазици.
Јехова Бог со љубов им помага на луѓето да разберат што учи Библијата за Царството. Тој тоа го прави преку поучување и преку испраќање луѓе за да им го објаснат Светото писмо на другите. Преку пет милиони Сведоци на Јехова сега ја објавуваат добрата вест за Божјето Царство во над 230 земји.
Вистинска безбедност за сите?
Дали секој ќе ја прифати поканата да стане поданик на Божјето Царство со тоа што ќе се прилагоди на неговите праведни мерила? Не, затоа што многу луѓе немаат интерес да ја вршат Божјата волја. Тие ги одбиваат напорите да им се помогне да го променат својот живот на добро. Всушност, тие покажуваат дека се како оние за кои Исус рекол: „Срцето на овие луѓе закоравело, и со ушите тешко слушаат: и ги затвориле очите свои да не би некогаш со очите да видат и со ушите да чујат и со срцето да разберат, та да не се покајат и да не ги исцелам [јас Бог]“ (Матеј 13:15).
Како може некогаш да има вистинска безбедност на Земјата среде таквите кои одбиваат да живеат во склад со Божјите праведни патишта? Не може да има. Безбожните луѓе ја загрозуваат безбедноста на оние кои сакаат да му служат на Јехова.
Бог не ги присилува луѓето да се променат, но ниту, пак, до недоглед ќе ја толерира злобата. Иако Јехова стрпливо продолжува да ги испраќа своите Сведоци за да ги поучат луѓето за неговите патишта и намери, тој нема да продолжи да го прави тоа уште многу долго. Исус Христос прорекол: „Ќе биде проповедано ова Евангелие [оваа добра вест, НС] за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14).
Што ќе значи „крајот“ за оние кои ги отфрлаат Божјите мерила? Тоа ќе значи нивна неповолна осуда и уништување. Библијата зборува за ‚одмаздувањето на оние, кои не Го познаваат Бога, кои не се покоруваат на Благовестието [кои не ја слушаат добрата вест, НС] на нашиот Господ Исус Христос и кои со вечна погибел ќе бидат казнети‘ (2. Солунјаните 1:6—9).
Конечно — вистинска безбедност засекогаш!
По уништувањето на оние кои ги отфрлаат Јеховините патишта на мирот, Божјето Царство ќе воведе една славна ера на безбедност во корист на праведниците на Земјата (Псалм 36:10, 11). Колку само поинаков ќе биде тој нов свет во споредба со овој во кој живееме ние денес! (2. Петрово 3:13).
Повеќе нема да има оскудица и глад. Секој ќе има изобилство за јадење. Библијата вели дека ‚сите народи ќе имаат трпеза со добри јадења‘ (Исаија 25:6). Нема да има оскудица на храна, бидејќи „ќе има изобилие од жито на Земјата; на врвот од горите ќе има преобилност“ (Псалм 72:16, НС).
Луѓето повеќе нема да живеат во колиби и во гета. Под Божјето Царство, сите ќе имаат убави домови и ќе јадат храна произведена на нивна сопствена земја. Библијата ветува: „Ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе ги јадат плодовите нивни“ (Исаија 65:21).
Наместо раширена невработеност, ќе има продуктивна работа, а луѓето ќе ги видат добрите резултати од неа. Божјата Реч вели: „Моите избрани долго ќе се користат со делото на рацете свои. Нема да се трудат напразно“ (Исаија 65:22, 23).
Под владетелството на Царството, луѓето нема да страдаат и да умираат од болест. Божјата Реч ни гарантира: „Ниеден од жителите нема да каже: ‚Болен сум‘“ (Исаија 33:24).
Во земниот Рај што наскоро ќе стане реалност, страдањето и болката, жалоста и смртта ќе бидат уништени. Да, дури и смртта! Луѓето засекогаш ќе живеат во Рај! Библијата ни кажува дека „ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина“ (Откровение 21:4).
Под владетелството на Исус Христос, ‚Кнезот на мирот‘, животот на Земјата конечно ќе биде навистина безбеден. Всушност, под праведното владеење на една влада полна со љубов — Божјето Царство — ќе постои безбедност низ целиот свет (Исаија 9:6, 7; Откровение 7:9, 17).
[Истакната мисла на страница 4]
„Човечката безбедност покажува вера во утрешнината. . . [вера во] стабилноста на политичката и економската ситуација“ (жена која живее во Азија).
[Истакната мисла на страница 5]
„Она што најмногу те прави несигурен е насилството и деликвенцијата“ (човек кој живее во Јужна Америка).
[Истакната мисла на страница 6]
„Јас не се чувствував безбедна за време на . . . инвазијата. Ако една земја е во војна, како може да се очекува луѓето да се чувствуваат безбедни?“ (ученичка од основно училиште од Средниот Исток).
[Истакната мисла на страница 7]
„Јас ќе се чувствувам безбедна кога ќе знам дека можам ноќе да одам по улиците без да бидам силувана“ (ученичка од Африка).