По каков вид безбедност копнееш?
РАЗЛИЧНИ луѓе имаат различни претстави за безбедност. Некои ја сметаат како стабилност помеѓу спротивните воени сили. На пример, светските сили кои доминираат на светската сцена, заедно со своите европски сојузници се согласија околу многу мерки за намалување на ризикот од којшто малите инциденти можат да ескалираат во глобална нуклеарна војна. Stockholm International Peace Research Institute Yearbook 1990 изразува зачуденост поради недостатокот на интерес за таквите мерки кај нациите „во другите делови од светот“.
Меѓутоа, за милиони кои живеат во сиромашни земји, „безбедност“ значи храна и здравствена грижа. „Кога се работи за ‚мир и безбедност‘“, објаснува политичкиот научник Јаш Тандон, „преовладуваат усвоените претстави на доминантната западна култура ... ‚Безбедноста‘ се смета за работа на оружјето и разоружувањето, која нема врска со загриженоста околу безбедноста на гладните и бездомните кои сочинуваат две третини од светското население.“
Што се однесува до Библијата, таа ветува дека под Божјето Царство повеќе нема да има војни. „Ги прекина војните до крајот на земјата, лакот го преби, копјето го скрши, и колата ја изгоре со оган“ (Псалми 46:9, ДК; Исаија 2:4). Телесните болести ќе му припаѓаат на минатото. „Ниеден (...) нема да каже: ‚болен сум‘; (...) на народот што живее таму ќе му бидат простени гревовите“ (Исаија 33:24).
Под тоа Царство никому повеќе нема да му се заканува економска несигурност. „[Тие] ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе ги јадат плодовите нивни. Нема да градат, за да живее друг, нема да садат, за да јаде друг“ (Исаија 65:21, 22).
Но, што е уште поважно, Царството ќе ги отстрани основните причини за недостаток на мир и безбедност. Кој стоел зад долгата човечка историја на неуспешни и угнетувачки влади? Додека Бог со добра причина им допуштал да постојат, оној кој мора да ја носи одговорноста е Сатана, затоа што Библијата вели дека ‚сиот свет лежи во негова власт‘ (1. Иванова 5:19, Ст).
Тогаш, колкаво ослободување ќе биде кога под Божјето Царство најпосле ќе се исполнат Павловите зборови до Римјаните: „А Бог на мирот наскоро ќе го сотре сатаната под нозете ваши“! (Римјаните 16:20). Само Божјето небеско Царство под Царот Исус Христос, би можело да изврши такво нешто. Затоа, само под тоа Царство Земјата ќе биде претворена во рај (1. Мојсеева 1:28; Лука 23:43, NW).
Да, безбедноста што е ветена во Библијата е далеку понадмоќна и подалекусежна од што и да било смислено од човек. Бидејќи, читаме дека „смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина“! (Откровение 21:4). Дали можеме да веруваме во таквите ветувања? Да, затоа што потекнуваат од Семоќниот Творец, Јехова Бог, кој исто така изјавува: . . . Мојата реч што излегува од мојата уста . . . нема да се врати кај мене без резултати, туку сигурно ќе го изврши она што ми е по волја, и сигурно ќе има успех во она за што сум ја испратил“ (Исаија 55:11, NW). Сигурен успех ги обележува чекорите што Јехова ги презема уште сега за да му донесе на човештвото траен и усреќувачки мир, безбедност и благосостојба, заради оправдување на Неговата вечна сувереност.