Нуклеарната закана — отстранета засекогаш!
ЖИВОТ во морбиден страв — тоа не е она што Бог му го посакува на човештвото. Како ‚среќен Бог‘, тој сака луѓето да уживаат во мир и да живеат во сигурност, кратко речено — да бидат среќни (1. Тимотеј 1:11, НС). Очигледно е дека ова е невозможно во свет исполнет со нуклеарни закани.
„Мир и сигурност“ — измама
Треба да биде јасно дека нуклеарната закана е далеку од својот крај. Сепак, и покрај политичките, економските и социјалните немири, се чини дека нациите во глобала се оптимистички расположени. Од 1986, меѓународната година на мир, прогласена од страна на ОН, видлив е постојан напор за отстранување на опасноста.
The Bulletin of the Atomic Scientists (Билтенот на нуклеарните научници), во последната деценија го врати назад својот часовник на судниот ден — нивниот метод за одредување на можноста од нуклеарна војна — од 3 минути пред полноќ на 17 минути пред полноќ. Во 1989, Стокхолмскиот меѓународен мировен институт за испитување забележал дека „надежта за мирољубиво решавање на конфликтите е поцврста отколку во било која година од II светска војна наваму“.
Во последниве години, Обединетите нации беа засилени да се соочат со меѓународните кризни подрачја. Нивниот успех, иако не потполн, беше доволен за да придонесе кон еден општ дух на оптимизам. Веројатно иднината ќе донесе додатни успешни чекори. Повиците за „мир и сигурност“ веројатно ќе станат погласни и поинтензивни. Тие можат да стекнат дури и веродостојност.
Но внимавај! „Кога ќе речат: ‚Мир и сигурност‘“ предупредува Библијата, „тогаш ќе ги нападне ненадејно пропаст, како породилните болки на трудна жена, и нема да побегнат“. Така, повиците за „мир и сигурност“ ќе го означат Божјето време ‚да ги погуби губителите на земјата [оние кои ја загадуваат со нуклеарен отпад и на друг начин]‘ (1. Солунјаните 5:3, 4, НС; Откровение 11:18).
Забележи, Библијата не вели дека нациите ќе постигнат „мир и сигурност“. Тие очигледно ќе зборуваат за тоа на единствен начин, изразувајќи оптимизам и увереност кои претходно не се чувствувале. Шансите да се постигне мир и сигурност ќе изгледаат поголеми од било кога порано. И покрај постојаната нуклеарна закана, нациите ќе бидат залулани во лажно чувство на сигурност.
Меѓутоа, вистинските христијани нема да бидат измамени. Со голем интерес тие ќе гледаат зад човечкиот мир и сигурност, кон нешто подобро!
Вистинскиот мир и сигурност
Според Псалм 4:8, вистинскиот мир и сигурност можат да се најдат единствено во склоп на подготовките на Јехова Бог: „Затоа мирно легнувам и спијам; оти Ти, Господи, си ми влил надеж да живеам без опасност“. Било кој повик за „мир и сигурност“ изразен надвор од контекстот на подготовките на Јеховиното Царство, може да биде само имитација. Не може да постигне ништо што ќе биде од трајна корист.
Божјето Царство под Христос не ќе се задоволи со делумни решенија. Божествената влада не само што ќе го намали бројот на нуклеарни оружја, туку и потполно ќе ги отстрани заедно со сето друго воено оружје. Псалм 45:9 ветува: „Прекратувајќи ги војните до крајот на земјата, ќе го скрши лакот и ќе го здроби оружјето, и штитовите големи со оган ќе ги изгори“.
Исто така, нуклеарните закани предизвикани од погрешното функционирање на нуклеарните реактори или од нуклеарниот отпад, ќе бидат работи на минатото. Инаку, овие зборови би биле невистинити: „Секој ќе седи под лозата своја и под смоквата своја, и никој нема да ги плаши, зашто устата на Господа Саваот го изрекла тоа“. Бог не може да лаже. Немаме причина да се сомневаме во неговите зборови (Михеј 4:4; Тит 1:2).
Дали би се радувал на можноста да живееш во еден свет, во кој нуклеарната закана ќе биде отстранета засекогаш? Тоа е можно, зашто Божјата Реч јасно ги поставува барањата. Со тоа што ќе учиш за нив и ќе живееш според тоа, еден ден ќе можеш да го имаш задоволството со воздишка на олеснување да кажеш: „Нуклеарната закана — конечно ѝ дојде крајот!“
[Слика на страница 7]
Во Божјиот нов свет ќе владее мир без никакви нуклеарни закани
[Извор на слика]
M. Thonig/H. Armstrong Roberts
[Извор на слика на страница 6]
Фотографија на U.S. National Archives